Решение У.бр.30/2020

У.бр.30/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, членот 28 алинеја 2 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 10 јуни 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 63 став 2 од Законот за филмската дејност („Службен весник на Република Македонија” број 82/2013, 18/2014, 14/2014, 44/2014, 129/2015, 152/2015, 39/2016, 58/2016, 11/2018 и 275/2019).

2. Александра Чаминска од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, достави иницијатива за оценување на уставноста на членот 63 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот, оспорениот член не бил во согласност со членот 51 и член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија. Ова од причини што со него се создавала обврска надоместоците предвидени во член 12 алинеи од 1 до 7 да се уплаќаат на сметка на Агенцијата почнувајќи од 1 јануари 2014, а кои се однесувале за претходната 2013 година, со што се нарушува уставното начело на забрана на ретроактивно дејство на законите.

Воедно, според подносителот, наведената одредба била противуставна и ја нарушувала правната сигурност на граѓаните, што било во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Ова од причини што Законот за филмската дејност којшто бил објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2013 година на 05.06.2013 година, во кој била вградена оспорената одредба, бил апсолутно неуставен и се применувал ретроактивно, односно тој се однесувал за период во кој во правниот поредок воопшто не постоел закон за филмска дејност. Пред да биде донесен наведениот закон, правата и обврските од филмската дејност биле регулирани со Законот за филмскиот фонд од 2006 година.

Понатаму, во поднесокот е цитиран член 7 од Законот за филмскиот фонд, членот 65 и членот 66 од Законот за филмската дејност, од каде подносителот заклучува дека Законот за филмскиот фонд е во сила до 31.12.2013 година, а по овој датум ќе се применува Законот за филмската дејност, поточно од 01.01.2014 година.

Според тоа, надоместоците предвидени во членот 7 од Законот за филмскиот фонд и надоместоците наведени во член 12 став 1 алинеи од 1 до 7 се пресметувале за изминатата година, а се исплаќале во наредната година.

Според подносителот, ретроактивноста и неуставноста произлегува од фактот дека со член 63 став 2 се бара да се пресметува надомесок за изминатата 2013 година по новиот Закон за филмска дејност за надоместоците коишто знатно се поголеми од утврдените со Законот за филмска дејност, кој во период од едно полугодие не постоел, а во правниот систем започнал да се применува од 01.01.2014 година.

Исто така, подносителот на иницијативата ги цитира одредбите од член 30 став 2, членот 33, членот 51 и членот 55 од Уставот, при што наведува дека со постоење на член 63 став 2 од Законот за филмската дејност, се отворала можност за пресметка на надоместок по два закони коишто меѓусебно се исклучуваат.

Со донесувањето на оспорената одредба се зголемувале надоместоците коишто правните лица требало да ги платат во Агенцијата за филм.

3. Судот на седницата утврди дека според член 63 став 2 од Законот за филмската дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.82/2013, 18/2014, 44/2014, 129/2015, 152/2015, 39/2016, 58/2016, 11/2018, 275/2019), надоместоците од членот 12 став (1) алинеи 1 до 7 од овој закон за 2013 година ќе се уплаќаат на сметката на Агенцијата, почнувајќи од 1 јануари 2014 година.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 30 став 2 од Уставот, сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата, а според ставот 3 од наведениот член од Уставот, никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Северна Македонија ги утврдува јавните давачки.

Од содржината на цитираните уставни одредби произлегува дека секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и со тоа да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, при што јавните давачки ги пропишува Собранието на Република Северна Македонија.

Со членот 47 од Уставот се гарантира слободата на научното, уметничкото и на другите видови творештво. Се гарантираат правата што произлегуваат од научното, уметничкото или друг вид интелектуално творештво. Републиката го поттикнува, помага и штити развојот на науката, уметноста и културата. Републиката го поттикнува и помага научниот и технолошкиот развој. Републиката ги поттикнува и помага техничката култура и спортот.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

5. Собранието на Република Македонија, со цел поттикнување на развојот на филмската дејност, го донесе Законот за филмската дејност, објавен на 5 јуни 2013 година во „Службен весник на Република Македонија” број 82/2013, влезен во сила осмиот ден од денот на објавувањето – 13 јуни 2013 година, а е со примена од 1 јануари 2014 година.

Со денот на започнувањето на примената на овој закон, престанува да важи Законот за филмскиот фонд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/2006, 92/2008, 36/2011 и 136/2012).

6. Според член 1 од Законот за филмската дејност („Службен весник на Република Македонија” број 82/2013, 18/2014, 14/2014, 44/2014, 129/2015, 152/2015, 39/2016, 58/2016, 11/2018 и 275/2019), со овој закон се уредуваат вршењето на филмската дејност, основањето, работата, раководењето, управувањето, финансирањето, надзорот над работата и други прашања поврзани со работата на Агенцијата за филм на Република Македонија .

Со членот 2 од Законот е определено дека развојот, производството, промоцијата, дистрибуцијата и јавното прикажување на филмови се од јавен интерес за Република Македонија (во натамошниот текст: филмската дејност).

Според член 11 од Законот:

(1) Средствата потребни за работа на Агенцијата се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија и од други извори утврдени со овој закон.

(2) Агенцијата стекнува средства и од:
– 1) сопствени приходи од финансирање на филмски проекти,
– 2) вршење на услуги од нејзина надлежност,
– 3) соработка со меѓународни организации и институции,
– 4) надоместоци на правни лица утврдени во овој закон,
– 5) дотации, донации, спонзорства, подароци, завештанија и други извори утврдени со закон и
– 6) приходи од управување со слободните парични средства на Агенцијата.

(3) Доколку со работата на Агенцијата се остваруваат поголеми приходи од расходи, тие ќе се користат само за работите од членовите 4 и 10 од овој закон за кои е основана Агенцијата.
Според член 12 став (1) надоместоците од член 11 став (2) алинеја 4 од овој закон, кои ги стекнува Агенцијата се:

– 0,5% од приходот на јавниот радиодифузен сервис,
– 0,1% од приходот на телевизиските програмски сервиси на државно ниво
– 0,1% од приходот на телевизиските програмски сервиси на регионално ниво,
– 0,1% од приходот на телевизиските програмски сервиси на локално ниво,
– 0,1% од приходот на операторите на јавните електронски комуникациски мрежи кои реемитуваат програмски сервиси на радиодифузерите,
– 1% од приходот на правните лица кои обезбедуваат пристап до интернет,
– 5% од приходот на правните лица кои вршат дејност киноприкажување на филмови и
– 2% од приходот на правните лица кои вршат дејност дистрибуција, изнајмување или продажба на филмови.

(2) Надоместоците од ставот (1) алинеи 1 до 8 на овој член, правните лица ги пресметуваат од вкупниот годишен приход остварен во претходната година од дејноста која претставува основа за утврдување на надоместоците од ставот (1) алинеи 1 до 8 на овој член.

Во членот 63 од Законот кој е сместен во преодни и завршни одредби од Законот е предвидено дека:

(1) Постапките започнати по Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во филмската дејност за 2014 година објавен од Националната установа Филмски фонд на Република Македонија во 2013 година, ќе завршат согласно со Законот за Филмскиот фонд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/2006, 92/2008, 36/11, 136/11 и 136/12).
(2) Надоместоците од членот 12 став (1) алинеи 1 до 7 од овој закон за 2013 година ќе се уплаќаат на сметката на Агенцијата, почнувајќи од 1 јануари 2014 година (оспорен став).

Во членот 65 од Законот е предвидено дека:

Со денот на започнувањето на примената на овој закон престанува да важи Законот за филмскиот фонд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/2006, 92/2008, 36/11, 136/11 и 136/12).

Според член 66 од Законот, овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”, а ќе се применува од 1 јануари 2014 година.

7. Судот, исто така, утврди дека со Решение У.бр.64/2014 од 8 јули 2015 година, покрај другото, не повел постапка за оценување на уставноста на член 63 ставови 1 и 2 од Законот за филмската дејност (“Службен весник на Република Македонија” број 82/2013, 18/2014 и 44/2014).

Во Решението се наведува дека според оспорениот член 63 од Законот, постапките започнати по Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во филмската дејност за 2014 година објавен од Националната установа Филмски фонд на Република Македонија во 2013 година, ќе завршат согласно со Законот за филмскиот фонд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија” број 70/2006, 92/2008, 36/11, 136/11 и 136/12) (став 1).

Надоместоците од член 12 став 1 алинеи 1 до 7 од овој закон за 2013 година ќе се уплаќаат на сметката на Агенцијата, почнувајќи од 1 јануари 2014 година (став 2).

Од содржината на овој оспорен член од Законот, произлегува дека започнатите постапки по конкурс објавени во 2013 година, а за 2014 година, ќе завршат согласно Законот за филмскиот фонд во чие време биле започнати постапките.

Од наведеното произлегува дека обврска за уплаќање на надоместоци, правните лица имале и по Законот за филмскиот фонд кој престанал да важи со денот на започнувањето со примена на новиот закон за филмската дејност – 1 јануари 2014 година. Тоа значи дека обврската за плаќање на надоместоците постои во континуитет, со тоа што по новиот закон тие се уплаќаат на Агенцијата за филм, како правен следбеник на Национална установа Филмски фонд на Република Македонија.

Имајќи го предвид наведеното, односно дека Законот се однесува за пресметки и уплати кои се вршат во тековна година (на пример во 2014 година), а за претходна година (на пример 2013 година во која не биле уплатувани надоместоци за 2013 година), произлегува дека оспорената одредба од член 63 став 2 од Законот нема повратно дејство и се однесува на оние постапки за уплата кои се во тек, на основа податоци за остварени приходи во претходна година.

Повратно дејство има ако една норма се однесува на односи кои се завршени пред влегувањето во сила на нормата, а повратно дејство нема ако нормата регулира незавршени односи или односи кои се во тек, како што е во конкретниот случај.

8. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Тргнувајќи од фактот што Уставниот суд веќе се произнел за уставноста на оспорената одредба и не наоѓа основи за поинакво одлучување, произлегува дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата, согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот. Ова и од причина што во конкретната иницијатива не се содржани наводи коишто по својот карактер би претставувале основ, по повод оваа иницијатива, за поинакво одлучување.

9. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Елена Гошева, Насер Ајдари, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.30/2020
10.06.2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати