Решение У.бр.20/2019

У.бр.20/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија(“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 13 март 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 246 став 2 од Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2009, 51/2010, 36/2011, 51/2011, 166/2012, 15/2013, 79/2013, 148/2013, 164/2013, 187/2013, 38/2014, 44/2014, 116/2014, 33/2015, 72/2015, 104/2015, 150/2015, 173/2015, 192/2015, 30/2016, 163/2017 и 51/2018).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот во кој се бара оцена на меѓусебната согласност на оспорениот член 246 став 2 од Законот означен во точката 1 од овa решение со член 106 став 1 од Законот за општата управна постапка (“Службен весник на Република Македонија” бр.124/2015 и 65/2018).

3. Ѓорѓи Ципушев од Радовиш до Уставниот суд на Република Северна Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата оспорениот член од Законот не бил во согласност со член 106 став 1 од Законот за општата управна постапка од причина што рокот за жалба кој бил предвиден во ставот 2 на членот 246 од Законот за социјалната заштита е 8 дена, а тоа бил пократок рок од 15 дена, како што предвидувал член 106 став 1 од Законот за општата управна постапка. Па, оттука според наводите во иницијативата Законот за социјална заштита како Lex specialis можел да регулира подетално одредена област од правото, но со почитување на основните граници зададени со Lex generalis и законот кој се применува, во случајов Законот за општата управна постапка.Оттука, според иницијативата, оспорената одредба не била во согласност со член 2 став 2 од Законот за социјалната заштита каде се предвидувало дека со посебните закони одделни работи може да се уредат поинаку од овој закон доколку не се во спротивност со основните начела и целта на овој закон и не ја намалуваат заштитата на правата и правните интереси на странките загарантирани со овој закон.

Понатаму во иницијативата се наведува дека оспорената одредба не била во согласност ниту со член 106 став 1 од Законот за општата управна постапка кој предвидувал дека странката може да изјави жалба против управен акт во рок од 15 дена од денот на доставувањето, односно известувањето за управниот акт, освен ако со посебен закон не е определен подолг рок.

Според наводите во иницијативата оспорената законска одредба упатувала на повреда на член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија кој како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија го определува владеењето на правото. Оваа ситуација се јавувала бидејќи наведените одредби од двата закони не биле во меѓусебна согласност.

4. Судот на седницата утврди дека според член 246 од Законот за социјалната заштита министерот врз основа на извештајот за извршениот инспекциски надзор ќе донесе решение за :

– Забрана за работа на установа за социјална заштита и друго правно и физичко лице кое врши одредени работи од социјална заштита, ако не добиле одобрение за основање на установа од членот 90 на овој закон, односно решение за исполнетост на условите за почеток со работа од членот 92 на овој закон и решение за издавање на дозвола за вршење на одредени работи од социјална заштита од член 169 став 3 на овој закон, како и доколку повеќе не ги исполнува условите во поглед на просторот, опремата и стручните кадри пропишани со овој закон, и
– Преземање на други мерки за кои е овластен со овој или друг закон.

Против решението од ставот 1 алинеја 1 на овој член може да се изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од осум дена од денот на приемот на решението (оспорен став).

5. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според ставот 2 на Амандманот XXI на Уставот, правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со закон.

Со оспорениот член 246 од Законот за социјалната заштита се предвидува дека министерот врз основа на извештајот за извршениот инспекциски надзор ќе донесе решение за :

– Забрана за работа на установа за социјална заштита и друго правно и физичко лице кое врши одредени работи од социјална заштита, ако не добиле одобрение за основање на установа од членот 90 на овој закон, односно решение за исполнетост на условите за почеток со работа од членот 92 на овој закон и решение за издавање на дозвола за вршење на одредени работи од социјална заштита од член 169 став 3 на овој закон, како и доколку повеќе не ги исполнува условите во поглед на просторот, опремата и стручните кадри пропишани со овој закон, и
– Преземање на други мерки за кои е овластен со овој или друг закон.

Против решението од ставот 1 алинеја 1 на овој член може да се изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од осум дена од денот на приемот на решението(оспорен став).

Според член 2 став 2 од Законот за социјалната заштита , со посебните закони одделни работи може да се уредат поинаку од овој закон доколку не се во спротивност со основните начела и целта на овој закон и не ја намалуваат заштитата на правата и правните интереси на странките загарантирани со овој закон.

Според член 106 став 1 од Законот за општата управна постапка, странката може да изјави жалба против управен акт во рок од 15 дена од денот на доставувањето, односно известувањето за управниот акт, освен ако со посебен закон не е определен подолг рок.

Од анализата на овие законски одредби произлегува дека законодавецот, со посебен Закон за социјална заштита , ги уредил овластувањата на министерот кога по извршен инспекциски надзор ќе донесе решение, кои други мерки ќе ги презема како и го определил рокот за жалба,односно определил дека против решението од ставот 1 алинеја 1 на оспорениот член 246 од Законот може да се изјави жалба до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен во рок од осум дена од денот на приемот на решението.

Оттука, произлегува дека законодавецот, согласно потребата за ефикасност на инспекцискиот надзор,а во согласност со Амандманот XXI од Уставот, пропишал посебен рок за поднесување на жалба против решението на министерот донесено врз основа на извештајот за извршениот инспекциски надзор, на јасен и прецизен начин, поради што Судот оцени дека не може да се прифати тврдењето во иницијативата дека со оспорениот член од Законот се повредувало начелото на владеењето на правото гарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

Од друга страна пак, наводите во иницијативата за тоа дали пропишаните рокови за поднесување на жалба на решението донесено врз основа на извештајот за извршениот инспекциски надзор се во согласност со роковите за поднесување на жалба на решение донесено согласно Законот за општата управна постапка, всушност, според Судот претставуваат барање за оцена на меѓусебната согласност на одредби од два закони, односно меѓусебна согласност на член 246 став 2 од Законот за социјална заштита vis a vis член 106 став 1 од Законот за општата управна постапка, што е прашање за кое, согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да одлучува.

При постоење на ваква правна и фактичка состојба, според Судот, оспорениот член од Законот не може да се доведе под сомнение по однос на неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, а истовремено исполнети се и условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата во делот за меѓусебната согласност на одредбите од два закони на кои се укажува во иницијативата поради ненадлежност на Судот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот,Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.20/2019
13 март 2019 година
СКОПЈЕ

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски