Решение У.бр.119/2018

У.бр.119/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 13 февруари 2019 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на:

– членот 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување „Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2009) и
– членот 265 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016).

2. Ана Глигорова член на УО на здружение на граѓани „Човекот над профитот“, Марјан Ненов член на УО на здружение на граѓани „Но Пасаран“ од Скопје и Марјан Ристески претседател на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за оценување на уставноста на членот 10 и членот 265 од законите означени во точката 1 од ова решение.

Подносителите на иницијативата во поднесокот ја цитираат содржината на оспорениот член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување од 2009 година и оспорениот член 265 од Законот за извршување од 2016 и измените на Законот исто така од 2016 година во кој е предвидено дека „Започнатите извршни дејствија од извршителите по конкретно средство за извршување, започнатите постапки за именување на извршители, како и започнатите дисциплински постапки до денот на влегување во сила на овој закон ќе се завршат согласно одредбите од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/10, 83/10, 88/10, 171/10, 148/11 и 187/13), во делот кој се однесува за прекинувањето на застареноста со преносот на предметите од судовите кај извршителите.

Според подносителите оспорените членови од Законот не биле во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 7, член 35 став 1 и членот 51 од Уставот на Република Македонија. Воедно тие сметаат дека оспорените одредби не биле во согласност ниту со членовите 360, 364, 367, 370 и 376 од Законот за облигационите односи (“Службен весник на Република Македонија” број 18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009 и 161/2009).

Во образложението на иницијативата подносителите наведуваат дека пренесувањето на надлежноста во постапувањето не е факт кој води кон застареност. Застареноста е материјално-правно, а не процесно-правно прашање. Застареноста може да се суспендира само со застој на застарувањето и прекинување на застарувањето. Македонскиот правен систем не познава други форми на интервенции во застареноста. Должникот трпи силни материјални и правни последици и ако со ништо не придонел, ниту иницирал, ниту барал, ниту бил запознат со промената на субјектот што ја изведува и местото на изведувањето на постапката. Должникот со ништо не придонел за отежнување и оневозможување на наплатата на долгот.

Законодавецот, при вршењето на своето право, не може да постапува злонамерно, ниту на друг да му нанесува штета. Во конкретниов случај законодавецот го попречува уживањето на правото на застарување, и на тој начин го крши начелото на забрана на злоупотреба на правото.

Заштитата на правото на доверителот или заштита на неговото право на наплата на побарувањето се претвара во злоупотреба на правото, бидејќи го доведува должникот во подредена правна положба и запаѓање во должничко ропство. Тоа според римското право е исто или приближно исто на правилото: апсолутното право на еден субјект значи неслобода, односно, ропство на другиот.

Помеѓу барањето за наплата и одговорност на долгот мора да постои урамнотеженост правна, морална и материјална.

Според подносителите оспорените одредби значат непочитување на начелото на правната сигурност од причини што (1) граѓанинот е збунет и не знае зошто прописот, кој е во негова корист не се применува, и ако не е укинат; (2) нема еднакво постапување во судско-извршната и приватно-извршната постапка; (3) прописите не се хармонизирани и (4) судската и управната постапка не се воедначени и во други елементи.

Во формално правна смисла во оспорените одредби не се реализирани стандардните елементи на универзалните човекови права кои имаат примат и кои се заштитени со меѓународните правни стандарди кои се повикуваат на универзалните права и давање примат на индивидуата.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека со оспорените одредби постои непочитување и на начелото на релевантни правни очекувања. Прекинувањето на застареноста со самото селење на предметите не е во согласност со очекувањата на пошироката јавност односно, отсуствуваат заемно воспоставените очекувања. Должници има колку што има доверители, при што должниците се само една одговорна страна со прецизно преземени обврски,кои не се надвор од заедницата.

Правните очекувања се многу блиску до т.н. „научна подготвеност“ со градење на позитивни очекувања со тек на време. Должниците, вообичаено, се доведуваат во се поповолна ситуација, а овие очекувања се создаваат и се засилуваат со вградување на заштитните подобрувања. Имено, станува збор за очекувања кои ги наметнува општеството, а не станува збор за очекувања од сопствен интерес. Најчесто релевантните правни очекувања се поклопуваат со потребите за засилување на правната положба на поединецот во заедницата. Ова начело е во тесна врска со начелото на правна сигурност, бидејќи и двете начела се битни за владеење на правото и почитувањето на правото како темелни вредности на уставниот поредок.

Исто така, подносителите наведуваат дека денес, а и во иднина уште повеќе ова начело ќе станува општоприфатено начело во заштита на субјективните права, врз кое начело должникот како поединец ќе се потпре на доследноста на правниот поредок, при што ова начело се разгледува заедно со начелото на стекнати права од каде тие тешко можат да се разграничат.

И на крај, но не и неважно, начелото на релевантни правни очекувања претставува доследност во одлучувањето на законодавната власт.

Според подносителите, оспорените одредби се суштествена повреда на Законот за облигационите односи. Со нив практично се дерогира овој закон,којшто не дозволува толку површно и со таква леснотија од формално процесни причини негово менување.

Оспорените одредби не се ниту во духот на Конвенцијата за застареност во областа на меѓународната купопродажба на стоки од 1974 година, која согласно член 5 од Уставниот закон за спроведување на Уставот на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/1991) е составен дел од националната регулатива.

Според подносителите, нападнатите одредби се школски пример на злоупотреба на законодавната власт. Со злоупотреба на договорните можности,прикриените зделки и други измами се создаваат елити, тајкуни, мафијаши и сл. но со злоупотреба на законодавната власт се создаваат режими со недемократски префикси кои владеењето на правото го ставаат под нозе, маскирајќи дека носат прописи „во името на народот“.

3.Судот на седницата утврди дека според член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2009),“ Со преносот на извршните предмети од судовите кај извршители, рокот за застареност се прекинува“.

Во оспорениот член 265 од Законот за извршување е предвидено дека „Започнатите извршни дејствија од извршителите по конкретно средство за извршување, започнатите постапки за именување на извршители, како и започнатите дисциплински постапки до денот на влегување во сила на овој закон ќе се завршат согласно одредбите од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/10, 83/10, 88/10, 171/10, 148/11 и 187/13).

4. Според член 8 став 1 алинеи 3 и 8 од Уставот, владеењето на правото и хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјална праведност (став 1).

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во оспорениот член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.83/2009), било предвидено дека „Со преносот на извршните предмети од судовите кај извршители, рокот за застареност се прекинува“.

По повод претходно поднесена иницијатива, Судот веќе одлучувал за уставноста на членот 10 од Законот за извршување.

Имено, со Решение У.бр.84/2012 од 14 ноември 2012 година, Судот не повел постапка за оценување на уставноста на наведениот член, при што според ставот на Судот оспорената одредба е во функција на трансферот на извршните предмети од судовите кај приватните извршители од каде не може да се постави прашањето за нејзина несогласност со уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Со оглед на фактот што пред Судот повторно се оспорува уставноста на наведениот член 10 од Законот за изменување и дополнување на Законот за извршување од 2009 година, кој престанал да важи со донесување на Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016), Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот за отфрлање на иницијатива.

5.Судот исто така утврди дека според член 1 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија” број 72/2016 и 142/2016), со овој закон се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено (став 1). Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено (став 2). Одредбите на овој закон се применуваат и врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон (став 3). Одредбите на овој закон се применуваат и на извршување на брод и на воздухоплов (став 4).

Според член 2 ставови 1 и 2 од Законот за извршување, основа за извршување претставува извршна исправа, а извршувањето започнува по барање од доверителот.

Во оспорениот член 265 од Законот кој е поместен во делот на „Преодни и завршни одредби“ е предвидено дека:

„Започнатите извршни дејствија од извршителите по конкретно средство за извршување, започнатите постапки за именување на извршители, како и започнатите дисциплински постапки до денот на влегување во сила на овој закон ќе се завршат согласно одредбите од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија“ број 35/2005, 50/2006, 129/2006, 8/2008, 83/2009, 50/2010, 83/2010, 88/2010, 171/2010, 148/2011 и 187/2013).

Во членот 269 од Законот е предвидено дека „Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ а ќе се применува од 1 јануари 2017 година.

Од анализата на оспорениот член 265 од Законот за извршување („Службен весник на Република Македонија” број 72/2016 и 142/2016), произлегува дека во суштина подносителите на иницијативата оспоруваат одредба од темпорален карактер со која се уредуваат прашањата кои се однесуваат на тоа врз основа на кој закон да постапуваат извршителите кои преземале одредени извршни дејствија за конкретно извршување, започнатите постапки за именување на извршители и започнатите дисциплински постапки до денот на влегување во сила на овој закон, а тоа е 19 април 2016 година. Оттука може да се заклучи дека станува збор за усогласување на фактичката со правната состојба и дека точно наведените дејствија кои се преземале врз основа на оспорената одредба, се исцрпени во примената, поради што не може да се доведе во прашање и нивното правно дејство,

Вака утврдената фактичка и правна состојба упатува на постоење на процесна пречка за постапување по овој дел од иницијативата од каде Судот оцени дека се исполнети условите за нејзино отфрлање согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот.

6. Врз основа на наведеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.119/2018
13.02.2019 година
С к о п ј е

П Р Е Т С Е Д А Т Е Л
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски