Решение У.бр.142/2020

У.бр.142/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и “Службен весник на Република Северна Македонија” бр.202/2019), на седницата одржана на 15 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр. бр.95/2020 и 97/2020).

2. Светскиот македонски конгрес од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија, поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот, означен во точката 1 од Решението.

Подносителот во иницијативата наведува дека, Владата ја донела Уредбата со законска сила согласно став 1 на член 126 од Уставот според кој при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесувала уредби со законска сила, меѓутоа во овој случај Владата го пропуштила ставот 2 на истиот член со кој овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила траело до завршувањето на воената или вонредната состојба, за што одлучувало Собранието при што наместо претседателот на Собранието да го свикал Собранието да заседава заради донесувањето на Законот за вонредна состојба и да го утврдел со Одлука постоењето на вонредната состојба на предлог на Владата, претседателот на Собранието надлежноста за донесување на Одлука за утврдување постоење на вонредна состојба со известување од 18 март 2020 година, ја пренел на претседателот на Републиката со образложение дека Собранието било распуштено, а мандатот на пратениците престанал и не можело повторно да заседава.

Според подносителот, Уставниот суд не можел да биде супститут на Собранието со надлежност од член 68 став 1 алинеја 16 од Уставот според која Собранието вршело политичка контрола и надзор на Владата и над другите ноосители на јавни функции што се одговорни пред Собранието, а можело да оценува уставност и законитост на акт на Владата.

Единствено на потврдување од Собранието подлежела Одлуката за утврдување на вонредната состојба а не и уредбите со законска сила, бидејќи истите биле со важност додека траела вонредната состојба. Доколку Владата имала намера мерките за санирање на вонредната состојба да продолжеле и по завршуавњето на вонредната состојба, тоа требало да го направи со предлог закони за изменување и дополнување на соодветните закони што подлежат на собраниска процедура за нивно донесување или недонесување.

Во иницијативата се наведува дека уредба на Влада макар и со законска сила не била закон, и дека дури и за време на вонредна состојба, донесувањето на законите и изменувањето, дополнувањето или престанувањето на важноста на законите не била надлежност на Владата, туку само на Собранието. Во овој случај наместо да била донесена уредба со законска сила, донесената уредба претставувала изменување и дополнување на законите, што била надлежност на Собранието.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената уредба со законска сила, е со следната содржина:

Врз основа на член 126 став 1 од Уставот на Република Северна Македонија и член 36 став 1 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 59/00, 12/03, 55/05, 37/06, 115/07, 19/08, 82/08, 10/10, 51/11, 15/13, 139/14, 196/15, 142/16, 140/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 98/19), Владата на Република Северна Македонија, на седницата, одржана на 7 април 2020 година, донесе

УРЕДБА СО ЗАКОНСКА СИЛА ЗА ПРИМЕНА НА ЗАКОНОТ ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕКТОР ЗА ВРЕМЕ НА ВОНРЕДНА СОСТОЈБА

Член 1

Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија бр. 27/14, 199/14, 48/15, 154/15, 5/16, 80/16, 127/16, 142/16, 2/17, 16/17, 11/18 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 143/19, 275/19 и 14/20) ќе се применува за времетраење на вонредната состојба доколку со оваа уредба со законска сила не е поинаку определено.
За користење на правото на годишен одмор од страна на вработените во јавниот сектор, се применуваат одредбите на оваа уредба со законска сила.

Член 2

Вработените во јавниот сектор кои се работно ангажирани за времетраење на мерките за заштита од ширење и превенција од Коронавирус COVID – 19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година може да го искористат до 31 мај 2020 година, согласно потребите на работниот процес и врз основа на одобрение на раководното лице на институцијата.
На вработените во јавниот сектор кои се ослободени од извршување на работа и работни задачи, согласно мерките за заштита од ширење и превенција од Коронавирус COVID – 19, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година им се смета за искористен.
По исклучок, за вработените во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија, Министерството за здравство, јавните здравствени установи во Република Северна Македонија, царинските службеници, инспекциските служби, единиците за противпожарна територијална заштита, мали групни домови и домови за нега на стари лица, кои не се опфатени со мерките од ставовите 1 и 2 на овој член, неискористениот дел од годишниот одмор од календарската 2019 година и делот од годишниот одмор за 2020 година кој мора да се искористи во траење од две непрекинати работни недели, да го искористат до 31 декември 2020 година, согласно потребите на работниот процес и врз основа на одобрение на раководното лице во Министерството.

Член 3

Оваа уредба со законска сила влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

Бр. 44-2876/1                                                                                                                                                                                                      Претседател на Владата
7 април 2020 година                                                                                                                                                                                  на Република Северна Македонија,
Скопје                                                                                                                                                                                                                      Оливер Спасовски, с.р.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Во конкретниот случај, со Решение У бр.48/2020 од 28 април 2020 година, Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на Уредбата со законска сила за примена на Законот за вработените во јавниот сектор („Службен весник на Република Македонија“ бр. бр.95/2020 и 97/2020). затоа што оцени дека Уредбата, како мерка која што има посреден ефект во справувањето со последиците од епидемијата, не излегува надвор од овластувањето кое согласно Уставот го има Владата во вонредна состојба согласно членот 125 и членот 126 од Уставот, мерката којашто е уредена со предметната уредба има легитимна цел и општествена оправданост, мерката е разумна и пропорционална во светло на целта која се сака да се постигне. Уредбата, не го повредува ниту членот 54 од Уставот. Ограничувањето на слободите и правата е уставна материја, Уставот во членот 54, јасно уредува дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот, при што во конкретниот случај не може да стане збор за дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

5. Врз основа на изнесеното, имајќи во предвид дека Судот веќе одлучувал за истата работа, а нема основи за поинакво одлучување, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.142/2020
15 мај 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати