Решение У.бр.159/2019

У.бр.159/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија‟ број 70/1992) и („Службен весник на Република Северна Македонија‟ број 202/2019) на седницата одржана на 14 октомври 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот број 08-2317/11 од 15.11.2019 година („Службен гласник на Општина Ресен“ бр.14/2019) донесен од страна на Советот на Општина Ресен.

2. Живко Гошаревски, градоначалник на Општина Ресен, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот означен во точката 1 на ова решение.

Советот на Општина Ресен, на седницата одржана на ден 31.10.2019 година, го усвоил дневниот ред со точката – Измената и дополнување на План за вработување за 2019 година на Општина Ресен и го донел Заклучокот со број 08-2207/23 од 31.10.2019 година со следната содржина:

„Во измената и дополнување на Планот за вработување за 2019 година на Општина Ресен да се предвиди само едно работно место за пополнување кој градоначалникот смета дека е најпотребно да се вработува“.

Имено според подносителот, од страна на Советот на Општина Ресен било постапено спротивно на одредбите од Законот за вработените во јавниот есктор („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014, 27/2016, 35/2018, 198/2018 и 142/2019) и Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002).

Притоа, предлогот за измени и дополнување на Годишниот план за вработување за 2019 година на Општина Ресен, бил доставен до советниците на 17.01. 2019 година за разгледување на 24-та седница која била закажана за 25.01.2019 година, меѓутоа ваквиот предлог на седницата бил повлечен од дневниот ред со мнозинство гласови од присутните членови на Советот на Општина Ресен, па дури ваквиот предлог не бил разгледуван ни во наредните седници, така што градоначалникот побарал мислење од Министерството за информатичко општество и администрација со допис број 20-113/2 од 30.08.2019 година и било дадено позитивно мислење на 12.09.2019 година со кое воедно и се заокружил процесот на добивање согласност за Измена и дополнување на Годишниот план за вработување за 2019 година на Општина Ресен.

Имено, Советот на Општина Ресен на седницата одржана на 31.10.2019 година, дополнувајќи го дневниот ред со точка-материјал за кој веќе била добиена согласност од Министерството за информатичко општество и администрација и носејќи го Заклучокот со број 08-2207/23 од 31.10.2019 година, постапил спротивно на одредбите на Законот за вработените во јавниот сектор и Законот за локална самоуправа.

Според член 50 став 1 точки 2 и 3 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002) во рамките на надлежностите на градоначалникот биле утврдени и обврските за контролирање на законитоста на прописите на Советот и објавувањето на прописите на Советот во службеното гласило, додека според член 51 став 1 од Законот, доколку градоначалникот сметал дека прописот на Советот не е во согласност со Уставот и законите, должен бил во рок од седум дена од денот на доставувањето со решение да го запре објавувањето на Годишниот план, со кое ќе ги образложи причините за запирањето.

Врз основа на наведеното, градоначалникот го донел Решението за запирање на објавување на Заклучокот по Измената и дополнување на Планот за вработување за 2019 година на Општина Ресен со број 09-2291/19 од 05.11.2019 година (,,Службен гласник на Општина Ресен’’ бр.13/2019) додека Советот на Општина Ресен не го прифатил ваквото решение на седницата одржана на 15.11.2019 година, а со тоа го донел Заклучокот по Измената и дополнување на План за вработување за 2019 година на Општина Ресен со број 08-2317/11 од 15.11.2019 година (,,Службен гласник на Општина Ресен’’ бр.14/2019).

Поради наведеното, се бара поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучок со број 08-2317/11 од 15.11.2019 година (,,Службен гласник на Општина Ресен’’ бр.14/2019) донесен од страна на Советот на Општина Ресен и негово поништување.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот заклучок е предвидено:

Врз основа на член 86 од Статутот на Општина Ресен (,,Службен гласник на Општина Ресен’’ бр.7/2010, 13/2013, 8/2015 и 11/2015) Советот на Општина Ресен на седницата одржана на 15.11.2019 година, откако ја разгледа Измената и дополнување на План за вработување за 2019 година на Општина Ресен, го донесе следниот

З А К Л У Ч О К

1. Во измената и дополнување на Планот за вработување за 2019 година на Општина Ресен да се предвиди само едно работно место за пополнување кој градоначалникот смета дека е најпотребно да се вработува.

СОВЕТ НА ОПШТИНА РЕСЕН

Бр.08-2317/11                                                                                                                                                                                         Претседател
15.11.2019 година                                                                                                                                                                            Никола Станковски
Ресен

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имено, поаѓајќи од правните елементи коишто го определуваат прописот во смисла на членот 110 од Уставот, а според кои тој треба да содржи општи норми на однесување, да уредува односи на субјектите во правото на општ начин и да утврдува права и обврски на неопределен круг на субјекти во правото, во конкретниот случај донесениот оспорен заклучок од страна на Советот на Општина Ресен, не претставува општ акт, туку став на Советот на Општината, во врска со позитивното мислење добиено од Министерството за информатичко општество и администрација, од што произлегува дека Заклучокот има карактер на конкретен акт и не претставува пропис којшто може да биде предмет на уставно-судска оценка.

Врз основа на наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата поради ненадлежност на Судот да ја оценува уставноста и законитоста на Заклучокот со број 08-2317/11 од 15.11.2019 година („Службен гласник на Општина Ресен“ бр.14/2019) донесен од страна на Советот на Општина Ресен, согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.159/2019
14 октомври 2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати