Решение У.бр.3/2019

У.бр.3/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 29 мај 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 449 став 2 од Законот за облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009 и 161/2009).

2. Адвокат Трајче Торов од Штип, до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 449 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата ги наведува решенијата донесени од Уставниот суд на Република Македонија: У.бр.53/2003 од 30.04.2003 година со кое не повел постапка за оценување на член 442 став 2 од Законот за облигационите односи, У.бр.221/2004 од 26.01.2005 година, со кое ја отфрлил иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд и У.бр.37/2006 од 31.05.2006 година со кое исто така Судот ја отфрлил иницијативата поради res judicata.

Подносителот на иницијативата смета дека и покрај тоа што Уставниот суд три пати одлучувал по оспорената законска одредба по други уставни основи и членови од Уставот, оваа иницијатива содржела сосема друг уставен основ по кој Уставниот суд немал одлучувано, а тоа е правото на забрана на дискриминација и правото на заштита на сопственоста.

Според наводите во иницијативата, забраната на адвокат да купува спорно право кое му е доверено или да договара процент од досуден износ на негов клиент било остаток од времето на социјализмот, во кое приватниот сектор и адвокатурата се сметале за непријатели на комунизамот и овој остаток бил присутен само во Македонија, за разлика од сите поранешни југословенски републики во кои бил укинат.

Според подносителот на иницијативата сите поголеми предмети за штети во САД, како пазарна и демократска земја со идентични уставни права, стандардно се воделе на процент, т.н. контингентни адвокатски договори и стандардниот адвокатски американски просечен процент бил 33,33%. Процентуално договарање за работата на адвокатите имало и во Словенија, Хрватска, Бугарија и други демократски земји, а и Европскиот суд за човекови права од Стразбур исто така го признавал правото на договарање на адвокатските услуги на процент.

Подносителот на иницијативата, бара оцена на член 449 став 2 од Законот за облигационите односи бидејќи бил спротивен на член 54 став 3, член 30 став 1 и став 4, член 58 став 1 од Уставот на Република Македонија, како и спротивен на членот 14 и членот 1 од Протоколот бр.1 од Европската конвенција за човекови права и практиката на Европскиот суд за човекови права.

Според наводите во иницијативата член 449 став 2 од Законот за облигационите односи бил спротивен на член 54 став З од Уставот и членот 14 од ЕКЧП бидејќи ги дискриминирал адвокатите врз основа на нивната општествена положба во однос на општествената положба на трговските застапници и извршителите, кои според важечката законска регулатива имале право да се наплатат во одреден процент од наплатената сума.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека оспорениот член од Законот е спротивен и на член 30 став 1 и став 4 од Уставот, бидејќи се ограничувала сопственоста без пазарен надомест, адвокатот вложувал труд без надомест и вложувал пари со ризик во случај на губење на предметот да не добие ништо.

Оспорениот член од 3аконот бил спротивен и на член 58 став 1 од Уставот, бидејќи се забранувало трудот и сопственоста на авансно вложените пари и трошоци од адвокатот, да бидат основ за управување и одлучување.

Според подносителот на иницијативата не постоел никаков ризик за злоупотреба на право од страна на адвокат, бидејќи тој ќе работел големината на добивката да биде најголема (тоа било легален договор за ортаклак), од која корист имаат и странката и адвокатот. Губењето на вложувањата на адвокатот во вид на труд без награда и вложувањата пари за трошоци на предметот и на крајот со губење на предметот, доколку тој не се согласил за тоа, со цел на крајот да добие добивка во процент, било повреда на правото на сопственост од членот 1 од Протоколот 1 од Европската конвенција за човекови права.

Според наводите на иницијативата, овој договор бил идентичен со договорот за ортаклак во кој странките договараат заедничко вложување на труд и средства под ризик со неизвесен исход со цел да остварат профит двете страни. Оваа добивка во никој случај не би можела да ја оствари странката затоа што немала пари за скапи предмети. На запад немало бесплатна правна помош туку само субвенционирана од државата, бидејќи спротивно тоа би била комунистичка принудна национализација на трудот на адвокатите.

Подносителот на иницијативата бара од Уставниот суд да го укине, односно поништи членот 449 од Законот за облигационите односи.

3. Судот на седницата утврди дека согласно оспорениот став 2 на членот 449 од Законот облигационите односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009 и 161/2009), ништовен е договорот со кој адвокат или некој друг налогопримач би купил спорно право чиешто остварување му е доверено, или би договорил за себе учество во поделбата на износот досуден на неговиот налогодавец.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Уставниот суд со прашањето за продажба на спорно право се занимавал повеќепати. За суштината и правната природа на спорното право и забраната за негово купување од страна на адвокат или друг налогопримач, Судот се произнел со Решението У.бр.53/2003 од 30 април 2003 година во коешто укажал дека: „…спорното право кое по својата суштина претставува она право за кое се води судски спор или постои оспорување на неговиот обем, висина, носителот на правото или правниот основ, со Законот се забранува адвокатот или друг налогопримач да го купи со договор, доколку му е доверено остварувањето на тоа спорно право. Исто така, за ништовноста на договорот склучен спротивно на наведената одредба од Законот, се применуваат одредбите од членовите 95 до 102, кои се однесуваат на ништовни договори.

Ваквата законска определба всушност пропишува ништовност на договор за купување на спорно право, но само за одредена категорија на лица и под определени услови односно за адвокати или други налогопримачи на кои им е доверено остварувањето на спорното право. Ова произлегува од својството и улогата на наведените лица поради вршењето на адвокатската дејност и вршењето на правото, признато во правниот поредок, во рамките на нивната професија која мора да се движи во нормирани рамки. Судот оцени дека со нормирање на конкретниот облигационен однос со оспорената законска одредба, која не дозволува и пропишува ништовност за настанување на договорот за купување на спорно право од страна на адвокатите или други налогопримачи на кои им е доверено остварувањето на спорното право, законодавецот директно го ставил во функција начелото на совесност и чесност пропишано во членот 5 од Законот, според кое во засновувањето на облигационите односи и остварувањето на правата и обврските од тие односи учесниците се должни да се придржуваат кон начелото на совесност и чесност.

Имено, спорното право изразува интереси на повеќе учесници во еден правен однос кои најчесто се спротивставени поради што во постапките за справедливо решавање на односот, учесниците можат да го доверат остварувањето на спорното право на адвокати или други налогопримачи. Оттука, доколку овие овластени лица на кои им е доверено остварувањето на спорното право излезот од рамките на вршењето на правната помош и со правна работа за себе земаат лично учество за работите внатре во односот на спорното право, преку договор за купување или во поделбата на износот досуден на неговиот налогодавец, се доведува во прашање заштитата од недозволено користење на правната положба на адвокатите или други налогопримачи и ризик од злоупотреба на правото. Следствено на ова не може да се прифати наводот во иницијативата, дека адвокатите или другите налогопримачи со оспорената законска одредба биле ставени во нееднаква положба со останатите граѓани поради тоа што не им се дозволува купување на спорно право и поради тоа им била ограничена слободата на пазарот и претприемништвото. Ова особено поради тоа што имајќи ги во предвид изнесените уставни и законски норми, произлегува дека токму со содржината на оспорената одредба од Законот се афирмира владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.“

Наводите во предметната иницијатива за несогласност на оспорената одредба од член 449 став 2 од Законот за облигационите односи со уставните гаранции за правото на сопственост од член 8 став 1 алинеја 6 и членот 30 од Уставот, се неосновани од едноставна причина што станува збор за купопродажба на спорно право коешто не е во сопственост на адвокатот, на кого, всушност му е доверено остварувањето на тоа спорно право. Со забраната за склучување на договор за купување на спорно право од страна на адвокат со ништо не се задира во правото на адвокатот на награда и надоместокот на трошоците за извршената работа што е загарантирано со Законот за адвокатурата и правото на адвокатот и странката слободно да ја договараат наградата и трошоците, како и начинот и средствата за плаќање согласно Тарифата за наградата и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, така што, Судот смета дека се неосновани аргументите во иницијативата дека трудот на адвокатот е труд без награда.

Наводите во иницијативата дека оспорената забрана во Законот за облигационите односи била присутна во законодавството само во Република Македонија како остаток на времето на социјализмот за разлика од сите републики од поранешна Југославија, се неточни, бидејќи од увидот во важечката законска регулатива – законите за облигационите односи на Република Словенија, Република Хрватска, Република Србија, Република Босна и Херцеговина, Црна Гора и Република Косово се утврди дека во сите закони постои идентична одредба како оспорената.

Оттука, од причини што Уставниот суд веќе се има произнесено за уставноста на оспорениот член од аспект на член 8 алинеја 3, членот 9, членот 55 од Уставот, а имајќи ја предвид неоснованоста на наводите за несогласност на оспорената одредба со членот 30 од Уставот, произлегува дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд.

Во однос на наводите во иницијативата за несогласност на оспорената одредба со член 58 став 1 од Уставот, според Судот, доверувањето на вршењето на спорно право и ангажирањето на адвокат, како вршител на јавни овластувања, не може да се изедначи со сопственост на трудот или договорот за ортаклак. Ангажирањето на адвокат не е заедничко вложување на труд и средства и не треба да има таков третман бидејќи е спротивно на адвокатурата како јавна служба и воедно би отворило пат за злоупотреба на правото.

Со оглед на тоа што, во иницијативата не се дадени други уставно засновани причини и аргументи, постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата во овој дел и истата треба да се отфрли согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.3/2019
29.05.2019 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски