Решение У.бр.63/2019 и У.бр.73/2019

У.бр.63/2019 и У.бр.73/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019) на седницата одржана на 19.12.2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на:

– уставноста на член 46 ставови: 3, 5, 6 и 7 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018) и членот 52 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.233/2018) и
– уставноста и законитоста на Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2019) во целина и посебно член 2 став 1 алинеја 2, член 3, член 4 став 3 и членот 14 од истиот акт.

2. Игор Спировски, адвокат од Скопје и Александар Варела, адвокат од Скопје до Уставниот суд поднесоа одделни иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на повеќе одредби од Законот за извршување, односно уставноста и законитоста на Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите во целина и одделни нејзини одредби, означени во точката 1 од ова решение.

Согласно член 21 од Деловникот на Судот по двете иницијативи се води единствена постапка и се носи една одлука.

– Игор Спировски, како полномошник на Комората на извршители на Република Северна Македонија во иницијативата го оспорува член 46 ставови 5, 6 и 7 од целината на Законот, како спротивен на член 8 став 1 алинеи 3 и 6, член 30 и член 35 од Уставот, како и член 52 од последната измена и дополнување на Законот, бидејќи бил спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 и членот 52 од Уставот.

Според подносителот на иницијативата Судот требало најпрво да го има предвид ставот 1 од членот 46 од Законот на кој реферирале оспорените ставови 5 и 6. Ова од причина што ставот 1 од членот 46 и пред и по измената на Законот јасно го поставувал принципот дека извршителот имал право на надоместоци специфицирани во Законот, како и право на награда за својата работа, но и право на наплата на истите од должникот. Меѓутоа во оспорените ставови 5 и 6 од членот 46 од Законот, спротивно на тој принцип се пропишувало дека извршителот во одредени ситуации, иако презел дејствија и направил трошоци, или воопшто нема право на наплата на трошоците и наградата (став 5) или има право на наплата во ограничен износ (став 6).

Во натамошниот текст на иницијативата се цитираат: оспорениот член 46 ставови 5, 6 и 7 од Законот, како и член 8 став 1 алинеја 3 и членот 30 од Уставот и член 1 ставови 1 и 2 од Протоколот број 1 кон Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.

Според подносителот на иницијативата, обврската на извршителот да го ослободи од обврска за плаќање на надоместоци и награда физичкото лице кое е евидентирано како примател на социјална парична помош истовремено значело ограничување (одземање) на правото на извршителот да наплати надоместоци и награда за својата извршена работа во апсолутна смисла. Оваа одредба не пропишувала дека извршителот имал право на регрес на износот на надоместоците и наградата што државата со законот му ги забранила. Со други зборови на извршителот му се одземало правото на приход од неговата работа, тој морал да работи бесплатно, а со тоа директно се засегало во неговото право на мирно уживање на сопственоста, односно заработката од својата работа. Оттаму, оспорената одредба ја ограничувала сопственоста, односно имотното право на извршителите.

Во оспорениот член 46 став 6 од Законот било пропишано дека за комунални услуги и слично извршителот, за сите преземени дејствија, не можел да наплати износ повисок од 20% од вредноста на главниот долг и каматата определени во нотарскиот платен налог, независно од тоа колкава е висината на надоместоците за награда и трошоци на извршителот. Се разбира одредбата била во корист на должникот кој ги плаќал надоместоците, трошоците и наградата. Но, кај нотарскиот платен налог со помала вредност, на пример 1000,оо денари, само трошокот за надоместок што се плаќал на банките за блокирање на сметката изнесувал 500,оо денари, а извршителот не можел да наплати повеќе од 200,оо денари за сите надоместоци (обработка, трошоци, дејствија и награда) од каде произлегувало дека извршителот требало да ја финансира извршната постапка против должниците за износ над 200,оо денари. Оттаму, одредбата несомнено пропишувала ограничување на правото на наплата на надоместокот и наградата за извршните дејствија, односно остварувањето на приход и заработка на извршителите во согласност со закон и тарифата како имотно право, односно право на сопственост загарантирано во членот 30 од Уставот, како и во членот 1 од Протоколот 1 кон Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи.

Според подносителот на иницијативата се поставувало прашање дали ограничувањето во оспорениот член 46 ставови 5 и 6 од Законот било во јавен интерес предвиден со закон и дали можело да се оправда во смисла на членот 30 од Уставот, како и тоа дали тоа ограничување било пропорционално на посакуваната цел (задоволување на јавниот интерес), односно дали бил постигнат фер баланс помеѓу јавниот интерес и интересот за заштита на правото на сопственост на поединците. Ова ако се имала предвид праксата на Европскиот суд за човековите права којшто во повеќе наврати истакнал: „Потребниот баланс нема да се постигне ако лицето поднесува индивидуален и прекумерен товар“ (Amato Gauci v.Malta; 47045 од 15.12.2009).

Притоа несомнено било дека мотивацијата и целта на оспорената одредба била да се обезбеди одредено ниво на социјална заштита на социјално засегнатите лица, во смисла на членот 1 од Уставот на Република Северна Македонија, меѓутоа терминот „социјална држава“ не подразбирал дека државата ќе ги остварува своите социјални функции со наметнување на обврска за правните субјекти да даваат добра и да вршат професионална услуга без надоместок, односно без заработка. Во таа смисла од значење бил членот 32 од Уставот, кој го гарантирал правото на вработените на соодветна заработувачка, што не ги исклучувал и вршителите на самостојна дејност, па и оние кои вршат јавни овластувања како нотарите и извршителите. Таква концепција во Уставот не постоела.

Според тоа идејата на законодавецот да се води сметка за социјалниот аспект при извршувањето можело да се оствари само во контекст на членот 35 во врска со членот 33 од Уставот, а тоа значело да бидат исполнети два услови. Прво, јасно да биле дефинирани критериумите за идентификување на граѓаните кои имале потреба од социјална сигурност во случај на извршување и второ ослободувањето или намалувањето на обврската на трошоците за извршување да падне на товар на Републиката, како јавен расход за реализирање на грижата за социјалната сигурност на граѓаните.

Државата, за да ја оствари функцијата на социјална заштита, со оспорените одредби оставала ослободувањето на физичко лице евидентирано како примател на социјална помош да падне на товар на извршителите со забрана да го остварат своето легитимно и законско право на наплата на надоместоци и награда, односно да остварат приход од својата работа што било во директна спротивност со членовите 30 и 35 од Уставот.

Во оспорениот став 6 од членот 46 од Законот се поаѓало исклучиво од видот на услугата за која не била платена сметка и во овој случај не се водела сметка за социјалниот статус на граѓанинот-должник како во случајот со ставот 5 од истиот член од Законот, што би бил нормален критериум употребен и во членот 163 од Законот за парничната постапка. Притоа неспорно било дека некои од комуналните услуги (струја и вода) се незаменлив услов за живот, но фактот што се наплаќале комунални услуги бил целосно нерелевантен по однос на прашањето на социјалната сигурност, бидејќи вакви давачки имале и лицата со ниски и лицата со високи приходи. Оттаму се создавала неоправдана повластица за оние граѓани-должници кои не се во никаква социјална потреба и за кои државата не треба да води сметка за социјалниот аспект. Оттаму не можело да се каже дека во Законот постоела легитимна цел во јавен интерес предвидена во членот 35 од Уставот на која би можела да му послужи ограничувањето на правото на сопственост на извршителите во смисла на членот 30 од Уставот.

Во двете оспорени одредби товарот на обезбедување на социјална сигурност на должниците државата го префрлала од себе на извршителите, кои работеле без надомест или со нецелосен надомест на кој начин ја финансирале социјалната сигурност, наместо тоа да го направела државата за што била изречно одговорна според член 35 од Уставот. Притоа државата би можела без повреда на правото на сопственост на извршителите да ги стипулира оспорените одредби само ако на извршителите им го надомести износот на надоместоците и наградата од чие плаќање ги ослободила лицата од ставовите 5 и 6 од членот 46 од Законот и на таков начин да ја оствари грижата за социјалната сигурност на граѓаните. Фактот што извршителите го поднесувале финансискиот товар од оваа социјална мерка, бил самостоен основ за оцена дека тие одредби се во спротивност со членот 30 и член 35 став 1 од Уставот.

Со оспорените одредби биле заштитени интересите на сите учесници, освен на извршителите, бидејќи целокупниот товар од мерката, по сила на закон, го поднесувале извршителите. Ограничувањето, очигледно, било непропорционално со оглед на тоа што извршителот требало да трпи прекумерен индивидуален товар што го нарушувал фер балансот помеѓу јавниот интерес и интересот за заштита на правото на сопственост на поединците, а како неспорна била уставната обврска на државата да го понесе тој товар во вакви ситуации од буџетот.

Ограничувањето на правото на извршителите да наплатат целосен износ на надоместоци и награда (став 5), односно да наплатат само 20% од главниот долг и каматата (став 6), без компензација од државата претставувало „флагрантна повреда“ на член 8 став 1 алинеја 6 и член 30 од Уставот интерпретирани во контекст на членот 1 од Протоколот 1 кон Конвенцијата.

Оспорениот став 7 од членот 46 од Законот бил инструмент за реализација на ставот 6 и нужно морал да ја следи истата судбина. Меѓутоа должноста што му ја пропишувал ставот 7 на извршителот да мора да се обиде да го спроведе извршувањето согласно член 141 (налог за извршување врз плата) или по член 149 (извршување врз парично побарување кое по сметка кај банка му припаѓа на физичко лице) директно го поткопувал темелниот принцип на Законот за извршување утврден во член 28 став 6 (овластување на извршителот да избере средство на извршување). Извршителот имал законска должност да се грижи за интересите на доверителот и да го оствари извршувањето на ефикасен начин, според неговата стручна оцена. Меѓутоа, со додадениот став 7 од членот 46 од Законот се попречувало остварување на ефикасна наплата со други средства за извршување коишто би можеле во целост да ги покријат и надоместоците и наградата. На таков начин оспорената одредба ги доведувала и доверителот и извршителот во состојба на „пролонгирана правна несигурност“ во однос на ефикасното извршување, се со цел да се обезбедело должникот од ставот 6 на членот 46 од Законот да не плати повеќе од 20% од главниот долг и каматата. Меѓутоа должници за сметка за телевизија или електрична енергија можело да бидат и лица со сериозен имот со што оспорената одредба им давала крајно неоправдана привилегија којашто требало да им ја плаќаат извршителите.

Оттаму оспорениот член 46 став 7 од Законот не бил во согласност со владеењето на правото и правната сигурност како темелна вредност од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Оспорениот член 52 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.233/18) предвидувал извршувањата започнати до влегување во сила на овој закон да продолжат согласно одредбите на новиот закон, а извршителите за преземените дејствија да ја примена Тарифата којашто била во сила до влегување во сила во моментот на преземање на дејстието. За извршните дејствија коишто се преземаат по влегување во сила на Законот се применува Тарифата донесена согласно одредбите од новиот закон, при што не можело да се бара поврат на платените надоместоци или награда.

Според подносителот на иницијативата оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 став 4 од Уставот и тоа по три основи.

Прво, оспорената одредба имала повратно дејство со тоа што предвидува извршувањата започнати пред влегување во сила на Законот (233/18) да продолжат според одредбите на новиот закон. Вообичаен и дозволен стандард било започнатите постапки да продолжат според дотогашните прописи со што се обезбедувал интегритет на постапката, предвидливост, почитување и заштита на положбата на странките и нивните стекнати права и нивна правна сигурност. Доколку новите процесни одредби се применувале ретроактивно односите и положбата на учесниците можеле битно да се изменат, а процесните права да се изгубат. Во теоријата на граѓанското процесно право не ни можело да се најде став дека било допуштено повратно дејство на процесен закон. Во таа смисла започнатиот процес на извршување бил „завршен правен основ“ врз кој примената на подоцнежен процесен закон секогаш имал повратно дејство. Оттаму постоела повреда на принципот на забрана на повратно дејство на законите гарантиран во членот 52 од Уставот.

Законот морал да се оценува и од аспект на тоа дали некоја одредба што треба да се применува на започната извршна постапка има повратно дејствие и дали членот 52 од Законот и дава такво дејствие. Имено, членот 33 со кој се вршела измена на членот 185 од Законот за извршување во насока на одржување на трета продажба на недвижност, наместо две продажби според претходното решение на членот 185 доведувал до повратно дејствие неповолно за должникот.

Оспорениот член 52 од Законот посебно бил поврзан со новиот став 6 на членот 46 од Законот со оглед на тоа што ексклузивно се занимавал со статусот на веќе платени надоместоци или награди според претходните закон и тарифа чијшто поврат сакало да се спречи со примената на новите закон и тарифа врз започнатите постапки за извршување. Идејата на оваа одредба била преку максимизирање на надоместоците и наградите да не се предизвика поврат на веќе платени износи. Имено, забраната за поврат воедно не значела и забрана да се калкулираат износите на надоместоците или наградите во целата постапка на извршување што започнала пред влегување во сила на Законот, како критериум за исполнување на прагот за 20% од главниот долг со каматата што треба да ги плати должникот. Според тоа ако се сакало новиот став 6 од членот 46 од Законот и новата тарифа да се применат само врз дејствија што се преземаат по влегување во сила на Законот и новата тарифа и само за нив да се определува прагот од 20% тогаш воопшто не било потребно да се забранува поврат на платените износи пред влегување во сила на наведените акти. Тоа со други зборови значело ако наплатените надоместоци и награди пред влегување во сила го надминале прагот од 20% за сите наредни дејствија по влегувањето во сила на новиот закон и новата тарифа извршителот немало да наплати ништо и ќе работел бесплатно.

Оттаму, оспорената одредба имала повратно дејство и тоа по однос на ситуации и односи што биле завршени пред влегувањето во сила на новиот закон и новата тарифа. При тоа постоење на двостран однос во извршувањето оваа одредба одела на штета на извршителот, а смислата на дозволениот исклучок во уставната одредба била во постоење на генерална поволност за граѓаните, а не за стекнување на поповолна положба во однос на спротивната или засегнатата страна во правните односи.

Втората реченица од членот 52 од Законот, според која: „за преземените дејствија до влегувањето во сила на овој закон извршителите ја применуваат Тарифата која била на сила во моментот на преземање на извршните дејствија, а за извршните дејствија кои се преземаат по влегувањето во сила на овој закон се применува Тарифата донесена согласно одредбите од овој закон“ била во директна спротивност со принципот на правна сигурност затоа што создавала правен вакуум во кој ивршителите по влегувањето во сила на Законот не можеле да наплатат за извршно дејствие се додека не биде донесена новата тарифа. Имено престанокот на важење на истата тарифа можел да се врзе единствено со влегување во сила на новата тарифа, но не и со денот на влегување во сила на новиот закон. Членот 55 од Законот определил рок од три месеци за донесување на подзаконски акти, меѓу кои и новата тарифа од каде со ваквата „несреќна одредба“ извршителите биле оставени без Тарифа како основен пропис за нивно функционирање. Тоа било груба повреда на владеењето на правото која не смеела да се толерира поради што се предлага поништување на одредбата.

Врз основа на наведеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста, а потоа оспорените одредби да ги поништи или укине, а воедно да донесе и решение за запирање на извршувањето поради континуирана штета за извршителите.

– Во иницијативата на Александар Варела се оспорува уставноста на член 46 став 3 од Законот за извршување како целина и уставноста и законитоста на Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите („Службен весник на Република Македонија“ бр.32/2019) затоа што не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 33, член 68 став 1 алинеја 3, член 91 алинеи 1 и 5 и членот 96 од Уставот и со Законот за организација и работа на органите на државната управа (се цитираат членовите: 55, 56 и 61). Предмет на оспорување е и уставноста на членот 52 од Законот за именување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.233/2018) бидејќи не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 став 2 и членот 52 од Уставот.

Според подносителот на иницијативата во оспорениот член 46 став 3 од Законот било предвидено Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работа на извршителите да ја донесе министерот по претходно прибавено мислење од Комората на извршители. Со тоа, спротивно на начелото на поделба на државната власт, орган на извршната власт определувал точни износи на јавни давачки. Тој можел само да ги предлага, а истите требало да се определат од страна на Собранието. Ова од причина што извршителите имале исклучива надлежност за спроведување на сите видови на извршни исправи што ги доведувало граѓаните во однос со јавен орган единствен од таков тип и доследно почитување на нивните услови за работа и плаќање што барало уредување на законско ниво, согласно Уставот.

Оспорената законска одредба го повредувала и Законот за организација и работа на органите на државната управа, бидејќи во него никаде не било наведено дека министерот носи акт со кој се определуваат јавни давачки во вид на надоместок со што се уредувале права и обврски за граѓаните. Со носењето на Тарифата, особено со погрешното повикување на одредбите од постоечкиот Закон за извршување, министерот правел навлегување во сферата на дејствување на Собранието со што ги надминал своите ингеренции и не го почитувал принципот за поделба на државната власт.

Во контекст на наведеното се укажува на уставно-судската практика по предметот У.бр.87/2002.

По однос на оспорената тарифа се наведува дека подносителот на иницијативата воочил одредени неправилности при нејзиното донесување и објавување коишто се подетално елаборирани во иницијативата во неколку сегменти:

– Основ за донесување на Тарифата бил член 46 став 4 од Законот, кој пак уредувал материјата за вредноста на предметот на извршување, а не за овластувањето за носење на Тарифа;

– Во член 2 став 1 алинеја 2 од Тарифата не се споменувал терминот „реализација на извршна исправа“ туку се предвидувала „награда за извршени дејствија“ што претставувало одредување на нов тип на трошоци и награда коишто не биле предвидени со членот 46 став 1 алинеја 2 од Законот;

– Во членот 3 од Тарифата бил предвиден надоместок за обработка на предмет според видот што било во спортивност со член 46 став 3 точка 1 од Законот којшто предвидувал определување на ваков надоместок според висината на главното побарување;

– Во Тарифата не било уредено на кој начин извршителот ќе „ослободува од надоместок“, како што предвидувал член 46 став 5 од Законот наместо „да не спроведува“ извршување од каде на извршителот му се оставало право да одлучува, како да ослободува или да одлучи кој ќе плаќа, а кој не, наместо Законот.

– Не било предвидено како во Тарифата да се применува член 46 став 6 од Законот, иако предвидувал дополнителни ограничувања за извршителите во смисла на задолжителност на налозите според членовите 141 и 149 од Законот;

– Членот 4 став 3 во врска со ставот 2 од Тарифата бил во спотивност со членот 9 од истата тарифа и со членот 46 од Законот, бидејќи не било јасно дали извршителот наплаќа за заклучок или не со што било нејасно зошто ако е предвидено со Закон извршителот да не наплаќа со што се правела колизија помеѓу одредбите од Тарифата и одредбите од Тарифата со Законот и

– Во членот 14 од Тарифата било предвидено да престане да важи претходната Тарифа од 2016 година иако тоа не било предвидено во Законот. Со ова се пречекорувале овластувањата и се негирала законската одредба за времетраењето и примената на старата и новата тарифа.

Покрај тоа што Тарифата била незаконски донесена, спротивна на Уставот, повредува законски прописи, таа исто така била нејасна, неприменлива, ги подвојувала граѓаните по вид и ред, а не само по висина на побарување, што водело кон „можни политички импликации и апсолутизирање на власта и моќта“ во извршната власт со што целосно се нарушувало владеењето на правото.

По однос на оспорениот член 52 од Законот се наведува дека флагрантно го кршел уставниот принцип за неможноста за ретроактивно дејство на новодонесените закони, а особено што не постоела поволност за граѓаните. Со одредбата се вршело подвојување по видот на важењето. Нова тарифа немало цел месец, а најважно било што законодавецот одредил да нема поврат на платеното, иако се применувал новиот закон.

Сето создавало конфузија, различни толкувања, спротивност со забраната за ретроактивно важење. Ако требало да се намалат трошоците пред извршителите, можело да се смени само тоа, а не на веќе воспоставени правила на важење на други позитивни закони. Со ова се поставувало прашање дали одредбите од Законот важеле за сите подеднакво или законите се правеле да важат само за одредена група и за одреден период или законите морале да важат за сите подеднакво.

Кон иницијативата се прилага правно мислење на проф. д-р Борче Давитковски каде од стручен аспект биле разработени сите несогласности и противречности на оспорените одредби.

Врз основа на изнесеното се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста, односно уставноста и законитоста на оспорените акти, а потоа да ги укине или поништи. Воедно се предлага донесување на решение за запирање на извршувањето заради тоа што актите предизвикувале штета.

3.Судот на седницата, утврди дека според член 46 став 1 од Законот за извршување, како целина, извршителот за извршените дејствија има право на:

-надоместок за обработка на предмет, трошоци и спроведени дејствија и
-награда за реализација на извршната исправа во согласност со Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителот. Наградата за делумна или целосна реализација на извршната исправа извршителот ја наплаќа од должникот во текот на извршувањето.

Според член 46 став 2 од Законот, доколку доверителот не ја плати цената за администрирање и првичниот налог за извршување со поднесување на барањето за извршување, извршителот со заклучок ќе го одбие барањето за извршување.

Во оспорениот член 46 став 3 од Законот е предвидено дека, Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите ја донесува министерот, по претходно прибавено мислење од Комората на извршители, според следниве критериуми:

1) надоместокот за обработка на предметот се определува во зависност од висината на главното побарување. Трошоците се определуваат во реален износ, а надоместокот за спроведените дејствија се определува според видот, обемот, времетраењето и местото на извршувањето.
2) награда на извршителот за извршените дејствија – реализација на извршната исправа се определува според видот на извршната исправа и видот на побарувањето кое треба да се изврши и тоа:
– кај паричните побарувања наградата се определува според износот на наплатеното побарување,
– кај непаричните побарувања наградата се определува според вредноста на предметот на спорот утврдена во извршната исправа.

Според член 46 став 4 од Законот, вредноста на предмет на извршувањето кај паричните побарувања е износот наведен во барањето за извршување определен од доверителот.

Во оспорениот член 46 став 5 од Законот е предвидено дека, извршителот ќе го ослободи од плаќање на надоместоците определени во став 1 на овој член, и награда за реализација должникот физичко лице кое според податоците од надлежната институција е евидентирано како примател на социјална парична помош.

Според оспорениот член 46 став 6 од Законот, вкупниот износ на надоместоци за спроведени дејствија определени врз основа на ставот 1 на овој член за извршување на примено барање од доверител правно лице против должник физичко лице, за извршување на нотарски платен налог (за услуги кои произлегуваат од комунални дејности, топлинска енергија, електрична енергија, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште) со налог за извршување по членот 141 (налог за извршување врз плата) или по членот 149 од овој закон (извршување врз парично побарување кое по сметка кај банка му припаѓа на физичко лице), не може да надминат 20% од главниот долг и каматата определени во извршната исправа. Во ограничувањата на висината на надоместоците не влегуваат трошоците за извршени три достави по пат на поштенска пратка и надоместок за информација за трансакциска сметка на должникот од Единствениот регистар на трансакциски сметки.

Во оспорениот член 46 став 7 од Законот е предвидено дека, извршителот за случаите од ставот 6 на овој член, е должен да се обиде да го спроведе извршувањето согласно со членовите 141 или 149 од овој закон пред да продолжи со преземање со другите извршни дејствија.

Според член 46 став 8 од Законот, Комората на извршители е должна мислењето по Предлог на Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци на извршителите од ставот 3 на овој член, да го достави најдоцна во рок од 15 дена, сметано од денот на приемот на предлогот во Комората на извршители.

Во оспорениот член 52 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.233/2018) е предвидено дека, извршувањата започнати согласно со одредбите од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 8320/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010, 171/2010, 148/2011 и 187/2013) и Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2016 и 142/2016), како и извршувањата започнати до денот на влегувањето во сила на овој закон, согласно со одредбите на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 72/2016 и 142/2016), ќе продолжат согласно со одредбите од овој закон. За преземените извршни дејствија до денот на влегувањето во сила на овој закон, извршителите ја применуваат Тарифата која била на сила во моментот на преземање на извршни дејствија, а за извршните дејствија кои се преземаат по денот на влегувањето во сила на овој закон се применува Тарифата донесена согласно со одредбите од овој закон, при што не може да се бара поврат на платените надоместоци или награди.

Врз основа на член 46 став 4 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 72/16, 142/16 и 233/18), министерот за правда донел ТАРИФА ЗА НАГРАДА И НАДОМЕСТОК НА ДРУГИТЕ ТРОШОЦИ ЗА РАБОТАТА НА ИЗВРШИТЕЛИТЕ.

Во членот 1 од Тарифата е определено дека, со оваа тарифа се определува наградата и надоместокот на другите трошоци за работа на извршителите.

Во членот 2 од Тарифата е определено дека, извршителот за преземање на извршените дејствија наплаќа награда и надоместок на трошоците според:

– надоместок за обработка на предмет, трошоци и спроведени дејствија и
– награда на извршителот за извршените дејствија (оспорена алинеја).

Во посебно оспорениот член 3 од Тарифата е определено дека, надоместокот за обработка на предмет на нотарски платен налог против физичко лице за услуги коишто произлегуваат од комунални дејности, топлинска енергија, електрична енергија, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, по поднесено барање за извршување по извршна исправа изнесува 2 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметувањето (став 1).

Надоместокот за обработка на предмет по поднесено барање за извршување по извршна исправа чие главно побарување не надминува 100 евра изнесува 4 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметувањето (став 2).

Надоместокот за обработка на предмет по поднесено барање за извршување по извршна исправа чие главно побарување над 100 евра, но не надминува 300 евра изнесува 5,5 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметувањето (став 3).

Надоместокот за обработка на предмет по поднесено барање за извршување по извршна исправа чие главно побарување е определено над 300 евра, но не надминува 500 евра изнесува 6,5 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметувањето (став 4).

Надоместокот за обработка на предмет по поднесено барање за извршување по извршна исправа чие главно побарување е определено над 500 евра, но не надминува 1000 евра изнесува 7,5 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметувањето (став 5).

Надоместокот за обработка на предмет по поднесено барање за извршување по извршна исправа чие главно побарување е определено над 1000 евра, но не надминува 3000 евра изнесува 15 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметувањето (став 6).

Надоместокот за обработка на предмет по поднесено барање за извршување по извршна исправа чие главно побарување е определено над 3000 евра, но не надминува 6000 евра изнесува 25 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметувањето (став 7).

Надоместокот за обработка на предмет по поднесено барање за извршување по извршна исправа чие главно побарување е определено над 6000 евра, но не надминува 10.000 евра изнесува 35 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметувањето (став 8).

Надоместокот за обработка на предмет по поднесено барање за извршување по извршна исправа чие главно побарување е определено над 10.000 евра, но не надминува 30.000 евра изнесува 45 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметувањето (став 9).

Надоместокот за обработка на предмет по поднесено барање за извршување по извршна исправа чие главно побарување е определено над 30.000 евра, но не надминува 60.000 евра изнесува 55 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметувањето (став 10).

Надоместокот за обработка на предмет по поднесено барање за извршување по извршна исправа чие главно побарување е определено над 60.000 евра, но не надминува 80000 евра изнесува 70 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметувањето (став 11).

Надоместокот за обработка на предмет по поднесено барање за извршување по извршна исправа чие главно побарување е определено над 80.000 евра изнесува 90 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметувањето (став 12).

Во член 4 став 1 од Тарифата е определено дека, цената на извршните дејствија извршителот ја определува според видот, обемот и времетраењето на извршувањето на извршните дејствија и местото на нивното извршување, согласно Табела 2 од оваа тарифа.

Според член 4 став 2 од Тарифата, извршителот донесува заклучок за запирање на извршувањето и заклучок за прекин на извршувањето, без оглед дали примил аванс за тоа извршно дејствие, ако:

-настапила смрт на странката или нејзиниот законски застапник,
-доверителот го повлекол барањето,
-доверителот не се произнел за текот на извршувањето во рокот од 8 дена од денот на приемот на барањето на извршителот, согласно член 93 став (3) од Законот за извршување,
-ако настапиле правни последици од отварање стечајна постапка за странка правно лице,
-извршната исправа е правосилно укината, преиначена, поништена или ставена вон сила, односно ако потврдата за извршност е правосилно укината,
-во случаи кога извршителот е изземен од натамошното извршување,
-доверителот побарал одлагање повеќе од два пати,
-кога странката е правно лице и кога е донесено решение за заклучување на стечајната постапка и определено бришење од трговскиот односно друг регистар, во кој е запишан стечајниот должник, со што странката престанала да постои.

Според посебно оспорениот член 4 став 3 од Тарифата, извршителот не го тарифира донесувањето на заклучоците од став 2 на овој член, заклучоците за одложување на извршните дејствија, ниту заклучокот (поправање на грешка во акти на извршителот), согласно Правилникот за формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти кои ги изготвува извршителот при преземањето на извршните дејствија („Службен весник на Република Македонија“ број 226/16).

Во член 5 став 1 од Тарифата е предвидено дека, наградата на извршителот за извршените дејствија, извршителот ја определува според видот на извршната исправа и видот на побарувањето кое треба да се изврши, како и според износот на наплатеното побарување.

Наградата за извршените дејствија на извршителот за паричните побарувања се определува според табела 1 од оваа тарифа. Кога вредноста на предметот на извршување кај непаричното побарување не е утврдена во извршната исправа како вредност за определување на наградата на извршителот се зема вредноста на предметот утврдена преку проценител во текот на извршувањето (став 2).

Кога предмет на извршувањето е несторување или трпење, враќање работник на работа или друга престација каде што не е можно да биде утврдена, наградата на извршителот изнесува 500 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметувањето (став 3).

Кога вредноста на предметот на извршување кај непаричните побарувања е утврдена во извршната исправа, наградата на извршителот за извршените дејствија се пресметува согласно табела 1 од оваа тарифа (став 4).

Наградата на извршителот за извршените дејствија не може да биде поголема од 5.500 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметувањето, без оглед на висината и видот на побарувањето (став 5).

Кога извршувањето се спроведува за наплата на парично побарување согласно член 149 (трансакциска сметка на физичко лице) од Законот за извршување, наградата на извршителот за извршените дејствија не може да биде поголема од 1.000 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметување (став 6).

Кога извршувањето се спроведува за наплата на парично побарување согласно член 210 (трансакциска сметка на правно лице) од Законот за извршување, наградата на извршителот за извршените дејствија не може да биде поголема од 3.000 евра во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметување (став 7).

Наградата за извршувањето извршителот ја наплаќа од должникот во текот на спроведување на извршувањето (став 8).

Според член 6 став 1 од Тарифата, при извршување заради наплата на парични побарувања, извршителот во налогот за извршување, поединечно ќе ги утврди надоместокот за обработка на предметот, цената за извршните дејствија, реалните трошоци, такси и наградата на извршителот.

При извршување заради остварување на непарично побарување, извршителот во налогот за извршување поединечно ќе ги утврди надоместокот за обработка на предметот, цената за извршните дејствија, како и реалните трошоци и такси кои произлегуваат од извршените дејствија на извршителот и наградата на извршителот (став 2).

Врз основа на Заклучокот за утврдување на трошоци од ставовите 1 и 2 на овој член доверителот ги побарува од должникот надоместокот за обработка на предметот, цената на извршните дејствија, наградата на извршителот за извршените дејствија, реалните трошоци и такси (став 3).

Во членот 7 од Тарифата е определено дека, извршителот по барање на странките изготвува и доставува известување со пресметка за состојба на главен долг, трошоци утврдени во извршната исправа, камата, надоместокот за обработка на предметот, цена за извршни дејствија, награда на извршителот за извршените дејствија, како и реалните трошоци и такси кои се настанати при спроведување на извршувањето.

Во членот 8 од Тарифата е определено дека, извршителот ги наплаќа од должникот само надоместокот за обработка на предметот и цената за преземените извршни дејствија, доколку должникот:

– ја исполнил обврската утврдена во извршната исправа по поднесување на барање за извршување од доверителот, а пред моментот кога дознал или можел да дознае дека е отпочната постапка за присилно извршување;
– постапил по поканата на извршителот од член 17 став 2 од Законот за извршување во кој е определен рокот за доброволно исполнување на обврската утврдена во извршната исправа.

Според член 9 став 1 од Тарифата, кога извршната исправа е реализирана должникот ги плаќа надоместокот за обработка на предметот, цената на извршните дејствија, наградата на извршителот за извршените дејствија, реалните трошоци и такси.

Според ставот 2 од истиот член од Тарифата, кога извршувањето е запрено по барање на доверителот или извршната исправа е правосилно укината, преиначена, поништена или ставена вон сила, надоместокот за обработка на предметот, цената на извршните дејствија и наградата ги плаќа доверителот.

Во членот 10 од Тарифата е предвидено дека, извршителот не наплаќа цена за извршни дејствија против кои е изјавен приговор против незаконитости при извршувањето, а кои со правосилна одлука на судот се ставени вон сила.

Според членот 11 од Тарифата, трошоците предизвикани за известување или увид во списите на предметот во случај на доверени работи од судот, ги плаќа само странката којашто ги побарала.

Според член 12 од Тарифата, цените утврдени во табелите 1 и 2 од оваа тарифа се наплатуваат во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македонија на денот на пресметување.

Според член 13 од Тарифата, табелите 1 и 2 се дадени во прилог, кој е составен дел на оваа тарифа.

Во посебно оспорениот член 14 од Тарифата е предвидено дека, со денот на влегувањето во сила на оваа тарифа престанува да важи Тарифата за наградата и надоместокот на другите трошоци за работата на извршителите („Службен весник на Република Македонија“ бр.226/16).

Според член 15 од Тарифата овој акт влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

Цените се утврдени во табелите 1 и 2 кои следат во продолжение на оспорената тарифа и се нејзин составен дел.

Тарифата е донесена под број 21-648/7 од 7 февруари 2019 година на кој датум е објавена во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 6 од Уставот, владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Според член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата (став 2). Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон (став 3). Во случај на експропријација на сопственоста или во случај на ограничување на сопственоста се гарантира праведен надомест кој не може да биде понизок од пазарната вредност (став 4).

Според член 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 35 став 1 од Уставот Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност.

Во член 52 став 1 од Уставот е предвидено дека, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното објавување (став 2). Законите влегуваат во сила најрано осмиот ден од објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, а по исклучок, што го утврдува Собранието, со денот на објавувањето (став 3). Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните (став 4).

Според член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Според член 91 алинеи 1 и 5 од Уставот, Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршување на законите и другите прописи на Собранието и е договорна за нивното извршување и донесува уредби и други прописи за извршување на законите.

Според член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

– Во оспорениот член 46 став 3 од Законот е содржано овластувањето за надлежниот министер да донесе Тарифа за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите и тоа по претходно прибавено мислење од Комората на извршители. Тарифата се носи врз основа на законски определени критериуми и мерила како што се: висина на главно побарување, вид, обем, времетраење и место на извршувањето, вид на извршна исправа, вид на побарување, па од сите наведени критериуми за секој индивидуален случај се определува висината на надоместоците и наградите. Оттаму, во прашање е правна проблематика којашто нужно бара, врз основа на вака определените законски критериуми и мерила да биде предмет на натамошна разработка во подзаконски акт по претходно прибавено мислење од Комората.

Имено, во смисла на принципот за поделба на државната власт на законодавна, извршна и судска (член 8 став 1 алинеја 4 од Уставот), а согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” број 58/2000, 44/2002, 82/2008, 167/2010, 51/2011 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ број 96/2019 и 110/2019) министерот донесува правилници, наредби, упатства, планови, програми, решенија и други видови акти за извршување на законите и други прописи, кога за тоа е овластен со закон. Во овој случај овластувањето на министерот за правда за носење на Тарифата произлегува од член 46 став 3 од Законот за извршување.

Оттаму, при постоење на законска рамка со критериуми и мерила не станува збор за изворно утврдување на права и обврски за граѓаните, надвор од определбата на членот 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, кој предвидува дека со актите коишто ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Во член 11 точка 7 од Законот за извршување, извршителот е дефиниран како лице кое врши јавни овластувања утврдени со закон, именуван, односно назначен согласно со одредбите на овој закон и кое директно одлучуваат за дејствијата што треба да се преземат во рамките на неговите овластувања, за да се спроведе извршната исправа и да ги преземе извршните дејствија.

Притоа трошоците за работа на извршителите и наградата за нивната работа не се јавни давачки коишто преставуваат директен прилив во државниот буџет, туку се средства коишто се даваат во корист на извршителите и нивниот буџет од каде оспорената одредба не може да биде разгледувана по однос на нејзината согласност со членот 33 од Уставот и должноста на граѓаните да плаќаат даноци и јавни давачки и да учествуваат во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Тоа што Тарифата погрешно се повикува на член 46 став 4 од Законот, наместо на член 46 став 3, како основ за носење на подзаконскиот акт според Судот не е причина за ставање на целината на Тарифата под сомнение по однос на нејзината согласност со Уставот или со Законот, бидејќи во прашање е сторена техничка грешка којашто треба да се исправи од доносителот на актот.

Оттаму, член 46 став 3 од Законот е во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 33, членот 68 и членот 91 од Уставот; со член 55 и 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа и со одредбите од Законот за извршување.

-Членот 46 став 1 од Законот за извршување, предвидува дека извршителот има право на надоместок и право на награда за извршените дејствија.

Оспорениот член 46 став 5 од Законот предвидува извршителот да го ослободи од плаќање на надоместоците определени во ставот 1 на овој член и награда за реализација должникот физичко лице кое според податоците од надлежната институција е евидентирано како примател на социјална парична помош.

Оттаму, оспорената одредба е исклучок од предвиденото право на надоместок и правото на награда за извршени дејствија во случај кога должникот е физичко лице евидентирано од надлежна институција како примател на социјална помош.

Овој исклучок се надоврзува и на содржината на член 116 точка 3 од Законот, кој постои уште од влегувањето во сила на основниот текст на Законот каде е уредено изземањето и ограничувањето на извршувањето врз парично побарување, меѓу другото, и за правата на парична помош од социјална заштита.

Инаку, правото на социјална парична помош е определено во член 45 став 1 од Законот за социјална заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2009, 36/2011, 51/2011, 166/2012, 15/2013, 79/2013, 164/2013, 187/2013, 38/2014, 44/2014, 16/2014, 180/2014, 33/2015, 72/2015, 104/2015, 150/2015, 173/2015, 192/2015, 30/2016, 163/2017 и 51/2018), според кој ова право е определено како право на лице способно за работа и домаќинство, материјално необезбедено и кое според други прописи не може да обезбеди средства за егзистенција.

Според тоа определбата на законодавецот за изземање на извршувањето за случаите кога должникот е лице примател на социјална помош не е нова определба, туку постои уште од влегување во сила на основниот текст на Законот, познато е на правната регулатива и е на линија на остварување на основната определба на Уставот на Република Северна Македонија од член 1 став 1 за суверена, демократска и социјална држава.

Притоа дека станува збор за лице примател на социјална помош извршителот има можност да сознае уште од најраната фаза на постапката за извршување согласно член 17 став 3 од Законот. Според оваа одредба, извршителот, во случај кога должник е физичко лице, а доверител правно лице кое овозможува комунални услуги (дефинирани во член 11 точка 14 од овој закон), задолжително пред да преземе какви било други извршни дејствија со налог, ќе го повика должникот во рок од 3 дена да го намири побарувањето и истовремено ќе побара од него да ја соопшти својата имотна состојба, статусот на вработено лице и висината на приходите од плата и други надоместоци.

По однос на можната повреда на членот 30 и членот 32 од Уставот, односно загарантираното право на сопственост и правото на соодветна заработувачка Судот оцени дека не се повредуваат, а како станува збор за идна, неизвесна заработувачка или можна загуба, која не може однапред да се определи по обем, туку би зависела од секој конкретен случај, односно број на ваков вид извршувања опфатени кај секој конкретен извршител. Во секој случај граѓаните уживаат право на социјална сигурност согласно членот 34 од Уставот, којашто би се нарушила доколку се дозволи средствата остварени по основ на социјална помош да бидат предмет на извршување.

-Според член 46 став 1 од Законот за извршување, како целина, извршителот за извршените дејствија има право на:

– надоместок за обработка на предмет, трошоци и спроведени дејствија и
– награда за реализација на извршната исправа во согласност со Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителот. Наградата за делумна или целосна реализација на извршната исправа извршителот ја наплаќа од должникот во текот на извршувањето.

Оспорениот член 46 став 6 од Законот, предвидува дека вкупниот износ на надоместоци за спроведени дејствија определени врз основа на ставот 1 на овој член за извршување на примено барање од доверител правно лице против должник физичко лице, за извршување на нотарски платен налог (за услуги кои произлегуваат од комунални дејности, топлинска енергија, електрична енергија, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште) со налог за извршување по членот 141 (налог за извршување врз плата) или по членот 149 од овој закон (извршување врз парично побарување кое по сметка кај банка му припаѓа на физичко лице), не може да надминат 20% од главниот долг и каматата определени во извршната исправа. Во ограничувањата на висината на надоместоците не влегуваат трошоците за извршени три достави по пат на поштенска пратка и надоместок за информација за трансакциска сметка на должникот од Единствениот регистар на трансакциски сметки.

Оттаму во прашање е ограничување на надоместокот само за спроведени дејствија, но не и за надоместок за обработка на предмет, трошоци и награда за реализација на извршната исправа, трошоци за три достави по пат на поштенска пратка и надоместок за информација за трансакциска сметка на должникот од Единствениот регистар на трансакциски сметки. Притоа овој надоместок за спроведени дејствија не може да надмине 20% од главниот долг и каматата (комунални услуги и слично) определени во извршната исправа.

Според тоа не се прифатливи наводите од иницијативата дека со оспорената одредба се ограничува правото на наплата на надоместок и правото на награда, а како ограничувањето се однесува само по однос на надоместоци за спроведени дејствија и тоа за специфични извршувања врз основа на веродостојни исправи. Исто така, неосновано е тврдењето во иницијативата дека извршителот има трошок во висина од 500,оо денари за блокирање на сметката на должникот од причина што трошокот за блокирање и одблокирање на трансакционата сметка на должникот паѓа на товар на должникот.

Судот смета дека при ваквото законско уредување законодавецот водел сметка кај помалите парични побарувања да се избегне ситуација трошоците наплатени од извршителот од сметката на должникот да не го надминат и тоа повеќекратно износот на главниот долг и каматата, што е чест случај.

– Во оспорениот член 46 став 7 од Законот е предвидено дека извршителот за случаите од ставот 6 на овој член, е должен да се обиде да го спроведе извршувањето согласно со членовите 141 или 149 од овој закон пред да продолжи со преземање со другите извршни дејствија.

Подносителот на иницијативата, меѓу другото, оваа одредба ја спротивставува на содржината на член 28 став 6 од Законот (со последната измена ставот 6 станал став 4), според кој, со врачувањето на извршната исправа чие извршување се бара, извршителот е овластен да избере средства на извршување и предмети на должникот заради целосно извршување на извршната исправа.

Според мислењето на Судот, наоѓањето аргументи за неуставност на оспорената законска одредба преку содржина на друга законска одредба од еден ист закон, води кон барање Судот да се впушти во оцена на меѓусебната согласност на одредби од ист правен акт, за што Судот нема надлежност.

Како и да е, определбата на законовадецот да го задолжи извршителот при извршување на нотарски платен налог (за комунални и слични услуги) да постапува со налог за извршување по членот 141 (налог за извршување врз плата) или пак со налог за извршување по членот 149 од овој закон (извршување врз парично побарување кое по сметка кај банка му припаѓа на физичко лице), пред да се обиде со други правни средства да го изврши побарувањето, не ги повредува уставните одредби посочени во иницијативата.

Ова од причина што законодавецот во ваков случај не водел сметка само за интересите на доверителот и извршителот, туку и за интересите на должникот, односно на најлесен, најефикасен, најбрз и најекономичен начин да се спроведе извршувањето. Појавата како должници за сметка за телевизија или електрична енергија да се јават и лица со сериозен имот е фактичко прашање во кое Судот нема надлежност да навлегува.

Оттаму одредедбата е во согласност со владеењето на правото и правната сигурност како темелна вредност од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

– Во оспорениот член 52 од од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.233/2018) е предвидено дека, извршувањата започнати согласно со одредбите од Законот за извршување од 2005 и Законот за извршување од 2016, како и извршувањата започнати до денот на влегувањето во сила на овој закон, согласно со одредбите на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 72/16 и 142/16), ќе продолжат согласно со одредбите од овој закон. За преземените извршни дејствија до денот на влегувањето во сила на овој закон, извршителите ја применуваат Тарифата којашто била на сила во моментот на преземање на извршни дејствија, а за извршните дејствија коишто се преземаат по денот на влегувањето во сила на овој закон се применува Тарифата донесена согласно со одредбите од овој закон, при што не може да се бара поврат на платените надоместоци или награди.

Последната измена на Законот е објавена на 20 декември 2018 година, а влегла во сила (член 56 од Законот) на 28 декември 2018 година. Оттаму претходната Тарифа бр.1-4725/4 од 30 декември 2016 (објавена на 30 декември 2016) важела и имала примена до 28 декември 2018 година. Новата, сега оспорена тарифа е објавена на 7 февруари 2019 година.

Според член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во слуачи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Според Судот формулацијата за продолжување на започнатите извршувања според одредбите на Законот што влегува во сила, или новата регулатива, не е невообичаена во правното уредување. Од значење за оцена на уставноста е дали со ваквото уредување се навлегува во постапки и односи коишто имале своја завршница со претходната регулатива или тоа не е случај и дали таквото законско решение е понеповолно за сите засегнати лица или не. Притоа оспорената одредба не налага се што е дотогаш спроведено повторно да се спроведе во процесот на извршување, туку бара недовршените дејствија да продолжат според новите правила, значи не се однесува на целосно спроведени извршувања. Од друга страна одредбата предвидува да не може да се бара поврат на платените надоместоци или награди, што значи дека должникот или други засегнати лица не ќе можат да бараат извршителот, по влегувањето во сила на Законот, да ги врати добиените надоместоци и примените награди и во случаите кога предметот заради измената добил карактер на случај од оспорениот член 46 ставови 5 и 6 од Законот што е во корист на извршителите.

Впрочем, процесот на извршување е комплексен и создава релации помеѓу должникот, доверителот и извршителот, од каде оваа одредба не може да биде разгледувана само од аспект на ефектите што ги остава врз извршителите, туку и на останатите засегнати лица. Со евентуалната намалена заработувачка на извршителот и државата индиректно е засегната имајќи предвид дека извршителот помалку ќе инкасира во државната каса, што значи дека државата свесно се откажува од зголемен приход со вака направената измена на Законот.

Според наведеното оспорената одредба не може да добие карактер на понеповолна за граѓаните, од каде истата е во согласност со член 52 став 4 од Уставот.

Од друга страна во иницијативите основано се тврди дека со ваквото законско уредување настанатата правна празнина во периодот од 41 календарски ден (од кои 27 се работни денови), помеѓу денот на престанок на важење на старата тарифа (28 декември 2018 година) и влегувањето во сила на новата тарифа (7 февруари 2019 година), од каде неспорно станува збор за повреда на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Ова од причина што една важна правна област во тој период останала без подзаконски акт, подобен за спроведување на извршувањата. Притоа за колкава материјална загуба или штета станува збор не е познато.

При ваква состојба пред Судот се постави прашањето што би се постигнало со евентуално укинувачка или пак поништувачка одлука во делот на оспорената одредба кој го уредува престанокот на важење на старата тарифа и влегувањето во сила на новата тарифа.

Според мислење на Судот со евентуална укинувачка одлука повторно би настанала правна празнина и тоа за периодот од објавување на интервентната одлука на Судот до објавување на новата тарифа, во кој период следува уредување на нова законска одредба, нејзино објавување и влегување во сила, донесување на нова тарифа, нејзино објавување и влегување во сила од каде извршувањето повторно не би било доуредено со соодветниот подзаконски акт и тоа за однапред неопределен период. Во тој период би имало пречка за наплата на награди, надоместоци и слично за вредности коишто однапред не можат да се предвидат, заради ново настанатата правна празнина.

При определбата за поништувачката одлука би дошол до израз принципот restitution in integrum при што може да дојде до појава: должниците да бараат враќање на она што им било наплатено, доверителите да враќаат она што го добиле, а извршителите да враќаат она што го наплатиле на име трошоци, награди и слично. При ваква состојба би настанал поголем правен хаос од оној што евентуално бил предизвикан со правната празнина.

За вака изнесениот став Судот тргна од уставно-судска практика по предметот У.бр.56/2004 во кој Судот не поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за државјанство на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.8/2004). Во овој предмет Судот завзамал став дека оваа уставна гаранција не се повредува доколку донесените и објавени закони и други прописи влезени во правниот поредок го исполниле принципот на објавувањето со пролонгирање на времето определено за тоа од денот на нивното донесување, бидејќи чинот на објавувањето како суштина на наведената уставна норма сепак е исполнет.

Имајќи ја предвид вака изнесената сеопфатна анализа на оспорениот член 52 од Законот, Судот оцени дека не може основано да се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и членот 52 став 4 од Уставот.

По однос на наводите дека со оспорениот член 52 од Законот (последна измена и дополнување) се давало повратно дејство на членот 33 со кој се менувал членот 185 од Законот за извршување во насока на одржување на трета продажба на недвижност по претходно одржана втора неуспешна продажба цениме дека членот 33 од Законот не е ниту директно, ниту индиректно оспорен со иницијативата. Оваа одредба е наведена само како пример за повратното неповолно дејство на оспорениот член 52 од Законот од каде не постојат услови за впуштање во оцена на основаноста на вака изнесените наводи.

Инаку, во членот 185 од основниот текст на Законот се направени измени со споменатиот член 33 од последната измена на Законот во насока за одржување на трета продажба на недвижност и тоа само по предлог на доверителот, при што почетната цена не може да биде намалена повеќе од една третина од утврдената вредност. Кај втората продажба исто така почетната цена може да се намали најмногу за една третина од утврдената вредност (член 185 став 2).

– Според Александар Варела во оспорениот член 2 став 1 алинеја 2 од Тарифата не се споменувала „реализација на извршната исправа“, туку се предвидувала „награда за извршени дејствија“ што преставувало нов вид на трошоци и награди коишто не биле предвидени со член 46 став 1 алинеја 2 од Законот.

Точно е тврдењето во иницијативата дека членот 46 став 1 алинеја 2 од Законот го употребува терминот: „награда за реализација на извршната изправа“, а во оспорената одредба од Тарифата тој отсуствува. Но, барањето таков термин да има во оспорената одредба од Тарифата води кон внесување на содржина во подзаконскиот акт што не е надлежност на Уставниот суд, туку надлежност на доносителот на актот. Во секој случај наградата за извршени дејствија е поврзана со реализацијата на извршната исправа, бидејќи без реализација нема награда.

-Според подносителот на иницијативата во оспорениот член 3 од Тарифата бил предвиден надоместок за обработка на предметот според видот, а не според висината на главното побарување што било спротивно на член 46 став 3 точка 1 од Законот.

Од анализата на член 46 став 3 точка 1 од Законот произлегува дека надоместокот за обработка се определува во зависност од висината на главното побарување, а во оспорената одредба се прави разработка на овој вид надоместок и тоа за побарувања во распон од 100 до 80.000 евра, потоа над 80.000 евра и за услуги коишто произлегуваат од комунални и слични дејности. Оттаму, целосно е носновано тврдењето дека во оспорената одредба од Тарифата не се предвидува надоместок според висината на побарувањето.

– Членот 4 став 3 од Тарифата бил во спротивност со членот 9 од Тарифата и со членот 46 од Законот.

Наводите за несогласност на член 4 став 3 од Тарифата со членот 9 од Тарифата се наводи коишто бараат оцена на меѓусебната согласност на одредби од еден ист акт, што според член 110 од Уставот не спаѓа во надлежност на Уставниот суд.

– По однос на несогласноста со членот 46 од Законот којашто се состоела во тоа што со оспорената одредба од Тарифата не било јасно уредено дали извршителот наплаќа или не наплаќа за заклучок, Судот оцени дека законската одредба не бара натамошна разработка со подзаконски акт, во насока дали се наплаќа или не од причина што се предвидува ослободување од плаќање на надоместоци (член 46 став 5 од Законот).

– Судот по однос на наводите дека во Тарифата не било уредено на кој начин извршителот ќе ослободува од надоместок, односно не било предвидено како ќе се применувал член 46 став 6 од Законот оцени дека се наводи за кои нема надлежност да постапува согласно член 110 од Уставот. Ова од причина што Судот не може да се јави во улога на креатор на каква било норма, туку тоа е надлежност на доносителот на актот.

Инаку член 4 став 3 од Тарифата го доуредува прашањето за тоа во кој случај се донесуваат заклучоци (за запирање и за прекин на извршување) и начинот на постапување согласно Правилникот за формата на налозите, заклучоците, записниците, барањата, службените белешки, потврдите и другите акти коишто ги изготвува извршителот при преземање на извршните дејствија („Службен весник на Република Македонија“ бр.226/2016).

– Што се однесува до оспорениот член 14 од Тарифата во кој се предвидува престанок на важење на старата тарифа со влегување во сила на новата тарифа основан е наводот во иницијативата дека одредбата е спротивна на членот 52 од Законот кој предвидел старата тарифа да престане да важи со влегување во сила на Законот, а не со влегување во сила на Тарифата. Ова од причина што со оспорената одредба од Тарифата е уредено нешто за кое немало никаква потреба.

Меѓутоа, оцената на уставноста и законитоста на членот 14 од Тарифата во овој момент, па и при поднесување на иницијативата е беспредметно, а како старата тарифа секако престанала да важи по сила на законската одредба, па за ваков начин на уредување немало потреба (се предвидува престанок на важење на акт што веќе престанал да важи по сила на Законот).

Оттаму, интервенцијата на Судот е нецелисходна. Во овој момент Судот може само да констатира неправилност, а како нема можност за интервенција.

Според направената анализа произлегува дека посебно оспорените одредби од Тарифата се во согласност со Уставот и одредбите од Законот за извршување означени во иницијативата.

При анализата Судот го имаше предвид правното мислење приложено кон иницијативата, но оцени дека истото преставува стручно мислење во поткрепа на наводите од иницијативата и нема карактер на иницијатива по која Судот е должен да постапува.

Членот 11 точка 7 од Законот го определува извршител“, „заменик на извршител“ и „помошник на извршител“ како лице кое врши јавни овластувања утврдени со закон, именувано/назначено согласно со одредбите на овој закон и кое директно одлучува за дејствијата што треба да се преземат во рамките на неговите овластувања, за да се спроведе извршната исправа и да се преземат извршните дејствија.

Оттаму, извршителот како лице со пренесени јавни овластувања подлежи на регулација од страна на државата која за случаите од член 46 став 5 и 46 став 6 од Законот предвидела ослободување од плаќање, односно ограничена наплата на надоместок, без да предвиди за такви случаи изгубената заработка да се дополни со пари на државата, а како државата ја креира сферата на извршувањето, вклучително и ослободувањата или ограничувањата. Вршењето на дејноста извршител не спаѓа во слободните економски дејности од каде подлежи на целосна волја на законодавецот кој ги пренел своите овластувања. Намалените или пак идни неизвесни, однапред неопределени приходи на извршителите не можат да имаат третман на сопственост и како такви не подлежат на заштита од членот 30 од Уставот.

Поаѓајќи од аспектите на иницијативите и целокупната анализа произлегува дека оспорените законски одредби се во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 4, член 30, член 33, член 35, член 52 став 4, член 68 став 1 алинеја 3, член 91 алинеи 1 и 5 и членот 96 од Уставот. Оспорената тарифата како целина и посебно оспорените одредби од Тарифата, се во согласност со наведените уставни одредби, со членовите: 55, 56 и 61 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, како и со одредбите од Законот за извршување.

Од наведеното произлегува дека нема услови за донесување на решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија што се преземаат врз основа на оспорените одредби, согласно член 27 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.63/2019
У.бр.73/2019
19.12.2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати