Решение У.бр.129/2020

У.бр.129/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 202/2019), на седницатa одржана на 22 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за лизинг за време на вонредна состојба („Службен весник на Република Северна Македонија“ број 90/2020).

2. Светскиот македонски конгрес, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената уредба со законска сила не била во согласност со член 8 став 1 алинеи 3, 4 и 11, членот 51, член 68 став 1 алинеи 1 и 2 и Амандманот XXIX, член 125 ставови 2 и 3 и член 126 став 2 од Уставот на Република Северна Македонија.

Подносителот наведува дека без постоење на Закон за вонредна состојба и без одлука на Собранието за постоење на вонредна состојба, Владата не можела да го оствари своето овластување да донесува уредби со законска сила додека трае вонредната состојба.

Според подносителот, уредба на Владата, па макар и со законска сила не претставувала закон. Оттука, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила не значело дека Владата треба да го супституира Собранието, односно да ја преземе неговата улога на законодавната власт и преку уредби со законска сила да изменува и дополнува закони како што се правело со конкретната уредба. Ова било во исклучива надлежност на Собранието. Во контекст на оваа се повикува на темелните вредности на уставниот поредок, односно начелото на владеење на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Понатаму, подносителот смета дека голем дел од мерките за време на вонредната состојба, Владата можела да ги донесе со примена на Законот за управување со кризи и Законот за заштита од заразни болести.

Врз основа на вака изнесените наводи, со иницијативата се бара поништување на оспорената уредба со законска сила како спротивна на одредбите од Уставот наведени во иницијативата, а до донесувањето на конечната одлука се предлага донесување на решение за запирање од извршување на актите и дејствијата што се преземаат врз основа на оспорената уредба со законска сила, поради штетни последици од владеењето на правото, суспензија на внатрешниот правен поредок на државата, како и флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека според член 1 став 1 од Уредбата со законска сила за примена на Законот за лизинг за време на вонредна состојба, Законот за лизинг („Службен весник на Република Македонија“ бр.04/02, 49/03, 13/06, 88/08, 35/11, 51/11, 148/13, 145/15, 23/16 и 37/16) ќе се применува за време на траење на вонредната состојба, доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку уредено. Според ставот 2 на истиот член, на договорите и на промените на договорните услови за финансиски лизинг спрема физичките и правните лица, како и спрема солидарните должници и заложните должници врз основа на финансиски лизинг ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Судот, исто така, утврди дека членот 2 предвидува дека во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година физичките лица кои се корисници на финансиски лизинг по договорите за финансиски лизинг кои се склучени заклучно со 31 март 2020 година ги плаќаат обврските на месечен ануитет намален за најмалку 70% од редовниот месечен ануитет, а давателите на финансиски лизинг не смеат да пресметуваат и наплатуваат надоместоци, трошоци провизии и/или казнени камати (став 1). Периодот на отплата, односно рокот за плаќање на месечните ануитети по договорите за финансиски лизинг од став (1) на овој член се продолжува за најмалку 90 дена по истекот на периодот од став (1) на овој член (став 2). Обврските по основ на помалку платени ануитети во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година согласно став (1) на овој член се одложуваат согласно одобрениот рок за плаќање од став (2) на овој член, или рамномерно се распоредуваат во месечните ануитети кои ќе доспеат по 30 јуни 2020 година (став 3). Во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година давателите на финансиски лизинг можат да ги менуваат и другите услови од договорите од став (1) на овој член само заради олеснување на условите (став 4). На корисниците на финансиски лизинг кои во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година редовно ќе ги отплаќаат обврските по договорите за финансиски лизинг, без оглед дали го користат правото од став (1) на овој член, давателите на финансиски лизинг можат да им дадат поволности во однос на отплатата на обврските (став 5). При промена на условите согласно ставовите (1), (2), (3), (4) и (5) од овој член, давателите на финансиски лизинг доставуваат понуда до физичките лица корисници на финансиски лизинг согласно член 2 алинеја 1 од Уредбата со законска сила за начинот на промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците („Службен весник на Република Северна Македонија “ бр. 80/20) (став 6).

Понатаму, според член 3 став 1, за промена на условите од договорите за лизинг склучени со правни лица, давателите на финансиски лизинг постапуваат согласно член 2 од Уредбата со законска сила за начинот на промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците („Службен весник на Република Северна Македонија “ бр. 80/20). Според ставот 2 на истиот член, давателите на финансиски лизинг можат да ги олеснат условите од договорите за финансиски лизинг склучени со правни лица заклучно со 31 март 2020 година, врз основа на барање од правно лице корисник на финансиски лизинг поднесено во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година.

Според членот 4, на доставувањето и прифаќањето на понудата и на правното дејство на променетите услови се применуваат одредбите од членовите 3, 4, 5 и 6 од Уредбата со законска сила за начинот на промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците („Службен весник на Република Северна Македонија “ бр. 80/20).

Судот утврди и дека според членот 5, договорите за финансиски лизинг што ќе се склучат во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година можат по барање на корисниците на лизинг да се склучат со грејс период од три месеци. Во грејс периодот давателот на финансиски лизинг може да пресметува само договорна камата.

Понатаму, според членот 6, давателите на финансиски лизинг се должни во рок од пет дена од денот на влегување во сила на оваа уредба со законска сила да донесат интерен акт за спроведување на оваа уредба со законска сила.

Членот 7 предвидува дека на давателот на финансиски лизинг кој нема да постапи согласно со одредбите од оваа уредба со законска сила Mинистерството за финансии со решение ќе му ја одземе дозволата за основање и работа.

На крајот, Судот утврди дека оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Членот 51 од Уставот предвидува дека во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно членот 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот (став 1). Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот (став 2). Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба (став 3). Ограничувањето на слободите и правата не може да се однесува на правото на живот, забраната за мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста (став 4)

Според член 125 став 1 од Уставот, вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии.

Член 126 став 1 од Уставот предвидува дека при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила, а според ставот 2 од истиот член, овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучува Собранието.

Согласно членот 10 од Законот за Влада на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 26/01, 13/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19) за време на воена или вонредна состојба, ако не постои можност за свикување на Собранието, Владата донесува уредби со законска сила по прашањата од надлежност на Собранието.

Од вака утврдените уставни и законски одредби произлегува дека вонредната состојба е институт со своја специфика. За време на истата, Владата добива овластување да донесува уредби со законска сила коишто претставуваат sui generis пропис, различен од законите. Притоа, во услови на ваква состојба мора да се обезбеди почитување на темелните вредности на уставниот поредок. Понатаму, во услови на вонредна состојба се ограничуваат човековите права, од каде се наметнува и потребата овој институт да има точно утврдени и општо прифатени начела согласно меѓународните документи (Пактот за граѓански и политички права и Европската конвенција за човекови права), коишто се ратификувани од Република Северна Македонија.

Со уредба со законска сила, при постоење на вонредна состојба, Владата може да регулира поинаку одредени прашања коишто се уредени со важечки закони, може да одредува нови рокови, може да ги менува постојните и да носи нови решенија. Но, ваквите овластувања не се неограничени. Имено, Уставот има две уставни ограничувања на овластувањето на Владата да носи уредби со законска сила. Првото е, уредбите да уредуваат неопходни мерки коишто се во функционална врска со директно или индиректно соочување и надминување на причините и последиците од вонредната состојба, со водење сметка мерките да имаат легитимна цел, општествена оправданост, да бидат разумни и пропорционални во светло на што побрзо враќање во редовна состојба (со што во суштина ќе бидат задоволени членовите 125 и 126 од Уставот). Второто ограничување е уредено во членот 54 од Уставот, чие задоволување бара ограничувањето на слободите и правата во вонредна состојба да не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба. Во вонредна состојба не може да се ограничат правото на живот, забраната на мачење, нечовечко и понижувачко постапување и казнување, правната одреденост на казнивите дела и казните, како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата и вероисповеста.

Претседателот на Републиката, врз основа на член 125 став 4 од Уставот, а притоа во ситуација кога Собранието не може да се состане, донесе три последователни одлуки од 18.03.2020, 16.04.2020 и 16.05.2020 год. (за период од 30 дена со првата, 30 дена со втората и 14 дена со третата) за утврдување на постоење на вонредна состојба на територијата на Републиката, заради заштита и справување со последиците од ширењето на коронавирусот Covid-19.

Во конкретниот случај, Владата, врз основа на член 126 став 1 од Уставот и член 36 став 1 од Законот за Владата, на 3 април 2020 година, во услови на прогласена вонредна состојба на територијата на целата Република, ја донела оспорената Уредба со законска сила за примена на Законот за лизинг за време на вонредна состојба.

Со предметната уредба со законска сила, Владата предвидела дека Законот за лизинг („Службен весник на Република Македонија“ бр. 4/2002, 49/2003, 13/2006, 88/2008, 35/2011,51/2011, 148/2013, 145/2015, 23/2016 и 37/2016) ќе се применува за времетраење на вонредната состојба, притоа на договорите и на промените на договорните услови за финансиски лизинг спрема физичките и правните лица, како и спрема солидарните должници и заложните должници врз основа на финансиски лизинг ќе се применуваат одредбите од оваа уредба со законска сила.

Од анализата на содржината на предметната уредба со законска сила произлегува дека како последица од причините за прогласувањето на вонредната состојба, Владата предвидела поволности за плаќање на обврските за месечен ануитет за корисниците на финансиски лизинг.

Во таа смисла, се предвидува дека во периодот од 1 април до 30 јуни 2020 година, физичките лица кои се корисници на финансиски лизинг по договорите за финансиски лизинг кои се склучени заклучно со 31 март 2020 година ги плаќаат обврските на месечен ануитет намален за најмалку 70% од редовниот месечен ануитет, а давателите на финансиски лизинг не смеат да пресметуваат и наплатуваат надоместоци, трошоци провизии и/или казнени камати, со можност за продолжување на овој рок за најмалку 90 дена по истекот на вака определениот период согласно Уредбата. Понатаму е предвидена и можност давателите на финансиски лизинг да ги менуваат и другите услови од договорите за финансиски лизинг доколку со тоа се олеснуваат условите за корисниците, како и можност за поволности во однос на отплатата за корисниците кои редовно ќе ги отплаќаат обврските.

Во однос на правните лица, како и доставувањето и прифаќањето на понудата и правното дејство на променетите услови, со оспорената уредба со законска сила се предвидува дека се применуваат одредби од Уредбата со законска сила за начинот на промена на договорни услови на кредитни изложености кај банките и штедилниците („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 80/20).

Според наводите во иницијативата, конкретната уредба со законска сила била спротивна на повеќе уставни одредби. Притоа, наводите се дадени општо со заклучоци во однос на тоа што уредуваат наведените уставни одредби, како да се толкуваат и применуваат, без да се наведат конкретни причини и образложени наводи поради коишто оспорената уредба била неуставна од аспект на предметот на уредување со истата.

Според Судот, ваквите наводи се неосновани и од аспект на истите не може да се постави прашањето за уставноста на оспорената уредба со законска сила. Судот смета дека со оспорената уредба со закон­ска сила не се повредуваат уставните одредби коишто ги наведува подноси­телот, од причина што истата е во насока на создавање на поволности за отплаќање на месечните ануитети на корисниците на финансиски лизинг за определен период, што има легитимна цел и општествена оправданост и претставува разумна и пропорционална мерка на целта којашто треба да се постигне, поради што со донесувањето на предметната уредба, не се излегува надвор од овластувањето коешто согласно Уставот го има Владата за време на вонредна состојба.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова. Решението по однос на членот 7 од Уредбата е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.129/2020
22 мај 2020 г.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати