Решение У.бр.176/2020

У.бр.176/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 10.06.2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 1 точка 2 и точка 8 алинеја 2 од Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.72/2020, 74/2020, 76/2020, 78/2020, 89/2020, 92/2020, 100/2020, 105/2020, 107/2020, 111/2020, 119/2020, 125/2020, 130/2020, 134/2020 и 136/2020).

2. Адвокатското друштво ЛАЗОВ БАДЕВА АДВОКАТИ од Скопје до Уставниот суд поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на членот 1 точка 2 и точка 8 алинеја 2 од актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорените одредби не биле во согласност со: член 4 став 1, член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 11 и став 2, член 9, член 27, член 51, член 54 и член 126 од Уставот, член 5 од Законот за спречување и заштита од дискриминација, член 58 став 1 алинеја 3 од Законот за заштита на населението од заразни болести, членовите 137 и 417 став 1 од Кривичниот законик, член 14, член 15 став 1 и член 18 од Коневенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, член 2 од Протоколот 4 и член 1 од Протоколот 12 кон Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи.

Ова од причина што со оспорените одредби се предвиду-вала забрана за движење на лицата со возраст над 67 години со што се повредувале сите горенаведени уставни, законски и меѓународни норми поради што се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста, а потоа истите да ги поништи или укине.

По поднесувањето на иницијативата се донесени и влезени во сила неколку измени и дополнувања на основниот текст на Одлуката, објавени во службените гласила бр.119/2020, 125/2020, 130/2020, 134/2020 и 136/2020 и истите се предмет на уставно-судска анализа како составен дел на Одлуката.

3. Судот на седницата утврди дека Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија, од нејзиното донесување до изготвувањето на рефератот, била предмет на изменување и дополнување 14 пати.

Во оспорениот член 1 точка 2 од Одлуката било предвидено дека се забранува движење на лицата во Република Северна Македонија со возраст над 67 години во временски период од 11,00 часот до 5,00 часот наредниот ден. Одредбата имала ваква содржина во периодот од 23 март 2020 до 6 април 2020 година. Од 6 април до 23 април 2020 година било предвидено дека се забранува движење на лицата во Република Северна Македонија со возраст над 67 години од понеделник до петок, во временски период од 12,00 часот до 10,00 часот наредниот ден. Сметано од 23 април 2020 година до 9 мај 2020 година во одредбата било предвидено дека се забранува движење на лицата во Република Северна Македонија со возраст над 67 години од понеделник до петок, во временски период од 12,00 часот до 05,00 часот наредниот ден и од 11,00 часот во сабота до 5,00 часот во понеделник. Сметано од 9 мај 2020 година во одредбата било предвидено дека се забранува движење на лицата во Република Северна Македонија со возраст над 67 години во временски период од 12,00 часот до 5,00 часот наредниот ден.

На 15 мај 2020 година Владата на Република Северна Македонија донела Одлука за изменување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.125/2020 од 15 мај 2020 година) со која, меѓу другото, сега оспорениот член 1 став 1 точка 2 се брише. Според членот 2 од означената измена на Одлуката, истата влегува во сила со денот на објавувањето или 15 мај 2020 година.

Оспорениот член 1 точка 8 од Одлуката за прв пат е нормиран со Одлуката за дополнување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.111/2020 од 28 април 2020 година), која влегла во сила наредниот ден од објавувањето или на 29 април 2020 година.

Со членот 1 од означената одлука е определено дека во членот 1 по точката 7 се додава нова точка 8 која гласи:

За периодот од 1 мај 2020 година (петок), заклучно со 4 мај 2020 година (понеделник) до 5,00 часот наутро, меѓу другото во алинејата 2, се забранува движење на лицата во Република Северна Македонија со возраст над 67 години во временскиот период од 11,00 часот до 5,00 часот наредниот ден.

Оспорениот член 1 точка 8 алинеја 2 од Одлуката повеќе не бил предмет на измени и дополнувања.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Од анализата на историјатот и анализата на содржината на оспорениот член 1 точка 2 од Одлуката произлегува дека оваа одредба е избришана од страна на доносителот на актот на 15 мај 2020 година со донесување на Одлука за изменување на Одлуката за забрана и посебен режим на движење на територијата на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.125/2020 од 15 мај 2020 година). Сметано од наведениот датум во правниот поредок не постои регулатува со оспорената содржина.

Од анализата на оспорениот член 1 точка 8 алинеја 2 од Одлуката произлегува дека оваа одредба имала времен карактер бидејќи се однесувала за периодот 1 мај 2020 до 4 мај 2020 година, по кој датум се исцрпела во примената и истата повеќе не била предмет на изменување или пак дополнување.

Имајќи предвид дека непостоењето на оспорената содржина на првооспорената одредба од Одлуката во правниот поредок, односно исцрпеност во примената на второоспорената одредба од Одлуката е процесна пречка за одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседа-телот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.176/2020
10.06.2020 год.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати