Решение У.бр.87/2019 и У.бр.88/2019

У.бр.87/2019 и У.бр.88/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 28.01.2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитоста на член 8 став 4 од Правилникот за технички преглед на возила („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2010), донесен од министерот за внатрешни работи на Република Македонија.

2. Драган Малиновски од Скопје и Димче Стојановски од Струга, до Уставниот суд на Република Северна Македонија доставија иницијативи за оценување на законитоста на член 8 став 4 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителите на иницијативите коишто се идентични, со оспорениот член од Правилникот се повредувал член 12 со додавање на членот 9-а од Законот за заштита на личните податоци, според кој „снимките направени при вршење на видео надзор се чуваат до исполнување на целите за кои се врши, но не подолго од 30 дена, освен ако со друг закон не е предвиден подолг рок“.

Во конкретниов случај постои неусогласеност на наведениот член од Правилникот донесен 2010 и Законот за заштита на личните податоци со измените од 2008 година.

Во Законот е предвиден рок не подолг од 30 дена, а во правилникот е предвидено најмалку 12 месеци.

Со оглед на наведеното подносителите бараат Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорениот член и истиот да го укине.

3. Судот на седницата утврди дека правен основ за донесување на Правилникот за технички преглед на возила е член 48 став 1 алинеи 3 и 5 и член 67 став 1 алинеи 1 и 2 од Законот за возила („Службен весник на Република Македонија“ бр.140/2008).

Според член 48 став алинеи 3 и 5 од Законот, министерот за внатрешни работи ќе донесе поблиски прописи за барања што треба да ги исполнуваат возилата за да бидат технички исправни, како и за начинот и постапката за вршење на технички прегледи согласно со членовите 49 до 53 од овој закон, како и за начинот и постапката на извршување на прегледот на техничката исправност на возилата со кои се извршува превоз во сообраќајот на патиштата согласно со членот 44 од овој закон.

Според член 67 став 1 алинеи 1 и 2 од Законот, министерот за внатрешни работи за областа технички преглед ќе донесе прописи за поблиските критериуми за просторните услови, опремата, уредите и кадрите за правните лица за технички преглед, како и за калибрацијата и верификацијата на уредите и опремата согласно со членот 64 од овој закон, како и за постапките за извршување на работите на технички преглед согласно со членот 63 од овој закон.

Согласно наведената законска регулатива, министерот за внатрешни работи донел Правилник за технички преглед на возила, коштој е објавен во Службен весник на Република Македонија бр. 81/2010.

Според член 1 од наведениот правилник, со него се пропишуваат поблиските критериуми за просторните услови, опремата, уредите и кадрите за правните лица за технички преглед,како и за калибрацијата и верификацијата на уредите и опремата, барањата што треба да ги исполнуваат возилата за да бидат технички исправни,начинот и постапката за вршење на технички прегледи, постапките за извршување на работите на технички преглед, како и начинот и постапката на извршување на увид на техничката исправност на возилата со кој се врши превоз во сообраќајот на патиштата.

Во членот 8 од Правилникот кој е сместен во делот II. точка 1 „Поблиски критериуми за просторните услови за правните лица за технички преглед“ е предвидено;

1. Овластеното правно лице треба да го обезбеди објектот и инвентарот во него со систем за видео надзор.

2. За обврската од ставот 1 на овој член овластеното правно лице за вршење технички преглед на возила е должно да обезбеди видео надзор на процесот на вршење технички преглед во работно време на објектот и тоа за секоја патека за технички преглед – посебно.

3. Системот за видеонадзор треба да обезбеди најмалку очитување (идентификација) на регистарските таблици на возилата на кои се врши технички преглед.

4. Податоците од системот за видеонадзор се чуваат на тврд диск, односно таков медиум кој овозможува чување на податоци најмалку 12 месеци (оспорен став).

Во член 9 став 2 од правилникот е предвидено дека сите простории во кои се наоѓаат компјутерите преку кои е овозможен пристап да компјутерската евиденција, обрасците, списите и печатите треба да бидат соодветно чувани од кражба и да имаат вграден алармен уред. Заради безбедноста на личните податоци треба да се обезбедени соодветни услови за чување на истите, со што на неовластените лица ќе им биде оневозможено да дојдат до увид во компјутерската евиденција.

Тргнувајќи од анализата на Законот за возилата, целината на правилникот и оспорениот член 8 став 4 од истиот, произлегува дека подносителите на иницијативите оспорениот член го гледаат изолирано сам по себе, а не во целина со другите одредби, од кои недвосмислено произлегува дека правното лице кое врши технички преглед на возилото е должно да обезбеди видеонадзор на процесот на вршење на технички преглед во објектот во целост на патеката за технички преглед, при што системот за видеонадзор треба да обезбеди најмалку отчитување на регистарските таблици на возилото на кое се врши технички преглед. Притоа, податоците снимени на диск или друг таков медиум треба да овазможи чување на податоците најмалку 12 месеци.

Оттука, јасно произлегува дека акцентот на креирањето на одредбите во Правилникот е подрачјето коешто е под видеонадзор, а тоа е снимање на патеката за технички преглед каде се движи возилото, со цел објективно и непристрасно вршење на технички преглед на возилото коешто се пушта во сообраќај на патиштата што е во јавен интерес, од каде според Судот постои легитина оправданост за контрола на исправноста на возилото.

Во Законот за возила не е уредено прашањето за рокот на чување на податоците од техничиот преглед, од каде произлегува дека времето на чување на податоците од видеонадзорот снимени на тврд диск е уредено со Правилникот како операционализација на Законот.

4. Со иницијативите се оспорува одредбата од Правилникот како несогласна со членот 9-а од Законот за заштита на личните податоци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 7/2005, 103/2008, 124/2008, 124/2010, 135/2011, 43/2014, 153/2015, 99/2016 и 64/2018), со кој закон се уредува заштитата на личните податоци како основни слободи и права на физичките лица, а особено правата на приватност во врска со обработка на лични податоци (член 1).

Во член 2 точка 1 од Законот е утврдено значењето на одделни изрази употребени во овој закон, при што утврдено е значењето на изразот, „Личен податок” и тој претставува секоја информација која се однесува на идентификувано физичко лице или физичко лице коешто може да се идентификува, а лице кое може да се идентификува е лице чиј идентитет може да се утврди директно или индиректно, посебно врз основа на матичен број на граѓанинот или врз основа на едно или повеќе обележја специфични за неговиот физички, физиолошки, ментален, економски, културен или социјален идентитет;

Во точката 2 од истиот член “Обработка на личните податоци” е секоја операција или збир на операции што се изведуваат врз лични податоци на автоматски или друг начин, како што е: собирање, евидентирање, организирање, чување, приспособување или промена, повлекување, консултирање, употреба, откривање преку пренесување, објавување или на друг начин правење достапни, изедначување, комбинирање, блокирање, бришење или уништување;

Во членот 9-а од Законот за заштита на личните податоци е предвидено дека одредбите од овој закон се применуваат и на обработката на личните податоци преку вршење на видеонадзор, освен ако со друг закон поинаку не е предвидено. Контролорот кој врши видео надзор е должен да истакне известување. Известувањето мора да биде јасно, видливо и истакнато на начин што им овозможува на субјектите на лични податоци да се запознаат со вршењето на видеонадзорот. Известувањето од ставот 2 на овој член содржи информација:
– дека се врши видеонадзор;
– за името на контролорот кој го врши видеонадзорот и
– за начинот на кој може да се добијат информации за тоа каде и колку време се чуваат снимките од системот за видеонадзор.

Субјектот на лични податоци е информиран за обработката на личните податоци согласно со членовите 10 и 11 на овој закон, ако е истакнато известување согласно со ставовите 2 и 3 на овој член. Контролорот може да врши видеонадзор само на просторот кој е доволен за исполнување на целите за кои е поставен.

Снимките направени при вршење на видеонадзор се чуваат до исполнување на целите за кои се врши, но не подолго од 30 дена, освен ако со друг закон не е предвиден подолг рок.

5. Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека оспорената одредба од Правилникот, како разработка на Законот за возила, не може основано да биде доведена под сомнение во однос на Законот за заштита на личните податоци, од причини што во конкретниов случај не станува збор за „личен податок“ кој би можел да биде предмет на обработка на личните податоци тргнувајќи од член 2 став 1 точка 1 од Законот за заштита на личните податоци каде е дефинирано што се подразбира под изразот личен податок.

6. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Владимир Стојаноски.

У.бр.87/2019
28.01.2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати