Решение У.бр.72/2018

У.бр.72/2018

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија, член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 20 март 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Условите за акредитација на програми за обука на медијатори и кругот на лицата кои можат до Одборот да поднесат барање за акредитација на програми, утврдени врз основа на член 54 став 3 од Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 188/2013, 148/2015, 192/2015 и 55/2016), на седницата одржана на 3 мај 2018 година.

2. Здружението за посредување во медијација и медијатори- „Медијатор“ РС – Скопје до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата, ги утврдил Условите за акредитација на програми за обука на медијатори и кругот на лицата кои можат до Одборот да поднесат барање за акредитација на програми, а тоа го сторил врз основа на член 54 став 3 од Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 188/2013, 148/2015, 192/2015 и 55/2016) на седницата одржана на 3 мај 2018 година и истите се објавени на веб – страницата на Министерството за правда. Условите се утврдени во форма на 18 члена.

Според наводите во иницијативата Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата ги утврдил Условите за акредитација на програми за обука на медијатори и кругот на лицата кои можат до Одборот да поднесат барање за акредитација на програми и на тој начин ги презел ингеренциите на Собранието на Република Македонија и исто така извршил измена и дополнување на член 54 став 3 од Законот за медијација.

Понатаму во иницијативата се наведува дека овие услови биле објавени на веб-страницата на Министерството за правда без правна форма, односно неразбирливо, односно условите биле донесени во бланко форма, односно дека никој не бил потпишан, ниту било наведено на кој член од Законот за медијација се однесува дополнението или измената на член 54 став 3. Во иницијативата е наведено дека Одборот ги донел Условите повикувајќи се само на член 54 став 3 од Законот за медијација и дека на тој начин Одборот го толкува тој член, а толкувањето на законите било во надлежност на Собранието на Република Македонија, согласно член 68 од Уставот на Република Македонија.

Во иницијативата се наведува дека во таква форма Условите за акредитација на програми за обука на медијатори и кругот на лицата кои можат до Одборот да поднесат барање за акредитации на програми, можеле единствено да бидат доставени до Владата на Република Македонија, заради изменување и дополнување на веќе постоечкиот закон, а потоа тие измени и дополнувања требало да бидат доставени до Собранието на Република Македонија, каде се одлучувало со 2/3 мнозинство за законот.

Подносителот на иницијативата наведува дека пред примена на билокоја измена и дополнување на закони, а тоа важело и за овие измени и дополнувања задолжително требало да се објават во „Службен весник на Република Македонија“ каде ќе бил одреден рокот во кој ќе биле ставени во примена, кој не можел да биде помал од осум дена, освен во одредени случаи утврдени со Устав и закон.

Со оглед на фактот дека наводите во иницијативата се нејасни и не се доволно прецизни, согласно член 18 став 4 од Деловникот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), побарано е да се прецизираат во однос на дадено толкување или за изменување и дополнување на одредби од Законот за медијација од страна на Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата.

На ден 28 февруари 2019 година доставено е прецизирање на наводите во иницијативата во смисла дека со применување на оспорените Услови се повредувало уставното начело коешто се однесувало на повреда на член 68, владеење на правото согласно член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот. Во дополнувањето на иницијативата е наведено дека наместо Собранието, Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата извршило измена и дополнување на веќе постоечки закон, поточно на член 54 став 3 од Законот за медијација. Понатаму во иницијативата се наведува дека оспорените услови биле објавени на веб-страницата на Министерстото за правда, без правна форма и затоа било нејасно дали истите биле измена или дополнување на веќе постоечки закон, дека условите формално – правно имале недостатоци бидејќи немало потпис и печат од овластено лице и не било наведено во која процедура биле утврдени истите. Ова од причина што процедурата по која се донесувале сите правни акти од нивниот предлог па се до нивното гласање била утврдена во Уставот и истата не можело да биде заобиколена на ниту еден начин. Во иницијативата е наведено дека за ваквиот тип на измени и дополнувања на постоечки закон било предвидено 2/3 мнозинство, и дека оспорените Услови кои ги утврдил Одборот биле составен дел на член 54 став 3 од Законот за медијација. Подносителот на иницијативата, во прашална форма дава образложение и изведува заклучок, доколку се работело дека оспорените Услови претставувале подзаконски акт, сметала дека Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата не било овластено тело да донесува подзаконски акти, туку дека согласно Уставот, тоа била единствено Владата на Република Македонија.

3.Според член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Според член 54 став 1 од Законот за медијација („Службен весник на Република Македонија“ бр. 188/2013, 148/2015, 192/2015 и 55/2016), кој се однесува на условите за акредитација на програма за обука на медијатори, се пропишува дека обуката на медијатори се врши според акредитирани програми за обука на медијатори. Според ставот 2 од истиот член, акредитација се издава на програми коишто ќе ги исполнат условите за акредитација на програмите за обука на медијатори. Според ставот 3 од истиот член, условите за акредитација на програмите за обука на медијатори и кругот на лицата кои можат до Одборот да поднесат барање за акредитација на програми ги утврдува Одборот. Според ставот 4 од истиот член, издадената акредитацијата може да се продолжи или одземе во зависност од резултатите од евалуацијата на квалитетот на спроведувањето на акредитираните програми за обука на медијатори. Според ставот 5 од истиот член, евалуацијата на квалитетот на спроведувањето на акредитираните програми за обука на медијатори ја врши Одборот најмалку еднаш во пет години согласно со методологијата и постапката за вршење на мониторинг и евалуација на квалитетот на спроведувањето на акредитираните програми за обука на медијатори.

Видно од Записникот од одржаната деветта седница на Одборот, одржана на ден 3 мај 2018 година, Одборот истиот ден ги утврдил Условите за акредитација на програми за обука на медијатори и кругот на лицата кои можат до Одборот да поднесат барање за акредитација на програми и истите беа објавени на веб-страницата на Министерството за правда на 11 мај 2018 година.

Од тука, Судот оцени дека во конкретниот случај не станува збор за акт со кој се врши изменување или дополнување на Законот за медијација ниту за толкување на Законот за медијација, туку станува збор за постапување на Одборот за обезбедување, следење и оценување на квалитетот на работите на медијацијата согласно член 54 став 3 од Законот за медијација.

По однос на оспорените Услови, Судот утврди дека истите немаат карактер на пропис подобен за уставно-судска анализа.

Од изнесената уставна одредба произлегува дека Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на другите прописи со Уставот и со законите.

Правните елементи што треба да ги содржи еден пропис по кој Уставниот суд е надлежен да одлучува во смисла на цитираната уставна норма се: тој да е донесен од орган на државната власт или од организација или институција во вршењето на јавните овластувања доверени со закон, односно донесен од јавно правен субјект, да содржи општи норми на однесување, односно со него да се уредуваат односи на субјектите во правото на општ начин и за неопределен број на субјекти во правото.

Меѓутоа, во конкретниот случај оспорените Услови се однесуваат на конкретен правен проблем, односно правна ситуација (утврдување на услови), поради што не ги содржи потребните правни елементи, односно општи норми на однесување, и како такви, според Судот, не претставуваат акт подобен за уставно судска оцена, поради што во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд, исполнети се условите за отфрлање на иницијативата.

4. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.72/2018
20.03.2019 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски