Решение У.бр.158/2019

У.бр.158/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 71 и член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019), на седницата одржана на 24 јуни 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот бр.08-2317/10 од 15.11.2019 година („Службен гласник на Општина Ресен“ бр.14/2019), донесен од Советот на Општина Ресен.

2. Градоначалникот на Општина Ресен, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од Решението.

3. Во иницијативата се наведува дека Советот на Општина Ресен на седницата одржана на ден 31.10.2019 година, го усвоил дневниот ред по точката – Разгледување на основот на распишување огласи за вработување, објавени од страна на Општина Ресен на ден 14.10.2019 година, и го донел Заклучокот со бр.08-2207/20 од 31.10.2019 година.

Градоначалникот на Општината постапувајќи согласно член 51 став 1 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), сметајќи дека донесениот заклучок не е во согласност со Уставот и законите, донел Решение бр.09-2291/16 од 05.11.2019 година. („Службен гласник на Општина Ресен“ 13/2019) за запирање на објавувањето на Заклучокот бр.08-2207/20 од 31.10.2019 година.

Советот на Општина Ресен на ден 15.11.2019 година не го прифатил Решението за запирање, а со тоа го потврдил односно донел Заклучокот бр. 08-2317/10 од 15.11.2019 година („Службен гласник на Општина Ресен“ бр.14/2019), и согласно член 51 став 3 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), градоначалникот го објавил вака донесениот Заклучок бр.08-2317/10 од 15.11.2019 година („Службен гласник на Општина Ресен“ бр.14/2019).

Според наводите во иницијативата, оспорениот заклучок бил во спротивност со член 45 став 1 од Законот за вработените во јавниот сектор при што подносителот на иницијативата сметал дека не било во надлежност на советите на единиците на локалната самоуправа да носат заклучок и да утврдат став по однос на дадена согласност од страна на Министерството за информатичко општество и администрација. од кои причини се бара поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Заклучокот и донесување на одлука за негово поништување.

4. Судот на седницата утврди дека според Заклучокот бр.08-2317/10 од 15.11.2019 година („Службен гласник на Општина Ресен“ бр.14/2019), донесен од Советот на Општина Ресен, Советот смета дека позитивното мислење од Министерството за информатичко општество и администрација не е во во согласност, односно членовите на кои се повикуваат не се однесуваат на измените на планот за вработување. Исто така, смета дека никогаш не му било алармирано на советот и никогаш не расправал по оваа точка и на советниците не им било алармирано дека има рокови, а во Законот не се пропишани рокови за измени, исто така, Советот смета дека за ова треба да се покрене управна постапка од страна на управниот инспекторат.

5. Според член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија предвидува дека Уставниот суд на Република Северна Македонија ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Уставниот суд на Република Северна Македонија има надлежност да одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите, меѓутоа, не сите прописи можат да бидат предмет на оцена пред Уставниот суд, туку само прописите коишто содржат општи норми на однесување, уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и коишто утврдуваат права и обврски на неопределен број на субјекти во правото.

Во конкретниот случај, иако оспорениот заклучок е донесен од Советот на Општината, истиот не е општ акт којшто уредува вршење на општински надлежности, туку со него се дава став по однос на дадена согласност од страна на Министерството за информатичко општество и администрација, што на заклучокот му дава карактер на конкретен акт поради што не претставува пропис подобен за уставно-судска анализа.

Поради наведеното, а врз основа на наведените уставни и деловнички одредби, Уставниот суд не е надлежен да ја оценува уставноста на оспорениот заклучок, односно се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата,

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.158/2019
24 јуни 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати