Одлука У.бр.82/2017

У.бр.82/2017

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 10 јули 2019 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 78-а ставови 3, 5, 6 и 7 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018 и 208/2018).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Северна Македонија, на иницијатива на Бојан Лалиќ, адвокат од Скопје, со Решение У.бр.82/2017 година од 22 мај 2019 година поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Изборниот законик означени во точката 1 од оваа одлука.

Постапката е поведена затоа што се постави прашање за согласноста на наведените законски одредби со член 8 став 1 алинеја 5 и членовите 9, 16, 22 и 23 од Уставот на Република Северна Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека со членот 34 од Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.196/2015), во Изборниот законик се додаде нов член 78-а и тој гласи:

„(1) Дозволено е политичко рекламирање на рекламните паноа и билборди.
(2) Максималниот број на рекламни паноа и билборди од ставот (1) на овој член кои може да се користат за политичко рекламирање изнесува 50% од вкупниот број на територијата на определена општина, градот Скопје, односно на територијата на кое определено правно лице стопанисува со истите.
(3) Политичките партии имаат право на закуп за политичко рекламирање на рекламните паноа и билборди на транспарентен и недискриминаторски начин согласно со следните критериуми:
-40% од вкупниот број се достапни на партиите на власта;
-40% од вкупниот број се достапни на партиите во опозицијата во Собранието на Република Македонија;
-10% од вкупниот број се достапни на парламентарните партии кои немаат пратенички групи во Собранието на Република Македонија и
-10% од вкупниот број се достапни на вонпарламентарните партии во Република Македонија.
(4) Општините во Република Македонија, градот Скопје и правните лица кои стопанисуваат со рекламните паноа и билборди се должни во рок од пет дена од денот на распишување на изборите јавно да ги објават локациите и цените за закуп на рекламните паноа и билборди. Цената не смее да се менува за време на изборниот процес и истата не смее да биде поголема од просечната цена за закуп пресметана во последните три месеци пред денот на распишување на изборите.
(5) Општините во Република Македонија, градот Скопје и правните лица кои стопанисуваат со рекламните паноа и билборди се должни локациите кои се нудат за политичко рекламирање да ги распоредат согласно со критериумите од ставот (3) на овој член по пат на ждрепка.
(6) Ждрепката од ставот (5) на овој член ја спроведува Државната изборна комисија на Република Македонија.
(7) Доколку некоја политичка партија или коалиција не го искористи вкупниот процент за закуп на рекламни паноа и билборди или извлечените локации, останатите политички партии имаат право на закуп на истите.“

5. Во врска со наводите во иницијативата дека ставовите 3, 5, 6 и 7 од наведениот член од Законикот оневозможувале независните кандидати поддржани од група избирачи да закупат рекламни паноа и билборди заради нивно политичко рекламирање, Судот ја утврди следната правна состојба:

а) Според член 8 став 1 алинеја 5 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е „политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори“.

Во членот 9 од Уставот се определува дека „граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба“ (став 1). „Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви“ (став 2).

Според член 16 од Уставот, „се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата“ (став 1). „Се гарантира слободниот пристап кон информациите, слободата на примање и пренесување на информации“ (став 3).

Членот 22 од Уставот определува дека „секој граѓанин со наполнети 18 години живот стекнува избирачко право (став 1). „Избирачкото право е еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање“ (став 2).

Во членот 23 од Уставот се утврдува дека „секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.“

б) Со Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011, 51/2011, 142/2012, 31/2013, 34/2013, 14/2014, 30/2014, 196/2015, 35/2016, 97/2016, 99/2016, 136/2016, 142/2016, 67/2017, 125/2017, 35/2018, 99/2018, 140/2018 и 208/2018) се операционализираат уставните одредби така што се пропишува дека со Законикот се уредуваат, покрај другото, начинот, условите и постапката за избор на претседател на Република Македонија, пратеници во Собранието на Република Македонија, членови на советите на општините и Советот на градот Скопје, градоначалник на општина и градоначалник на градот Скопје (член 1).

Во членот 2 од Изборниот законик се определува значењето на поимите употребени во Законикот.

Притоа, во точката 7 се утврдува дека „независен кандидат“ е кандидат за избор на претседател на Републиката, пратеник, градоначалник или член на совет кој е поддржан од „група избирачи“, во точката 8 се утврдува дека „политичка партија“ е регистрирана политичка партија во согласност со закон, во точката 12 се определува дека „коалиција“ е здружување врз основа на договор на две или повеќе регистрирани политички партии за заедничко настапување за време на одржување на избори, а во точката 14 се определува дека „учесник во изборна кампања“ е овластено лице од (1) политичка партија, (2) коалиција или (3) група избирачи кои ја организираат изборната кампања.

Понатаму, во точката 24 од истиот член на Законикот се утврдува дека „директен пристап до избирачите“ се остварува во облик на бесплатно политичко претставување и платено политичко рекламирање, преку кои учесниците во изборната кампања слободно ги промовираат своите програми, ставови и кандидати, а во точката 28 се определува дека „изборно медиумско претставување“ е промовирање на ставови, програми, платформи, достигнувања, активности и друго на (1) политички партии, (2) коалиции, (3) групи избирачи и нивни претставници.

Глава VI од Изборниот законик е посветена на „Изборна кампања“ (членови 69-а до 87), при што вториот дел од таа глава се однесува на „Медиумско претставување“ чиј дел е и оспорениот член 78-а од Законикот.

Членот 78-а од Законикот, според содржината на ставовите 3, 5, 6 и 7, определува право на закуп за политичко рекламирање на рекламни паноа и билборди само на политички партии и нивни коалиции, не и на независните кандидати поддржани од група избирачи.

в) Од изнесените уставни одредби произлегува дека политичкиот плурализам и слободните непосредни и демократски избори се темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, дека секој полнолетен граѓанин има активно и пасивно избирачко право, право да учествува во вршењето на јавни функции, потоа на граѓанинот му е гарантирано слободно да мисли и јавно да ја изрази својата мисла, слободно да пристапи кон информации, да прими информации и истите да ги пренесе, при што тие слободи и права се еднакви за сите граѓани без оглед на нивните индивидуални карактеристики.

Од изнесените одредби на Изборниот законик, пак, произлегува дека учесник во изборите за претседател на државата, пратеник во Собранието на Република Македонија, член на совет на општина и на Град Скопје и градоначалник на општина и Град Скопје може да биде граѓанин кој е поддржан од политичка партија, коалиција на политички партии или независен кандидат поддржан од група избирачи, при што тие три групи на субјекти имаат право во периодот на изборна кампања да организираат медиумско претставување преку кое ќе ги изнесат своите ставови, програми, активности и друго, а еден од повеќето облици на медиумско претставување е и користење на рекламни паноа и билборди.

Со оглед на тоа дека, во конкретниот случај, член 78-а ставови 3, 5, 6 и 7 од Изборниот законик определува право на закуп на рекламни паноа и билборди само на политички партии (на власт, во опозиција, во или вон Собранието на Република Македонија и тоа во различен меѓусебен сооднос – став 3) или право на закуп на политичките партии и нивните коалиции доколку не бидат закупени сите 50% на рекламни паноа и билборди наменети за политичко рекламирање (став 7), како и што распределбата на рекламните паноа и билборди според локациите на кои се наоѓаат се врши според законски утврдениот сооднос и со ждрепка само меѓу политичките партии и нивните коалиции (ставови 5 и 6), а независните кандидати поддржани од група избирачи се исклучени од тоа право на закуп иако според Изборниот законик и тие имаат право да учествуваат во изборната кампања, Судот утврди дека наведените одредби од Изборниот законик не се во согласност со изнесените уставни одредби, поради што Судот одлучи да го укине член 78-а ставови 3, 5, 6 и 7 од Изборниот законик.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.82/2017
10 јули 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски