Решение У.бр.41/2020

У.бр.41/2020

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 71 и член 28 алинеа 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 6 мај 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ отфрла иницијативата за поведување на постапка за оценка на уставноста на точката 4 од Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба, бр.08-526/2 од 18 март 2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“, број 68/2020), донесена од претседателот на Република Северна Македонија.

2. До Уставниот суд на Република Северна Македонија доставена е иницијатива од Светскиот македонски конгрес, за оценување на уставноста на точката 4 од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената точка 4 од Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба, било утврдено дека за времетраењето на вонредната состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила. Оспорената точка 4 која го уредува прашањето дека Владата донесува уредби со законска сила, била во спротивност со членот 126 од Уставот, а со тоа Одлуката истовремено била во спротивност и со владеењето на правото утврдено во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката, како и во спротивност со членот 51 од Уставот, според кој во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во иницијативата се наведува дека со член 126 став 1 од Уставот било уредено дека при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила, меѓутоа во ставот 2 од овој член од Уставот било утврдено дека за овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила одлучувало Собранието.

Оттука, претседателот на Република Северна Македонија со Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба не можел да пропишува права и надлежности на Владата, кои се во спротивност со Уставот и владеењето на правото. Имено, не е претседателот на Републиката тој што може според Уставот да утврдува и дава такви права и надлежности на Владата.

Имено, претседателот на Републиката не може со свој акт да определува надлежност на Владата, која е уредена со членот 126 од Уставот, односно Владата не може да донесува уредби со законска сила за времетраењето на вонредната состојба врз основа на акт на претседателот на Републиката.

Владата, при постоење на вонредна состојба, не може да донесува уредби со законска сила доколку за тоа нема закон и нема одлука на Собранието како основ за извршување на овластувањето предвидено со Уставот, односно да донесува уредби со законска сила додека трае вонредната состојба, до завршување на вонредната состојба којашто може да трае најмногу 30 дена.

Во иницијативата се наведува дека Владата не може самовласно, за време на вонредна состојба да присвојува надлежности кои по Устав не и припаѓаат, без закон и без одлука на Собрание на Републиката.

Во спротивно, Владата врши флагрантно кршење на правата и слободите на граѓаните, односно Владата врши суспензија на внатрешниот правен поредок на земјата утврден со Уставот на државата.

Во член 125 став 4 од Уставот било пропишано дека кога Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе биде во можност да се состане, меѓутоа, оваа одредба од Уставот не дозволува претседателот на Републиката преку одлуката за вонредна состојба воедно да даде и надлежност за Владата да донесува уредби со законска сила. Надлежноста произлегува од одредбите на член126 став 2 од Уставот.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценка на уставноста на точка 4 од Одлуката за утврдување на постоење на вонредна сосотојба, како спротивна на член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 126 од Уставот на Република Северна Македонија и истата да се поништи.

Воедно, се предлага Судот да донесе времена мерка и согласно член 27 од Деловникот на Уставниот суд со решение да ги запре од извршување актите и дејствијата што се преземаат врз основа на оспорената точка 4 од Одлуката.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената точка 4 од Одлуката гласи: „За времетраењето на вонредната состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила“.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок во Република Северна Македонија.

Согласно член 63 став 6 од Уставот, Собранието се распушта ако за тоа се изјасни мнозинството од вкупниот број пратеници.

Во делот на Уставот кој се однесува на „Одбрана на Републиката, воена и вонредна состојба“, со членот 125 е определено: „Вонредна состојба настанува кога ќе настанат големи природни непогоди или епидемии (став 1); Постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија или нејзин дел го утврдува Собранието по предлог на претседателот на Републиката, Владата или најмалку 30 пратеници (став 2); Одлуката со која се утврдува постоење на вонредна состојба се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена (став 3); Ако Собранието не може да се состане, одлука за постоење на вонредна состојба донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане (став 4).

Според член 126 од Уставот, при постоење на воена или вонредна состојба Владата во согласност со Уставот и со закон, донесува уредби со законска сила (став 1); Овластувањето на Владата да донесува уредби со законска сила трае до завршувањето на воената или вонредна состојба, за што одлучува Собранието (став 2).

Според член 128 од Уставот, мандатот на претседателот на Републиката, Владата, судиите на Уставниот суд и на членовите на Републичкиот судски совет се продолжува за време на траењето на воената или вонредната состојба.

Собранието на Република Северна Македонија на седницата одржана на 16 февруари 2020 година, донело Одлука за распуштање на Собранието на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2020).

Со распуштање на Собранието, престанува мандатот на пратениците во Собранието, поради што била настаната состојба кога престанатиот мандат на пратениците не продолжил. Фактичката состојба во случајов била таква што Собранието на Републиката било распуштено и престанал мандатот на пратениците.

Во услови кога Собранието не е распуштено, тоа може да донесе одлука со која се утврдува постоење на вонредна состојба, со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници и има важност најмногу 30 дена согласно член 125 од Уставот.

Но, доколку Собранието не може да се состане, одлуката за постоење на вонредна состојба ја донесува претседателот на Републиката и му ја поднесува на Собранието на потврдување штом тоа ќе е во можност да се состане.

Во случајов, претседателот на Републиката, врз основа на членовите 125 и 126 од Уставот на Република Северна Македонија, а на предлог на Владата на Република Северна Македонија до Собранието на Република Северна Македонија утврдил постоење на вонредна состојба на територија на Република Северна Македонија заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирус КОВИД-19, а согласно пандемиската епидемија прогласена од Светската здравствена организација за нов вид на вирус којшто е проширен на сите континенти и ја зафатил и територијата на Република Северна Македонија, бр.44-2329/1 од 18.03.2020 година и врз основа на известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија бр.09-1690/2 од 18.03.2020 година, претседателот на Република Северна Македонија донел Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба, бр.08-526/2 од 18.03.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.68/2020).

Оваа одлука е донесена во услови кога во Република Северна Македонија Собранието е распуштено со Одлуката од 16.02.2020 година („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.43/2020).

Со точката 4 од Одлуката за утврдување на постоење на вонредна состојба, е утврдено дека за времетраењето на вонредната состојба Владата во согласност со Уставот и со закон донесува уредби со законска сила.

Меѓутоа, имајќи предвид дека по истекот на 30 дена од денот на донесувањето на оспорената одлука и престанокот на нејзината важност, председателот на Република Северна Македонија донел нова Одлука за утврдување на постоење на вонредна состојба („Службен весник на република Северна Македонија“ број 104/2020), произлегува дека оспорената одлука веќе не е во правниот поредок.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на наведената фактичка состојба и согласно цитираната деловничка одредба Судот оцени дека иницијативата треба да се отфрли поради постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата, а соодветно на тоа и барањето во иницијативата Судот да донесе времена мерка за запирање на извршување на оспорената точка 4 од Одлуката.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.41/2020
6 мај 2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати