Решение У.бр.1/2019 и У.бр.6/2019

У.бр.1/2019 и У.бр.6/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 202/2019), на седницата одржана на 22 јануари 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 233/2018), во целина.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на членот 2 од Законот означен во точката 1 на ова решение.

3. Адвокатот Сузана Јошевска-Анастасовска од Скопје и Светскиот македонски конгрес, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот за амнестија, во целина и посебно на членот 2 од Законот.

– Според адвокатот Сузана Јошевска-Анастасовска од Скопје, како подносител на првата иницијатива (предмет У.бр.1/2019), оспорениот член 2 од Законот бил спротивен на член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2 и на член 68 став 1 алинеја 18 од Уставот.

Според подносителот на иницијативата, оспорениот член 2 од Законот претпоставувал дека за лицата чии кривични постапки се во тек амнестијата важела само доколку истата биде побарана односно доколку лицето поднесе барање. Рокот во кој треба да биде побарана, според концептот на одредбата, бил преклузивен, односно доколку не се поднесе барање во наведениот рок, лицето го губи правото на амнестија.

Истото не важело за правосилно осудените лица, како и за лицата кои се на издржување казна затвор, затоа што за нив Законот не предвидел ниту задолжително барање, ниту рок во кој тоа треба да се поднесе, а немало рок ниту за институциите коишто тоа би го сториле по службена должност. Единствен рок, согласно ставот 5, како рок кој важи за сите ситуации од ставовите 3 и 4, бидејќи за ситуацијата од ставот 1 бил уреден рокот во ставот 2, бил рокот од 5 дена од денот на приемот на барањето (по службена должност) во кој судот кој ја донел првостепената одлука треба да донесе решение.

Оспорената одредба била во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот согласно кој владеењето на правото било определено како темелна вредност на уставниот поредок на Републиката.

Владеењето на правото меѓу другото, претпоставувало воспоставување на систем на норми коишто се јасни и прецизни и со кои граѓаните ќе можат на недвосмислен начин да ги остварат своите права и да ги извршуваат своите обврски коишто произлегуваат од законите. Истовремено, владеењето на правото значело и јасни одредби за постапување на државните и судските органи, за да се избегне можноста за дискрециони толкувања, нејаснотии во примената и спротивставености со веќе донесени закони. Владеењето на правото значело и дека законите ќе бидат во меѓусебна хармонија, односно не може еден закон да дерогира друг закон или да ја прави неговата примена невозможна.

Оспорениот член 2 од Законот бил нејасен, непрецизен, отворал можности за различни толкувања во неговата примена, дерогирал одредби од Законот за кривичната постапка и од Кривичниот законик и бил спротивен на целта на институтот амнестија. Со тоа се нарушувал концептот на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок.

Ставањето на обвинетото лице во ситуација да мора да преземе дополнително дејствие за да биде опфатено со амнестија било целосно спротивно на концептот на амнестија, која како акт на милост, се давала независно од волјата на тој кој го опфаќа.

Амнестијата како институт, по својата суштина и последици врз кривичниот прогон, била слична на институтот застареност на кривичниот прогон, имунитетот, помилувањето, укинувањето или промената на конкретен закон и сл., па кога ќе настапеле вакви околности, тие се применувале по службена должност, согласно правилото iura novit curia судот требало само да ги констатира независно од волјата на обвинетите и без да мора странките да се повикаат на тие околности.

Фактот што се барало од лицата против кои се води постапка самите да побараат амнестија бил во целосна спротивност со концептот на презумпција на невиност. Со ваквото определување, самите обвинети да бараат да бидат амнестирани и тоа во конкретен преклузивен рок, во спротивно го губат правото на амнестија, обвинетите се ставале во позиција самите да се откажат од уставно загарантираното право на фер судење и посредно да признаат дека се виновни. Основано се поставувало прашањето: зошто некој би поднел барање за амнестија ако не се чувствува виновен. Никој, ниту судот, ниту обвинителството, ниту јавноста не можел да ги знае точните интимни причини зошто лице против кое се води постапка би се одлучило да побара амнестија, но последиците од таквото барање оставале впечаток дека тоа лице не сака, одбива, се откажува да докаже во судска постапка дека е невино, па според тоа, истото било виновно, што не би бил случај доколку тој ја добие амнестијата по сила на закон, односно по службена должност.

Изборот, ако воопшто можело да се нарече избор, предвиден во оспорениот член од Законот бил спротивен на концептот на давање амнестија, која како политички чин или акт на милост не смеела да го предвиди овој избор.

Практичните проблеми и последици од влегувањето во сила на овој закон, доколку остане во сила оспорениот член 2, значеле дека за сите кои не поднеле барање во рокот кој е веќе истечен, немаат право да бидат амнестирани, иако теоретски, со оглед на тоа дека бил јавно достапен податокот дека Обвинителството за организиран криминал и корупција има отворено уште еден предмет којшто бил во предистражна постапка, можело да се јават и други лица кои согласно Законот се опфатени со амнестијата, а нема да можат да бидат амнестирани бидејќи оспорениот член наведувал преклузивен рок од 5 дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, во којшто може амнестијата да важи.

Со членот 2 од Законот за амнестија се дерогирале низа членови од Законот за кривичната постапка кои ја уредуваат амнестијата. Во сите овие членови, концептот на амнестија бил:

– Дека таа се носи со општ акт на Собранието на Републиката;
– Дека тој акт претставува правна пречка за продолжување на кривичното гонење;
– Дека јавниот обвинител и судот внимаваат на овој факт по службена должност и не биле врзани ниту зависни од какво било дејствие на обвинетиот, а уште помалку од барање во определен рок.

Имено, согласно членовите 288 и 304 од Законот за кривичната постапка, јавниот обвинител бил должен, по службена должност, да ја отфрли кривичната пријава односно да ја запре истражната постапка доколку делото за кое гони или лицето кое го гони е опфатено со амнестија. Со други зборови, јавниот обвинител не смее да продолжи со постапката и по службена должност мора да ја примени амнестијата.

Примената на оваа одредба од Законот за кривичната постапка била невозможна доколку остане во сила член 2 став 1 од Законот за амнестија за сите лица кои во преклузивниот рок не поднеле барање и со ова се погазувал во целост концептот на владеењето на правото и еднаквоста на граѓаните пред законот.

Истото се однесувало и на одредбата од членот 416 од Законот за кривичната постапка согласно која претставувало повреда на Кривичниот законик доколку е осудено лице за кое постојат околности согласно кои е исклучено кривично гонење, со децидно наведување на амнестијата како таква околност. На оваа линија била и одредбата од членот 403 од Законот за кривичната постапка согласно која судот мора да донесе одбивателна пресуда доколку настапиле околности согласно кои е исклучено кривичното гонење, со децидно наведување дека таква околност е амнестијата.

Согласно овие одредби, амнестијата претставувала правна пречка за носење на каква било пресуда освен одбивателна и на тоа судот внимавал по службена должност (бидејќи претставувала примена на материјално право) и на никаков начин не била врзана примената на овие одредби со дејствие кое треба обвинетиот да го преземе, а уште помалку со рокови во кои тоа мора да го преземе, во спротивно го губи правото.

Членот 2 од Законот за амнестија бил спротивен на член 9 став 2 од Уставот, бидејќи амнестијата правела разлика помеѓу лицата против кои се води постапка и истите ги ограничувала, односно определувала дека за да важи за нив амнестијата морале да поднесат барање, а лицата кои биле осудени, а не издржувале казна затвор немале обврска ниту рок да поднесат барање, ниту опасност дека за нив нема да важи законот.

Недоволната јасност и прецизност на оспоруваниот член 2 од Законот довел до нејаснотии во судската примена, а нејасно било и дали лицата кои нема да побараат амнестија во законски предвидениот рок, ќе можат подоцна, доколку бидат осудени, да ја побараат согласно ставот 2 на истиот член, бидејќи како што претходно било појаснето, за овие лица не постоел преклузивен рок. Нејаснотиите во одредбата и потешкотиите со кои се соочувал судот во нивната примена, го нарушувале принципот на владеењето на правото како уставно загарантирана темелна вредност и од тие причини овој член морало да биде укинат.

Членот 2 од Законот бил во спротивност и со член 68 став 1 алинеја 18 од Уставот, согласно кој е уредена уставната надлежност на Собранието на Републиката и е определено изречно дека Собранието дава амнестија.

Уставното право на Собранието да донесе закон со кој ќе опфати настан, категорија на казнени дела или категорија на лица за кои од определени, најчесто политички причини, се одлучува да даде амнестија, се изразувала во неговото безусловно давање милост, бидејќи милоста или се давала или не се давала, таа не можела да биде условена или ограничена со барање, а уште помалку со рокови. Со правото Собранието да, на некој начин интервенира во судската власт, тоа се ставало над обврската за казнивост, а тоа можело да биде остварено само доколку било изречно и дискреционо.

Со оспорениот член 2 од Законот за амнестија, преку определувањето дека обвинетото лице морало во преклузивен рок да побара амнестија инаку го губи правото, Собранието на Република Македонија ја губело наведената уставна улога, а со тоа и целта на амнестијата како институт се извитоперувала, па Собранието повеќе не носело закон со кој се ослободува од гонење, како што тоа се наведувало во членот 1 од Законот за амнестија, туку закон со кој се давала можност за ослободување од гонење, за којашто била предвидена процедура со барање, рокови и дискутабилни одлуки односно органи кои за тоа барање треба да одлучат.

Поради наведеното, се бара од Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 2 од Законот за амнестија и истиот да го поништи.

– Според Светскиот македонски конгрес, како подносител на втората иницијатива (предмет У.бр.6/2019), оспорениот Закон за амнестија не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 4, членот 9, членот 51, член 68 став 1 алинеја 17, членот 98 и членот 106 од Уставот.

Евидентно од членот 1 било дека со Законот за амнестија се ослободуваат од кривично гонење, се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор лицата за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година.

Членот 2 од Законот бил во спротивност со членот 1 од истиот закон, бидејќи вршел селекција кој за кое дело од настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година можел да се ослободи од кривично гонење а кој не, кому се запираат поведените кривични постапки, а кому не и кој целосно се ослободува од издржување на казната затвор, а кој не.

Членот 2 од Законот за амнестија бил во спротивност и со членот 9 од Уставот, бидејќи граѓаните на Република Македонија биле еднакви во слободите и правата пред Уставот и законите, а во случајов, законодавецот после дефинирањето на предметот за донесување на Законот во членот 1, веќе во членот 2 вршел селекција во помилувањето со што ги доведувал лицата за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година во нееднаква положба кон правата кои требало да се остварат со членот 1 од Законот за амнестија.

Законот за амнестија бил во спротивност и со член 68 став 1 алинеја 17, членот 98 и членот 106 од Уставот.

Собранието дава амнестија и не можело да ја делегира амнестијата на судот, ниту амнестијата можела да зависи од мислењето на обвинителството, тоа било недозволиво и не било во согласност со Уставот.

Судот немал надлежност да амнестира како што тоа било утврдено со членот 2 од Законот за амнестија. Надлежноста на судовите била уредена со членот 98 од Уставот.

Јавното обвинителство немало надлежност да дава мислење за спроведување на постапка за амнестија, како што тоа било утврдено со членот 2 од Законот за амнестија. Амнестијата не зависела од волјата односно мислењето на јавното обвинителство. Надлежноста на јавното обвинителство била уредена со членот 106 од Уставот.

Амнестијата се спроведувала по службеност, за делата или настанот утврдени со Законот за амнестија. За жал, со Законот за амнестија немало службеност во спроведувањето на Законот, туку по барање на засегнатите странки – лицата против кои се водат постапки на кривично гонење или се на издржување на казна затвор поради основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година. Поради тоа, членот 2 од Законот бил во спротивност со член 68 став 1 алинеја 17 од Уставот.

Законот за амнестија не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 4 од Уставот. Ова од причини што со Законот се кршеле основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, затоа што ги правел граѓаните нееднакви пред Уставот и законите за ист настан. Се нарушувало владеењето на правото, бидејќи правдата станувала дефектна и селективна. Се вршел судир на законодавната со извршната и судската власт, затоа што Собранието, спротивно на Уставот, со Законот за амнестија ја пренело својата надлежност во надлежност на судовите и јавното обвинителство по прашањето за амнестија.

Оттука, бидејќи Законот за амнестија бил во спротивност со наведените уставни одредби, произлегувало дека бил во спротивност и со членот 51 од Уставот.

Имајќи го предвид наведеното, подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд да го поништи Законот за амнестија, бидејќи претставувал корупција. Владата јавно изјавила дека Законот за амнестија се донесува за да се амнестираат пратениците кои сториле кривични дела, со цел да гласаат за измена на Уставот со којашто се врши промена на името на државата Македонија во држава Северна Македонија.

До донесување на конечната одлука, на Уставниот суд му се предлага да донесе решение за времена мерка со запирање од извршување на поединечните акти или дејствија.

Исто така, се предлага Уставниот суд да одржи подготвителна и јавна седница по иницијативата, во најитен можен рок, на која да биде поканет претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров.

4. Судот на седницата утврди дека Законот за амнестија има пет члена, и тоа:

Член 1

(1) Со овој закон се ослободуваат од кривично гонење, се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор (во натамошниот текст: „амнестија”) лицата за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година.
(2) Со амнестија од ставот (1) на овој член се:
– ослободуваат од кривично гонење според Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија лицата за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со собраниските настани од 27 април 2017 година,
– запираат кривичните постапки за кривични дела според Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија против лица осомничени и обвинети, а во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело до денот на влегувањето во сила на овој закон,
– ослободуваат од извршување на казна условна осуда и се ослободуваат од издржување на казната затвор лицата кои сториле кривични дела според Кривичниот законик и друг закон на Република Македонија, а во врска со настаните од Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година, а кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале со извршување на казната условна осуда или издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во Република Македонија.
(3) Одредбите од ставот (2) алинеи 1, 2 и 3 на овој член не се однесуваат за лица осомничени, обвинети, правосилно осудени како и лица кои издржуваат казна затвор за настаните поврзани и во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година за кои постои основано сомнение дека учествувале во подготвување или организирање на настаните во Собранието на Република Македонија или се правосилно осудени, а кои до денот на влегувањето во сила на овој закон сториле кривично дело „Здружување заради непријателска дејност” од членот 324 став 1 од Кривичниот законик, лица со прикриен идентитет кои употребиле физичка сила, лица кои сториле насилство, лица кои неовластено носеле оружје или распрскувачки материјали и лица кои постапиле спротивно на службените овластувања при вршење на кривичното дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста” од членот 313 од Кривичниот законик, кривичното дело „Убиство” од членот 123 од Кривичниот законик, кривичното дело „Насилство” од членот 386 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија” број 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/11, 135/11, 185/11, 142/12, 166/12, 55/13, 82/13, 14/14, 27/14, 28/14, 41/14, 115/14, 132/14, 160/14, 199/14, 196/15, 226/15 и 97/17).
(4) Овој исклучок не се однесува на сторители на кривичното дело „Насилство” од членот 386 од Кривичниот законик, како и сторители на кривичното дело „Здружување заради непријателска дејност” од членот 324 од Кривичниот законик во врска со членовите 18, 19, 23 и 24 од Кривичниот законик.
(5) Се определува бришење на осудата и се укинува правната последица на осудата заклучно со денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 2

(1) Постапката за примена на овој закон за лицата против кои е во тек кривична постапка, се поведува по барање на осомниченото, обвинетото и осуденото лице.
(2) Барањето од ставот (1) на овој член се поднесува во рок од 5 (пет) дена од денот на влегувањето во сила на овој закон, до првостепениот суд пред кој се води постапката, кој го носи решението во рок од 5 (пет) дена по приемот на барањето доколку се исполнети условите од овој закон, а по претходно прибавено мислење од надлежен јавен обвинител.
(3) Постапката за примена на овој закон за лицата кои се правосилно осудени, а кои не отпочнале со издржување на казната затвор, по службена должност ја поведува надлежниот првостепен суд што ја донел пресудата, по барање на надлежниот јавен обвинител, по барање на осуденото лице или лице кое во корист на обвинетиот може да изјави жалба.
(4) Постапката за примена на овој закон за лицата кои се правосилно осудени и се на издржување на казната затвор, по службена должност ја поведува казнено-поправната установа во која осуденото лице ја издржува казната затвор.
(5) Решението за амнестија според одредбите од овој закон го донесува судот што ја донел првостепената одлука, во рок од пет (5) дена од денот на приемот на барањето.

Член 3

(1) Против решенијата од членот 2 од овој закон жалба можат да поднесат лицата на кои се однесува амнестијата и лицата кои во нивна корист можат да изјават жалба во рок од три (3) дена.
(2) По жалбата против решението на првостепениот суд одлучува непосредно повисокиот суд, во рок од три (3) дена.

Член 4

Доколку со овој закон не е поинаку определено, во постапката за спроведување на овој закон се применуваат одредбите од Законот за кривична постапка и Законот за извршување на санкциите.

Член 5

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

5. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Во согласност со член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд веќе ја ценел уставноста на членовите 1 и 2 од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 233/2018). Притоа, со Решение У.бр.100/2019 од 04.12.2019 година, Судот оценил дека не може основано да се постави прашањето за согласноста на овие одредби со Уставот, поради што не повел постапка за оценување на нивната уставност.

Во наведеното решение Судот оценил:

„Од анализата на оспорените одредби од Законот за амнестија произлегува дека законодавецот јасно и прецизно определил што е предмет на амнестијата, дека се ослободуваат од кривично гонење, се запираат поведените кривични постапки и целосно се ослободуваат од издржување на казната затвор лицата за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело поврзано со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година, како што е тоа детално пропишано во ставот 2 од членот 1 од Законот за амнестија и со овој закон во ставот 3 е пропишан исклучокот за лицата и кривичните дела подробно опишани, кои законодавецот не ги опфатил со амнестијата и се исклучени од ова право, што претставува негово уставно овластување и слобода да ги утврди елементите и границите на амнестијата. Ова со оглед на тоа што не постои уставна определба дека амнестијата мора да биде општа во смисла да се однесува на сите кривични дела, како што всушност се бара со иницијативата, туку законодавецот има уставно овластување да определи за кои кривични дела ќе даде амнестија, бидејќи законодавецот ја димензионира рамката на амнестијата.

Притоа, треба да се има предвид дека со определувањето на амнестијата во зависност од видот на кривичните дела, сторителите на тие определени кривични дела се ставаат во еднаква правна положба, без оглед на полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, со што е запазено начелото на еднаквост на граѓаните пред Уставот и законите.

Во Законот за амнестија, законодавецот го детерминирал видот на амнестијата, а прашањето од гледиштето на Уставот не е дали Уставниот суд или некој друг, смета дека треба или не треба, токму лицата опфатени со Законот да бидат амнестирани, да не бидат амнестирани или и други да бидат амнестирани, (Уставниот суд не може да се стави на местото на Собранието и да ја врши неговата улога), туку дали имало уставно овластување Собранието за тоа што го направило или немало. Оттука, прашањето со кое се проблематизира зошто некои сторители на кривични дела немаат право на амнестија, а други имаат, според Судот е неосновано, затоа што не постои право на амнестија на граѓаните за да се стават во контекст на еднаквост, туку постои прерогатив за давање амнестија.

Имајќи го предвид погоре наведеното, уставното овластување Собранието да дава амнестија, кое истовремено подразбира и негово право да го определи степенот односно за кои се однесува и за кои не се однесува амнестијата во контекст на пропишаното во Законот и да ја одреди категоријата на лицата кои ќе бидат опфатени со амнестијата, односно лицата на кои амнестијата нема да се однесува, пред Судот не може да се постави прашањето за согласноста на оспорените одредби од Законот за амнестија, со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот со иницијативата.

Од аспект на постапката за примена на овој закон, со членот 2 е пропишано како се поведува постапката, при што самата постапка за лицата против кои е во тек кривичната постапка се поведува по барање на тие лица, кое се поднесува во рок од 5 дена од влегување во сила на овој закон, до првостепениот суд пред кој се води постапката кој донесува решение за амнестија доколку се исполнети условите од овој закон, а по претходно прибавено мислење од надлежен јавен обвинител. Лицата кои се правосилно осудени, а кои не отпочнале со издржување на казна затвор, по постапката по службена должност ја поведува надлежниот првостепен суд што ја донел пресудата, по барање на надлежен јавен обвинител, по барање на осудено лице или лице кое во корист на обвинетиот може да изјави жалба, а постапката за лицата кои се правосилно осудени и се на издржување на казна затвор, се поведува по службена должност од страна на казнено-поправната установа во која осуденото лице ја издржува казната затвор.

Одредбите од Законот коишто се однесуваат за начинот на поведување на постапката за давање амнестија зависно од положбата на лицата во кривичната постапка, со третирање на надлежен суд, јавен обвинител и казнено-поправната установа во која осуденото лице ја издржува казната затвор, а во контекст со целината на Законот, не пропишува помали права на едни наспрема други на тие лица кои ги исполнуваат условите за амнестија, а од друга страна овие одредби неспорно имаат за цел брзо и ефикасно спроведување на постапката.

На овој начин, со одредбите од Законот за амнестија се обезбедува ефикасност и економичност во остварување на амнестијата кон лицата за кои Законот е донесен, а случаите на евентуално нееднаков третман на некое или некои од лицата кои припаѓаат на категоријата опфатена со Законот за амнестија е фактичко прашање, односно прашање од сферата на примена на Законот во кој истовремено се уредени правни средства за заштита на правните интереси за добивање амнестија.

Со оглед на наведеното, и за одредбите од членот 2 од Законот за амнестија коишто се однесуваат на постапката за примена на овој закон, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за несогласност со Уставот, од аспект на наводите во иницијативата.“

Со иницијативите кои се сега предмет на разгледување, се оспорува уставноста на Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 233/2018), во целина и посебно на членот 2 од Законот.

Оспорениот закон има пет члена.

За членовите 1 и 2 од Законот, со кои се определува предметот на амнестија (за кои кривични дела се однесува амнестијата) и постапката за примена на Законот, Судот веќе се произнел и оценил дека нема основи за поведување на постапка за оценување на нивната уставност. Со оглед дека нема основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативите во однос на оспорениот член 2 од Законот.

Со членот 3 од Законот се уредува правната заштита на лицата на кои се однесува амнестијата (кој може да поднесе жалба и во кој рок, и кој суд одлучува по жалбата и во кој рок).

Во членот 4 од Законот се пропишува дека доколку со овој закон не е поинаку определено, во постапката за спроведување на овој закон се применуваат одредбите од Законот за кривична постапка и Законот за извршување на санкциите.

Со членот 5 се утврдува денот на влегувањето во сила на Законот.

Од анализата на наведените три члена од Законот произлегува дека истите се во функција на операционализација на членовите 1 и 2 од Законот, со кои се определува предметот на амнестијата и постапката за примена на Законот, поради што несомнено ја следат правната судбина на овие два члена. Поради наведеното, Судот оцени дека и за овие три члена (членовите 3, 4 и 5) од Законот, исто како и за членовите 1 и 2, не може основано да се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

Оттука, барањето во иницијативата за оценување на уставноста на целината на Законот за амнестија, според Судот, е неосновано.

6. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, Никола Ивановски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.1/2019
У.бр.6/2019
22 јануари 2020 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати