Решение У.бр.48/2019

У.бр.48/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 17 април 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста и законитоста на членот 6 од Упатството за водење на постапка за издавање на дозвола за колективен постапувач и за водење на постапка за одобрување или неодобрување на годишен извештај број 02-6537/1 од 10.12.2018 година согласно со Законот за управување со пакување и отпад од пакување.

2. Виолета Амет од Скопје до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот од актот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 3, член 12 став 3, член 51 став 3 и Амандман IV од Уставот, како и со член 35 од Законот за управување со пакување и отпад од пакување од причина што со оспорената одредба се повредувал член 35 став 3 од наведениот закон од причина што Владата на Република Македонија на предлог на министерот за животна средина и просторно планирање утврдува годишни национални цели заради постепено постигнување на целите од ставот 1 на овој член претходно усогласени со Комисијата за управување со отпад од пакување од членот 38 на овој закон, а целите од став 1 на овој член Владата на Република Македонија на предлог на министерот за животна средина и просторно планирање може да ги ревидира по потреба, а најмалку еднаш во три години во согласност со Програмата од членот 36 на овој закон.

Подносителот на иницијативата смета дека последната Програма за постапување со отпад од пакување била донесена за период од 2011 до 2015 година поради што не можело врз основа на истечена програма да се стекнат права и обврски.

Оттука, според наводите во иницијативата со донесувањето на наведеното упатство постоело излегување надвор од уставната и законска рамка што било спротивно на начелото на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија предвидено во член 8 став 1 алинеја 3, како и начелата на уставност и законитост предвидени во членот 51 од Уставот.

Поради наведените причини се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 6 од оспореното упатство и потоа истиот да го поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според член 6 од Упатството количините врз основа на кои се пресметува процентот на целокупната годишна количина пуштена на пазарот на Република Македонија во претходната година од примарното, секундарното и терцијалното пакување во текот на една година како на остварување на националните цели од член 35 став (3) од Законот за управување со пакување и отпад од пакување се земаат за последната година од Програмата за постапување со отпад од пакување донесена за периодот 2011-2015 година, т.е. количината од 115.000 тони/год. отпад од пакување пуштен на пазарот на Република Македонија во 2015 година.

По донесувањето на новата Програма за управување со отпад од пакување 2018-2022 и Уредбата за остварување на националните цели согласно со член 35 став (3) од Законот за управување со пакување и отпад од пакување при постапувањето со постигнатите барања за дозволи односно годишните извештаи ќе се земат во предвид податоците од Програмата односно Уредбата.

4. Упатството, во уводниот дел се заснова на член 56 став 3 од Законот за организација и работа на органите на државната управа („Службен весник на Република Македонија“ бр.58/2000, 44/2002 и 82/2008), што е општа законска одредба која гласи: (1) Со правилник се утврдуваат и се разработуваат одделни одредби на законите и други прописи заради нивно извршување. (2) Со наредба се наредува или забранува постапување во определена ситуација која има општо значење за извршување на законите и други прописи. (3) Со упатство се пропишува начинот на постапување во извршувањето на одделни одредби на законите и други прописи. (4) Со план и програма се утврдуваат и се разработуваат одделни прашања за извршување на законите и други прописи за кои е потребно утврдување на рокови и динамика на нивно извршување.

Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Поаѓајќи од правните елементи што го прават прописот, а според кои треба да содржи општи норми на однесување и да уредува односи на субјектите во правото на општ начин, произлегува дека оспореното упатство нема карактер на пропис поради што не е подобен за уставно-судска оцена.

Имено, според содржината на оспорениот акт, тој не е пропис туку претставува само интерен акт на министерот за животна средина и просторно планирање со кој се даваат напатствија на Управата за животна средина – Секторот за управување со отпад за водење на постапка за издавање на дозвола за колективен постапувач и за водење на постапка за одобрување или неодобрување на годишен извештај број 02-6537/1 од 1012.2018 година.

Според Судот, оспореното упатство, кое не е ниту објавено во “Службен весник на Република Македонија”, со што се потврдува неговата интерност, односно интерниот карактер на прописoт, не навлегува во членот 35 од Законот за управување со пакување и отпад од пакување каде е регулирано донесување на посебен акт од страна на Владата, а на предлог од министерот за животна средина и просторно планирање за утврдување на годишни национални цели заради постепено постигнување на целите од ставот 1 на истиот член од Законот, за што во случајов не станува збор, односно не се работи за предлог, туку се работи за упатство како интерен акт кој го уредува внатрешното работење на самото министерство.

Имено, Судот оцени дека Упатството според својата содржина дава само јасни и прецизни напатствија и услови кои треба да бидат исполнети при поднесување на барање за дозвола од страна на одредени правни лица кои имаат лиценца за вршење на ваков специфичен вид на дејност или доставување на годишен извештај кои се специфични за оваа област поради која во оспорениот акт министерот за животна средина и просторно планирање децидно ги уредува и истите претставуваат исклучиво основ за внатрешна организација и начин на работење, односно водење на постапка за издавање на дозвола за колективен постапувач од страна на Управата за животна средина – Секторот за управување со отпад исклучиво на правните лица заинтересирани за оваа дејност и кои имаат лиценца за вршење на овој вид на дејност.

Со оглед на тоа дека оспорениот акт не претставува пропис во смисла на член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, туку оперативен, интерен акт на министерот, според наоѓање на Судот, истиот не е надлежен да одлучува за согласноста на оспорениот акт со Уставот и Законот, поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

Со оглед на наведеното Судот оцени дека се исполнети условите согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот, за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.48/2019
17 април 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски