Решение У.бр.182/2020

У.бр.182/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 1 јули 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за просторно и урбанистичко планирање за време на вонредна состојба, бр. 44-3704/1, донесена од Владата на Република Северна Македонија на 5 мај 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.116/2020).

2. Дејан Зенделски од Скопје и други до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на оспорениот акт од точката 1 од ова решение.

Во образложение на наведените аспекти на оспорување, подносителите на иницијативата најнапред наведуваат дека со оспорената уредба со законска сила се сторени повреди на членот 8, членот 9, членот 39, членот 51 и членот 54 од Уставот и член 4 став 2 алинеја 9 од Законот за просторно и урбанистичко планирање и бараат да се донесе времена мерка за запирање од извршување и донесување на одлука за поништување на оспорената уредба за дополнување со законска сила.

Понатаму, во иницијативата наведуваат дека претседателот на Републиката, донел одлука за постоење на вонредна состојба, која била продолжувана, дека Владата можела да ги санира состојбите со здравјето на населението, па Собранието требало да ги врши своите законодавни надлежности, дека Владата требала особено да внимава на принципите на законитост и пропорционалност при извршувањето на функцијата на извршен, а делумно на законодавен орган со носење на уредби со законска сила, бидејќи во моментот во нашата држава при постоење на вонредна состојба заради коронавирусот и нефункционалното собрание постоела ограничена контрола на носителите на власта и нарушување на принципите на тежа и противтежа во системот на поделба на власта како главен предуслов за владеење на правото. Исто така, се наведува дека Владата во вакви услови кога имала мандат за носење на уредби со законска сила требало да внимава да ги почитува основните граѓански права дефинирани во Уставот без дискриминација по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Во продолжение на иницијативата се цитираат членовите на Уредбата за дополнување на уредбата со законска сила и уставните одредби за кои сметаат дека се повредени со акцентирање на тоа дека Владата предвидувала можност за организирање на јавна презентација за детални урбанистички планови не водејќи сметка за техничките и организациони мерки за спроведување на таква јавна презентација и во услови кога на истите тие граѓани им биле ограничени правата и слободите гарантирани со Уставот, со што на граѓаните им го повредувале правото на заштита и унапредување на сопственото здравје и здравјето на друѓите и внесувало правна несигурност особено во делот на начинот на спроведување на уредбата. Во иницијативата се бара итно да се донесе времена мерка за запирање од извршување на оспорената уредба.

3. Судот на седница утврди дека врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 5 мај 2020 година, донесе

У Р Е Д Б А
СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ДОПОЛНУВАЊЕ НА УРЕДБАТА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ПРОСТОРНО И УРБАНИСТИЧКО ПЛАНИРАЊЕ ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Во Уредбата со законска сила за примена на Законот за просторно и урбанистичко планирање за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Македонија“ бр.89/20) во член 1 во ставот 2 по зборовите „вонредната состојба,“ се додаваат зборовите “за рокот за спроведување на јавна презентација на урбанистички план, урбанистичко-планска документација и урбанистичко-проектна документација како и за поставување на ред и дисциплина при влез, во внатрешноста и при излез од објектите и просториите на општините односно општините во Градот Скопје, каде се одржува јавната презентација и јавната анкета за урбанистички план, урбанистичко-планска документација и урбанистичко-проектна документација, за време на траењето на вонредната состојба“.

Член 2

По членот 2 се додаваат два нови члена 2-а и 2-б кои гласат:

„Член 2-а

Рокот за спроведување на јавна презентација на урбанистичкиот план, урбанистичко-планската документација и урбанистичко-проектната документација, за време на траењето на вонредната состојба, може да трае и подолго од еден работен ден, но не подолго од рокот кој е утврден за спроведување на јавната анкета за урбанистичкиот план, урбанистичко-планската документација и урбанистичко-проектната документација.“

Член 2-б

Општините односно општините во градот Скопје надлежни за спроведување на јавната презентација и јавната анкета за урбанистичкиот план, урбанистичкопланската документација и урбанистичко-проектната документација се должни да обезбедат редарска служба при влезот и излезот во просториите во кои се одржува јавната презентација и јавната анкета за урбанистичкиот план, урбанистичко-планската документација и урбанистичко-проектната документација, за да се запази минимум потребното растојание помеѓу лицата пред и внатре во објектот, да обезбедат спроведување на задолжителна дезинфекција на раце при влез во објектот и задолжително носење на заштитна маска, марама или шал со кој ќе бидат покриени устата и носот на учесниците во јавната презентација и јавната анкета. Општините односно општините во Градот Скопје надлежни за спроведување на јавната презентација и јавната анкета за урбанистичкиот план, урбанистичкопланската документација и урбанистичко-проектната документација се должни да постават соодветни ознаки со кои се обележува правецот на движење и запазување на минимум потребното растојание при чекање ред на учесниците во јавната презентација и јавната анкета. Ознаките од став 2 на овој член се поставуваат на растојание од најмалку два метри, како и пред влезот на објектот. Општините односно општините во градот Скопје се должни пред и после одржувањето на јавната презентација и јавната анкета да вршат превентивна дезинфекција во објектите и просториите каде се одржува јавната презентација и јавната анкета. Општините односно општините во градот Скопје се должни и при спроведување на јавна презентација и јавна анкета на урбанистичко-планска документација и урбанистичко-проектна документација, во нивните објекти и простории, од страна на органот на државна управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, да постапуваат согласно ставовите 1, 2, 3 и 4 на овој член.

Член 3

Државен комунален инспекторат ќе врши надзор и контрола над спроведување на одредбите од членот 2-б на оваа уредба со законска сила.

Член 4

Глоба во износ од 2.000 евра во денарска противвредност, ќе му се изрече за прекршок на градоначалникот на општината односно општината во градот Скопје, ако постапува спротивно на одредбите од член 2-б на оваа уредба со законска сила.

Член 5

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр.44-3704/1                                                                                                                                                                                                       Претседател на Владата
5 мај 2020 година                                                                                                                                                                                     на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                  Оливер Спасовски, с.р.

Судот, исто така, утврди дека основната Уредба со законска сила за примена на Законот за просторно и урбанистичко планирање за време на вонредна состојба, бр. 44-2763/1 е донесена од Владата на Република Северна Македонија на 2 април 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.89/2020) со следната содржина:

„Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16 и 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19).

Во член 1 став 1 од Уредбата се определува дека: „Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 199/14, 44/15, 193/15, 31/16, 163/16, 64/18 и 168/18) ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено.“

Според став 2 од истиот член на Уредбата, „За рокот на важење на лиценца за изработување на урбанистички планови, лиценца за ревизија на урбанистички планови, овластување за изработување на урбанистички планови и овластување за ревизија на урбанистички планови, чиј рок на важење е истечен за време на вонредната состојба, се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.“

Член 2 од Уредбата гласи: „Важноста на лиценцата за изработување на урбанистички планови, лиценцата за ревизија на урбанистички планови, овластувањето за изработување на урбанистички планови и овластувањето за ревизија на урбанистички планови, чиј рок на важење е истечен, се продолжува за време на траењето на вонредната состојба како и 60 дена од денот на престанок на вонредната состојба.“

Во членот 3 од Уредбата се определува дека: „Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Од содржината на основната уредба со законска сила произлегува дека со Уредбата се определува продолжување на важењето на лиценцата за изработување на урбанистички планови, лиценцата за ревизија на урбанистички планови, овластувањето за изработување на урбанистички планови и овластувањето за ревизија на урбанистички планови, доколку истекол рокот на нивната важност во текот на вонредната состојба, дека важноста на наведените лиценци и овластувања продолжува и 60 дена од денот на престанок на вонредната состојба, и дека ова правно правило влегло во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, односно на 3 април 2020 година.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Претседателот на Републиката, врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, врз основа на образложениот предлог на Владата на Република Северна Македонија, на 18 март 2020 година донесе Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 68/2020). Со Одлуката се утврдува постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот COVID-19.

На 14 април 2020 година, претседателот на Републиката донесе нова Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 30 дена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 104/2020).

На 31 мај 2020 година, претседателот на Републиката донесе нова Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија за период од 14 дена („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 142/2020).

Со конкретната уредба Владата дополнително уредила одредени прашања во врска со продолжувањето на важењето на лиценцата за изработување на урбанистички планови, лиценцата за ревизија на урбанистички планови, овластувањето за изработување на урбанистички планови и овластувањето за ревизија на урбанистички планови, доколку истекол рокот на нивната важност во текот на вонредната состојба, дека важноста на наведените лиценци и овластувања продолжува и 60 дена од денот на престанок на вонредната состојба, и дека ова правно правило влегло во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, односно на 3 април 2020 година. .

Меѓутоа, имајќи предвид дека по истекот на 14 дена од денот на донесувањето на Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 142/2020 од 31 мај 2020 година) престанува нејзината важност, произлегува дека оспорената уредба веќе не е во правниот поредок.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на наведената фактичка состојба и согласно цитираната деловничка одредба Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли поради постоење на процесни пречки за одлучување по истата, а соодветно на тоа и барањето во иницијативата Судот да донесе времена мерка за запирање на извршување на оспорената уредба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од Решението.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.182/2020
1 јули 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Сали Мурати