Решение У.бр.139/2019

У.бр.139/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 71 и член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019), на седницата одржана на 3 јуни 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Звонко Давидовиќ, Христијан Давидовиќ и Елеонора Јанковиќ, адвокати од Скопје, за заштита на слободите и правата што се однесува на слободата на мислата и јавното изразување на мислата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот за кои што сметаат дека им се повредени со Решението на Основниот Суд Скопје 1 Скопје КОК 40/18 од 16.10.2018 година и Решението на Апелациониот суд КОКЖ 47/18 од 17.12.2018 година.

2. Звонко Давидовиќ, Христијан Давидовиќ и Елеонора Јанковиќ, адвокати од Скопје до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот.

3. Во барањето за заштита на слободите и правата се наведува дека на 16.10.2018 година била закажана расправа на која требало да се сослуша заштитениот сведок под псевдонимот С1, но поради технички проблеми со системот за сослушување на заштитени сведоци била дадена пауза од 20 минути, а потоа од страна на судската полиција адвокатите и обвинетите биле известени дека судењето ќе продолжи во сала број 1 на стариот кривичен суд, каде што како што се наведува во барањето немало соодветни услови за работа за толкав број на бранители и обвинети

Понатаму подносителите наведуваат дека од страна на неколку бранители бил побаран збор со цел да се укаже на Советот дека не постоеле услови за работа во такви услови, Судот го одбил барањето на бранителите и одлучил расправата да се одржи во тие услови. Како последица на таквата одлука на Судот бранителите станале на нозе без да го нарушат редот во судницата, во знак на револт се со цел за да се испрати порака за да се обезбедат подобри услови за работа.

Поради настаната ситуација, Судот одлучил да им изрече поединечни парични казни по 1000 евра на сите бранители а воедно и на подносителите на ова барање кои подоцна донесеното решение од Основниот кривичен суд тие како незадоволни го обжалиле пред Апелациониот суд Скопје, којшто по жалбата донел Решение со кое изречените казни ги преиначил на износи во висина од 500 евра во денарска противредост.

Согласно наведеното се бара од Уставниот суд да донесе одлука со која ќе ги поништи решението на Основниот суд Скопје 1, КОК бр. 40/18 од 16 октомври 2018 година и решението на Апелациониот суд Скопје КОКЖ бр. 47/18 од 17 декември 2018 година.

4. Судот на седницата утврди дека подносителите на барањето за заштита на слободите и правата адвокатот Звонко Давидовиќ, адвокатот Христијан Давидовиќ и адвокатот Елеонора Јанковиќ како бранители на обвинетиот Душко Лазаров и Александар Василевски-Нинџа, Основниот суд Скопје 1 Скопје со посебни решенија КОК 40/18 од 16.10.2018 година (сите со истиот број и датум) ги казнил со парична казна во износ од 1000 евра во денарска противвредност по 615,00 денари вредност на 10 евра или вкупен износ од 61.500,00 денари, а ова да го сторат во рок од 15 дена по правосилноста на решението, под страв на присилно исполнение.

Постапувајќи по поднесениот обвинителен акт, Судот закажал главна расправа на ден 16.10.2018 година, којашто започнала во 10.00 часот во судница во новата зграда на Основниот суд Скопје 1 Скопје со изведување на доказ сослушување на загрозен сведок. Поради технички проблем и неможност истиот да се отстрани, а за да не дојде до одлагање на расправата, Советот одлучил расправата да продолжи во судница 1 во старата зграда на Основниот суд Скопје 1 Скопје, и тоа им било соопштено на присутните. Бранителите на обвинетите на ова бурно реагирале наведувајќи дека во судницата во која се преселиле и во која требало да продолжи расправата немало услови за работа, а поточно немало клупи пред секој од бранителите, поради што тие без одобрение на Судот станале и стоеле на нозе.

Претседателот на Советот ги замолил бранителите на обвинетите да не ја нарушуваат работата на Судот и да седнат и истовремено ги предупредил доколку и понатаму се однесуваат на ваков начин ќе бидат казнети за нарушување на редот во судницата, а доколку и покрај изречената парична казна и понатаму продолжат со таквото однесување бранителите може и да ја напуштат судницата, при што ќе се применат одредбите од Законот за кривичната постапка, а обвинетите кои ќе останат без бранители, Судот ќе овозможи веднаш да им бидат поставени бранители по службена должност.

Понатаму, во наведените решенија на Основниот суд е образложено дека со оглед на тоа што и покрај опомената кон сите што стоеле во судницата, од страна на претседателот на Советот, во случајов и спрема бранителите на обвинетите Душко Лазаров и Александар Василевски-Нинџа, адвокатот Звонко Давидовиќ, адвокатот Христијан Давидовиќ и адвокатот Елеонора Јанковиќ одбиле да седнат на своите места и со тоа продолжиле да ја оневозможуваат работата на Судот, односно да го нарушуваат редот во судницата, согласно член 361 став 1 в.в. со член 88 од Законот за кривична постапка поради што се донеле решенијата со кои се казнуваат бранителите Звонко Давидовиќ, Христијан Давидовиќ и Елеонора Јанковиќ, адвокати од Скопје со иста парична казна во износ од 1000 евра во денарска противвредност, а ова да го сторат во рок од 15 дена по правосилноста на решението, под страв на присилно исполнение.

Апелациониот суд Скопје, со групно Решение КОКЖ 47/18 од 17.12.2018 година мериторно одлучил по изјавените жалби на адвокатите кои биле бранители на обвинетите во наведениот кривичен предмет.

Апелациониот суд Скопје притоа мериторно одлучил по однос на прашањето за паричните казни на жалителите. Имено, изрекол казни на адвокатите и ги казнил со поблага парична казна од 500 евра во денарска противвредност, за секој адвокат. Решението на Основниот суд Скопје 1 Скопје КОК 40/18 од 16.10.2018 година е преиначено со намалување на паричната казна, од причини што повисокиот суд оценил дека паричните казни од по 1000 евра биле превисоко изречени, што значи заслужувале изрекување казна, парична казна, но таа требало да биде поблага, во износ од 500 евра, и со тоа се потврдило дека адвокатите биле виновни и заслужиле парични казни.
На 04.10.2019 година Звонко Давидовиќ, Христијан Давидовиќ и Елеонора Јанковиќ, адвокати од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднеле барање за заштита на слободите и правата коишто се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата.

Имено, по писменото обраќање до Апелациониот суд, Судот достави фотокопии од доставниците со кои се потврдува дека подносителите на барањето на 11.01.2019 година, го примиле второстепеното Решение КОКЖ.бр.47/18 од 17.12 2018 година.

5. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во претходна постапка се утврди дека барањето на Звонко Давидовиќ, Христијан Давидовиќ и Елеонора Јанковиќ, адвокати од Скопје за заштита на слободите и правата до Уставниот суд е поднесено на 04.10.2019 година.

Видно од доставените фотокопии на доставниците на Основниот суд Скопје 1, уредна достава на решението на Апелациониот суд Скопје КОКЖ 47/18 од 17.12.2018 година, на адвокатот Звонко Давидовиќ, адвокатот Христијан Давидовиќ и адвокатот Елеонора Јанковиќ им била извршена на 11.01.2019 година.

Од наведената фактичка состојба јасно призлегува дека барањето за заштита на слободата на мислата и јавното изразување на мислата е поднесено по истекот на рокот од 2 месеци од денот на доставувањето на правосилната пресуда, поради што во конкретниот случај постојат процесни пречки овој Суд да се впушти во мериторно одлучување за суштината на барањето, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за отфрлање на барањето.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Владимир Стојаноски и Вангелина Маркудова.

У.бр.139/2019
3 јуни 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати