Решение У.бр.104/2019

У.бр.104/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 15 јануари 2020 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 104 став 5 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ број 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015 и 97/2017).

2. Христијан Георгиевски, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 104 став 5 од Кривичниот законик не бил во согласност со член 8 став 1 и 3, членот 9, членот 18, членот 33, членот 51 и член 52 став 4 од Уставот на Република Северна Македонија.

Во понатамошниот текст од иницијативата, подносителот ги цитира одредбите од член 8 ставови 1, 3, 4 и 11, член14, член 50 и член 51 од Уставот.

Имено, според подносителот со оспорениот член од Законикот постоело врзување, односно нераскинлива врска помеѓу повеќе осуди на исто лице- осуденик, независно од нивниот вид и висина и независно од временскиот период кога истите биле изречени.

Подносителот на иницијативата смета дека никој, па дури ни законодавецот не смее да го ограничува судот и слободното судиско убедување во делот на оценувањето кои околности се важни за изборот и одмерувањето на кривичната санкција. Оттука, според наводите во иницијативата, зависел периодот и начинот на бришење и рехабилитација како можност на осуденикот да ги отстрани од себе правните последици, од осудата, имајќи го предвид неговото поведение по сторувањето на кривичното дело, околностите за надомест на штета, за враќање на имотната корист, како и други околности од значење за таквата одлука, а имајќи предвид дека товарот на осудата како сидро со иницираниот член можел да го следи осуденикот цел живот.

Од друга страна пак, според иницијативата, ако едно лице било осудено и ја имал завршено казната, која би била социјалната оправданост таа осуденост пак да му се сметала доколку стори ново кривично дело и која би била целта и принципот на ресоцијализацијата и реституцијата во конкретнава правна ситуација.

Од наведените причини се предлага Уставниот суд да утврди неуставност на оспорениот член 104 став 5 од Кривичниот законик и истиот да го отстрани од правниот поредок.

3. Судот на седницата утврди дека членот 104 од Кривичниот законик гласи:

Член 104
ЗАКОНСКА РЕХАБИЛИТАЦИЈА

“(1) Осудата за изречената алтернативна мерка освен условна осуда и осудата со која сторителот на кривичното дело е ослободен од казна се бришат од казнената евиденција ако осудениот во рок од една година од денот на правосилноста на судската одлука не стори ново кривично дело.
(2) Условната осуда се брише од казнената евиденција по една година откако ќе помине времето за проверка ако за тоа време осудениот не стори ново кривично дело.
(3) Осудата на парична казна и казната забрана на управу­вање со моторно возило, изречена како единствена казна, се брише од казнената евиденција кога ќе поминат три години од денот на извршената, застарената или простената казна ако за тоа време осудениот не стори ново кривично дело.
(4) Осудите на затвор до три години и на малолетнички затвор се бришат од казнената евиденција кога ќе поминат пет години од денот на издржаната, застарената или простената казна ако за тоа време осудениот не стори ново кривично дело.
(5) Повеќе осуди на исто лице можат да се бришат од казнената евиденција само истовремено и тоа ако постојат услови за бришење на секоја од тие осуди (оспорен став).”

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 11 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото, поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Според членот 14 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна. Никој не може да биде повторно суден за дело за кое веќе бил осуден и за кое е донесена правосилна судска одлука.

Со членот 50 од Уставот се предвидува дека:

„Секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност.

Се гарантира судска заштита на законитоста на поединеч­ните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Граѓанинот има право да биде запознат со човековите права и основни слободи и активно да придонесува, поединечно или заедно со други за нивно унапредување и заштита.”

Согласно членот 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите .

Оспорениот член 104 од Кривичниот законик е поместен во Глава деветта од Кривичниот законик кој што го разработува институтот рехабилитација. Имено, членот 103 од наведениот законик го обработува општиот поим на рехабилитацијата, а членот 104 ја уредува законската рехабилитација, додека пак, членот 105 од Кривичниот законик ја уредува судската рехабилитација.

Членот 103 од Кривичниот законик предвидува дека рехабилитацијата на осудено лице може да настапи по сила на закон (законска рехабилитација) или врз основа на судска одлука (судска рехабилитација). Рехабилитацијата значи предвремен престанок на казните што се состојат во забрани и на казната протерување странец од земјата и правните последици од осудата и бришење на осудата од казнената евиденција. Рехабилитираното лице се смета за неосудувано, а податоците за бришаната осуда не се даваат никому. Со рехабилитацијата не се допира во правата на трети лица кои се засноваат врз осудата.

Оспорениот член 104 од истиот законик предвидува дека:

(1) Осудата за изречената алтернативна мерка освен условна осуда и осудата со која сторителот на кривичното дело е ослободен од казна се бришат од казнената евиденција ако осудениот во рок од една година од денот на правосилноста на судската одлука не стори ново кривично дело.
(2) Условната осуда се брише од казнената евиденција по една година откако ќе помине времето за проверка ако за тоа време осудениот не стори ново кривично дело.
(3) Осудата на парична казна и казната забрана на управу­вање со моторно возило, изречена како единствена казна, се брише од казнената евиденција кога ќе поминат три години од денот на извршената, застарената или простената казна ако за тоа време осудениот не стори ново кривично дело.
(4) Осудите на затвор до три години и на малолетнички затвор се бришат од казнената евиденција кога ќе поминат пет години од денот на издржаната, застарената или простената казна ако за тоа време осудениот не стори ново кривично дело.
(5) Повеќе осуди на исто лице можат да се бришат од казнената евиденција само истовремено и тоа ако постојат услови за бришење на секоја од тие осуди (оспорен став).”

Тргнувајќи од анализата на цитираните уставни одредби, одредбите кои што ја уредуваат рехабилитацијата, а посебно од анализата на оспорениот член 104 од Кривичниот законик, поточно ставот 5 од истиот е предмет на уставно-сдска анализа на овој реферат, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за неговата согласност со одредбите од Уставот на кои се укажува во иницијативата.

Имено, според Судот, рехабилитацијата во најопшта смисла претставува враќање во поранешниот правен статус и како таква претставува трансцендентален поим што го протегнува начелото на ресоцијализација во подрачјето на правната положба на осудениот по издржаната, застарената или простена казна или друга санкција. Оттука, и појавата на овој институт може да се поврзе со јакнењето на позицијата на идејата на ресоцијализацијата во современото казнено право.

Според постојното законско решение рехабилитацијата е повторно воспоставување на статусот на неосудуваност на осудениот како граѓанин и бришење на неговата осуда. Поранешниот статус на неосудуваност се воспоставува со поништување на дополнителното негативно дејство на осудата во вид на различни правни ограничувања по нејзината правосилност или по извршената, застарената или простената казна и со бришење на самата осуда од казнената евиденција, така што осудуваното лице има право да се смета како неосудувано. Се работи, според тоа, за институт што е на линијата на начелото на ресоцијализација таа е од една страна награда за доброто однесување на осудениот по осудата, а од друга страна превентивна мерка што го забрзува и олеснува процесот на неговата социјална интеграција и влијае тој во иднина да се одврати од вршење казнени дела.

Исто така, според Судот, рехабилитацијата не е акт на милост, туку напротив право на осудениот да биде рехабилитиран ако во определено време не стори ново казнено дело.

Законската рехабилитација која што се уредува со членот 104 од Кривичниот законик, се состои во бришење на осудата од казнената евиденција по сила на закон по протекот на определен рок од правосилноста на пресудата, односно од денот на издржаната, застарената или простената казна, ако осудениот во законски опреде­лениот рок не стори ново казнено дело. Бришењето на осудата повлекува и престанок на сите правни последици од осудата, како и на изречените казни што се состојат во забрани( забрана на вршење професија, дејност или должност и забрана за управување со моторно возило), или казната протерување странец од земјата.

Основно и главно правило е што законската рехабилитација е ограничена исклучиво на полесни осуди, од кои најтешка е осудата на казна затвор до три години и малолетнички затвор.

По однос на оспорениот став 5 од членот 104 од Кривичниот законик каде се предвидува дека повеќе осуди на исто лице можат да се бришат од казнената евиденција само истовремено и тоа ако постојат услови за бришење на секоја од тие осуди, Судот оцени дека истиот не е во спротивност со одредбите од Уставот и со него не се повредуваат темелните вредности на уставниот поредок предвидени во член 8 став 1 алинеи 1, 3, 4 и 11 од Уставот, односно не се повредува темелната вредност на владеењето на правото ниту поделбата на власта на законодавна, извршна и судска, од причина што станува збор за бришење на осуди ex lege и се однесува на исто лице осудено со повеќе судски одлуки и Законот изречно дефинира дека сите судски одлуки се бришат истовремено доколку се исполнети условите за бришење на секоја поединечна одлука кога ќе истече најдолгиот рок неопходен за исполнување на условот за истовремено бришење на осудите. Со други зборови е неопходно потребно во целост осуденото лице да биде “чисто“ и да бидат отстранети сите правни пречки со што би се овозможило исполнување на законските услови предвидени во целината на членот 104 од Кривичниот законик (што значи дека оспорениот став 5 не може да се анализира надвор од концептот на останатите ставови од истиот член), за примена на институтот законска рехабилитација, поради што всушност истиот и се разликува од судската рехабилитација, со сите параметри и предуслови утврдени во членот 103 од Кривичниот законик.

Поточно, оспорениот став 5 од членот 104 од Кривичниот законик не може да се гледа и анализира вон останатите ставови на овој член од причина што и во нив се предвидени услови за бришење на осудата, што значи дека и овој оспорен став кој што уредува истовремено бришење на повеќе осуди се заснова на истиот концепт.

Бришењето на осудата кога се исполнети условите за законска рехабилитација го врши судот надлежен за водење на казнената евиденција по службена должност со решение, а доколку судот не донесе такво решение, осуденото лице може да бара да се утврди дека бришењето на осудата настапило според одредбите од Законот за кривичната постапка.

Од овие причини произлегува дека оспорената одредба од Кривичниот законик е во согласност со Уставот, како и со Конвенцијата за заштита на човековите права и основни слободи и упатува на почитување и заштита на правата и слободите.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.104/2019
15.01.2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати