Решение У.бр.207/2020

У.бр.207/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 71 и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019), на седницата одржана на 8 јули 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2020).

2. Светскиот македонски конгрес од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот, означен во точката 1 од Решението.

3. Подносителот во иницијативата наведува дека претседателот на Собранието на Република Северна Македонија со допис бр.09-1690/2 од 18 март 2020 година го известил претседателот на Републиката дека во согласност со Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/2020), не можел да свика седница на Собранието на Република Северна Македонија на која ќе се разгледувал предлогот поднесен од Владата на Република Северна Македонија, меѓутоа во ниту еден член од Уставот не утврдувал дека со распуштањето на Собранието престанувал мандатот на пратениците.

Според подносителот, тоа дека пратениците имале мандат со сите належности од Уставот и законите, потврдувал и членот 86 дополнет со Амндманот XIII на Уставот според којшто претседателот на Собранието, меѓу другото бил член на Советот на безбедност на Република Северна Македонија. На седницата на Советот присуствувал претседателот на Собранието бидејќи се уште имал мандат на пратеник на Собранието. Поради тоа неуставно и незаконито било тврдењето дека со распуштањето на Собранието, престанал мандатот на пратениците.

Понатаму во иницијативата се наведува дека Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2020) не била во согласност со член 125 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија, затоа што „постоењето на вонредна состојба на територија на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдувало Сообранието по предлогот на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници“, а не претседателот на Републиката.

Подносителот смета дека независно од писменото известување од претседателот на Собранието до претседателот на Републиката (број 09-1690/2 од 18 март 2020 година), во согласност со членот 63 од Уставот и член 15 став 4 од Изборниот законик, Собранието требало да заседава и да ја донесе Одлуката за утврдување на постоење на вонрдена состојба по предлог на Владата, а не тоа да го сторел претседателот на Републиката, поради тоа Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 104/2020), била во спротивност со член 125 став 2 од Уставот, а во врска со членот 63 од Уставот и членот 15 став 4 од Изборниот законик.

Имено, видно од точката II на Одлуката, Владата не го доставила предлогот на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба до Собранието, туку директно до претседателот, што било спротивно на членот 125 од Уставот според кој одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба по предлог на Владата донесувало Собранието, а не претседателот на Републиката.

Поради сето погоре наведено се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одлука.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, а во врска со предлогот на Владата на Република Северна Македонија до претседателот на Република Северна Македонија да утврди постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирус COVID-19, а согласно пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафати територијата на Република Северна Македонија бр. 44-2329/2 од 14.4.2020 година и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр. 09-1690/2 од 18.3.2020 година, донесувам

ОДЛУКА ЗА УТВРДУВАЊЕ НА ПОСТОЕЊЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

I

Се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на Коронавирусот COVID-19.

II

Одлуката се донесува врз основа на образложениот предлог на Владата на Република Северна Македонија бр. 44-2329/2 од 14.04.2020 година до Претседателот на Република Северна Македонија, во кој се утврдува постоење на пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафаќа територијата на Република Северна Македонија и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр. 09-1690/2 од 18.03.2020 година дека Собранието на Република Северна Македонија, согласно со Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/20, не може да одржи седница.

III

Одлуката ќе му биде поднесена на Собранието на Република Северна Македонија на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

IV

За времетраењето на вонредната состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.

V

Одлуката влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 08-607/2                                                                                                                                                                                                                Претседател на Република
16 април 2020 година                                                                                                                                                                                                      Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                            Стево Пендаровски, с.р

5. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во конкретниот случај, со Решение У.бр.55/2020 од 12 мај 2020 година, Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2020) имено, според Судот, на 14 април 2020 година, претседателот на Републиката донесе нова Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/2020). Според оваа одлука, се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19. Одлуката е донесена врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, како и врз основа на образложен предлог на Владата на Република Северна Македонија бр. 44-2329/2 од 14.4.2020 година, во кој се утврдува постоење на пандемска епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус кој е проширен на сите континенти и ја зафаќа територијата на Република Северна Македонија и известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр. 09-1690/2 од 18.3.2020 година дека Собранието на Република Северна Македонија, согласно со Одлуката за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 43/20, не може да одржи седница.

Оттука, произлегува дека и при донесувањето на втората одлука за утврдување на вонредна состојба, исто како и при донесувањето на првата таква одлука, до претседателот на Републиката, од страна на Владата е доставен образложен предлог во кој се утврдува постоење на епидемија со која е зафатена територијата на целата Република, од кои причини постои потреба од прогласување на вонредна состојба. По разгледување на оправданоста на предлогот, следува донесувањето на Одлуката. Имајќи го предвид наведеното, крајно неосновани се наводите во иницијативата дека претседателот самоволно и волунтаристички ја донел оваа одлука.

Имајќи во предвид дека Судот веќе одлучувал за истата работа, а нема основи за поинакво одлучување, сметаме дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија за отфрлање на иницијативата за оценување на уставноста на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.104/2020).

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.207/2020
8 јули 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати