Соопштение

Соопштение по повод средбата на претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати со претседателот на Европскиот суд за човекови права, г-дин Сицилианос и учество на Свеченото отварање на судиската година на Европскиот суд на човекови права

Делегација на Уставниот суд на Република Северна Македонија, предводена од претседателот на Судот, Сали Мурати, судијата Јован Јосифовски и советникот Лариса Милевскa, од 29.01.2020 до 01.02.2020 година, присуствуваше на Свеченото отварање на судиската година на Европскиот суд на човекови права и на Семинарот одржан по тој повод во Стразбур, Република Франција.

Претседателот на Судот, Сали Мурати со останатите членови на Делегацијата, на 30 јануари 2020 година, оствари работна средба со претседателот на Европскиот суд за човекови права, г-дин Линос-Александре Сицилианос. На средбата присуствуваа и судијата на Европскиот суд од Република Северна Македонија, г-дин Јован Илиевски и г-дин Родерик Лидел, регистратор на Европскиот суд.

На средбата, претседателот на Судот, Сали Мурати, се заблагодари од негово лично име и од името на Уставниот суд, за одржувањето на оваа средба, која е прва официјална средба во последниве неколку години и воедно упати покана до претседателот на Европскиот суд, г-дин Сицилианос да го посети Уставниот суд на Република Северна Македонија со цел продлабочување на соработката и размена на мислења и искуства помеѓу двата суда.

Претседателот на Судот, Сали Мурати, го запозна претседателот на Европскиот суд, Сицилианос, за работата и надлежностите на Уставниот суд и предизвиците со кои се соочува Судот и се од огромно значење за кредибилитетот на Судот и неговите секојдневни активности. Покрај ова, ја истакна потребата од финансиска, функционална и административна независност на Судот со цел воздигнување на статусот на Судот и уставните судии.

На средбата се нагласи потребата од воведување на уставна жалба како битен инструмент со кој би се зголемил корпусот на човековите права и слободи кои би биле под уставно-судска заштита. Во оваа насока, претседателот на Судот, Сали Мурати ја искажа потребата од донесување на Закон за Уставниот суд, кој сега е во нацрт-верзија и е во рамките на европските стандарди. Ова од причина што Судот во моментот го применува Деловникот на Судот кој е донесен во 1992 година и истиот не регулира многу спорни прашања, а од друга страна, од член 110 алинеја 3 од Уставот може да се констатира дека се заштитуваат само одредени права и слободи на човекот и граѓанинот.

Во контекст на заштитата на човековите слободи и права, претседателот на Судот, Сали Мурати, врз основа на статистичките податоци од работењето на Судот, направи споредба со бројот на поднесени и решени барања за заштита на човековите слободи и права пред Уставниот суд, кои се во мал број во споредба со огромниот број на примени апликации против Република Северна Македонија пред Европскиот суд за човекови права, при што се констатираше дека оваа разлика е резултат на уставните и деловничките ограничувања на Уставниот суд за постапување по барањата за заштита на човековите слободи и права.

Во оваа насока, претседателот на Судот, Сали Мурати побара помош и поддршка од Европскиот суд за човекови права и неговите инструменти во донесувањето на Закон за Уставниот суд, а за воведување на уставната жалба, едукација на стручниот кадар во примената на уставната жалба со цел заштитата на човековите слободи и права да биде ефикасна, благовремена и во согласност со одлуките донесени од Европскиот суд за човекови права.

Претседателот на Европскиот суд за човекови права, г-дин Сицилианос, го искажа своето задоволство за одржувањето на оваа официјална работна средба која е од огромно значење за соработката на двата суда и исто така, истакна дека по поминувањето на сите филтри во однос на донесувањето на Закон за Уставниот суд и воведување на уставна жалба во нашата држава, како и филтерот пред Венецијанската комисија, Европскиот суд за човекови права со своите капацитети ќе ја даде својата поддршка во оваа насока. Исто така, посочи дека е корисно што лично и директно од претседателот на Судот, Сали Мурати, ги осознал актуелните состојби со кои се соочува Уставниот суд и ја искажа својата подготвеност овие проблеми да бидат разгледани од нивна страна и во иднина ќе се залагаат за намалување на проблемите со кои се соочува Уставниот суд.

На Семинарот на тема: „Европската Конвенција за човекови права: 70 години жив инструмент”, на кој присуствуваа претседатели и судии на уставни и врховни судови од светот, беа елаборирани следниве теми: „Жив инструмент: развојна доктрина“, „Родова еднаквост“, „Животна средина“ и „Наука и технологија“.

На крајот, за време на престојот на делегацијата на Уставниот суд, беа остварени средби со претставници на повеќе европски уставни судови и од светот, како и со судии на Европскиот суд за човекови права, во насока на продлабочување на досегашните билатерални соработки, како и остварување на нови соработки помеѓу судовите, во однос на надминување на предизвиците со кои се соочуваат уставните судови и изнаоѓање на решенија по прашањата од уставно-судска надлежност.