Решение У.бр.17/2019

У.бр.17/2019

Уставниот суд на Република Северна Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Северна Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 13 март 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 29 став 2 од Законот за спречување судир на интереси („Службен весник на Република Македонија” број 70/2007, 114/2009, 6/2012 и 153/2015).

2. Миовски Дарко од Гостивар до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 29 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, Уставниот суд со Одлука У.бр.251/2009 од 14.07.2010 година, покрај останатите одредби, го укинал и член 29 став 1 од Законот за спречување на судир на интереси („Службен весник на Република Македонија бр.70/2007 и 114/2009), но ставот 2 од членот 29 од Законот не бил избришан.

Законот за спречување на судир на интереси бил изменет и дополнет со Закон за изменување и дополнување на Законот за спречување на судир на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2012 и бр.153/2015), но оспорениот став 2 и во двете измени и дополнувања не бил избришан.

Според подносителот на иницијативата, кога една одредба упатувала на друга одредба, потребно било двете да егзистираат во позитивно – правните норми, инаку нејзиното постоење било беспредметно и спротивно на уставниот принцип на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека согласно оспорениот став 2 на членот 29 од Законот за спречување судир на интереси („Службен весник на Република Македонија” број 70/2007, 114/2009, 6/2012 и 153/2015) надлежниот суд од ставот 1 на овој член е должен да одлучи во рок од три месеци од денот на поведувањето на постапката.

Ставот 1 на овој член е укинат со Одлука на Уставниот суд У.бр.251/2009 од 14.07.2010 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2010).

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Северна Македонија, Уставниот суд на Република Северна Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорената законска одредба е содржана во Законот за спречување на судир на интереси (“Службен весник на Република Македонија” бр. 70/2007, 114/2009, 6/2012 и 153/2015). По поднесувањето на иницијативата (15 јануари 2019 година), Собранието на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 17 јануари 2019 година, донесе нов Закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси, објавен на 19 јануари 2019 година во “Службен весник на Република Македонија” број 12/2019. Новиот закон влегол во сила со денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“, односно на 19 јануари 2019 година.

Во членот 121 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, е определено дека со влегувањето во сила на овој закон, престанува да важи Законот за спречување на корупцијата („Службен весник на Република Македонија“ број 28/2002, 46/2004, 126/2006, 10/2008, 161/2008, 145/2010, 97/2015 и 148/2015) и Законот за спречување на судир на интереси („Службен весник на Република Македонија” број 70/2007, 114/2009, 6/2012 и 153/2015).

Со оглед дека, Законот за спречување судир на интереси во кој била содржана оспорената одредба, престанал да важи и не е во правниот поредок, Уставниот суд, утврди дека согласно наведената деловничка одредба се настапени условите за отфрлање на иницијативите поради постоење на процесни пречки за одлучување.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.17/2019
13.03.2019 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Северна Македонија
Никола Ивановски