Решение У.бр.94/2019

У.бр.94/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 20 февруари 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 18 став 2 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018).

2. Новица Наков од Скопје до Уставниот суд поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорената законска одредба се повредувале член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 51 и член 54 став 3 од Уставот на Републиката.

Ова од причини што со член 18 став 2 од Законот за извршување се дозволувало извршување, а во пракса и се спроведувало извршување од страна на извршителите, на казнена камата и во случаи кога должниците во оставениот рок од страна на судовите доброволно ја исполнуваат нивната обврска, односно ги плаќаат трошоците на постапката на доверителот. Со други зборови, овој член ги принудувал учесниците во судските спорови под страв да не платат камата да плаќаат трошоци за постапка во првостепените судови додека трае постапка во второстепените судови на којашто може да се одлучува и за истите трошоци, а и за други околности, додека од друга страна поука за тоа дека е така никаде немало во првостепените пресуди, што создавало правна несигурност и голема финансиска штета за граѓаните и правните лица.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот став би имал некаква смисла ако гласел од :„датумот на клаузулата за извршност до наплатата“, но вака како што моментално гласел, значело дека каматата за процесни трошоци доверителот можел да ја бара и во пракса да ја добие од денот на донесување на првостепената пресуда, без разлика на тоа што ќе се случува во постапката и колку таа ќе трае, што предизвикувало ситуации во кои каматата да биде неколкукратно повисока од износот на процесните трошоци дури и во услови на доброволно исполнување на обврската од страна на должникот.

Поради наведеното се предлага Уставниот суд итно да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорениот член, а потоа да донесе одлука за поништување на оспорениот член, бидејќи со неговото натамошно извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици.

Воедно се предлага Уставниот суд по свое видување да ги разгледа и другите одредби од овој закон коишто би можеле да ги загрозуваат уставно загарантираните права на граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека според член 18 став 2 од Законот за извршување, ако во извршната исправа се определени и трошоците на постапката, извршителот, по предлог од доверителот, ќе пресмета и ќе изврши наплата на законска казнена камата на износот на определените трошоци согласно пропишаната стапка, од денот на донесувањето на извршната исправа до наплатата.

4. Според член 8 став 1 алинеjа 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Републиката.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните на Република Северна Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во согласност со член 54 став 3 од Уставот, ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Согласно со член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според членот 1 од Законот за извршување, со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено (став 1). Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено (став 2). Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон (став 3). Одредбите на овој закон се применуваат и на извршување на брод и на воздухоплов (став 4).

Со членот 12 од Законот се дефинира што е извршна исправа и тоа:
(1) Извршни исправи се: 1) извршна судска одлука и судско порамнување; 2) извршна одлука и порамнување во управна постапка, ако гласат на исполнување на парична обврска; 3) извршна нотарска исправа; 4) заклучокот на извршителот за утврдување на трошоците на извршувањето; 5) решение за издавање на нотарски платен налог и 6) друга исправа која како извршна исправа е предвидена со закон.
(2) Потврда за извршност става судот, односно органот кој одлучувал за побарувањето во прв степен.
(3) Неоснованата потврда за извршноста со решение ќе ја укине истиот суд, односно орган кој ја ставил по предлог или по службена должност.

Според член 14 од Законот:

(1) Судската одлука е извршна ако станала правосилна и ако истекол рокот за доброволно исполнување на должниковата обврска.
(2) Одлуката донесена во управна постапка е извршна ако станала конечна и ако истекол рокот за доброволно исполнување на обврската.
(3) Рокот за доброволно исполнување на обврската тече од денот на доставување на одлуката до должникот.

Согласно член 15 од Законот, судското порамнување, односно порамнувањето склучено во управна постапка е извршно, ако побарувањето пристигнало по порамнувањето (став 1). Пристигнатоста на побарувањето се докажува со записник за порамнувањето или со според закон заверена исправа (став 2).

Согласно член 16 став 1 од Законот, нотарската исправа е извршна исправа, ако станала извршна според посебен пропис кој ја уредува извршноста на таквата исправа.

Според членот 17 од Законот:

(1) Извршната исправа е подобна за извршување ако во неа се назначени доверителот и должникот, како и предметот, видот, обемот и времето на исполнувањето на обврската.
(2) Ако во извршната исправа не е определен рокот за доброволно исполнување на обврската, извршителот го повикува должникот во рок од осум дена од денот на доставувањето на поканата да ја исполни обврската утврдена во извршната исправа.

Од анализата на наведените и другите одредби на Законот за извршување, произлегува дека законодавецот јасно и прецизно дефинирал што е извршна исправа и определил кога истата станува подобна за извршување.

Со членот 18 од Законот е уредено прашањето на наплата на камата и законска казнена камата.

Така, според ставот 1 на овој член, кога во извршната исправа е определена наплата на камата од должникот, истата се пресметува и наплатува до денот на исплатата на средствата на посебната сметка на извршителот.

Според ставот 2 на истиот член, кој се оспорува со иницијативата, ако во извршната исправа се определени и трошоците на постапката, извршителот, по предлог од доверителот, ќе пресмета и ќе изврши наплата на законска казнена камата на износот на определените трошоци согласно пропишаната стапка, од денот на донесувањето на извршната исправа до наплатата.

Тоа значи дека со член 18 став 2 од Законот за извршување, се пропишува можност за пресметка и наплата на законска казнена камата на определените трошоци на постапката, и тоа за периодот од денот на донесување на извршната исправа до наплатата, ако за тоа постои предлог од доверителот.

Според Судот, основано може да се постави прашањето за уставноста на вака пропишаната одредба.

Имено, спорно е како може да се наплатува законска казнена камата на трошоците на постапката, ако тоа изречно не е наведено во извршната исправа. Со давањето на право на доверителот да побарува законска камата на трошоците, која не е утврдена во извршната исправа, за него се утврдува право кое не произлегува од извршната исправа, а од друга страна, со обврската да пресметува камата која не произлегува од извршната исправа, извршителот добива улога на суд.

Покрај тоа, оспорената одредба е недоволно јасна и прецизна во однос на тоа од кој момент може да се бара законска казнена камата на трошоците на постапката, поради што основано може да создава дилеми во нејзината примена.

Тргнувајќи од наведеното, пред Судот се постави прашањето дали оспорената одредба е во согласност со владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката, гарантирана со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.94/2019
20.02.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати