Решение У.бр.61/2019

У.бр.61/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 јули 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценка на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ бр.7/2019).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на меѓусебната согласност на оспорениот закон означен во точката 1 од овa решение со членот 111 од Законот за банките и член 178 став 1 точка 3 од Законот за даночната постапка.

3. Светски македонски конгрес, од Скопје до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата членот 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за управата за јавни приходи бил во спротивност со членот 18 од Уставот на Република Македонија со кој се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци. Членот 17 на Законот за управата за јавни приходи и досега овозможувал, на барање на Управата за јавни приходи, податоците за вршење на работите во платниот промет на учесникот во платниот промет, носителот на платен промет да ги достави во определениот рок во барањето.

Измените и дополнувањата на членот 17 во оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за управата за јавни приходи ги проширувал овластувањата на Управата за јавни приходи за нарушување на банкарската тајна, имено банката повеќе да не може да ги штити и чува документите, податоците и информациите кои биле стекнати при вршење на банкарски и други финансиски активности за поединечни лица и трансакции со поединечни лица, како и за депозитите на поединечни лица.

Ваквото нарушување на тајноста на банкарските сметки поттикнувало нарушување на владеењето на правото, бидејќи се рушела и обврската од членот 10 од Законот за платниот промет (“Службен весник на Република Македонија” броевите 113/2007, 22/2008 159/2008), според кој:

“(1) Платниот промет се извршува единствено преку трансакциски сметки кои се пријавени во единствениот регистар на трансакциски сметки.
(2) Не е дозволено плаќање помеѓу учесниците во платниот промет кое не се извршува преку трансакциски сметки.”

Позајмувањето и плаќањето на долговите од една на друга банкарска сметка создавало услови исти пари во трансферот на повеќе банкарски сметки повеќекратно да бидат оданочени со данок на приход, колку што исти пари се користат за плаќање на должнички обврски преку трансакционите сметки.

Парите на банкарска сметка и при трансферот од странство во платниот промет во Република Македонија, веќе еднаш биле оданочени во домицилната држава, оданочувањето на истите пари со кршење на банкарската тајна на трансакционата сметка во банки во Македонија само ќе се дуплира. За тоа да не се случува, Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи (“Службен весник на Република Македонија“ број 7/2019) ги поттикнувал граѓаните, односно учесниците во платниот промет да прибегнуваат кон плаќања и трансфери на пари во готово, што било надвор од секаква контрола и поттикнувало сива економија што го руши екононскиот систем на државата во целина!

Бидејќи платниот промет бил фискализиран, парите од трансакционите сметки секако биле оданочени, бидејќи на нив се плаќа данок на државата по основ на ДДВ во трговијата на стоки и услуги, но со нив државата ги наплатувала даноците по сите основи и врз основа на сите даночни закони.

Членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи (“Службен весник на Република Македонија” број 7/2019) ги операционализирал правата на Управата за јавни приходи за легализиран “упад” во банкарскиот систем за нарушувањето на банкарската тајна. Во таа смисла, и членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи (“Службен весник на Република Македонија” број 7/2019) бил во спротивност со членот 18 од Уставот на Република Македонија.

Членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи (“Службен весник на Република Македонија“ број 7/2019) бил во спротивност со член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија, затоа што Законот имал повратно дејство. Имено, Законот бил донесен на седница на Собранието на Република Македонија одржана на 8 јануари 2019 година, а објавен е во “Службен весник на Република Македонија“ број 7/2019 на 14 јануари 2019 година. Според членот 52 став 4 од Уставот на Република Македонија “Законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по искпучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.” Оданочување на приходи во 2018 година според Закон кој е донесен на 8 јануари 2019 година, а објавен во Службен весник на 14 јануари 2019 година, а ќе се применува од 1 јануари 2019 година, и членот 5 од Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи (“Службен весник на Република Македонија“ број 7/2019) го прави спротивен на член 52 став 4 од Уставот.

Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи ги оштетувал граѓаните како даночни обврзници и затоа во целина бил во спротивност со Уставот на Република Македонија.

Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи, исто така бил во колизија и со членот 111 од Законот за банките (“Службен весник на Република Македонија” број 7/2019) кој гласи:

“Документите, податоците и информациите кои се стекнати при вршење на банкарски и други финансиски активности за поединечни лица и трансакции со поединечни лица, како и за депозитите на поединечни лица претставуваат банкарска тајна која банката е должна да ја заштити и чува.“

Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи (“Службен весник на Република Македонија“ број 7/2019) ја крши банкарската тајна.

Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи (“Службен весник на Република Македо­нија“ број 7/2019) е во колизија со бројни меѓународни и билатерални договори за одбегнување на двојно оданочување кои ги има склучено Република Македонија со многу држави во светот, како прифатлив инструмент за правилно оданочување на даночните обврзници.

Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи (“Службен весник на Република Македонија“ број 7/2019) овозможува двојно и повеќекратно оданочување на исти пари, независно од движењето на трансферот на тие пари од еден на друг даночен обврзник.

Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи (“Службен весник на Република Македонија“ број 7/2019) бил во колизија и со член 178 став (1) точка 3) од Законот за даночна постапка (“Службен весник на Република Македонија” броевите 13/2006, 90/2007, 145/2007, 21/2008, 88/2008, 159/2008, 105/2009, 133/2009, 145/2010, 171/2010, 53/2011, 39/2012, 84/2012, 187/2013, 15/2015, 97/2015, 129/2015, 154/2015, 23/2016 и 35/2018), кој гласи:

“(1) Под меѓународна правна помош, во смисла на овој закон, се смета правото на Управата за јавни приходи врз основа на меѓународни договори, во тек на даночната постапка да се обрати за давање правна помош до странски даночен орган, како и обврска на Управата за јавни приходи да даде таква помош на странски даночен орган.
(2) Ако давањето на меѓународна правна помош не е уредено со меѓународен договор, правна помош може да се даде под услов, ако:
(3) постои реципроцитет;
(4) државата која ја прима правната помош се обврзе дека примените информации и документација ќе ги користи само за целите на даночна, прекршочна или кривична постапка, како и дека ќе бидат достапни само на лицата, органите на управата, односно правосудните органи надлежни за одреден даночен предмет или спроведување на прекршочна, односно кривична постапка во врска со тој предмет;
(5) државата на која и се дава правната помош е готовна по пат на разбирање да избегне двојно оданочување;
(6) задоволувањето на замолницата не го загрозува јавниот поредок или други битни интереси на Република Македонија; и
(7) не постои опасност со давање на правната помош да дојде до одавање на службена или на професионална тајна или на резидентниот даночен обврзник да му се нанесе штета од поголеми размери.

Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи (“Службен весник на Република Македонија” број 7/2019) овозможувал двојното оданочување да ги суспендира обврските за државата Македонија преземени со бројни меѓународни договори, а со кои е преземена обврска на одбегнување на двојното оданочување при трансферот на пари од една во друга држава од банкарска сметка во една држава на банкарска сметка во друга држава.

Според членот 33 од Уставот на Република Македонија “Секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон“, но не постои обврска на исти пари да се плаќа ист данок повеќепати.

Оттука, според наводите во иницијативата, Законот за изменување и дополнување на Законот за управата за јавни приходи (“Службен весник на Република Македонија“ број 7/2019) бил во спротивност и со членот 33 од Уставот на Република Македонија.

Од наведените причини од Уставниот суд на Република Македонија се бара да го поништи Законот за изменување и дополнување на Законот за управата за јавни приходи (“Службен весник на Република Македонија“ број 7/2019), бидејќи не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, членот 9, членот 18, членот 33, членот 51, и член 52 став 4 од Уставот на Република Македонија, а до одлучување да донесе Решение за времена мерка со запирање од извршување на поединечните акти или дејствија, поради штетни последици по правата и слободите на граѓаните.

3. Судот на седницата утврди дека Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи, предвидува:

Член 1

Во Законот за Управата за јавни приходи („Службен весник на Република Македонија“ број 43/14, 61/15, 27/16, 35/18 и 83/18), членот 17 се менува и гласи:

„(1) Управата за јавни приходи собира лични и други потребни податоци од даночните обврзници, носители на платен промет, давателите на услуга брз трансфер на пари, надлежни државни органи, јавни институции, установи, меѓународни организации, странски даночни органи и домашни и странски правни лица – исплатувачи на приходи.
(2) Податоците кои субјектите од ставот (1) на овој член ги доставуваат до Управата за јавни приходи согласно со закон или на барање на Управата за јавни приходи за даночни цели, не претставуваат деловна тајна и истите се должни да ги достават во рок утврден со овој или друг закон, односно барањето.
(3) Носителите на платен промет се должни да доставуваат до Управата за јавни приходи податоци за приливи на средства на сметки на физички лица, кои вклучуваат податоци за: носителот на платен промет – ЕДБ на носителот на платен промет, идентификатор на носителот на платен промет, период, име на пратката и вкупен број на податоци во пратката; за физичкото лице примач – ЕМБГ, опис на основ на прилив искажан од налогодавачот; за налогодавачот – назив и седиште на налогодавач, односно име и презиме и адреса ако налогодавачот е физичко лице, износот на приливот, датум на прилив, референтен број на трансакција, шифра на земјата од кај што е налогодавачот, шифра и опис на основот, шифра на валута најдоцна до 15 во тековниот месец за претходниот месец.
(4) Формата, содржината и начинот на доставување на податоците од ставот (3) на овој член ги пропишува министерот за финансии.“.

Член 2

По членот 17 се додава нов наслов и три нови члена 17-а, 17-б и 17-в, кои гласат:

„Собирање, обработка, анализирање, проценување, оценување, користење, чување и бришење на податоци и обработка на лични и други податоци

Член 17-а

(1) Управата за јавни приходи собира, обработува, анализира, проценува, оценува, користи, чува и брише лични податоци и податоци под услови и на начин утврдени со овој закон и прописите за заштита на лични податоци и води евиденции за личните и податоци за чие собирање е овластена со закон, исклучиво за даночни цели.
(2) Лични податоци од ставот (1) на овој член се: лично име, податоци за раѓање (ден, месец, година и место), живеалиште и престојувалиште, единствен матичен број, државјанство, како и податоци преку кои директно или индиректно може да се идентификува одредено физичко лице.
(3) Податоци од ставовите (1) и (2) на овој член се податоци за финансиските трансакции на лицето кај носителите на платен промет и даватели на услуга брз трансфер на пари, податоци за налогодавач, податоци за примач, податоци за имотот на лицето, податоци добиени по барање за даночни цели од Управата за јавни приходи и други податоци преку кои директно или индиректно може да се утврдат приходите што ги остварува лицето.

Член 17-б

Управата за јавни приходи обработува лични податоци заради:
-утврдување на статус на даночен обврзник,
-утврдување на остварените приходи на лицето кои подлежат на оданочување,
-постапување согласно со одредбите за размена на податоци и давање меѓународна правна помош во даночни предмети согласно со меѓународните договори од областа на даноците и
-регистрирање, утврдување, контрола и наплата на даноци и други јавни приходи утврдени со закон.

Член 17-в

(1) Управата за јавни приходи води евиденција за лица за кои се доставени податоци за прилив на средства како и за износот на приливот.
(2) Личните податоци од евиденцијата од ставот (1) на овој член веднаш се бришат во случаите кога ќе се утврди дека не се точни или не постоеле/престанале причините, односно условите заради кои личниот податок е внесен во евиденција.
(3) Податоците од евиденцијата од ставот (1) на овој член кои послужиле за цели на оданочување се чуваат до истекот на рокот на застареност на утврдувањето и застареност на наплатата на данокот согласно со Законот за даночна постапка.“.

Член 3

Подзаконскиот акт утврден со овој закон ќе се донесе во рок од осум дена од денот на влегувањето во сила на овој закон.

Член 4

(1) Податоците од членот 17 став (3) од овој закон кои се однесуваат на 2018 година ќе се достават до Управата за јавни приходи најдоцна до 28 февруари 2019 година.
(2) Податоците од членот 17 став (3) од овој закон кои се однесуваат за месеците јануари, февруари и март 2019 година, ќе се достават до Управата за јавни приходи најдоцна до 30 април 2019 година.

Член 5

Овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ а ќе започне да се применува од 1 јануари 2019 година.

4. Според членот 110 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Северна Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото.

Според член 9 став 2 од Уставот, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со член 18 став 1 од Уставот, се гарантираат сигурноста и тајноста на личните податоци.

Според членот 33 од Уставот секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно член 52 став 4 од Уставот, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога тоа е поповолно за граѓаните.

Според член 1 од Законот за Управата за јавни приходи со овој закон се уредува организацијата, делокругот на работа, начинот на вршење на работата и раководењето со Управата за јавни приходи, даночните надлежности, класификацијата на работните места, како и овластувањата и одговорностите при собирањето, евидентирањето, обработката и заштитата на податоци во врска со работите на Управата за јавни приходи (став 1). Со овој закон се уредуваат специфичностите во правата, обврските и одговорностите на даночните службеници, вработувањето, унапредувањето, стручното усовршување и оспособува­ње, мерењето на учинокот, кодексот на однесување, наградите и признанијата, како и финансирањето на Управата за јавни приходи (став 2).

Според членот 2 од истиот закон Управата за јавни приходи е орган на државната управа во состав на Министерството за финансии, со својство на правно лице.

Во член 4 став 1 точка 2 од Законот каде се уредува делокругот на работа на Управата за јавни приходи, децидно се наведува дека Управата за јавни приходи ги извршува управните и други стручни работи кои, меѓу другото, се однесуваат на регистрација на даночните обврзници со доделување на единствен даночен број и водење единствен регистар на даночните обврзници.

Според членот 7 од Законот за Управата за јавни приходи:
(1) Управата за јавни приходи – Генерална дирекција ги извршува управните и другите стручни работи што се однесуваат на:
– предлагање на измени во даночната политика, прописите за даноците и други прописи за унапредување на даночниот систем и за поефикасно наплата на даноците;
– воведување и уредување на даночни евиденции,
– обработка на податоци за утврдување и наплата на даноците,
– координација, надзор и контрола на работењето на Дирекцијата за големи даночни обврзници, регионалните дирекции, даночните одделенија и даночните шалтери во поглед на законитоста и правилната примена на даночните прописи,
– координирање на спроведување на постапката за даночната контрола над даночни обврзници
– координирање на спроведување на постапката за редовна и присилна наплата на данок,
– тековно следење на примената на прописите за даноците и обезбедување на единственост во постапувањето и спроведувањето на законските и подзаконските акти,
– воведување, организирање, користење и развој на единствен даночен информационен систем,
– давање стручна помош на регионалните дирекции со даночните одделенија заради единственост во постапувањето на Управата за јавни приходи,
– обезбедување на меѓународна правна помош, проучување на даночните системи на други држави и соработка со меѓународни организации и здруженија,
– следење на обезбедување на примената на меѓународните договори во областа на даноците и
– организирање на стручно усовршување на службениците на Управата за јавни приходи.

(2) Управата за јавни приходи – Генерална дирекција за планираните и реализирани работи од членот 4 од овој закон доставува месечен извештај до Министерството за финансии.

Во членот 14 од Законот се предвидува дека Управата за јавни приходи работите од својата надлежност ги врши согласно со овој закон, Законот за даночна постапка и законите со кои се уредуваат одделни видови на даноци.

Според членот 15 од Законот, Управата за јавни приходи е должна, под условите пропишани со овој или со друг закон, да ги презема сите мерки и активности што ги смета за неопходни заради обезбедување на правилна примена на законите и другите прописи за даноците.

Според член 1 од Законот за даночна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.13/2006, 88/2008, 159/2008, 105/2009, 133/2009, 145/2010, 171/2010, 53/2011, 39/2012, 84/2012, 187/2013, 15/2015, 97/2015, 129/2015, 154/2015 и 23/2016), со овој закон особено се уредува општото даночно право, постапката на утврдување на данок, постапката на контрола на данок, постапката на наплата на данок, правата и обврските на даночниот обврзник и други прашања од даночната постапка (став 1). Овој закон е единствена основа на општото даночно право и на даночната постапка (став 2).

Со членот 2 од овој закон е утврдено дека овој закон се применува на даноците и другите јавни приходи како и на споредните даночни давачки кои ги утврдува Управата за јавни приходи (став 1); овој закон се применува и на други јавни давачки, доколку истите со закон се доверени да ги управува Управата за јавни приходи (став 2); овој закон се применува и на паричните казни, односно глобите и трошоците изречени во парничните, прекршочните, кривичните и управните постапки во корист на Република Македонија (став 3); одлуката со која се утврдува парничната казна, односно глобата и трошоците изречени во корист на Република Македонија од ставот 3 на овој член, се доставува до Управата за јавни приходи од страна на Судот или од надлежниот орган кој ја донел (став 4).

Односот на овој закон со другите закони е уреден во членот 3 од Законот, според кој овој закон има предимство пред другите даночни закони (став 1); доколку со овој закон нешто не е уредено, важат одредбите на соодветните посебни даночни закони (став 2); при примената на овој закон, секој поим којшто не е дефиниран поинаку, го има значењето што е дефинирано со други закони (став 3); за сите прашања што не се уредени со овој закон, се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка (став 4).

Во членот 4 од овој закон, дадени се дефиниции, при што е определено дека даночен орган е органот определен во Законот за Управата за јавни приходи (Управа за јавни приходи) (точка 1); јавни приходи се финансиски средства што ги управува Управата за јавни приходи за финансирање на јавните расходи (точка 2); даноци се давачки на даночниот обврзник кои мора да бидат платени без противуслуги, кои служат за општо државно добро и кои на сите даночни обрзници им се наметнати со закон (точка 3); споредни даночни давачки особено се парични казни, даночни казни, камати и трошоци на присилна наплата на данок (точка 4); даночна постапка е постапка за утврдување и наплата на јавните приходи (точка 6); даночна обврска е секоја пропишана обврска за даночниот обврзник со овој или друг даночен закон, за дејствија во даночната постапка (точка 7); даночен обврзник е оној кој што: должи данок, гарантира данок, треба да плати или наплати данок за сметка на трето лице, треба да поднесе даночна пријава и/или даночно објаснување, мора да води книги или записи или мора да исполнува други обврски кои што му се наложени со даночните закони (точка 9); даночен обврзник не е оној кој што треба да дава информации, да приложува документи, да предаде процена или да дозволи пристап до имот и/или деловни простории во врска со даночна обврска на трето лице (точка 10); даночни факти се сите факти содржани во докази и во документи кои што се од значење за оданочувањето (точка 15).

Поимот и содржината на даночно-правниот однос се определени во членот 16 од Законот, според кој, даночно-правен однос е однос кој во даночната постапка ги опфаќа правата и обврските на Управата за јавни приходи од една страна и на даночниот обврзник од друга страна, при што особено се уредува исполнувањето на даночните обврски од страна на даночниот обврзник, како и правото на Управата за јавни приходи да бара исполнување на овие обврски.

Во делокругот на работите кои ги врши Управата за јавни приходи, согласно членот 17 од Законот е наведено дека Управата води првостепена даночна постапка, води регистар на даночни обврзници и даночни акти и врши работи на евиденција, откривање на даночни казниви дела и на нивни извршители, води првостепена прекршочна постапка, и други работи утврдени со овој закон (став 1). Управата ги извршува работите од ставот 1 на овој член на територијата на Република Македонија и се организира така што да обезбеди функционално единство во спроведувањето на даночните прописи (став 2). Кои дејствија ќе се преземат во постапката и во кој обем одредува Управата согласно со закон (став 3). Управата го повикува даночниот обврзник на поднесување даночни пријави и на навремено плаќање на своите даночни долгови во согласност со важечките закони (став 4). Управата е должна да го поучи даночниот обврзник во даночната постапка на неговите права и обврски.

Со членот 18 од Законот е утврдено дека даночен должник е лице кое треба да исполни одредена обврска за плаќање од даночната постапка во смисла на членот 16 од овој закон (став 1). Друг даночен должник е: – даночен гарант кој одговара за плаќање на даночен долг на даночниот обврзник во случај кога долгот не го плати во рокот на пристигнување; – даночен обврзник во смисла на член 4 точка 9 потточка 3 од овој закон; и – други лица кои треба да исполнат некоја обврска за плаќање од даночна постапка во смисла на член 16 од овој закон (став 2).

Според членот 50 од Законот, даночниот обврзник мора да учествува во утврдувањето на фактичката состојба, така што своето учество го исполнува особено со изнесување на целосни и вистинити факти битни за оданочување и за сите тврдења треба да поднесе докази.

Според членот 59 од Законот, Управата за јавни приходи може да користи дополнителни информации (став 1). Дополнителни информации се информации за факти утврдени во даночната постапка на трети лица, а кои би можеле да бидат значајни за други даночни постапки (став 2). Во водењето на даночната постапка, Управата може од даночниот обврзник да ги бара сите информации за неговото работење во земјата и во странство за неговите активности и за изворите на средства за купување на деловен и личен имот (став 3).

Согласно член 62 став 1 од Законот, Управата за јавни приходи може да побара од даночниот обврзник да ги стави на увид деловните книги, евиденцијата, деловната документација и други исправи заради проверка. Притоа, треба да се одреди дали побараните документи се битни за оданочување на лицето кое е повикано да ги стави на увид или за оданочувањето на трети лица.

Со изменетиот член 17 од Законот за Управата за јавни приходи се предвидува дека Управата за јавни приходи собира лични и други потребни податоци од даночните обврзници, носители на платен промет, давателите на услуга брз трансфер на пари, надлежни државни органи, јавни институции, установи, меѓународни организации, странски даночни органи и домашни и странски правни лица – исплатувачи на приходи.Исто така, во ставот 2 на овој член од Законот, податоците кои субјектите од ставот (1) на овој член ги доставуваат до Управата за јавни приходи согласно со закон или на барање на Управата за јавни приходи за даночни цели, не претставуваат деловна тајна и истите се должни да ги достават во рок утврден со овој или друг закон, односно барањето.

Со оспорениот член 17-а од Законот се предвидува дека Управата за јавни приходи собира, обработува, анализира, проценува, оценува, користи, чува и брише лични податоци и податоци под услови и на начин утврдени со овој закон и прописите за заштита на лични податоци и води евиденции за личните и податоци за чие собирање е овластена со закон, исклучиво за даночни цели.

Според член 17-б од Законот Управата за јавни приходи обработува лични податоци заради:
– утврдување на статус на даночен обврзник,
– утврдување на остварените приходи на лицето кои подлежат на оданочување,
– постапување согласно со одредбите за размена на податоци и давање меѓународна правна помош во даночни предмети согласно со меѓународните договори од областа на даноците и
-регистрирање, утврдување, контрола и наплата на даноци и други јавни приходи утврдени со закон.

Од анализата на наведените уставни одредби, целината на Законот за даночната постапка, Законот за Управата за јавни приходи, како и оспорените одредби од Законот за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи (“Службен весник на Република Македонија” бр.7/2019), генерално произлегува дека даночно-правниот однос е помеѓу Управата за јавни приходи и даночниот обврзник и дека поради тоа сите обврски во даночната постапка поврзани со пријавувањето на фактите битни за оданочувањето и учеството во утврдувањето на фактичката состојба и поднесувањето на докази, Законот ги предвидел првенствено како обврски на даночниот обврзник. Истовремено, Законот на Управата за јавни приходи притоа и дал овластување да ги користи сите доказни средства потребни за утврдување на фактите битни за оданочувањето.

Оттука, според Судот, не може да се доведе под сомнение согласноста на оспорениот Закон за изменување и дополнување на Законот за Управата за јавни приходи, со кој се менува членот 17 и се додаваат уште три нови члена 17-а, 17-б и 17-в, со членот 18 од Уставот на Република, бидејќи не се нарушува сигурноста и тајноста на личните податоци. Имено, Управата за јавни приходи, како орган на државната управа во состав на Министерството за финансии, со цел вршење на делокругот на своите со закон утврдени надлежности , има овластување да ги користи сите доказни средства потребни за утврдување на сите потребни податоци со цел да даночниот обврзник ги исполни со Устав утврдените задолженија (член 33), односно да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи.

Според Судот, со оспорените одредби од Законот, на Управата за јавни приходи и се овозможува да ги реализира нејзините со закон предвидени надлежности, односно собирање, евидентирање, обработка и заштита на податоците кои ги има прибрано во врска со работите на Управата.Од овие причини, сметаме дека не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорените членови од Законот се повредува сигурноста и тајноста на личните податоци бидејќи овие податоци се доставуваат до орган на државна управа кој има законска обврска за заштита на личните податоци и не постои можност за нивна злоупотреба, а од друга страна прибирањето на податоците предвидени во оспорените членови од Законот се со цел за исполнување на утврдената законска надлежност на Управата за јавни приходи и остварување на нејзината со закон утврдена обврска- обезбедување на податоци за даночниот обврзник за исполнување на даночните цели.

Со иницијативата се оспорува одредбата на членот 5 од оспорениот закон каде се предвидува дека овој закон влегува во сила со денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”, а ќе започне да се применува од 1 јануари 2019 година, односно дека истиот бил во спротивност со член 52 став 4 од Уставот кој што забранувал ретроактивно дејство на законите и другите прописи, освен по исклучок, во случаи кога тоа било поповолно за граѓаните.

По наоѓање на Судот, од анализата на оспорената одредба од Законот, произлегува, од една страна, дека со оваа оспорена одредба е пропишано повратно дејство,односно истиот влегува во сила на 14 јануари 2019 година, а ќе се применува од 1 јануари 2019 година, што значи пред неговото влегување во сила, но во конкретниов случај, според Судот, може да се примени исклучокот од член 52 став 4 од Уставот, со кој се допушта повратното дејство на законите, доколку тоа е поповолно за граѓаните. Имено, со ваквото законско решение не се загрозуваат правата на даночните обврзници, и истото не е на нивна штета, односно ваквото законско решение е поповолно за граѓаните, од причина што со овој закон обврските за доставување на податоците преминуваат на товар на Управата за јавни приходи со што се ослободуваат граѓаните од ваквите обврски кои досега ги имаа. Од друга страна, пак според Судот, оспорениот член 5 од Законот го уредува начинот и постапката на реализација на оспорениот закон и истовремено се прифаќа дека се работи за односи во тек, поради што Судот оцени дека не може да се постави прашањето за неговата согласност со член 52 став 4 од Уставот.

5. По однос на наводите во иницијативата дека оспорениот закон не бил во согласност со членот 111 од Законот за банките и со членот 178 став 1 точка 3 од Законот за даночната постапка, според Судот претставува барање за оцена на меѓусебна согласност на одредби од два закони што е прашање за кое согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

По однос на предлогот во иницијативата, до донесување на конечна одлука Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечните акти или дејствија преземени врз основа на оспорените одредби од Законот, Судот оцени дека не се исполнети условите од членот 27 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за прифаќање на ваквото барање.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Сали Мурати. Решението по однос на точката 1 е донесено со мнозинство гласови.

У.бр.61/2019
3 јули 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски