Решение У.бр.132/2019

У.бр.132/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 22 јануари 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на законитоста на член 10 ставови 3 и 4 од Деловникот за работа на Наставно-научниот совет на Факултетот за туризам и угостителство-Охрид, бр.02-325/3-3 од 28.05.2019 година.

2. Проф.д-р Јове Кекеновски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на Деловникот означен во точката 1 од ова решение.

Со иницијативата се бара оцена на законитоста на оспорените одредби од Деловникот, затоа што биле во спротивност со одредби на Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.82 од 08.05.2018 година), и тоа: член 3 став 2 точка 1, којшто налагал дејноста на високото образование да се заснова на начелото на автономија и академска слобода; член 4 став 2 точка 3, којшто налагал експлицитна заштита и овозможување на академска слобода, а не нејзино ограничување предвидено со оспорените одредби и член 4 став 2 точка 4, којашто се однесувала на забрана на концентрација на моќ, односно дека целите на високото образование се остварувале преку демократски, инклузивен процес на одлучување којшто оневозможувал концентрација на моќ во овој случај во функцијата декан на факултетот.

Имено, и двата оспорени става на членот 10 од Деловникот дополнително ја зголемувале и непотребно ја концентрирале моќта на раководното лице на факултетот спротивно на наведените законски одредби.

Законот за високото образование и Статутот на УКЛО во ниту еден член, став или точка не налагале задолжително присуство на седници односно оправдано или неоправдано отсуство од седници на Наставно научниот совет(ННС) и затоа Деловникот како подзаконски општ акт не смеел да регулира нешто што било вон рамките на Законот. Посебно требало да се има во предвид дека со подзаконските општи акти се доразработуваат и се прецизираат законските одредби и истите не требало да наметнуваат нови обврски коишто не се регулирани со законските акти. Со подзаконски општи акти не можело да се засноваат нови овластувања (права) и обврски за субјектите освен оние кои веќе биле уредени со закон.

Подносителот на иницијативата наведува дека ја разбирал потребата и неминовноста на наставниот кадар согласно член 4 став 2 точка 12 од Законот за високото образование да учествува во планирањето, утврдувањето и развојот на вкупниот образовен систем (меѓу другото и со присуство на седници на ННС), но не на таков императивен начин предложен со ставовите 3 и 4 во предложениот деловник, посебно што апсолутно било недозволиво ненајавеното отсуство од седницата на ННС да биде третирано како ненајавено отсуство од работа.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд да ги поништи или укине ставовите 3 и 4 на членот 10 од Деловникот за работа на Наставно-научниот совет на Факултетот за туризам и угостителство-Охрид.

3. Судот на седницата утврди дека според член 10 став 3 од Деловникот за работа на Наставно-научниот совет на Факултетот за туризам и угостителство-Охрид, отсуството од седница на ННС се пријавува писмено или на службената мејл адреса на факултетот. Деканот го одобрува отсуството.

Според ставот 4 на истиот член, ненајавеното отсуство од седницата на Наставно-научниот совет значи и ненајавено отсуство од работа.

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Видно од содржината на Деловникот за работа на Наставно-научниот совет на Факултетот за туризам и угостителство-Охрид, со Деловникот се уредува начинот на работење на Наставно-научниот совет на Факултетот за туризам и угостителство – Охрид, а особено: подготовка и свикување на седниците, текот на седниците, одржување на редот на седниците, одлагање, прекин и крај (заклучување) на седниците, записник од седниците и работење на помошните тела (комисии) на Наставно-научниот совет.

Според Судот, Уставниот суд не е надлежен да ја оценува ниту уставноста, ниту законитоста на овој правен акт.

Ова од причини што поаѓајќи од карактерот на Деловникот, како акт со кој се уредува начинот на работење на Наставно-научниот совет на Факултетот за туризам и угостителсво – Охрид, произлегува дека истиот претставува интерен акт на Факултетот којшто има правно дејство само за вработените на Факултетот за туризам и угостителство-Охрид, а не за неограничен број на субјекти надвор од Факултетот, поради што не го задоволува критериумот на пропис согласно член 110 алинеја 2 од Уставот и како таков не подлежи на уставно-судска оцена.

Поради тоа, и оспорените одредби од Деловникот, како негов составен дел, не подлежат на уставно судска оцена.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека се настапени деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Никола Ивановски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.132/2019
22 јануари 2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати