Одлука У.бр.72/2019

У.бр.72/2019-1

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Северна Македонија и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија” број 202/2019), на седницата одржана на 15 јануари 2020 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 9 став 2 во делот: „наградата” од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите, донесена од министерот за правда, број 21-648/7 од 07.02.2019 година, („Службен весник на Република Македонија” број 32/2019).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Северна Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Бобан Богдановски, адвокат од Скопје, со Решение У.бр.72/2019 од 13 ноември 2019 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на делот на одредбата од актот, означен во точката 1 од Одлуката, затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за неговата уставност и законитост.

4. Судот на седницата утврди дека член 9 став 2 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите, донесена од министерот за правда, број 21-648/7 од 07.02.2019 година, („Службен весник на Република Македонија” број 32/2019), уредува дека: „кога извршувањето е запрено по барање на доверителот или извршната исправа е правосилно укината, преиначена, поништена или ставена вон сила, надоместокот за обработка на предметот, цената на извршните дејствија и наградата ги плаќа доверителот, а како оспорен со иницијативата се утврди делот: „наградата” од член 9 став 2 од Тарифата.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Согласно член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите. (став 2)

Во Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија” број 72/2016, 142/2016 и 233/2018) е содржан членот 46 со наслов „награда и надоместок на трошоци за работа на извршителот”.

Со став 1 алинеи 1 и 2 на членот 46 од Законот, се утврдени видот на трошоците коишто извршителот има право да ги наплати за дејствијата коишто ги извршил во извршната постапка, а тоа се:

– надоместок за обработка на предмет, трошоци и спроведени дејствија и
-награда за реализација на извршната исправа во согласност со Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителот. Наградата за делумна или целосна реализација на извршната исправа извршителот ја наплаќа од должникот во текот на извршувањето.

Членот 9 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите („Службен весник на Република Македонија” број 32/2019), уредува дека:

(став 1) Кога извршната исправа е реализирана должникот ги плаќа надоместокот за обработка на предметот, цената на извршните дејствија, наградата на извршителот за извршените дејствија, реалните трошоци и такси.
(став 2) Кога извршувањето е запрено по барање на доверителот или извршната исправа е правосилно укината, преиначена, поништена или ставена вон сила, надоместокот за обработка на предметот, цената на извршните дејствија и наградата ги плаќа доверителот.

Од содржината на членот 9 од Тарифата произлегува дека со истиот се уредени случаите во кои должникот ги плаќа трошоците на извршителот кога извршната исправа е реализирана и случаите во кои доверителот ги плаќа трошоците на извршителот, вклучително и наградата, кога на негово барање извршувањето е запрено или извршната исправа е правосилно укината, преиначена, поништена или ставена вон сила.

Оттука, според уредувањето во членот 9 од предметната тарифа, произлегува дека извршителот има право да наплати трошоци на име награда, и во случај на реализирана извршна исправа (ставот 1), а и во случај на запрено извршување во опфатените случаи (ставот 2).

Доносителот на оспорениот акт (Министерството за правда) во доставениот одговор по повод поведената постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот дел содржан во членот од Тарифата, наведе дека член 9 став 2 и оспорениот дел „наградата” од Тарифата бил во согласност со член 46 став 1 алинеја 2 од Законот за извршување, бидејќи истиот пропишувал дека наградата за реализација на извршната исправа може да се однесува на делумна или целосна реализација на извршната исправа, поточно дека извршителот има право на награда во зависност од степенот на реализација на извршната исправа. Така доколку извршителот само делумно ја реализирал извршната исправа имал право на награда само во висина на делот од реализираната извршна исправа. Како следело реализирањето на извршната исправа, така извршителот сразмерно ја наплатувал и наградата во зависност од степенот на реализација на извршната исправа.

Понатаму се наведува дека со барањето за извршување располагал доверителот, така што тој доколку немал интерес за спроведување на извршувањето, извршителот по негово барање ќе го запрел извршувањето. Во тој случај доколку на извршителот му следувало дел од наградата сразмерно на степенот на реализација на извршната исправа, истиот според одредбата од член 9 став 2 од Тарифата, имал право да ја наплати наградата од доверителот по чие барање било запрено извршувањето.

Истото се однесувало и за случаите кога извршната исправа била правосилно укината, преиначена, поништена или ставена вон сила, со што доверителот во наведените случаи, покрај надоместокот за обработка на предметот и цената на извршните дејствија, на извршителот бил обврзан да му плати и награда, меѓутоа тоа не значело дека извршителот наплатувал награда за нереализирана извршна исправа, туку наплатувал награда само во делот на дотогаш реализираната извршна исправа сразмерно на степенот на реализација.

Наведеното, пред се од причини што извршната исправа не по вина на извршителот кој го спроведувал извршувањето по барање од доверителот, можело во кој било стадиум на извршувањето да биде правосилно укината, преиначена, поништена или ставена вон сила, за што извршителот кој го спроведувал извршувањето не требало да трпи штета заради тоа што извршната исправа била манлива, односно не биле исполнети законски услови за нејзината извршност. Одговорноста за тоа била на доверителот кој поднел барање за извршување на таква извршна исправа, со што повторно се напоменува дека во такви случаи, извршителот не ја наплатувал наградата во целост за нереализираната извршна исправа, туку имал право на награда само во делот на реализираната извршна исправа.

Од погоре наведеното, доносителот на Тарифата смета дека пропишувањето во член 9 став 2 и неговиот оспорен дел „наградата” од Тарифата бил во согласност со членот 46 од Законот за извршување.

Судот, го имаше во предвид доставениот одговор, како и објаснувањето во однос на тоа, што всушност значело пропишувањето на оспорениот дел од член 9 став 2 од Тарифата, односно дека пропишувањето не значело дека доверителот бил во обврска да плати награда и за нереализирана извршна исправа, туку дека во зависност од степенот на реализација на извршната исправа во наброените случаи, тој плаќал награда за делумна реализација на извршната исправа, меѓутоа Судот оцени дека истото не влијае по однос на правната и фактичка состојба утврдена во решението за поведување на постапка од следните причини:

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Од содржината на член 46 став 1 алинеи 1 и 2 од Законот за извршување, произлегува дека со истиот се регулираат случаите во кои доверителот успеал да го реализира побарувањето од извршната исправа во дел или во целост, при што наградата и надоместокот на трошоци за работа на извршителот, се наплатуваат од должникот.

Соодветно на ова законско уредување е пропишувањето во член 9 став 1 од Тарифата во кој се пропишува дека кога извршната исправа е реализирана должникот ги плаќа надоместокот за обработка на предметот, цената на извршните дејствија, наградата на извршителот за извршените дејствија, реалните трошоци и такси.

Меѓутоа, за пропишувањето во ставот 2 на членот 9 од Тарифата, конкретно неговиот оспорен дел „наградата”, според Судот, не може да се каже дека тоа пропишување кореспондира, односно произлегува од член 46 став 1 алинеи 1 и 2 од Законот, со кои одредби во суштина се уредува обврска за должникот да му плати на извршителот награда и надоместок на трошоци за работа на извршителот, односно тоа уредување, се однесува на случаи на целосна реализација на извршна исправа, за што должникот плаќа награда за целосна реализација, како и за случаи на реализација на извршната исправа во дел, за што должникот плаќа награда за делумна реализација.

Доверителот има право и може да се откаже од дореализација на извршната исправа, но да останува на претходно реализираното во дел, така што за должникот според член 46 став 1 алинеја 2 од Законот, стои обврска за плаќање на награда на извршителот за делумна реализација на извршната исправа.

Исто така, доверителот има право во целост да се откаже од извршувањето на извршната исправа, па доколку дошло до делумна реализација на извршната исправа, неспорно дека за него произлегува обврска да ја плати и наградата на извршителот во зависност од степенот на реализација на извршната исправа, а и да го врати на должникот она што делумно било извршено.

Имено, согласно член 29 од Законот за извршување, доверителот има право поднесеното барање за извршување во целост или делумно да го повлече и потоа да поднесе ново барање. Меѓутоа, во согласност со општо прифатените процесно правни принципи, Законот не дозволува повлекувањето на барањето да биде на штета на должникот. Затоа, Законот одредува дека, ако извршувањето е започнато, а повлекувањето на барањето за извршување од страна на доверителот предизвика штета за должникот, штетата е должен да ја надомести доверителот.

Оттука, во вакви случаи, поконкретно во случаи кога доверителот нема интерес за спроведување на извршувањето, извршителот по негово барање ќе го запре извршувањето. Доколку извршителот реализирал дел од извршната исправа, реално на извршителот му следува дел од наградата сразмерно на степенот на реализација на извршната исправа, и реално доверителот истата треба да ја плати на извршителот. Но, доколку воопшто не дошло до започнување на реализација на извршната исправа, реално, награда не му следува на извршителот.

Истото и во однос на случаите во кои извршителот го запрел извршувањето поради правосилно укинување, преиначување, поништување или ставање вон сила на извршната исправа, во кои случаи доколку ваквите правни ситуации настанале пред воопшто да започне реализацијата на извршната исправа, не произлегува обврска за доверителот за плаќање на награда, туку само во случаите кога ваквите правни ситуации настанале во текот на реализацијата на извршната исправа, па во зависност од степенот на реализацијата на извршната исправа да му следува и награда за делумна реализација на истата која разбирливо ќе треба да ја плати доверителот.

Доносителот на актот во кој е содржан членот и неговиот оспорен дел, наведува дека пропишувањето на член 9 став 2 од Тарифата има основ во член 46 став 1 алинеи 1 и 2 од Законот за извршување, меѓутоа членот од Законот посветен на наградата и надоместокот на трошоците за работа на извршителот регулира обврска за должникот за плаќање награда за делумна или целосна реализација на извршната исправа, од кои причини пропишувањето на оспорениот дел во член 9 став 2 од Тарифата, не може да се подведе како пропишување кое за законски основ го има наведениот член од Законот за извршување.

Од содржината на член 9 став 2 и неговиот оспорен дел „наградата” од Тарифата, не произлегува јасна претстава во однос на правните ситуации од кои за доверителот произлегува обврска за плаќање и на награда на извршителот, што според Судот остава простор за арбитрарност во неговата примена.

Ова имајќи во вид дека доверителот може да го повлече барањето за извршување, а извршителот да го запре извршувањето, пред воопшто да започне реализацијата на извршната исправа, а исто така и пред воопшто да започне реализација на извршната исправа, може да се случи да дојде до нејзино правосилно укинување, преиначување, поништување или ставање вон сила, со што не се создадени услови извршителот во вакви случаи да наплатува и награда што всушност се предвидува во член 9 став 2 од Тарифата.

Оттука, појаснувањето во Одговорот во однос на тоа што подразбира оспореното уредување, односно дека со оспорениот дел „наградата” од член 9 став 2 од Тарифата, не се предвидувала награда како обврска за доверителот за нереализирана извршна исправа, туку само за делумно реализирана извршна исправа во зависност од степенот на реализација на истата, истото не ја намалува уставната проблематичност на оспорениот дел, токму заради тоа што недоволно прецизното и јасно формулирање на нормите во законите, вклучително и прописите, предизвикува различно нивно толкување во поглед на тоа што подразбира нивното пропишување, а со тоа и нивно различно применување на конкретни фактички правни ситуации.

Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, нормите како во законите, а и во прописите треба да бидат прецизни, јасни, недвосмислени и да не внесуваат ниту најмала доза на правна несигурност, со цел да се исклучи секаква можност од арбитрарност во нивната примена. Владеењето на правото подразбира конципирање на општи, точно одредени и недвосмислени формулирани правила, бидејќи само таквите правни норми можат да ја гарантираат правната сигурност на граѓаните како составен дел на принципот на владеењето на правото.

Во случајов, оспорениот дел „наградата” содржан во член 9 став 2 од Тарифата, не е јасно конципирана содржина во членот од Тарифата, така што остава простор за арбитрарност имајќи во вид дека не дава јасна претстава и не дава солидна основа за законито и правилно задолжување на доверителот (покрај другите трошоци) да му плати на извршителот и награда за реализација на извршна исправа, во случаите на запирање на извршувањето, со што, дополнително од тој аспект се доведува во прашање и правната сигурност на граѓаните како составен дел на принципот на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Воедно, во контекст на принципот на владеење на правото, правата и обврските за граѓаните коишто произлегуваат од правни ситуации од одредена правна сфера, прецизно треба да бидат уредени со закон

6. Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека оспорениот дел: „наградата” од член 9 став 2 од Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите не е во согласност со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 став 1 од Уставот и со член 46 став 1 алинеи 1 и 2 од Законот за извршување.

7. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.72/2019
15 јануари 2020 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати