Решение У.бр.130/2020

У.бр.130/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 12 ноември 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1.СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот бр.08-2528/12 донесен од Советот на Општина Струга на седницата одржана на 27 јуни од 2019 година.

2. Д-р Рамис Мерко, градоначалник на Општина Струга, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот акт од точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека на 25-тата редовна седница одржана на 27.06.2019 година, Советот на Општина Струга расправајќи за состојбите на сообраќајот во град Струга на улиците „15-ти Корпус“ и „Пролетерски бригади“ донел Заклучок бр.08-2528/12, со кој му се препорачувало на градоначалникот на Општина Струга, доследно да ја почитува Одлуката за измени на режимот на сообраќај на улици во град Струга бр. 07-1849/7 донесена од Советот на Општина Струга на 22.05. 2013 година.

Според наводите во иницијативата согласно член 50 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа, било утврдено дека градоначалникот ги објавувал прописите на советот во службеното гласило на општината; додека согласно член 51 став 1 од Законот за локалната самоуправа, било предвидено дека ако градоначалникот сметал дека прописот на советот не бил во согласност со Уставот и законите, бил должен во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре неговото објавување, со кое ќе ги образложи причините за запирањето.

Понатаму во иницијативата се наведува дека во членот 7 од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата („Службен весник на Република Македонија” бр. 169/2015, 226/2015, 55/2016, 11/2018, 83/2018 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19) било утврдено дека „Општините го уредуваат сообраќајот на локалните патишта и улици на своето подрачје, согласно со одредбите од овој закон.“

Според наводите во иницијативата согласно член 348 став 1 од истиот закон било уредено дека „Режимот на сообраќај на автопатишта, магистрални и регионални патишта врз основа на сообраќаен проект, со решение го утврдува Министерството за транспорт и врски по претходна согласност од Министерството за внатрешни работи и Јавното претпријатие за државни патишта, а за локални патишта и улици – општината, односно градот Скопје по претходна согласност од Министерството за внатрешни работи. Под режим на сообраќај од ставот 1 на овој член се подразбира, особено; – определување на еднонасочни патишта и улици (став 2); За утврдување на режимот на сообраќај од ставот 2 на овој член, кон сообраќајниот проект задолжително се приложува и извод од важечкиот урбанистички план или урбанистички проект со конкретна намена на локацијата за која се бара утврдување на режим на сообраќај (став 3). (6) Промена на режимот на сообраќај од ставот 2 на овој член, се врши со решение на надлежниот орган, на начин и постапка утврдени во ставот 1 на овој член.

Подносителот на иницијативата, во својство на градоначалник на Општина Струга, ги разгледал списите по предметот, Заклучокот бр. 08- 2528/12 донесен од Советот на Општина Струга на седницата одржана на 27.06.2019 година; Одлуката за измени на режимот на сообраќај на улици во град Струга бр. 07-1849/7 донесена од Советот на Општина Струга на 22.05. 2013 година; Решението за утврдување на времен режим на сообраќај во централно градско подрачје на град Струга, согласно основен сообраќаен проект за утврдување режим на сообраќај бр.10-3269/3 од 10.08.2018 година донесно од градоначалникот на Општина Струга и Согласноста од Министерството за внатрешни работи заведена под број рег.бр.32.5.3853 од 26.07. 2018 година, и притоа утврдил дека Заклучокот бр.08-2528/12 од 27. 06. 2019 година донесен од Советот на Општина Струга, не бил во согласност со членот 348 став 1 и став 6 од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата.

Во иницијативата, исто така, се цитира член 62 став 1 од Законот за локалната самоуправа согласно кој се уредува дека „Во вршењето на работите од своја надлежност советот донесува прописи и тоа: статут, програми планови, одлуки и други прописи утврдени со закон. Додека согласно членот 63 од Законот за локалната самоуправа е утврдено „дека градоначалникот за решавање на поединечни права обврски и интереси донесува решенија“.

Во член 88 став 2 од Статутот на Општина Струга било утврдено дека Советот донесува решенија за избор и именување, одлуки, заклучоци и други акти, додека во ставот 3 од истиот член било утврдено дека градоначалникот донесува решенија, одлуки, заклучоци и други поединечни акти. Заради погоре наведеното, градоначалникот на Општина Струга одлучил како во диспозитивот на Решението заведено под број 10-3269/3 од 10.08.2018 година со кое се утврдувал времен режим на сообраќај во централното градско подрачје на град Струга согласно Основниот сообраќајен проект за утврдување на режимот на сообраќај.

Врз основа на член 50 став 1 точка 3 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на Република Македонија„ бр. 5/2002), градоначалникот на Oпштина Струга, донел Заклучок за објавувањe на Решението за запирање на објавување на пропис донесен од страна на Советот на Општина Струга во кој согласно членот 1 се наведува дека се објавува Решението за запирање на објавување на пропис донесен од Советот на Општина Струга заведен под број 09-2869/1, донесенo од страна на градоначалникот на Општина Струга на ден 09.07.2019 година. Согласно членот 2 овој заклучок влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен гласник на Општина Струга“.

Советот на Општина Струга на расправата на 28-та седница одржана на 26 август 2019 година одлучил дека решението се отфрла како неосновано и бил донесен Заклучок под број 08-3442/6 од 26 август 2019 година, со кој бил потврден оспорениот Заклучок заведен под број 08-2528/12 од 27 јуни 2019 година. Подносителот на иницијативата предлага поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот заклучок и се бара истиот да биде укинат.

3. Судот на седница утврди дека врз основа на член 88 став 2 од Статутот на Општина Струга, („Службен гласник на Општина Струга“ бр.2/2018), Советот на Oпштина Струга, на 25-та седница одржана на 27 јуни 2019 година расправајќи за состојбите на режимот за сообраќај на улиците „15 Корпус“ и „Пролетерски бригади“ во град Струга, го донесе следниот

З А К Л У Ч О К

1. Му се препорачува на градоначалникот на Општина Струга, доследно да ја почитува Одлуката за иззмени на режимот на сообраќај на улици во град Струга бр.07-1839/7 донесена од Советот на Општина Струга на 22 мај 2013 година.

2. Заклучокот влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Општина Струга“.

Бр. 08-2528/12                                                                                                                                                                                                                  Совет на Општина Струга
27.06.2019 г.                                                                                                                                                                                                                                 Претседател
Ресул Каба

4. Судот на седница исто така утврди дека согласно членот 1 од Законот за безбедноста на сообраќајот на патиштата, предмет на уредување на овој закон претставува безбедноста и заштитата на патиштата, основните начела и меѓусебните односи на учесниците и другите субјекти во сообраќајот на патиштата, правилата на сообраќајот на патиштата, системот на сообраќајните знаци, опремата и сигнализацијата на патиштата, должностите во случај на сообраќајна незгода, кандидати за возачи, возачи, автошколи, испитни центри и возачки дозволи, оспособувањето за управување и стекнување право на управување со моторно возило и прекршочната постапка за деца, посебните мерки на безбедност, организацијата и задачите на советите за безбедност на сообраќајот на патиштата, евиденциите и заштитата на податоците, прекршочните одредби и овластувањата за подзаконски прописи.

Додека согласно член 348 став 1 од истиот закон, се уредува дека режимот на сообраќај на автопатишта, магистрални и регионални патишта врз основа на сообраќаен проект, со решение го утврдува Министерството за транспорт и врски по претходна согласност од Министерството за внатрешни работи и Јавното претпријатие за државни патишта, а за локални патишта и улици – општината, односно градот Скопје по претходна согласност од Министерството за внатрешни работи. Според ставот 6 на членот 348 од истиот закон се уредува дека промена на режимот на сообраќај од ставот 2 на овој член, се врши со решение на надлежниот орган, на начин и постапка утврдени во ставот 1 на овој член.

Од анализата на наводите во иницијативата, произлегува дека според подносителот на иницијативата оспорениот заклучок не бил во согласност со наведените законски одредби, пред сé во поглед на постапката за негово донесување, особено поради фактот што надлежното Министерство за внатрешни работи дало позитивно мислење во однос на промена на режимот на сообраќај на конкретните улици во Општина Струга. Од содржината на актот којшто се оспорува со оваа иницијативата, произлегува дека во конкретниот случај оспорениот акт нема карактер на пропис со кој се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти.

Имено на 25-тата редовна седница одржана на 27 јуни 2019 година, Советот на Општина Струга расправајќи за состојбите на сообраќајот во град Струга на улиците „15-ти Корпус„ и „Пролетерски бригади„ го донел оспорениот акт, Заклучокот бр.08-2528/12, со кој му се препорачувало на градоначалникот на Општина Струга, доследно да ја почитува Одлуката за измени на режимот на сообраќај на улици во град Струга бр. 07-1849/7 донесена од Советот на Општина Струга на 22 мај 2013 година. Подносителот на иницијативата во својство на градоначалник на Општина Струга, одлучил да го запре објавувањето на прописот и донел соодветно решение и го доставил до Советот на Општина Струга.

Советот на Општина Струга на 28-та седницата одржана на 26 август 2019 година донел Заклучок со кој го отфрлил решението за запирање на објавување на пропис донесен од Советот на Општина Струга заведен под број 09-2869/1, донесен од градоначалникот на Општина Струга на 9 јули 2019 година, како неосновано и воедно ја потврдил предметната одлука. Исто така, Советот на Општина Струга го задолжил градоначалникот на Општина Струга да го објави прописот во овластеното гласило, а овој заклучок влегол во сила со денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Струга“.

Тргнувајќи од правните елементи коишто го определуваат прописот во смисла на членот 110 од Уставот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, сметаме дека во конкретниов случај оспорениот заклучок претставува поединечен акт донесен во врска со конкретно поднесено барање за донесување на решението за запирање на објавување на пропис за утврдување на времен режим на сообраќај во централно градско подрачје на град Струга, согласно основниот сообраќаен проект за утврдување режим на сообраќај бр.10-3269/3 од 10 август 2018 година, донесно од градоначалникот на општина Струга.

Имајќи го во предвид наведеното, Судот оцени дека оспорениот заклучок не може да биде предмет на уставно-судска оцена, поради што утврди дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.130/2019
12.11.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати