Решение У.бр.113/2019

У.бр.113/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992 и „Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.202/2019), на седницата одржана на 4 декември 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 86 став 2, во делот „…односно непреземањето на дејствие…“ и во делот „…односно непревземеното дејствие.“ од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018).

2. Оливер Давидовски од Скопје, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од член 86 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорениот член 86 став 2, во делот: „… односно непреземањето на дејствие..“ и во делот: „… односно непревземеното дејствие.“ од истиот став на член 86 од Законот за извршување не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, членот 50 и членот 51 од Уставот на Република Северна Македонија.

Според наводите во иницијативата, согласно член 40 став 1 од Законот за извршување, извршителот преземал повеќе дејствија со цел реализација на извршната исправа. Меѓутоа, за преземање на сите тие извршни дејствија не биле предвидени никакви процесни рокови во кои извршителот бил должен да постапува по одредено дејствие, така што често се случувало извршителот да не преземе никакво извршно дејствие, иако согласно наведениот член од Законот бил обврзан да го преземе, или пак молчел и не постапувал по применото барање за извршување.

Понатаму, подносителот наведува дека единствен процесен механизам за заштита кој ѝ стоел на располагање на странката или на учесникот во постапката, било правото на приговор утврдено во членот 86 од Законот, под наслов „Приговор за незаконитости при извршувањето“. Во ставот 2 на членот 86 бил предвиден процесен рок од 3 (три) дена во кој странката или учесникот кој сметал дека била сторена некаква незаконитост од страна на извршителот, можел да поднесе приговор до надлежниот суд.

Според тоа, подносителот смета, дека законскиот определен субјективен рок од 3 дена за поднесување на приговор до судот во случаите предвидени со Законот, било во функција на обезбедување на брза, ефикасна заштита на правата на учесниците во постапката.

Во наводите на иницијативата се потенцира дека кога станувало збор за преземање одредено дејствие, односно определено чинење или сторување од страна на извршителот, рокот од три дена за странката започнувал да тече од денот кога таа дознала за преземеното дејствие, што според подносителот тоа не било спорно. Меѓутоа, спорно било прашањето, со кое се соочил и подносителот на иницијативата, како доверител во извршна постапка, како да се пресмета рокот од три дена во случај кога извршителот не презел никакво дејствие за кое според Законот бил обврзан да го преземе, а според подносителот, непреземањето на одредено дејствие од членот 40 од Законот или нечинењето од страна на извршителот, претставувало сериозна повреда и незаконитост во постапката. Евентуалната повреда сторена со непреземање на одредено дејствие односно со нечинење, подносителот смета дека со законската регулатива морало да биде утврдена како повреда на правото на странките во постапката по поднесен приговор против неправилности при извршувањето, бидејќи решението на судот со кое се утврдувало повредата претставувало основ за поднесување на тужба за одговорност од штета настаната од страна на извршителот во смисла на член 43 став 2 од Законот за извршување.

Врз основа на сите овие наводи, подносителот поставува прашање како да се постапи во ситуација кога извршителот воопшто не презел никакви извршни дејствија заради остварување на признатото право на доверителот со извршната исправа и што ако извршителот бил сосема пасивен и повеќе години не преземал соодветни дејствија и не постапувал по барањето за извршување со што за странката би настанале штетни последици и неможност да го оствари своето право утврдено со извршната исправа.

На крај, подносителот наведува дека од оспорените делови на членот 86 од Законот за извршување, воопшто не било јасно од кој момент би започнал да тече процесниот рок од 3 (три) дена за поднесување на приговор до судот, односно не бил јасно утврден моментот од кога би започнал да се засметува наведениот рок, со оглед на тоа што во Законот за извршување никаде не се определени процесни рокови за преземање определени извршни дејствија. Според подносителот, се поставувало прашањето кога странката дознава за непреземање на дејствие, особено ако од моментот на поднесувањето на барањето за извршување, извршителот не презел никакви дејствија повеќе години.

Според подносителот, оспорените делови од законската одредба, поради горенаведените аргументи, биле нејасни, паушално поставени односно не биле правно издржани и немало јасни критериуми од кои може јасно и недвосмислено да се утврди заклучок со цел овие апстрактни одредби квалитетно да се применат во практиката и да се обезбеди непречена судска заштита на странките во случај на непреземање на соодветни законски дејствија од страна на извршителот.

Поради наведеното, подносителот на иницијативата смета дека оспорените одредби од членот 86 од Законот за извршување не биле во согласност со темелната вредност за владеење на правото утврдена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, со член 50 став 2 од Уставот со кој се гарантира судска заштита и со членот 51 од Уставот според кој законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Од тие причини, подносителот на иницијативата му предлага на Уставниот суд да ја утврди недоследноста и недореченоста на оспорените делови од законската одредба поради нивната спротивност со уставното начело на правна сигурност, да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од оспорената одредба и истите да ги укине.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот став 2 на членот 86 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018) гласи: „Приговорот образложен, аргументиран и поткрепен со соодветни докази во доволен број на примероци, се поднесува во рок од три дена по денот на осознавање на незаконитоста односно непреземањето на дејствие, но не подоцна од три месеци по преземеното, односно непревземеното дејствие. Приговор во никаков случај не може да се поднесе по истекот на 15 дена сметано од денот на донесувањето на заклучокот за намирување.“.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, покрај другите, темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија е и владеењето на правото.

Со член 50 став 2 од Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во членот 1 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016, 142/2016 и 233/2018) се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено (став 1). Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено (став 2). Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон (став 3).

Според членот 2 од Законот за извршување, во ставот 1 е уредено дека основа за извршување претставува извршната исправа, а во ставот 2 на овој член е утврдено дека извршувањето започнува по барање на доверителот.

Редоследот на постапувањето на извршителот и итност во постапувањето е уредено во членот 6 според кој извршителот при спроведување на извршувањето е должен да постапува веднаш и предметите да ги земе во работа по редот како што ги примил, освен ако природата на побарувањето или посебните околности бараат да се постапи поинаку за што е должен да состави службена белешка.

Согласно член 11 точка 4. „странка“ е доверител и должник.

Извршни исправи, согласно член 12 став 1 од Законот за извршување се:
1) извршна судска одлука и судско порамнување;
2) извршна одлука и порамнување во управна постапка, ако гласат на исполнување на парична обврска;
3) извршна нотарска исправа;
5) решение за издавање на нотарски платен налог и
6) друга исправа која како извршна исправа е предвидена со закон.
Според ставот 2 од овој член, потврда за извршност става судот, односно органот којшто одлучувал за побарувањето во прв степен.

Во членот 17 е регулирана подобноста на извршната исправа за извршување, при што според ставот 1 од овој член извршната исправа е подобна за извршување ако во неа се назначени доверителот и должникот, како и предметот, видот, обемот и времето на исполнувањето на обврската. Според ставот 2 ако во извршната исправа не е определен рокот за доброволно исполнување на обврската, извршителот го повикува должникот во рок од осум дена од денот на доставувањето на поканата да ја исполни обврската утврдена во извршната исправа.

Поднесување на барањето за извршување е регулирано во членот 28 од Законот, при што во ставот 3 е уредено дека извршителот е должен да постапува по барањето за извршување. Според ставот 4 од овој член со врачувањето на извршната исправа чие извршување се бара, извршителот е овластен да избере средства на извршување и предмети на должникот заради целосно извршување на извршната исправа.

Согласно член 40 став 1 од Законот за извршување, извршителот ги презема следниве дејствија:

– прима барања за извршување,
– врши достава на судски писмена врз основа на решение на суд согласно одредбите на Законот за парнична постапка,
– врши достава на налози, записници, заклучоци и други документи кои произлегуваат од вршењето на неговата работа,
– врши легитимирање на странките и учесниците во извршувањето,
– прибира податоци за имотната состојба и други податоци за должникот во функција на извршувањето,
– донесува налози и заклучоци, составува записници, барања, потврди и службени белешки, согласно со одредбите на овој закон,
– врши попис, процена, пленидба и продажба на подвижни предмети, права и недвижности, прима средства од должникот, предава во владение,
– распределува средства од извршување,
– врши продажба на подвижни и недвижни предмети и спроведува извршување врз други имотни права во стечајна постапка, по барање на стечајниот управник, освен продажба на деловниот потфат,
– врши пломбирање (запечатување) на подвижни предмети и недвижности заради оневозможување на нивната употреба или трошење со ставање жиг на извршителот,
– врши испразнување од луѓе и од ствари и предавање на недвижности и презема други дејствија потребни за спроведување на извршувањето определени со закон,
– врши објавување во средствата за јавно информирање,
– поднесува барање за поставување на старател за посебни случаи до Центарот за социјални работи кога адресата на должникот е непозната или нема застапник,
– поднесува барање за добивање на податоци за поседување на трансакциска сметка до правното лице кое го води Единствениот регистар на трансакциски сметки во врска со предметот на извршување,
– дава известување за состојба на предмет по барање на странките,
– презема други дејствија во врска со доверени работи од судот,
– презема дејствија за обезбедување на материјални докази како доверена работа од судот,
– издава потврда за намиреност на побарувањето и
– презема и други дејствија предвидени со закон.

Од анализата на член 40 став 1 од Законот произлегува дека во оваа законска одредба се утврдени сите дејствија што е должен да ги преземе извршителот за остварување на утврденото право во извршната исправа и дека согласно алинејата 15 на овој член, доверителот во секое време може да побара од извршителот известување за текот на постапката, со што ќе добие и сознание дали и кои дејствија ги презел извршителот и дали тие дејствија се во согласност со Законот, или пак, ќе добие сознание дека извршителот не презел одредено дејствие за да може понатаму да преземе соодветни мерки предвидени со Законот.

Согласно член 43 став 1 од Законот за извршување, извршителот е одговорен за целата штета што ја причинил на странката или спрема трети лица, со незаконско спроведување на извршните дејствија и со неисполнување на должностите што ги има како извршител според овој закон. Според ставот 2 на овој член извршителот не одговара за причинетата штета доколку незаконитоста или неисполнувањето на должностите, не е утврдено во постапка по изјавен приговор по членот 86 од овој закон.

Од анализата на оваа законска одредба произлегува дека извршителот е одговорен за штетата што би ја причинил на странката во случај на неисполнување на должностите.

Во членот 47 од Законот е утврден начинот како се доставуваат писмената и актите до странките и тој гласи:
„(1) Доставата на актите кои произлегуваат од работата на извршителот предвидени со овој закон се врши со непосредно предавање на актот од страна на извршителот или по пошта.
(2) Ако лицето на кое актот непосредно му се доставува не се затече таму каде што треба да се изврши доставувањето, извршителот ќе му остави кај едно од лицата наведени во членот 136 од Законот за парничната постапка писмено известување да дојде во определен ден и час во канцеларијата на извршителот заради примање на актот. Ако лицето не дојде да го прими актот, а доаѓањето не го оправда во рок од три дена сметано од денот кога тоа е повикано во канцеларијата на извршителот да го прими, актот ќе се испрати препорачано по пошта. Ако актот не биде подигнат во рок од осум дена од денот на известувањето дека актот треба да го подигне, ќе се смета дека доставата е уредно извршена.
(3) Ако доставата се врши по пошта таа се врши со препорачана пратка. Ако доставата не успее ќе се направи повторен обид во рок од осум дена со препорачана пратка. При неуспешен повторен обид извршителот доставата ја врши со јавна објава согласно со членот 48 од овој закон.
(4) Извршителот е должен секој неуспешен обид за достава да го констатира со службена белешка.
(5) За дејствијата кои ги презел за достава согласно овој член извршителот има право на надоместок и материјални трошоци согласно со Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите.

Според членот 54 од Законот, министерот за правда врши надзор над работата над извршителите, при што во алинејата 13 е предвидено дека се врши надзор и за уредно и навремено постапување на извршителот по поднесоци на странки, судови и државни органи.

Од горенаведената законска одредба произлегува дека извршителот мора благовремено да го известува, покрај другите субјекти и доверителот по секое негово барање за текот на постапката, за што надзор врз постапувањето на извршителот врши министерот за правда, при што извршителот може да одговара доколку не постапува, покрај другото, и по барањата на странките.

Во членот 57 од Законот за извршување е уредено прашањето за дисциплинската одговорност на извршителот. Според ставот 1 на овој член извршителот одговара дисциплински за своето нестручно и несовесно работење предвидено во закон, подзаконските акти и актите на Комората, со кои се уредува работењето на извршителот. Согласно ставот 2 нестручно постапување е повреда на Законот со кое при спроведувањето на извршувањето извршителот причинил штета или предизивикува повреда на правата на странките во постапката или на трети лица, а според ставот 3 несовесно постапување е постапување спротивно на Кодексот за професионалната етика на извршителите и обврските предвидени во Статутот и другите општи акти на Комората.

Во членот 86 од Законот, се уредуваат прашањата во однос на поднесување на Приговор за незаконитости при извршувањето, и гласи:
„(1) Странката, учесникот или трето лице коe што смета дека извршителот при извршувањето постапувал незаконито, или пак пропуштил да преземе определено законско дејствие, може да поднесе приговор до основниот суд на чие подрачје извршувањето, или пак дел од него, се спроведува.
(2) Приговорот образложен, аргументиран и поткрепен со соодветни докази во доволен број на примероци, се поднесува во рок од три дена по денот на осознавање на незаконитоста односно непреземањето на дејствие, но не подоцна од три месеци по преземеното, односно непревземеното дејствие. Приговор во никаков случај не може да се поднесе по истекот на 15 дена сметано од денот на донесувањето на заклучокот за намирување (оспорен став).
(3) Приговорот веднаш, а најдоцна во рок од 48 часа по приемот на приговорот до судот се доставува на одговор, до извршителот, кој е должен во рок од 24 часа да се произнесе по приговорот. По потреба приговорот во истиот рок се доставува и до странките и учесниците. Доколку судот смета дека е потребно да ги сослуша странките, учесниците и извршителот пред судот, поканата во која се утврдени датумот и времето на сослушување ги доставува заедно со приговорот.
(4) Надлежен судија определен со годишниот распоред за работа на Судот, одлучува по приговорот во рок од 72 часа од истекот на рокот за одговор на извршителот.
(5) Судот, донесува решение по приговорот во рокот определен во ставот (4) на овој член, без оглед на тоа дали спротивната странка навремено дала одговор по приговорот или пак изјавила дека истиот не го оспорува.
(6) Со решението од ставот (5) на овој член приговорот може да се отфрли, одбие или усвои.
(7) Судот со решението со кое го усвојува приговорот, ги утврдува сторените незаконитости и ги става вон сила преземените извршни дејствија, или пак го утврдува пропуштањето за преземање на определено законско дејствие.
(8) Судот со решението не може да го запре извршувањето, ниту да го задолжува извршителот да презема извршни дејствија.
(9) Приговорот не го задржува извршувањето, освен ако не е поинаку определено со овој закон.

Oднесувањето и постапувањето на извршителите во рамките на вршење на својата дејност, односно во процесот на примена на Законот за извршување e регулирано со Кодексот за професионална етика на извршителите донесен од Собранието на Комората на извршители на Република Северна Македонија на 20.06.2016 година.

Според член 4 точка д.) од Кодексот, извршителот е должен во однесувањето спрема странките во извршувањето:

– да ги почитува странките и нивното достоинство;
– на писмено барање на странките во примерен рок да обезбеди информација по однос на извршувањето;
– да не дава погрешни информации;
– странките да ги информира за евентуално настанување на нови трошоци и за висината на трошоците кога странките предлагаат преземање нови дејства во извршувањето;
– да има определено приемно време за странки во кое приемно време ќе биде достапен;
– во случај на незадоволство на странката да ја информира за нејзините права;….

Од анализата на изнесените законски одредби, како и од Кодексот произлегува дека извршителот е должен при спроведување на извршувањето да постапува веднаш, односно во примерен рок да ги презема сите дејствија за кои е обврзан согласно Законот за извршување. Исто така, извршителот е должен во примерен рок да постапува по барањата на странките и да ги известува за текот на постапката што се води за остварување на правата на доверителот утврдени со извршната исправа.

Во член 40 став 1 од Законот се утврдени сите дејствија што е должен да ги преземе извршителот за остварување на утврденото право во извршната исправа и дека во секое време доверителот може да побара од извршителот известување за текот на постапката, а со тоа да добие и сознание дали и кои дејствија ги презел извршителот, дали тие дејствија се во согласност со Законот или пак да добие сознание дека извршителот не презел одредено дејствие за да може понатаму да ги преземе соодветните мерки предвидени со Законот. Во таа смисла, доколку од известувањето на извршителот произлегува дека тој и по истекот на подолг временски период не презел никакви дејствија за кои тој е овластен и задолжен, од моментот кога странките дознале за овој факт имаат право во рок од три дена да поднесат приговор до судот.

Согласно тоа, од оној момент кога странката добила известување од извршителот за текот на постапката, па и дека извршителот не презел соодветни дејствија, има право во рок од 3 дена од денот на добиените сознанија да поднесе приговор до судот, односно како одговор на прашањата на подносителот на иницијативата, од тој момент почнува да тече процесниот рок за поднесување на приговор.

Во отсуството на вакво уредување во Законот би се создала правна состојба во која странките би немале правна заштита во случај кога извршителот не ги презел потребните дејствија во примерен рок и не постапувал во согласност со законот. Со тоа би се создало поголема правна несигурност, на начин што ќе им се оневозможи правото на судска заштита односно правото на поднесување на приговор до основниот суд доколку извршителот при извршувањето не ги презел соодветните законски дејствија. Со опстојувањето во правниот промет на оспорените делови на законската одредба се овозможува поголема правна заштита на учесниците во извршната постапка и контрола над работата на извршителите за конкретно спроведено дејствие, а си со цел правилно и навремено да се спроведе извршната исправа.

Поради наведеното, Судот оцени дека не се основани наводите во иницијативата и дека со наведените законски одредби јасно е определено од кога започнува да тече рокот за поднесување на приговор и во кои случаи странките имаат право на приговор до судот, со што е обезбедена правната сигурност и владеењето на правото за странките, а особено за доверителот, како и дека токму на овој начин се создадени услови и можности за остварување на уставно загарантираното право на судска заштита против поединечните акти на извршителите.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Сали Мурати и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.113/2019
04.12.2019 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Сали Мурати