Решение У.бр.183/2020 и У.бр.186/2020

У.бр.183/2020 и У.бр.186/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 8 јули 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување на постапка за оценување на уставноста и на законитоста на член 1 став 4 алинеја 2 во делот: „без спроведување на овие лица во државен карантин по нивното враќање во Република Северна Македонија” од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус covid-19, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2147/12 од 12 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 123/2020).

2. Политичката партија Левица од Скопје и Горан Јандреоски од Скопје, преку адвокатско друштво Лазов Бадева, адвокати Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста и на законитоста на делот од одредбата на членот од актот, означен во точката 1 од Решението.

Според наводите од иницијативата по предметот У.бр.183/2020 поднесена од политичката партија Левица, уредувањето според кое избраните и изменувани лица кои по враќањето во државата од службени патувања нема да бидат спроведувани во државен карантин од член 1 став 4 алинеја 2 од Одлуката, било спротивно на член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11, членот 9, членот 51, членот 54 и членот 118 од Уставот на Република Северна Македонија, членот 1, член 2 став 1 и членот 7 од Универзалната декларација за човекови права, член 2 став 1 и членот 26 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, членот 14 и членот 17 од Европската конвенција за заштита на човековите права (ЕКЧП), член 1 ставови 1 и 2 од Протоколот број 12 на ЕКЧП, член 3 став 1, став 2 алинеја 10 и став 3, член 4 став 1 алинеја 1, членот 5, членот 6, членот 8 од Законот за спречување и заштита од дискриминација („Службен весник на Република Северна Македонија” број 101/2019), како и спротивно на член 2 став 4, член 3 ставови 1 и 2 и член 4 став 1 од Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија” број 72/2020).

Со оспореното уредување, одредена група граѓани поради нивниот општествен статус се ставала во надредена и привилегирана позиција наспрема сите останатите граѓани кои по враќањето во Републиката со полициско-армиска придружба присилно се спроведувани до државните карантини ширум Македонија, за разлика од избраните и именувани лица кои се изземаат од одењето во државен карантин по враќањето од странски жаришта на Ковид-19 на штета на јавното здравје, што било недозволиво во едно цивилизирано и демократско општество.

Правото на еднаквост на човекот и граѓанинот задолжително обврзувало сите граѓани подеднакво и без исклучок да бидат третирани како во нормативниот текст на прописите, но и во практиката прописот ефективно да се применува подеднакво кон сите граѓани од страна на сите државни органи на јавната власт, без исклучок.

Од наведените причини со иницијативата се бара поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената содржина на членот од Одлуката и нејзино поништување со предлог за донесување на времена мерка согласнос членот 27 од Деловникот на Уставниот суд бидејќи ефективното спроведување во пракса на оспорениот акт, односно со неговото извршување, можеле да настанат тешко отстранливи и штетни последици по правната сигурност и еднаквоста на граѓаните.

Според наводите од иницијативата по предметот У.бр.186/2020 поднесена од Горан Јандреоски од Скопје, преку адвокатско друштво Лазов Бадева адвокати Скопје, оспорената содржина на членот од Одлуката била во директна колизија со член 4 став 1, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 и ставот 2, членот 9, член 27 став 2, членот 51, членот 54 и членот 126 од Уставот на Република Северна Македонија, членот 14, член 15 став 1 и член 18 од Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, член 2 од Протокол 4 и член 1 од протокол 12 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, како и со членот 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, член 58 став 1 алинеја 3 од Законот за заштита на населението од заразни болести, како и со членот 137 и член 417 став 1 од Кривичниот законик.

Со членот 9 од Уставот била гарантирана еднаквоста на граѓаните пред Уставот и законите, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, но и независно од општествена положба, но токму со оспорената содржина се создавал нееднаков третман на граѓаните по основ на опшествената положба имајќи предвид дека за разлика од функционерите сите останати граѓани при влез во државата се упатувале во државен карантин.

Секој граѓанин според членот 27 од Уставот имал право да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во Републиката, а остварувањето на овие права можело да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето. Членот од Уставот не упатувал на општествен или кој било друг статус како начин на ограничување на правото на напуштање на територијата на Републиката и на враќање во Републиката, ниту на поседување на општествен или било кој друг статус како услов за остварување на тоа право, поточно Уставот не правел поделба на граѓаните на граѓани „избрани и именувани лица” и други граѓани.

Оттука, оспорената содржина на членот од Oдлуката која пропишува остварување на правото на напуштање на територијата на Републиката и враќање назад во неа, без спроведување во државен карантин само за избраните и именувани лица, а не и за останатите граѓани, била во директна спротивност со уставните одредби за еднаквост и забрана за дискриминација, во конкретниот случај по основ на општествена положба.

Со пропишаната содржина на членот од Одлуката, Владата неоправдано давала повластица на одредени граѓани „избрани и именувани лица” да можат без спроведување во државен карантин да остварат враќање во државата, а тоа да не го можат сите останати граѓани на Републиката поради вонредната состојба. Уставот, законите, неспорно и сите меѓународни акти, строго ја забранувале дискриминацијата по која било основа, па дури и за време на воена или вонредна состојба.

Оспорената содржина на членот од Одлуката била во директна колизија и со членот 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, од кој јасно произлегувало дека секое разликување, исклучување, ограничување или давање првенство што се заснова на дискриминаторска основа, со сторување или несторување, што имаат за цел или резултат спречување, ограничување, признавање, уживање или остварување на правата и слободите на одредено лице или група на еднаква основа со други, претставува дискриминација.

Владата уредувајќи ја оспорената содржина во Одлуката, се повикала на член 58 став 1 од Законот за заштита на населението од заразни болести, според кој, кога со мерките пропишани со овој закон не било можно во Република Македонија да се спречи внесување и ширење на одредени заразни болести, Владата на предлог на Министерството можела: 1) да одреди услови за патување, како и мерки и услови при враќање од држава каде што постои можност за заразување со посебно опасни заразни болести и 2) да забрани патување во држава каде што постои можност за заразување со посебно опасни заразни болести, меѓутоа од самата законска одредба, како што впрочем тоа произлегувало и од член 27 став 2 и членот 54 од Уставот, општествената положба на граѓаните немала никакава клучна улога во воспоставување на мерките за спречување на внесување и ширење на Ковид-19.

Важноста на принципот на рамноправност на граѓаните се согледувала и во инкриминираноста на неговата повреда, бидејќи во Кривичниот законик дискриминацијата била пропишана како кривично дело против слободите и правата на човекот и граѓанинот. Според тоа, ограничувањето на слободите и правата на човекот и граѓанинот, утврдени со Уставот, законите и меѓународните акти, односно секое разликување по која било основа, вклучително и по општествен статус, било предвидено како кривично дело со пропишана казна.

Понатаму, членот 18 „Ограничување на употреба на рестрикции во правата” од Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи, според кој „Дозволените ограничувања за споменатите права и слободи според оваа Конвенција, може да се применуваат само за оние цели за кои се предвидени”, јасно укажувало во кои случаи слободите и правата можат да бидат предмет на ограничување, а тоа е само во случај на постигнување на цели за кои тие ограничувања се предвидени. Во конкретниот случај, Владата со цел на територијата на Републиката да спречи внесување и ширење на заразната болест Ковид-19 и заштита на населението, за граѓаните на Републиката пропишала ограничувања на нивните слободи и права преку задолжително спроведување во државен карантин, но за истите тие цели, тоа не го пропишала и за избраните и именувани лица, што не наоѓало ниту уставна, ниту законска, основа, ниту основа во меѓународното право.

Ако се земела во предвид Уредбата со законска сила за примена на Законот за заштита на населението од заразни болести за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 72/2020, 76/2020, 94/2020, 97/2020, 100/2020), особено содржината на член 2 став 4 од Уредбата според која на македонски државјанин кој влегува на граничните премини во Република Северна Македонија, му се одредува мерката строга изолација (карантин) во времетраење од 14 дена, односно од најмалку 21 ден доколку влегува во граничните премини во Републиката по 13 април 2020 година, а бил затекнат во високо ризични земји согласно листата на Светската здравствена организација, во објектите определени од Владата, од што произлегувало дека оспорената содржина претставувала прекршување на правилата воспоставени со повисок акт донесен од страна на истиот орган, односно прекршување на Уредбата која е со сила на закон со понизок акт, во случајов Одлуката.

Во иницијативата се наведува дека оспорената содржина била контрадикторна и на целта заради која е донесена самата одлука, а тоа е спречување на внесување и ширење на covid-19, па со тоа останувале неодговорени повеќе прашања во однос на тоа доколку Владата сметала дека почитувањето на издадените препораки и протоколи од надлежните органи за одржување на потребното растојание и носење на лична заштитна опрема за време на службени патувања во странство, претставувало гаранција дека избраните и именуваните лица, нема да се заразат со Ковид-19, зошто тогаш и за останатите граѓани не биле дозволени службени патувања под истите тие препораки и протоколи и без спроведување во државен карантин по враќањето во земјата, како што тоа Владата го овозможила за избраните и именувани лица. Се поставувало и прашањето што ако овие лица нема да ги почитуваат гореспоменатите препораки и протоколи и каде за тоа биле предвидени санкции за непочитување, или пак овие лица не можат да бидат санкционирани, како што можат и се санкционираат останатите граѓани.

Се поставувало и прашањето зошто за целта којашто сакало да се постигне со службените патување во странство требало да се оди во странство, наместо истата таа цел да се оствари со преземање на дејствија преку другите видови на комуникациски средства, достапни со особено развиената технологија и дали овие лица се имуни на заразната болест Ковид-19, па оттука невозможно било тие да ја внесат, пренесат и прошират истата во Македонија по нивното враќање.

Покрај дискриминацијата, пропишаната оспорена содржина, сериозно го изложувала на ризик и здравјето на останатите граѓани во Републиката, но не само поради можноста тие да патуваат во странство и да се враќаат без да бидат упатени во државен карантин како сите останати, туку и поради фактот што Владата дополнително со измени и дополнувања на предметната одлука, односно со протоколот во состав на истиот („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.125/2020), ги ослободува истите и од тестирање за ковид-19, со што значително се зголемувала можноста од нови бранови на заболени лица и смртни случаи, постојано продолжување на вонредната состојба која неспорно со себе носела и негативни економски и финансиски импликации.

Согласно наведеното, со иницијативата се предлага донесување на решение за поведување на постапка за уставноста и законитоста на оспорената содржина на членот од предметната одлука, истата да се поништи, а до донесување на конечната одлука да се донесе решение за времена мерка со запирање на извршувањето на оспорената содржина на членот од Одлуката.

3. Судот на седницата утврди дека член 1 став 4 алинеја 2 од Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус covid-19, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2147/12 од 12 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 123/2020) со кој, член 1 став 1, точка 10 од Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19 („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 62/2020, 63/2020, 64/2020, 66/2020, 70/2020, 72/2020, 92/2020, 100/2020, 107/2020, 109/2020 и 119/2020) се дополнува со нов став 3, уредува дека:

„Од 13 мај 2020 година може да се организираат и реализираат службени патувања на избрани и именувани лица, во странски држави, со задолжително почитување на препораките и протоколите од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство за одржување на потребното растојание и носење на лична заштитна опрема, а заради координација и други работни активности поврзани со мерки за COVID-19 како и поради други итни причини кои не трпат одлагање, без спроведување на овие лица во државен карантин по нивното враќање во Република Северна Македонија.”

Со иницијативите се оспорува содржината: „без спроведување на овие лица во државен карантин по нивното враќање во Република Северна Македонија”.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Владата на Република Северна Македонија донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2147/12 од 12 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 123/2020).

Со оспорениот член 1 став 4 алинеја 2 од предметната одлука, член 1 став 1, во точката 10 (кој содржи еден став) од Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус COVID-19 („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 62/2020, 63/2020, 64/2020, 66/2020, 70/2020, 72/2020, 92/2020, 100/2020, 107/2020, 109/2020 и 119/2020), се дополнува со два нови става, односно ставови 2 и 3.

Ставот 3 кој е дополнет со оспорениот член 1 став 4 алинеја 2 од предметната одлука уредува дека:

„Од 13 мај 2020 година може да се организираат и реализираат службени патувања на избрани и именувани лица, во странски држави, со задолжително почитување на препораките и протоколите од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство за одржување на потребното растојание и носење на лична заштитна опрема, а заради координација и други работни активности поврзани со мерки за COVID-19 како и поради други итни причини кои не трпат одлагање, без спроведување на овие лица во државен карантин по нивното враќање во Република Северна Македонија.”

Со иницијативите се оспорува содржаната „без спроведување на овие лица во државен карантин по нивното враќање во Република Северна Македонија”, како спротивна на низа уставни и законски одредби и одредби од меѓународни акти, со образложение дека оспорената содржина имплицира различен третман на граѓаните при спроведувањето на мерката упатување во државен карантин при влез на територијата на Републиката по основ на општествена положба.

Во однос на содржината која се оспорува со иницијативите, Судот согледува содржина која имплицира нееднаков, односно различен третман на граѓаните по основ на општествена положба при влез на територијата на Републиката, односно дека општествената положба на која и′ припаѓаат опфатените лица е земен како основа за нивно изземање од мерката државен карантин по враќање во Република Северна Македонија, што според Судот тоа не само што создава нееднаков и различен третман помеѓу граѓаните по тој основ, туку и отстапува од уставната определба за правото но и обврската на секој да го унапредува сопственото, но и туѓото здравје од член 39 став 2 од Уставот, и не наоѓа општествена оправданост наспроти заложбата за заштита на јавното здравје во Републиката.

Меѓутоа, уште во текот на претходната постапка по предметот, Судот констатира дека со наредна Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на коронавирус covid-19, донесена од Владата на Република Северна Македонија, број 44-2147/26 од 23 јуни 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија” број 170/2020), Владата пропишува дека:

„Во точката 10 ставот 3 се брише.”

Поточно, целиот став 3 во кој е содржан оспорениот дел, од точката 10 на членот 1 став 1 од интегралниот текст на Одлуката, е избришан.

Судот, констатира и дека со Одлуката од 25 јуни 2020 година на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, се запрени од извршување сите решенија донесени од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат во периодот од 13.06.2020 до 25.6.2020 година за ставање на лица под здравствен надзор и домашна изолација кои влегле во РСМ со негативен PCR тест на Covid-19 и потпишана изјава како и решенијата издадени за лица кои се ослободуваат од државен карантин со негативен PCR тест на Covid-19, по нивното враќање во Република Северна Македонија, од земја со висок /среден ризик за Covid-19, а спроведените дејствија по истите ги поништил.
Имајќи предвид дека целината на ставот 3 во кој е содржан и оспорниот дел „без спроведување на овие лица во државен карантин по нивното враќање во Република Северна Македонија”, не е повеќе во правниот поредок, Судот констатира отсуство на процесни услови за мериторно впуштање по иницијативите, од кои причини согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот, одлучи иститие да ги отфрли. При ова, Судот укажува дека при конципирањето на нормите во прописите, особено треба да се води сметка за принципот на еднаков третман на граѓаните при остварувањето на слободите и правата, независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

5. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Никола Ивановски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.183/2020 и
У.бр.186/2020
8 јули 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати