Решение У.бр.154/2019

У.бр.154/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, членот 28 алинеја 3 и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) и Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2020) на седницатa одржана на 4 март 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за утврдување на надоместок за користење на површина во општа употреба – автобуски стојалишта заведена под број 09-210 од 30 март 2015 година на Советот на Општина Битола, а објавена во „Службен гласник на Општина Битола“ бр.4 од 3 април 2015 година и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на надоместок за користење на површина во општа употреба – автобуски стојалишта бр.09-33/42 од 12 април 2017 година на Советот на Општина Битола, објавена во „Службен гласник на Општина Битола“ број 4 од 20 април 2017година.

2. Друштвото за транспорт и трговија „ГОСПЕШ ТРАНС“ Јорго ДООЕЛ, увоз-извоз Битола; Друштвото за превоз, услуги, производство и трговија „Д и А-ХЕРА транс“, увоз-извоз Битола; Друштвото за производство, трговија и услуги „ЛУКА ЕКСПРЕС, увоз-извоз ДООЕЛ-Битола и Друштвото за превоз, услуги, производство и трговија „ТУРИСТПРЕВОЗ ДОО транс“, увоз-извоз од Битола, сите застапувани преку полномошник д-р Никола Главинче, адвокат од Битола, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на одредбите од актите означени во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се предлага целосна касација, односно поништување со ретроактивно правно дејство ех tunc на цитираните одлуки бидејќи подносителите сметале дека истите имале бројни формално-правни и материјално-правни недостатоци поради кои тие не можеле и не смееле да произведуваат правно дејство.

Подносителите на иницијативата бараат Уставниот суд да донесе решение со кое ќе го запре извршувањето на одлуките бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици, изразени преку можноста за наппата на побарувањата коишто по тој основ ги има општината, преку поведените постапки ПЛ1-ТС- 134/19, ПЛ1-ТС-140/19, ПЈП1 -ТС-131/19, ПЛ1-ТС-130/19, сите пред Основен суд Битола.

Во иницијативата се наведува дека со оспорената Одлука за утврдување на надоместок за користење на површина во општа употреба – автобуски стојалишта бр.09-210 од 30 март 2015 година на Советот на Општината Битола се утврдува надоместокот за користење на површина во општа употреба – автобуски стојалишта. Под поимот површина во општа употреба – автобуски стојалишта, се подразбирало простор одреден за застанување на автобуси согласно со возниот ред и за безбедно влегување односно излегување на патниците кој што воедно претставувала уредена, урбана и означена површина на автобуски стојалишта.

Исто така во иницијативата се цитираат одредби од повеќе закони со цел да се заклучи дека не постоела законска можност ниту пак право за да се определи надомест за користење на површини од општа употреба, се даваат дефиниции за ствари во општа употреба, се поставуваат прашања дали општината имала можност да го ограничи правото на користење на површини во општа употреба и се констатира дека оспорените одлуки биле апсолутно ништовни поради воведувањето на надомест за користење на автобуски стојалишта коишто биле составен дел од јавниот пат.

3. Судот на седница утврди дека со Одлуката за утврдување на надоместок за користење на површина во општа употреба – автобуски стојалишта бр.09-210 од 30 март 2015 година на Советот на Општината Битола се утврдува надоместокот за користење на површина во општа употреба – автобуски стојалишта. Под поимот површина во општа употреба – автобуски стојалишта, се подразбира простор одреден за застанување на автобуси согласно со возниот ред и за безбедно влегување односно излегување на патниците кој што воедно претставува уредена урбана и означена површина – автобуско стојалиште. При донесување на одлуката, Советот на Општината се повикува на членот 36 и членот 22 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 05/2002) и членот 70 од Статутот на Општина Битола („Службен гласник на Општина Битола“ бр. 10/2005).

Согласно члeнот 2 од оваа одлука е определено дека секој превозник кој врши линиски превоз на патници во Општина Битола врз основа на регистриран возен ред и правните лица кои имаат или користат посебен линиски превоз согласно оваа одлука се должни да плаќаат месечен надоместок за користење на површината во општа употреба – автобуски стојалишта, за секое застанување на автобусите согласно регистрираниот возен ред.

Според членот З од истата одлука се утврдува висина на надоместокот за користење на површината во општа употреба – автобуски стојалишта по зони утврдени во членот 33 од Одлуката за општински линиски превоз на патници во Општината Битола и тоа:

– I (прва) екстра зона – надоместок во висина од 3 денари по застанување
– II (втора)градска зона – надоместок во висина од 2 денари по застанување
– III (трета) рурална зона – надомест во висина од 1 денар по застанување.

Во членот 4 од Одлуката е уредено дека секој превозник кој врши линиски превоз на патници во Општина Битола врз основа на регистриран возен ред и правните лица коишто имаат или користат посебен линиски превоз се должни да ги користат површините во општа употреба- автобуски стојалишта и за истите треба да плаќаат надоместок утврден со оваа одлука. Утврдениот надоместок за користење за површините во општа употреба – автобуските стојалишта се плаќа месечно до петтиот работен ден во тековниот месец.

Според членот 5 од Одлуката се определува доколку превозникот кој врши линиски превоз на патници во Општина Битола со регистриран возен ред и правните лица кој имаат или користат посебен линиски превоз, со писмена изјава заверена на нотар се согласат финансиски да учествуваат во реновирањето на површините во општа употреба- автобуските стојалишта, сразмерно на користењето на истите се ослободуваат од плаќање на надоместокот утврден со оваа одлука за временски период додека трае регистрираниот возен ред или посебниот линиски превоз во траење од 5 години.

Согласно членот 6 од Одлуката, доколку корисникот на површините во општа употреба – автобуски стојалишта не ја исполнува обврската за плаќање надоместок од оваа одлука врз основа на записник од овластен инспектор е должен да плати надоместок во висина на вредноста за користењето на автобуските стојалишта од I и II зона по трипати дневно за период од еден месец.

Со членот 7 од истата се утврдува дека оваа одлука трае до траењето на дозволата за обновување на општинскиот превоз односно траење од 5 години. Со членот 8 е определено дека одлуката влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на Општина Битола“.

Врз основа на членовите 22 и 36 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 05/2002) и членот 70 од Статутот на Општина Битола објавен во „Службен гласник на Општина Битола“ бр. 10/2005 и 17/2008, Советот на Општина Битола на седницата одржана на 12 април 2017 година, донесе Одлука за измени и дополнување на одлуката за утврдување на надоместок за користење на површина во општа употреба-автобуски стојалишта во („Службен гласник на Општина Битола“ бр. 4 од 20 април 2017година).

Согласно членот 1 од оспорената одлука, во Одлуката за утврдување на надоместок за користење на површина во општа употреба-автобуски стојалишта објавена во „Службен гласник на Општина Битола“ бр. 04/2015 година, членот 2 се менува и гласи: „Секој превозник кој врши линиски превоз на патници во Општина Битола врз основа на регистриран возен ред, правните лица кои имаат или користат посебен линиски превоз на патници и правните лица кои имаат превоз за сопствени потреби, согласно оваа одлука се должни да плаќаат месечен надоместок за користење на површината во општа употреба-автобуски стојалишта, за секое застанување на превозните средства (автобуси, минибуси и комби) согласно регистрираниот возен ред.“

Со членот 2 од оспорената одлука се утврдува дека членот 4 се менува и гласи: „Секој превозник кој врши линиски превоз на патници во Општина Битола врз основа на регистриран возен ред, правните лица кои имаат или користат посебен линиски превоз на патници и правните лица кои имаат превоз за сопствени потреби, се должни да ги користат површините во општа употреба-автобуски стојалишта и за истите треба да плаќаат надоместок утврден со оваа Одлука. Утврдениот надоместок за користење на површините во општа употреба-автобуските стојалишта се плаќа месечно до петтиот работен ден во тековниот месец.“ Според членот 3 оваа одлука влегува во сила со денот на донесување, а ќе се објави во „Службен гласник на Општината Битола“.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Судот на седница утврди дека во конкретниот случај се оспоруваат Одлуката за утврдување на надоместок за користење на површина во општа употреба – автобуски стојалишта заведена под број 09-210 од 30 март 2015 година на Советот на Општина Битола и Одлуката за изменување и дополнување на Одлуката за утврдување на надоместок за користење на површина во општа употреба – автобуски стојалишта бр.09-33/42 од 12 април 2017 година на Советот на Општина Битола, објавена во „Службен гласник на Општина Битола“ бр. 4 од 20 април 2017 година, донесени од страна на Советот на Општина Битола.

Во одговорот доставен до Уставниот суд од страна на Секторот за правно нормативни, административни и општи работи при Општината Битола, заведено под број 10-1/2020 од 2 февруари 2020 година е наведено следното: „При донесување на оспорената одлука Советот на Општина Битола се повикува на членовите 36 и 22 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр. 05/2002) и член 70 од Статутот на Општина Битола („Службен гласник на Општина Битола бр. 10/2005). Следствено на тоа, сметано од 21 феврури 2019 година, Одлуката за утврдување на надоместок за користење на површина во општа употреба – автобуски стојалишта бр.210/34 од 30 март 2015 година и Одлуката за измени и дополнување на Одлуката за утврдување на надоместок за користење на површина во општа употреба – автобуски стојалишта бр. 09-33/42 од 12 април2017 година не се применуваат и не се наплаќа надоместок за користење на автобуските стојалишта.

Според тоа, со плаќањето на комуналната такса од Тарифниот број 9 од Тарифата за комунални такси во Законот за комуналните такси, не се плаќа надоместок за користење на автобуските стојалишта, бидејќи сите возила за кои се плаќа комунална такса по наведениот тарифен број не смеат да застануваат на автобуските стојалишта, туку смеат да застануваат исклучиво возилата на јавниот сообраќај, додека за сите останати возила тоа е изречно забрането со цитираната одредба од член 66 став 1 алинеја 11 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Оттаму, во конкретниот случај не станувало збор за двојна наплата за користење на автобуските стојалишта, како што тоа погрешно сакаат да го прикажат подносителите на иницијативата, бидејќи по нивната логика – на сите возила за кои што се плаќа комунална такса по Тарифниот број 9 од Тарифата за комунални такси во Законот за комуналните такси, би требало да им се овозможи да застануваат на автобуските стојалишта, но тоа е дозволено само за возилата на јавниот сообраќај, а за сите останати возила е изречно забрането со член 66 став 1 алинеја 11 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.

Конечно, во иницијативата погрешно се наведувало дека за истата услуга – користење на автобуските стојалишта (како дел од јавниот пат во смисла на членот 7 од Законот за јавните патишта), еднаш се плаќа комунална такса при регистрацијата на возилата согласно Тарифниот број 9 од Тарифата за комунални такси во Законот за комуналните такси, бидејќи таксата за користење на улиците со патнички, товарни моторни возила, автобуси, специјални возила и мотоцикли се наплаќа за сите возила наведени во наведениот тарифен број, а пак автобуските стојалишта смеат да ги користат исклучиво возилата на јавниот сообраќај.

Согласно членот 7 од Одлуката за утврдување на надоместок за користење на површина во општа употреба – автобуски стојалишта бр.09-210 од 30.03.2015 година на Советот на Општината Битола а објавена во („Службен гласник на Општина Битола“ бр.4 од 03 април 2015 година) е наведено дека истата е во правниот промет до траењето на дозволите за обновување на општинскиот линиски превоз односно во рок од 5 години. Со решенијата заведени под број 08/174 до 182 од 21 февруари 2019 година коишто биле донесени од страна на градоначалникот на Општина Битола, биле прогласени за ништовни во целост, дозволите за општински линиски превоз на патници бидејќи превозот не можел воопшто да се изврши понатаму согласно член 124 став 1 алинеја 3 од Законот за општата управна постапка, односно била спроведена нова постапка со јавен повик за распределба на општинските линии и биле издадени нови дозволи за остварување на општински линиски превоз на патници“.

Исто така, Судот утврди дека во известувањето доставено од страна на Општина Битола е наведено дека сметано од 21 февруари 2019 година оспорените одлуки не се применувале и не се наплаќал надоместок за користење на автобуските стојалишта. Оттука поднесената иницијатива била беспредметна од причина што оспорените одлуки повеќе немале правна важност и сила, односно не биле дел од правниот поредок.

Со оглед на фактот дека оспорените одлуки престанале да важат и не се во правниот поредок, Судот оцени дека согласно наведената деловничка одредба се настапени условите за отфрлање на иницијативите поради постоење на процесни пречки за одлучување.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.154/2019
04.03.2019 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати