Решение У.бр.106/2019

У.бр.106/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 23 септември 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 7 став 4 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ брoj 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019, „Службен весник на Република Северна Македонија” број 98/2019 и 42/2020).

2. Самка Ибраимоски, пратеник, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од Законикот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата, оспорената одредба од Изборниот законик не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 1 и 11 од Уставот на Република Северна Македонија, а според член 51 став 1 од Уставот, законите морале да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Воедно, оспореното уредување во членот од Законикот било спротивно и на член 9 став 2 од Уставот според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви, но и на членот 23 од Уставот според кој секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции и на член 114 став 1 од Уставот според кој на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа. Според Уставот, Република Северна Македонија била конституирана како граѓанска и демократска држава во која граѓаните ја остваруваат власта преку демократски избрани претставници, а локалната самоуправа била значаен сегмент на власта од витално значење за благосостојбата и напредокот на личниот и заедничкиот живот.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 7 став 4 од Законикот, покрај условите утврдени во ставот 2 на овој член, кандидат за член на совет и градоначалник може да биде граѓанин со постојано живеалиште во општината и Градот Скопје каде што се врши изборот.
4. Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 9 и 11 од Уставот на Република Северна Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, локалната самоуправа и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со членот 9 од Уставот е определено дека граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според членот 51 од Уставот во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 114 став 1 од Уставот, на граѓаните им се гарантира правото на локална самоуправа, а според ставот 2 од наведениот член, единици на локалната самоуправа се општините.

Според Амандманот XVI со кој е заменет ставот 5 на членот 114 од Уставот, локалната самоуправа се уредува со закон кој се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија. Законите за локално финансирање, локални избори, општинските граници и за градот Скопје, се донесуваат со мнозинство гласови од присутните пратеници, при што мора да има мнозинство гласови од присутните пратеници кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Македонија.

Според точката 1 од Амандманот XVII со која се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот, во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење, а особено во областите на јавните служби, урбанизмот и руралното планирање, заштитата на околината, локалниот економски развој, локалното финансирање, комуналните дејности, културата, спортот, социјалната и детската заштита, образованието, здравствената заштита и во други области утврдени со закон.

Според одредбите од Уставот коишто се однесуваат на локалната самоуправа, единици на локалната самоуправа се општините, а како посебна единица на локалната самоуправа е определен Градот Скопје. Во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење.

Согласно наведеното, уставната гаранција на граѓаните за правото на локална самоуправа, се изразува преку нивна непосредна и посредна партиципација во одлучувањето за прашањата од локално значење и од значење за Градот Скопје, коишто произлегуваат од областите опфатени со уставните норми.

Изборната регулатива во Република Северна Македонија е кодифицирана со Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ брoj 40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018, 208/2018, 27/2019, „Службен весник на Република Северна Македонија” 98/2019 и 42/2020).

Со Законикот се уредуваат начинот, условите и постапката за избор на претседател на Република Македонија, за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, за членови на советите на општините и Советот на Градот Скопје, за избор на градоначалник на општина и градоначалник на Градот Скопје, начинот и постапката на евидентирање на избирачкото право, водење на Избирачкиот список, определување на границите на изборните единици и утврдувањето, менувањето и објавувањето на избирачките места, како и условите за функционирање на избирачките места.

Правото да се избира и да се биде избран, е уредено со членот 6 и со членот 7 од Изборниот законик.

Според членот 6 од Законикот, право да избира има секој државјанин на Република Северна Македонија кој наполнил 18 години живот и има деловна способност и е со постојано живеалиште во изборната единица, општината, односно Градот Скопје каде што се врши изборот.

Со член 7 став 1 од Законикот е уредено дека кандидат за претседател на Републиката може да биде лице кое ги исполнува условите за избор на претседател на Републиката утврдени со Уставот.

Според ставот 2 на членот 7 од Законикот, кандидат за пратеник, член на совет и градоначалник може да биде државјанин на Република Македонија, ако:
-наполнил 18 години живот и
-има деловна способност.

Според ставот 3 на членот 7 од Законикот, кандидат за пратеник, член на совет и градоначалник не може да биде лице кое:

-е осудено со правосилна судска одлука на безусловна казна затвор над шест месеци, чие издржување се уште не е започнато и
-се наоѓа на издржување казна затвор за сторено кривично дело.

Според оспорениот став 4 на членот 7 од Законикот, покрај условите утврдени во ставот 2 на овој член, кандидат за член на совет и градоначалник може да биде граѓанин со постојано живеалиште во општината и Градот Скопје каде што се врши изборот.

Од содржината на оспорениот став 4 на членот 7 од Законикот, произлегува дека лице – кандидат за член на совет и за градоначалник, покрај условите од ставот 2 на истиот член, треба да исполни уште еден дополнителен услов, односно лицето да биде жител на конкретната општина каде сака да ја врши функцијата член на советот или градоначалник.

Според подносителот на иницијативата ваквото условување на кандидатурите за член на совет и градоначалник било спротивно со член 8 став 1 алинеи 1 и 11, член 9 став 2, членот 23 и член 114 став 1 од Уставот. Иницијативата не содржи конкретна елаборација за причините поради кои се смета дека оспорениот член не е во согласност со наведените одредби на Уставот.

Според Судот, определувањето на ваквиот услов за лице кандидат за член на совет, односно за градоначалник на единицата на локалната самоуправа, не имплицира повреда на уставните одредби на кои се повикува подносителот со иницијативата поради следното:

Со одредбите од Уставот (точката 1 од Амандманот XVII со која се заменува ставот 1 на членот 115 од Уставот) јасно е утврдено дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење. Уставот (Амандманот XVI со кој е заменет ставот 5 на членот 114 од Уставот) притоа упатува со закон да се уредува локалната самоуправа.

Со Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ брoj 52/2005) се уредуваат: надлежностите на општината; непосредното учество на граѓаните во одлучувањето; организацијата и работата на органите на општината; општинската администрација; актите на органите; имот – сопственост на општината; надзорот над работата на органите на општината; распуштањето на советот на општината; механизмите на соработка меѓу општините и Владата на Република Македонија; месната самоуправа; заштитата на локалната самоуправа; утврдување на службени јазици во општините и други прашања од значење за локалната самоуправа.

Во член 2 точка 5 од Законот за локалната самоуправа е определено дека „непосредно учество на граѓаните” е поединечно или колективно вклучување на жителите на општината во одлучувања за работи од локално значење во различни нивоа на одлучување.

Според член 3 став 1 од Законот, единици на локалната самоуправа се општините, а според ставот 3 на членот од Законот, општините ги извршуваат своите надлежности преку органи избрани непосредно од граѓаните.

Со членот 5 од Законот за локалната самоуправа е определено дека граѓаните го остваруваат правото на локална самоуправа непосредно и преку претставници во органите на општината, а членот 6 од Законот определува дека граѓаните на Република Македонија кои имаат постојано живеалиште на подрачјето на општината се жители на општината.

Според членот 31 од Законот, органи на општината се: советот и градоначалникот.

Според членот 33 (избор на членови на советот) од Законот за локалната самоуправа, советот го сочинуваат претставници на граѓаните избрани на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање (став 1), а изборот на членовите на советот се уредува со закон (став 2).

Според членот 49 (избор на градоначалник) од Законот, градоначалникот се избира секоја четврта година, на општи, непосредни и слободни избори со тајно гласање во согласност со законот со кој се регулираат локалните избори.

Од погоре цитираните одредби од Законот за локалната самоуправа произлегува дека жители на општината се граѓаните кои имаат постојано живеалиште на подрачјето на општината, како и дека граѓаните – жители на општините своето право на локална самоуправа го остваруваат непосредно и преку свои претставници во органите на општината (советот и градоначалникот).

Според тоа, жителите на една општина, а жители се граѓаните кои имаат постојано живеалиште на подрачјето на општината, имаат право да учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење непосредно (преку граѓанска иницијатива, собири на граѓаните и референдум), но и посредно преку претставници – свои сограѓани во органите на општината.

Советот на единицата на локалната самоуправа, односно градоначалникот се органи преку кои граѓаните ја остваруваат власта на локално ниво.

Изборот за членови на совет и градоначалник на општината се врши во согласност со изборна регулатива.

Одредбите од Изборниот законик посветени на правото да се избира и да се биде избран, а на кои упатува Законот за локалната самоуправа, уредува дека изборот на органите на општините (совет и градоначалник) можат да го вршат граѓаните кои имаат живеалиште во општината и Градот Скопје каде што се врши изборот. Воедно, произлегува и дека кандидат за член на совет и градоначалник, може да биде граѓанин со постојано живеалиште во општината и Градот Скопје каде што се врши изборот.

Оттука, имајќи ги предвид погоре цитираните уставни амандмани дека во единиците на локалната самоуправа граѓаните непосредно и преку претставници учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење и дека локалната самоуправа се уредува со закон, како и имајќи ги предвид погоре цитираните законски одредби дека жители на една општина се граѓаните кои имаат постојано живеалиште на подрачјето на општината, дека тие имаат право да учествуваат во одлучувањето за прашања од локално значење непосредно и посредно преку претставници – свои сограѓани во органите на општината (совет и градоначалник), логично е дека кандидатите за член на совет и градоначалник на конкретна општина треба да бидат жители на таа општина, односно со постојано живеалиште во општината каде се врши изборот.

При ова, со оспорениот услов не се ограничува правото на граѓаните од членот 23 од Уставот да учествуваат во вршењето на јавни функции, бидејќи секој граѓанин жител на конкретна општина има право од своите сограѓани – жители на општината, доколку се кандидира, а со цел да ги претставува интересите на своите сограѓани да биде биран за вршење на функциите во органите на локалната самоуправа.

5. Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на член 7 став 4 од Изборниот законик со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

6. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.106/2019
23 септември 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати