Решение У.бр.55/2019

У.бр.55/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 20 март 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на актите на Државната изборна комисија, и тоа:

1) Правилник за подготовка, организирање и спроведување референдум на државно ниво на 30 септември 2018 година, бр. 12-1401/1 од 1 август 2018 година;
2) Одлука за дополнување на Правилникот бр. 12-1401/1 од 1 август 2018 година за подготовка, организирање и спроведување референдум на државно ниво на 30 септември 2018 година, бр. 12-1401/2 од 10 август 2018 година;
3) Правилник за критериумите за определување на надоместок на членовите на изборните органи и изборната администрација за спроведување на референдумот 2018 година, бр. 08-2287/1 од 1 октомври 2018 година;
4) Правилник за начинот и постапката за решавање на приговори за референдум на државно ниво 2018, бр. 08-181/1 од 4 септември 2018 година;
5) Упатство за начинот на достава на гласачкиот материјал од општинските изборни комисии до избирачките одбори, бр. 12-2050/1 од 25 септември 2018 година;
6) Упатство за примена на член 113-б од Изборниот законик за гласање на избирачите кои се членови на избирачките одбори кои го спроведуваат гласањето во дипломатско-конзуларните претставништва односно конзуларните канцеларии, бр. 08-1981/1 од 20 септември 2018 година;
7) Упатство за гласање на лица кои се наоѓаат на издржување мерка куќен притвор, бр. 08-1982/1 од 20 септември 2018 година;
8) Упатство за примената на член 111 ставови 4, 5, 6 и 7 од Изборниот законик за гласање на немоќни или болни лица, бр. 08-1979/1 од 20 септември 2018 година;
9) Упатство за примена на член 111 став 1, 2 и 3 од Изборниот законик за болни и немоќни лица, бр. 08-1980/1 од 20 септември 2018 година и
10) Упатство за начин на гласање на избирачки места со помалку од 10 избирачи, бр. 08-1919/1 од 14 септември 2018 година.

2. Светскиот македонски конгрес до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актите на Државната изборна комисија означени во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, оспорените акти не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија.

Ова од причина што оспорените акти на Државната изборна комисија не биле објавени во „Службен весник на Република Македонија“ во согласност со член 52 ставови 1 и 2 од Уставот, поради што не можеле да предизвикаат правно дејство, ниту да влезат во сила, односно истите не биле во сила.

Поради наведеното, се предлага Уставниот суд, до донесување на конечна одлука по иницијативата, да донесе решение за времена мерка со запирање од извршување на поединечните акти или дејствија, поради ризик од штетни последици по правата и слободите.

Со иницијативата се бара Уставниот суд да ги поништи оспорените акти.

Исто така, во иницијативата се укажува дека Уставниот суд веќе се произнел по однос на уставноста на оспорените акти и со Решение У.бр.115/2018 од 23 јануари 2019 година ја отфрлил иницијативата за оценување на уставноста на оспорените акти, меѓутоа и покрај тоа подносителот останува на наводите и бара Уставниот суд да утврди дека оспорените акти во време на важењето не биле во согласност со член 52 ставовите 1 и 2 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека сите оспорени акти се донесени од Државната изборна комисија, во функција на организирање и спроведување на референдум на државно ниво на 30 септември 2018 година, согласно Одлуката за распишување на референдум, донесена од Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 30 јули 2018 година, број 08-4666/1 од 30.07.2018 година („Службен весник на Република Македонија” број 140/2018).

4. Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Во согласност со членот 28 од Деловникот на Судот, Уставниот суд на Република Македонија ќе ја отфрли иницијативата:

-ако не е надлежен да одлучува за барањето;
-ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и
-ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во конкретниот случај предмет на оспорување со иницијативата е барање за оцена на уставноста на акти на Државната изборна комисија донесени во функција на организирање и спроведување на референдум на државно ниво, согласно Одлуката за распишување на референдум, донесена од Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 30 јули 2018 година, број 08-4666/1 од 30.07.2018 година („Службен весник на Република Македонија” број 140/2018).

Сите оспорени акти се објавени на веб-страната на Државната изборна комисија.

Референдумот за изјаснување на граѓаните по прашањето содржано во наведената одлука на Собранието на Република Македонија се одржа на 30 септември 2018 година, а Државната изборна комисија ги објави резултатите од гласањето на референдумот на државно ниво во Извештајот број 12-2139/2 од 3 октомври 2018 година („Службен весник на Република Македонија” број 186/2018).

Истиот подносител на иницијативата за оценување на уставноста на оспорените акти на Државната изборна комисија најнапред достави иницијатива до Уставниот суд на 25 октомври 2018 година, односно по одржувањето на референдумот и по објавувањето на резултатите од гласањето на истиот. Имајќи ја предвид оваа околност, Судот оцени дека во ситуација кога сите оспорени акти на Државната изборна комисија се однесуваат на организирање и спроведување на референдумот на државно ниво кој се одржа на 30 септември 2018 година, оспорените акти се исцрпени во својата примена, што е процесна пречка за постапување по иницијативата и причина за отфрлање на истата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд. Од тие причини со Решение У.бр.115/2019 од 23 јануари 2019 година ја отфрли поднесената иницијатива на сега повторно оспорените акти на Државната изборна комисија.

Имајќи го во вид фактот дека сега повторно истиот подносител со новоподнесената иницијатива на ден 21.02.2019 година не истакнува нови наводи, односно нема основи за поинакво одлучување од она во Решението У.бр.115/2018 од 23 јануари 2019 година, од причина што повторно упатува на проверка на согласноста на оспорените акти со член 8 став 1 алинеја 3 и член 52 ставови 1 и 2 од Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај исполнети се условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.55/2019
20 март 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски