Решение У.бр.80/2018

У.бр.80/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 став 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр.70/1992 и 202/2019), на седницатa одржана на 2 октомври 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 13 и членот 14 од Статутот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија.

2. Синдикатот на културата на Република Македонија до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбата од актот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата е наведено дека е потребно поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на дел од актуелниот важечки Статут на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – Пречистен текст (2016) – како општ подзаконски правен акт, односно пропис, донесен од страна на Конгресот и Советот на СОНК, а јавно објавен на веб-страницата на синдикатот [www.sonk.org.mk] и доставен во прилог. Според наводите во иницијативата се предлага делумна или целосна касација, т.е. укинување (со идно дејство ex nunc) или поништување (со ретроактивно дејство ех tunc) на дел од горенаведениот статут, поточно на оспорените одредби од статутот поради тоа што подносителот на иницијативата основано смета дека истите биле во директна спротивност со член 8 став 1 алинеи 1, 3, 8 и 11 и став 2, членот 37, член 20 став 1, член 18 став 2, член 50 став 3, член 54 ставови 1, 2 и 3, членот 51 и членот 118 од Уставот, со ратификуваните мултилатерални меѓународни договори, со националните закони и со домашната уставно-судска пракса.

Во иницијативата е наведено дека оспорените одредби од Статутот на СОНК биле спротивни и на меѓународните договори кои што биле ратификувани од страна на Република Македонија, како што се: членот 2 од Конвенцијата број 87 на МОТ [1948] за синдикалните слободи и за заштита на синдикалните права – т.н. Санфранциска конвенција; членот 2 од Конвенцијата број 98 на МОТ [1949] за правото на организирање и колективно договарање – Женевска конвенција; член 23 став 4 од Универзалната декларација за правата на човекот на ООН [1948]; член 8 став 1 од Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права на ООН [1966]; член 11 ставови 1 и 2 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи на Советот на Европа [1950].

Исто така, оспорените одредби од статутот биле спротивни и на член 184 ставови 1 и 2; член 185 став 1 и член 187 став 1 од Законот за работните односи и членот 2 и членот 8 од Законот за заштита на лични податоци.

Според наводите во иницијативата ограничувањето на општата слобода на здружување, како граѓанско и политичко субјективно право, посебната слобода на синдикално здружување, како манифестација на демократското начело, синдикален плурализам, значи дека работниците имале/ неприкосновено право да основаат синдикати, првенствено заради остварување на „колективни класни интереси”, т.е. заштита и унапредување на своите економски и социјални права. Независни, самостојни и борбени синдикати постоеле во сите демократски општества како рамноправни социјални партнери на државата и на работодавачите и вообичаено преку нив се артикулирале барањата на работниците за промена на јавната политика во правец на поширока заштита на економско-социјалните интереси. Ова круцијално субјективно уставно право, кај нас, можело да се ограничи само со закон, и тоа исклучиво и само во три рестриктивно предвидени јавни области: вооружените сили; полицијата и органите на управата согласно член 37 став З од Уставот.

Исто така, според наводите во иницијативата било евидентно дека оспорената генеричка одредба, која забранувала истапување од членството во СОНК по поднесено барање од членот кој доброволно сакал да му престане членството била несоодветна, непропорционална и преекстензивна, односно ваквата прохибиција недозволиво се проширувала и го ограничувала слободното синдикално делување преку воведување средновековен еснафски концепт на задолжително членување – по принципот: „еднаш член, секогаш член”. Одложениот предвиден рок од три години, кој требало да помине од изјавувањето дека некој работник повеќе не сакал да членува во СОНК, па се до конечното и правосилно негово истапување од синдикатот – прекумерно ја намалувало, парализирало и целосно се ограничувала слободата на синдикално здружување на работниците од просветно-културниот сектор, оневозможувајќи им на тој начин да членуваат во други легитимно основани синдикати или пак, да основаат свои, нови синдикални организации – доколку не биле задоволни од начинот на работа и репрезентација на СОНК.

Во иницијативата е наведено дека во однос на тоа што членот користел некакви бенефиции, врз основа на дотогашни членски права – за што, патем речено, плаќал соодветна членарина – не можело да биде ограничувачки фактор и покрај тоа што изречно изразената волја за напуштање на синдикатот – кое што се решава со inter partes договор меѓу синдикатот и поранашниот член, што претставувало класичен облигационен однос од користењето средства од солидарниот фонд. Исто така, користењето на права од општ или грански колективен договор било уставно загарантирано право на работникот предвидено во членот 34 од Уставот, а не било „милостина” дадена или издејствувана од синдикатот – кое право за возврат за да биде остварено, како противуслуга се барала непореклива послушност на членот и воведување нееквивалентни рестрикции и забрани за евентуално истапување од членство, парализирајќи ја притоа слободата на синдикално организирање и дрско погазувајќи го начелото на синдикален плурализам, кој го зголемувал социјалниот потенцијал за идно изборување поголеми работнички права на вработените во одредена гранка, сектор, дејност или индустрија.

Според наводите во иницијативата корпусот на синдикални слободи и права, поради својата круцијална важност, биле утврдени уште во првите основачки акти за формирање на МОТ; Преамбулата на Уставот на МОТ (1919) – каде се декларирало дека „признавањето на принципот на слобода на здружување требало да биде основно средство за подобрување на условите на трудот и воспоставувањето социјален мир” во државата; потоа со Версајскиот договор и особено со Филаделфиската декларација на МОТ (1944) – која го реафирмирала ова основно начело, во однос на тоа дека: „слободите на изразување и на здружување се од суштествено значење за одржлив развој” на земјите. Токму афирмацијата на начелото на синдикална слобода било утврдено како една од целите на оваа стара и угледна организација која што делувала на светско ниво и каде што ние, како држава, полноправно сме членувале. Тоа било одредено како средство за воспоставување извесна рамнотежа на силите при колективното преговарање и можност за работниците активно и конструктивно да учествуваат во утврдувањето и во спроведувањето на развојната политика на една земја, на економски и социјален план.

Понатаму, во иницијативата е наведено дека оспорените одредби од Статутот биле во директна спротивност со општоприфатените начела на синдикализмот во Република Македонија утврдени во Законот за работни односи, како што се слобода на синдикално здружување, доброволност на членството и забрана на дискриминација. Исто така, оспорените тенденциозни одредби биле во спротивност со одребите од Законот за заштита на личните податоци според кои членството во синдикална организација спаѓало во групата на посебни категории на лични податоци кои уживале значително поголема законска заштита. Од тие причини оспорените одредби внесувале правна несигурност и поради јавната полза и правичноста не требало да постојат во правниот систем.

3. Судот на седница утврди дека согласно член 13 став 1 од Статутот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија, членот не може доброволно да истапи од СОНК доколку користел финансиски средства по основ на солидарност од средствата на СОНК, без разлика дали станува збор за средства од синдикалната организација, регионалниот одбор, од средствата на Советот на СОНК, Синдикалниот фонд или други фондови на СОНК. Доброволното истапување не важи ниту во случаите кога членот користел право што е обезбедено со колективен договор потпишан од страна на СОНК или со друг документ (спогодба, договор и сл.) со надлежните социјални партнери и тоа на сите нивоа, а со користење на некои од тие права членот добил зголемување на финансиските средства или подобрување на статусот на работното место, како и ослободување од казни кои произлегуваат од надлежните државни органи (инспекции, раководни органи во установата, судовите и сл.) како заслуга на мерки и активности на органите на СОНК (став 2).

Согласно членот 14 од Статутот утврдено е дека членот на СОНК, кој сака доброволно да истапи од СОНК, согласно основите наведени во членот 13 од овој Статут, во тој случај истапувањето ќе може да се направи после 3 години од поднесувањето на барањето за истапување од СОНК.

4. Според член 110 алинеја 7 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се бара оцена на уставноста и законитоста на делови од одредбите на членовите од Статутот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија, кој е донесен врз основа на членот 188 од Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.16/2010) и усвоен од Советот на СОНК на 15 октомври 2016 година.

Во делот од Уставот посветен на економските, социјалните и културните права на човекот и граѓанинот, се уредени одредбите од член 32 став 5 од Уставот според кој, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор, како и одредбите од член 37 став 1 на Уставот, со кој се уредува правото на граѓаните да основаат синдикати, заради остварување на своите економски и социјални права.

Според членот 37 од Уставот правото на граѓаните вработени да се здружуваат во синдикални организации кои што работниците ги основаат заради остварување на нивните права што произлегуваат од работен однос, а кои согласно член 32 став 5 од Уставот, мора да бидат утврдени со закон и со колективен договор.

За разлика од организирањето на вработените во синдикални организации, во делот од Уставот посветен на граѓанските и политичките слободи и права, е уреден членот 20 со кој на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, културни и други права и уверувања (став 1), како и правото на граѓаните да можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат (став 2).

Според тоа, Уставот утврдува право на граѓаните да се здружуваат во синдикални организации кои се организираат и ја вршат својата функција согласно одредбите од Законот за работни односи, а исто така Уставот гарантира слобода на граѓаните да се здружуваат во здруженија на граѓани и во политички партии, кои се организираат според Законот за здруженија на граѓани и фондациите и Законот за политичките партии.

Здруженијата на граѓани и политичките партии, согласно ставот 3 на членот 20 од Уставот, се обврзани нивните акти (програми и статути), како и нивните дејствувања, да не бидат насочени кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија и кон поттикнување или повикување на воена агресија или разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост.

Во оваа смисла, со Уставот на Република Северна Македонија е утврдена надлежност на Уставниот суд да врши уставна контрола над актите кои ги донесуваат политичките партии и здруженијата на граѓаните, односно да ја оценува нивната согласност со одредбите на Уставот, како што произлегува од член 110 алинеја 7 од Уставот, според кој Уставниот суд, одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

Што се однесува до здружувањата на граѓаните во синдикалните организации, треба да се има во предвид дека работниците истите ги основаат заради остварување на нивните економски и социјални права од работен однос. При ова, вработените своите права ги остваруваат, исклучиво согласно со закон и со колективен договор, за кои Уставниот суд согласно своите надлежности од член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на колективните договори со Уставот и со законите.

Имајќи предвид дека во конкретниот случај, актот во кој се содржани оспорените делови од одредбите, не можат да се подведат под акти од член 110 алинеја 7 од Уставот, за чија уставност, Уставниот суд има надлежност да одлучува, Судот утврди дека во конкретниот случај, се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, за отфрлање на иницијативата, поради ненадлежност.

Врз основа на изнесеното, произлегува дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, со оглед на тоа дека Судот не е надлежен да одлучува по барањето од иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на членот 13 и членот 14 од Статутот на Самостојниот синдикатот за образование, наука и култура на Република Македонија.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Вангелина Маркудова.

У.бр.80/2018
02.10.2019 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски