Решение У.бр.26/2018

У.бр.26/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 29 мај 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 13 став 2 во делот: „ако не е член на друго здружение или асоцијација со исти или слични цели и задачи“, од Статутот на Националниот сојуз на лица со телесен инвалидитет на Македонија – МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА, бр.03-018, донесен од Собранието на Националниот сојуз на 17 јануари 2011 година.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на согласноста на:

а) целината на член 13 став 2 од наведeниот статут, и
б) на член 13 став 2 од наведениот статут со членовите 4 и 19 од Законот за здруженија и фондации, член 11 од Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи и со член 22 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права на човекот и граѓанинот.

3. Вангел Тркаљанов, во својство на претседател и основач на Здружението на граѓани со параплегија и квадриплегија „БЕЗ ОГРАНИЧУВАЊЕ“ од Кочани, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста, законитоста и согласноста со меѓународни договори на член 13 став 2 од статутот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека оспорената одредба од Статутот, со која е поставен услов дека редовен член на МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА не може да членува во друго здружение или асоцијација со исти или слични цели и задачи, била во спротивност со член 20 став 1 од Уставот бидејќи со оспорената одредба се ограничувала слободата на здружување предвидена и загарантирана со наведениот член од Уставот.

Понатаму, во иницијативата се изнесува содржината на (1) членовите 4 и 19 од Законот за здруженија и фондации („Службен весник на Република Македонија“ бр.52/2010), (2) член 11 од Европската конвенција за заштита на човековите права и (3) член 22 од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права на човекот и граѓанинот, при што се наведува дека со оспорената одредба биле повредени наведените законски и меѓународни норми, без притоа да се даде поблиско образложение на повредата.

Во продолжение на иницијативата се укажува на пример од уставно-судската практика, како и на примената на оспорената статутарна одредба во практика на тој начин што членовите од Здружението „БЕЗ ОГРАНИЧУВАЊА“ од Кочани биле задолжени да достават доказ дека се испишале од Здружението или во спротивно ќе биле испишани од „МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА“.

Подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да го поништи член 13 став 2 од означениот статут.

4. Судот на седницата утврди дека во член 13 став 1 од наведениот статут се определува дека: „Членувањето во МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА може да биде редовно, вонредно и почесно.“

Според член 13 став 2 од Статутот, кој е предмет на оспорување, „Редовен член на МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА може да биде секој граѓанин државјанин на Република Македонија кој има пречки во мобилноста поради телесен инвалидитет предизвикан од параплегија, дистрофија, ампутација на екстремитет, детска парализа, мултипла склероза и други невро мускулни или коскени заболувања, ако му се сочувани менталните способности и ако не е член на друго здружение или асоцијација со исти или слични цели и задачи, кој доброволно ќе пристапи кон МОБИЛНОСТ МАКЕДОНИЈА со потпишување на пристапница.“

5. Во врска со член 13 став 2 во делот: „„ако не е член на друго здружение или асоцијација со исти или слични цели и задачи“ од Статутот, Судот ја утврди следната правна состојба:

Според член 20 став 1 од Уставот, „на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања.“

Од изнесената уставна одредба произлегува дека (1) слободата на здружување на граѓаните е загарантирана со Уставот и дека (2) таа слобода е во функција на стекнување и чување на политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања на граѓаните.

Во конкретниот случај, делот: „ако не е член на друго здружение или асоцијација со исти или слични цели и задачи“ од член 13 став 2 на Статутот, се однесува на ситуација кога определено лице веќе е член на друго здружение основано заради остварување на исти или слични цели и задачи и каде веќе ја остварува уставно загарантираната слобода на здружување и целите поради кои се здружил. Притоа, доколку граѓанинот не е задоволен од остварувањето на целите и задачите преку првото здружение, слободата на здружување може да ја остварува преку истапување од тоа здружение и пристапување кон друго здружение со исти или слични цели, што е согласно на член 20 став 2 од Уставот, а во спротивно нема правна смисла да се биде истовремено во две или повеќе здруженија за да се стекнуваат и чуваат исти или слични цели и задачи (друга ситуација е ако здруженијата имаат различни цели и задачи).

Имајќи го предвид изнесеното, Судот оцени дека определувањето во делот: „ако не е член на друго здружение или асоцијација со исти или слични цели и задачи“ од член 13 став 2 на Статутот, не претставува ограничување на слободата на здружување загарантирана во член 20 став 1 од Уставот, туку разработка на таа уставна слобода во конкретна ситуација без да настане повреда на слободата на здружување утврдена во Уставот.

Поради тоа, Судот одлучи да не поведе постапка за оценување на уставноста на наведениот дел од член 13 став 2 на означениот статут.

6. Во однос на наводот од иницијативата кој не се однесува на член 13 став 2 во делот: „ако не е член на друго здружение или асоцијација со исти или слични цели и задачи“ од Статутот, Судот ја утврди следната правна состојба:

Во член 15 став 2 од Деловникот на Уставниот суд се определува дека иницијативата треба да содржи, покрај другото, и причини поради кои се смета дека определени одредби не се во согласност со Уставот.

Според член 28 алинеја 3, пак, од Деловникот на Уставниот суд, „Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.“

Имајќи предвид дека во конкретната иницијатива не се наведени причини за неуставност на целината на член 13 став 2 од Статутот, Судот утврди дека има процесни пречки за постапување по тој дел од иницијативата, поради што согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот за тој дел од иницијативата одлучи како во точката 2 а) од ова решение.

7. Во врска со наводите во иницијативата со кои се оспорува согласноста на член 13 став 2 од Статутот со (1) Законот за здруженија и фондации и со (2) наведените меѓународни договори, Судот ја утврди следната правна состојба:

Во член 110 алинеја 7 од Уставот се определува дека Уставниот суд одлучува за уставноста на статутите на здруженијата на граѓаните.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за согласноста на одредбите од статутите на здруженијата на граѓани со закони и со меѓународни договори.

Во член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд се предвидува дека Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за неа.

Имајќи го предвид изнесеното, Судот утврди дека за наводите во иницијативата што се однесуваат на согласноста на член 13 став 2 од Статутот со одредбите од Законот за здруженија и фондации, од Европската конвенција за заштита на човековите права и основни слободи и од Меѓународниот пакт за граѓанските и политичките права на човекот и граѓанинот, според член 110 алинеја 7 од Уставот Уставниот суд не е надлежен да одлучува, поради што согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Судот за тој дел од иницијативата одлучи како во точката 2 б) од ова решение.

8. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.26/2018
29 мај 2019 година.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски