Одлука У.бр.56/2018

У.бр.56/2018-1

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и членот 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 8 мај 2019 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за изземање на градежни парцели при урбано планирање и спроведување на постапки на ДУП Скопје Север Централен дел-Исток, донесена од Советот на Општина Чаир, на седница одржана на 26.09.2013 година, број 07-2252/18 од 30.09.2013 година, објавена во „Службен гласник на Општина Чаир” број 14/2013.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во “Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Северна Македонија, по повод поднесената иницијатива од Елена Накова од Скопје, со Решение У.бр.56/2018 од 20 март 2019 година, поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот, означен во точката 1 од Одлуката.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот со основ се постави прашањето за согласноста на оспорениот акт со Уставот и законите.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 22 став 1 точка 4 од Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002) и член 26 став 1 од Статутот на Општина Чаир („Службен гласник на Град Скопје” број 12/2005 и „Службен гласник на Општина Чаир” број 10/2007), Советот на Општина Чаир на 8. седница одржана на ден 26.09.2013 година, донел Одлука за изземање на градежни парцели при урбано планирање и спроведување на постапки на ДУП Скопје Север Централен дел-Исток.

Во членот 1 од Одлуката се наведува дека од Деталниот урбанистички план Скопје Север Централен дел-Исток донесен од Советот на Општина Чаир („Службен гласник на Општина Чаир” број 09/2006), градежните парцели 1.6, 2.3, 3.1, 4.1, 5.2, 5.4, 6.3, 18.2, 22.4, 24.2 се изземаат од понатамошно постапување.

Во членот 2 од Одлуката се наведува дека од денот на влегување во сила на оваа одлука се прекинуваат и воедно се задолжуваат стручните служби да не започнуваат какви било постапки или издаваат одобренија, дозволи, согласности и сл. за предметните градежни парцели утврдени во членот 1 од оваа одлука.

Со членот 3 од Одлуката се задолжува Секторот за урбанизам, комунална дејност, заштита на животна средина и локален економски развој да отпочне со подготовка на измена на ДУП-от од член 1 на оваа одлука.

Според членот 4 од Одлуката, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во „Службен гласник на Општина Чаир”.

Одлуката е со број 07-2252/18 од 30.09.2013 година, потпишана од претседателот на Советот на Општина Чаир.

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Северна Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија.

Со член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување.

Според членот 51 од Уставот, во Република Северна Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Надлежностите на Градот Скопје и надлежностите на општините во Градот Скопје се уредени со Законот за Градот Скопје („Службен весник на Република Македонија” број 55/2004 и 158/2011).

Според член 15 став 1 точка 1 алинеи од 1 до 6 од Законот за Градот Скопје, општините во Градот Скопје помеѓу другото се надлежни за:

1. Планирање и уредување на просторот, односно

-покренување иницијативи за донесување, измена и дополнување на просторниот план на Градот Скопје и генералниот урбанистички план на Градот Скопје;
-давање мислења по нацртите на просторниот план на градот Скопје и генералниот урбанистички план на Градот Скопје;
-донесување детални урбанистички планови, урбанистички проекти и урбанистички планови за населените места во општината;
-спроведување урбанистички планови и проекти и издавање документација за изградба на објекти од локално значење (услови за градба, урбанистичка согласност, одобренија за градење);
-издавање одобренија за поставување времени објекти, мебел и урбана опрема и
-уредување на градежно земјиште во делот на опремување на градежното земјиште со објекти и инсталации од секундарната инфраструктура.

Надлежностите на општините, како и организацијата и делокругот на работа на органите на општината (советот и градоначалникот), се уредени со Законот за локалната самоуправа („Службен весник на Република Македонија” број 5/2002).

Со членот 22 од Законот за локалната самоуправа, е уредена листата на надлежности на општините, а помеѓу другото според став 1 точка 1 на членот 22 од Законот, општините се надлежни за вршење на урбанистичкото (урбано и рурално) планирање, издавањето на одобрение за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, уредување на просторот и уредувањето на градежното земјиште.

Со членот 36 од Законот за локалната самоуправа се уредени надлежностите на Советот, во кои според став 1 точка 1 на членот 36 од наведениот закон, Советот го донесува статутот на општината и други прописи.

Во конкретниот случај, Советот на Општина Чаир, донел Одлука за изземање на градежни парцели при урбано планирање и спроведување на постапки на ДУП Скопје Север Централен дел-Исток, донесена од Советот на Општина Чаир на седница одржана на ден 26.09.2013 година, број 07-2252/18 од 30.09.2013 година, објавена во „Службен гласник на Општина Чаир” број 14/2013.

Во оспорената одлука се наведува дека од Деталниот урбанистички план Скопје Север Централен дел-Исток, градежните парцели 1.6, 2.3, 3.1, 4.1, 5.2, 5.4, 6.3, 18.2, 22.4, 24.2 се изземаат од понатамошно постапување, дека од денот на влегување во сила на оваа одлука се прекинуваат и воедно се задолжуваат стручните служби да не започнуваат какви било постапки или издаваат одобренија, дозволи, согласности и сл. за изземените градежни парцели, а Секторот за урбанизам, комунална дејност, заштита на животна средина и локален економски развој, се задолжувал да отпочне со подготовка на измена на ДУП-от од кој се изземаат градежните парцели.

Од погоре цитираните одредби од законите, произлегува дека општините во рамките на своите надлежности вршат урбано и рурално планирање и издаваат одобренија за градење на објекти од локално значење утврдени со закон, воедно и овластување за советите на општините да донесуваат, изменуваат и дополнуваат урбанистички план во пропишана постапка за таа цел со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во конкретниот случај Судот оцени дека оспорената одлука не е во согласност со Уставот и законите од причини што од законите наведени погоре, не произлегува надлежност на доносител на соодветен план, да може потоа со своја одлука да изземе градежни парцели предвидени во планот којшто го донел и да забрани издавање на одобренија, дозволи, согласности и слично за реализација на планираните содржини од планот којшто го донел.

Воедно, имајќи предвид дека со оспорената одлука императивно им се наложува на стручните служби да ги прекинат, како и да не започнуваат какви било постапки или издаваат одобренија, дозволи, согласности и сл. за предметните градежни парцели за план кој се уште е во сила, според Судот со тоа, сериозно и грубо се нарушува правната сигурност на граѓаните и неосновано се доведува во прашање уставната гаранција на правото на сопственост, што не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 30 став 1 од Уставот на Република Македонија.

6. Тргнувајќи од погоре наведено, Судот оцени дека оспорениот акт не е во согласност со Уставот и законите.

7. Поради изнесеното, Судот, одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.56/2018
8 мај 2019 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски