Одлука У.бр.52/2018

У.бр.52/2018-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 6 февруари 2019 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 6 став 1 точки 2, 3, 4, 5, 6, 7, 8, 9 и 13 од Правилникот за дополнителните информации кои треба да ги содржи барањето за издавање на дозвола за работење на брокерска куќа („Службен весник на Република Македонија“ број 6/2007, 81/2014 и 57/2016) донесен од Комисијата за хартии од вредност на Република Македонија.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијативата на Адвокатското друштво Тошиќ и Јевтиќ од Скопје, со Решение У.бр.52/2018 од 12 декември 2018 година, поведе постапка за оценка на уставноста и законитоста на одредбите од Правилникот означени во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Устав и со закон.

4. Судот на седницата утврди дека Законот за хартии од вредност е донесен во 2005 година и има единаесет измени и дополнувања („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/2005, 25/2007, 7/2008, 57/2010, 135/2011, 13/2013, 188/2013, 43/2014, 15/2015, 154/2015, 192/2015 и 23/2016).

Членот 106 од овој закон гласел:

(1) Брокерската куќа не може да се запише во трговскиот регистар пред да добие дозвола за работење од Комисијата.
(2) Кон барањето за издавање на дозвола за работење на брокерска куќа, се приложува:
а) предлог на статут,
б) опис на услугите кои ќе ги врши брокерската куќа,
в) податоци за основачите вклучувајќи и податоци за нивната сопственост во капиталот на други правни лица,
г) доказ за висината на основната главнина согласно со членот 99 на овој закон,
д) документација што ја утврдува Комисијата од која може да се види дека друштвото е кадровски, технички и организационо оспособено да ги врши услугите за кои се основа,
ѓ) дозволи за работење издадени од соодветни институции во случај кога основач на брокерската куќа е банка или осигурително друштво,
е) податоци за лицето одговорно за следење и почитување на законите и другите правни прописи и правилата на саморегулирачките организации, актите на брокерската куќа во работењето на брокерската куќа и
ж) деловен план за основање и работење на брокерска куќа.
(3) Комисијата ги пропишува дополнителните информации кои треба да ги содржи барањето за издавање на дозвола за работење на брокерска куќа.

Членот 106 од овој закон, по измените и дополнувањата на Законот („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2016), претрпел измени и дополнувања, со тоа што по ставот (2) се додаваат нови ставови (3) и (4), кои гласат:

„(3) Овластеното службено лице од Комисијата кое ја води постапката за издавање на дозвола за работење на брокерска куќа е должно документот од ставот (2) точка ѓ) на овој член по службена должност да го побара од Народната банка на Република Македонија, односно од Агенцијата за супервизија на осигурувањето во рок од три дена од денот на приемот на барањето.

(4) Овластеното службено лице од Народната банка на Република Македнија, односно Агенцијата за супервизија на осигурувањето е должно документот од ставот (2) точка ѓ) на овој член да го достави на Комисијата во рок од три дена од денот на приемот на барањето од ставот (3) на овој член“.

Ставот (3) останува како став (5), и се додава нов став (6), кој гласи:

„(6) Комисијата ја пропишува формата и содржината на барањето за добивање на дозвола за работење на брокерската куќа“.

Значи, ставот (3) , односно сега ставот (5) од членот 106 од Законот за хартии од вредност, е непроменет и останува во правниот поредок, како законски основ Комисијата да ги пропишува дополнителните информации кои треба да ги содржи барањето за издавање на дозвола за работење на брокерска куќа.

Членот 190 од Законот за хартии од вредност, гласи:

(1) Комисијата донесува правилници, по обезбедување на јавна расправа за предлог на правилници и поднесување на писмени забелешки од заинтересираните лица во период од 30 календарски дена. Во врска со донесените правилници Комисијата ги објавува добиените коментари на веб страницата.
(2) Постапката за изменување и дополнувања на правилниците се врши согласно со ставот (1) од овој член.
(3) Комисијата може да донесе правилник за престанување на важење на правилник без претходна јавна расправа.
(4) Комисијата може да донесува правилници од времен карактер без претходна јавна расправа, доколку оцени дека потребата за таков правилник е од итна природа, а особено заради:
а) заштита на интересите на инвеститорите, учесниците на пазарот на хартии од вредност и интегритетот на пазарот,
б) одржување на чесен, уреден и транспарентен пазар на хартии од вредност и
в) осигурување на брзо, точно и сигурно утврдување и порамнување на трговските трансакции.
(5) Правилниците од времен карактер се со важност најмногу до 90 дена.

Врз основа на членот 190 и член 106 став 3 од Законот за хартии од вредност („Службен весник на РМ“ бр.95/2005), Комисијата за хартии од вредност, на седницата одржана на 01.12.2006 година, го донела Правилникот за дополнителните информации кои треба да ги содржи барањето за издавање на дозвола за работење на брокерска куќа („Службен весник на Република Македонија“ бр.6/2007).

Овој правилник има измени и дополнувања во 2014 и 2016 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.81/2014 и 57/2016). Оспорениот член 6 од Правилникот, во ставот 1 од донесувањето не бил изменет или дополнет и ја има содржината на текстот од донесувањето на Правилникот во 2006 година.

Од изнесеното, факт е дека врз основа на Законот за хартии од вредност, кој со членот 190 општо го уредил донесувањето на правилниците на Комисијата, а со член 106 став 3 ја дал законската основа Комисијата да пропишува какви дополнителни информации треба да ги содржи барањето за издавање на дозвола за работење на брокерска куќа, е донесен наведениот правилник.

5. Судот утврди дека во член 6 став 1 точки 2 и 3 од Правилникот, е предвидено:
„Кога како основачи – акционери на овластеното правно лице се физички лица кон барањето за издавање дозвола за работење на овластено правно лице, за секој од основачите се поднесува следната документација во која се содржани информации за физичкото лице – основач на овластеното правно лице:

Точка 2. Доказ од надлежен суд дека против основачот не е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија, дејност или должност,

Точка 3. Доказ од надлежен суд за осудуваност односно неосудуваност на основачот“.

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 11 став 1 од Уставот, физичкиот и моралниот интегритет на човекот се неприкосновени, а според член 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со член 106 став 4 од Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006м 73/2006, 7/2008, 139/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011, 185/2011, 142/2012, 166/2012, 55/2013, 82/2013, 14/2014, 27/2014, 28/2014, 115/2014, 132/2014, 160/2014, 199/2014, 196/2015, 226/2015 и 97/2017) е определено дека податоци од казнената евиденција можат на образложено барање да им се дадат и на државни органи, правни или физички лица ако уште траат определени правни последици од осудата или казни што се состојат во забрани или ако за тоа постои оправдан интерес заснован врз закон.

Според ставот 5 од членот 106 од Кривичниот законик, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат докази за својата осудуваност или неосудуваност.

Од содржината на цитираните уставни одредби, произлегува дека тие ја истакнуваат вредноста и неприкосновеноста на човековата личност како основа и смисла на гарантирањето на човековите права, па оттука, почитувањето на моралниот интегритет и достоинството на граѓанинот во себе ја инкорпорира и улогата на државата да гарантира заштита на интегритетот и достоинството на човекот и граѓаните на начин со кој ќе обезбеди заштита во случај кога овие вредности се загрозени од друг, но и со избегнување на поединецот да му се наметнуваат правни обврски кои во конкретниот случај во постапката за давање дозвола на основачот за работење на брокерска куќа, бараните информации можат службено да се проверат.

Во тој контекст одредбата од член 106 став 5 од Кривичниот законик со кој се забранува од граѓаните да се бараат докази за нивната осудуваност или неосудувааност, е уредена во функција на заштита на човековото достоинство.

Тргнувајќи од оспорените одредби од член 6 став 1 алинеи 2 и 3 од Правилникот, со кои кон барањето за издавање дозвола за работење на овластено правно лице, за секој од основачите да се поднесат документи за физичкото лице – основач на правното лице, и тоа доказ од надлежен суд дека против основачот не е изречена мерка на безбедност забрана за вршење на професија, дејност или должност што е споредна казна што се изрекува како дел од осудителна пресуда (член 33 став 6 од КЗ) и доказ од надлежен суд за осудуваност односно неосудуваност на основачот, според Судот ваквото уредување е во спротивност со уставната гаранција за почитување на угледот и достоинството на секој граѓанин, но и спротивно на презумпцијата на невиност на која се надоврзува забраната од лицето да се бара било доказ за осудуваност или за неосудуваност.

Во оваа смисла, не е спорно дека забраната за вршење на дејност изречена со осудителна пресуда мора да биде ефективна односно не може да се дозволи лицето со таква забрана да ја врши таа дејност се додека трае забраната. Притоа, утврдувањето на тој факт не може да биде обврска на поединецот, туку на надлежниот орган кој бара такви информации потребни за одлучувањето, и на кој му стои на располагање службената казнена евиденција. Имено, во член 1 став 1 од Законот за прибавување и размена на докази и податоци по службена должност („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2013), се наведува дека со овој закон е уредена постапката за прибавувањето и размената на докази и податоци по службена должност од страна на министерствата, другите органи на државната управа, организации утврдени со закон, други државни органи, правни и други лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, органите на општината, на Градот Скопје и на општините во Градот Скопје (во натамошниот текст: органот надлежен за решавање), кога во управните работи, непосредно применувајќи ги прописите решаваат за правата, обврските или правните интереси на физички и правни лица или на други странки (во натамошниот текст: странките).

Имајќи го предвид погоре наведеното, Судот оцени дека оспорените одредби од точките 2 и 3 на ставот 1 од членот 6 од Правилникот, не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 11 став 1, член 13 став 1, член 25 и членот 51 од Уставот, како и со член 106 став 5 од Кривичниот законик.

6. Во член 6 став 1 точкат 4 од Правилникот е предвидено, кон барањето опишано во ставот 1, да се достави: „Изјава на основачот на овластените правни лица наведени во член 2 став 1 алинеи 1 и 3 од овој правилник дадена под целосна морална, кривична и материјална одговорност и заверена кај нотар, дека истиот не е акционер во друго овластено правно лице.

Имено, во членот 2 од овој правилник е предвидено: „Согласно Законот за хартии од вредност овластени правни лица за вршење услуги со хартии од вредност (во натамошниот текст: овластено правно лице) се:

– брокерски куќи со дозвола за работење добиена од Комисијата за хартии од вредност (во натамошниот текст: Комисија),
– овластена банка согласно Законот за банките, со дозвола за работење добиена од Комисијата и
– подружница на странска брокерска куќа која има добиено дозвола за работење од Комисијата.

Во член 6 став 1 точка 5 од Правилникот е предвидено кон барањето опишано во ставот 1, да се достави: „Изјава дадена од основачот под целосна кривична и материјална одговорност и заверена кај нотар за постоење односно непостоење на негова меѓусебна поврзаност со останатите акционери на овластеното правно лице и со акционери на друго овластено правно лице согласно критериумите за поврзани лица утврдени во член 2 став 1 точка 30 и точка 31 од Законот за хартии од вредност.

Во член 6 став 1 точка 6 од Правилникот е предвидено кон барањето опишано во ставот 1, да се достави:

„Изјава дадена од основачот под целосна морална, кривична и материјална одговорност и заверена кај нотар, дека истиот не бил директор, претседател или член на орган на управување на правно лице против кое била поведена претстечајна, стечајна или ликвидациона постапка“.

Со оспорените точки 4, 5 и 6 од наведената одредба од Правилникот, кон барањето секое поединечно лице како основач на овластеното правно лице – брокерска куќа, треба да ги достави наведените изјави и тоа заверени под морална, материјална и кривична одговорност кај нотар, во однос на тоа дека тој не е акционер во друго овластено правно лице, потоа дека постои или не постои негова меѓусебна поврзаност со останатите акционери на овластеното правно лице или со акционери на друго овластено правно лице и дека тој не бил директор, претседател или член на орган на управување на правно лице против кое била поведена претстечајна, стечајна или ликвидациона постапка.

Аспектот на оспорувањето со иницијативата, е дека тие се во спротивност со одредби од Уставот. Имено, оспорените точки биле во несогласност со членот 25 од Уставот, според кој на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот, потоа со членот 40 од Уставот, со кој се утврдува дека Републиката му обезбедува посебна грижа и заштита на семејството, и со членот 55 од Уставот, со кој се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото и Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот, а слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбрана на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Поаѓајќи од анализата дека „изјава“ на граѓанинот е негово субјективно дејство кое исклучиво „почива на претпоставка“ за постоење на факти, а чија проверка на веродостојноста може да се утврди само преку докази, се поставува прашањето дали во случајов остварувањето на правото на работа поврзано со барањето за дозвола за работење на овластеното правно лице – брокерска куќа кое произлегува од слободата на пазарот и претприемништвото, може да се лимитира и проценува на „изјави“ кои сами по себе не се докази.

Од анализата како битно произлегува дека прашањата на кои се однесуваат бараните „изјави“ кои треба да ги дадат основачите, неспорно се во форма на негација дека тие не се наоѓаат во наведените односи, односно дека основачите не се во релациите кои се содржани во точките 4, 5 и 6 од ставот 1 на членот 6 од Правилникот и таквите изјави задолжително да ги дадат во форма на заверка кај нотар под морална, кривична и материјална одговорност.

Ова имплицира дека сепак „изјавите“ кои се наведени, не се само во функција на прибирање информации на Комисијата при одлучувањето и дека тие биле само информации и не значеле попречување за добивање на дозвола, како што е дадено во мислењето на Комисијата, по повод оспорените одредби од Правилникот, туку напротив Судот оцени дека оспорените точки имаат својство на дополнителни услови како права и обврски предвидени со подзаконски акт- Правилникот, наспроти веќе утврдените во членот 106 од Законот за хартии од вредност и дека ги надминуваат рамките на „информации“, а со тоа Комисијата си презела улога за нормирање на дополнителни права и обврски и тоа со подзаконски акт што не е нејзина надлежност.

Со оглед на тоа што правата и обврските се уредуваат со закон, а условите од точките 4, 5 и 6 од член 6 став 1 од Правилникот не се предвидени во Законот за хартии од вредност, ниту Законот дал критериуми за нивна операционализација со подзаконскиот акт, односно со Правилникот, произлегува дека со оспорените точки се повредува член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот кој се однесува на владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок во Република Македонија и член 51 став 1 од Уставот, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Од овие причини Судот оцени дека член 6 став 1 точки 4, 5 и 6 од Правилникот, не се во согласност со одредбите од Законот за хартии од вредност и со Уставот.

7. Во член 6 став 1 точка 7 од од Правилникот е предвидено кон барањето опишано во ставот 1, да се достави:

„Изјава дадена од основачот под целосна морална, кривична и материјална одговорност и заверена кај нотар, дека истиот не бил директор, претседател или член на орган на управување на правно лице кое не ги платило јавните давачки вклучувајќи и правни лица кои веќе престанале“.

Според член 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1).

Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2).

Според членот 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Тргнувајќи од анализата на оспорената точка 7 од ставот 1 на членот 6 од Правилникот, со која се бара изјава од основачот под целосна морална, кривична и материјална одговорност дека истиот не бил директор, претседател или член на орган на управување на правно лице кое не ги платило јавните давачки вклучувајќи и правни лица кои веќе престанале, произлегува дека и тука со подзаконски акт на Комисијата се уредува основачот да достави изјава за прашање кое не е предвидено како услов во членот 106 од Законот за хартии од вредност, во врска со барањето за издавање на дозвола за брокерска куќа, таа изјава има форма на обврска и услов пропишан од Комисијата, која нема надлежност да пропишува права и обврски, туку со подзаконски акт може да ги операционализира законските норми во рамки на законско овластување за тоа и само врз основа на објективизирани критериуми со закон, што тука не е случај.

Во рамките на уредувањето на начинот на плаќањето на јавните давачки постојат законски механизми за неизвршувањето на тие обврски, па оттука генерално условувањето со уредно исплатени јавни давачки може да значи излегување надвор од соодветните законски механизми и намалување на обемот на правото на работа, слободен избор на вработување и достапноста на секое работно место секому под еднакви услови.

Тргнувајќи од фактот дека уставна обврска на секого е да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи утврдени со закон, и дека во рамките на начинот на плаќање на јавните давачки постојат законски механизми за нивно исполнување, Судот утврди дека со точката 7 од ставот 1 на членот 6 од Правилникот, се пропишува услов за добивање на предметната дозвола, со кој се пречекорува дозволениот праг и се излегува надвор од соодветните законски механизми и води до состојба исполнувањето на обврските на лицето во еден статус да влијае на остварувањето на неговите права во друг статус, што уставно не е дозволено, а води и до намалување на обемот на правото на работа и достапноста на секое работно место, секому, под еднакви услови, поради што оспорената точка 7 од ставот 1 на членот 6 од Правилникот не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 32 став 2 од Уставот и за согласноста со членот 106 од Законот за хартии од вредност.

8. Со член 6 став 1 точка 8 од Правилникот е предвидено, кон барањето опишано во ставот 1 да се достави:

„Изјава дадена од основачот под целосна морална, кривична и материјална одговорност и заверена кај нотар, дека истиот не бил директор, претседател или член на орган на управување на правно лице чија сметка кај носителот на платниот промет е блокирана“.

Ставот на Судот, по точката 8 од ставот 1 на членот 6 од Правилникот, всушност се надоврзува на анализата од правното мислење по однос на претходната точка 7 од наведената одредба од Правилникот. Ова особено поради тоа што со закон се пропишуваат правата и обврските, а во случајов оспорената точка 8 со пропишаната содржина определува услов со подзаконски акт кој Комисијата го бара во одлучувањето по барањето за издавање дозвола за работење на брокерска куќа и следствено на тоа се наметнува како елемент кој би го детерминирал видот на одлучувањето по барањето, што воопшто не е само обично прибирање на информации на Комисијата за барателот ниту изјавата има таков карактер како по однос на прашањето така и по однос на формата за давање преку нотар.

Имено, со активирање на законските механизми по однос на третирањето на правните лица чија сметка кај носителот на платниот промет е блокирана, се решаваат тие прашања како прашања врзани со друг субјект во правото, кои не можат понатаму да бидат ограничувачки елементи, особено со норми од подзаконски акт, за остварување на други права во друг статус на лицата кои во конкретниов случај се основачи – акционери на овластено правно лице – брокерска куќа со барање на дозвола за работење.

Оттука, и за точката 8 од ставот 1 на членот 6 од Правилникот Судот утврди дека не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 32 став 2 од Уставот и со членот 106 од Законот за хартии од вредност.

9. Со член 6 став 1 точка 9 од Правилникот, е предвидено кон барањето опишано во ставот 1 да се достави:

„Изјава дадена од основачот под целосна морална, кривична и материјална одговорност и заверена кај нотар, дека истиот не бил осудуван со правосилна судска пресуда за сторено кривично дело предизвикување стечај на правно лице“.

Со оспорената точка 9 од наведената одредба од Правилникот, не е спорно дека Комисијата пропишала со подзаконски акт, услов за издавање дозвола за работа на овластеното правно лице, кој што требало да го исполни основачот и тоа во вид на давање своја изјава дека не бил осудуван со правосилна судска пресуда за сторено кривично дело предизвикување стечај на правно лице и изјавата да е дадена под целосна морална, кривична и материјална одговорност и заверена кај нотар. Оттука, логично е дека осудуваноста е причина поради која дејноста не може да се врши.

Од анализата произлегува дека во случајов станува збор за ограничување на правата на граѓаните како последица од осуда за кривично дело која настанува по сила на закон.

Имено, при оценување на уставноста на оспорената точка од одредбата на Правилникот, основен критериум е постоењето на двата принципи на казнено-правниот однос утврдени во член 13 став 1 и член 14 став 1 од Уставот, а тоа се прво, дека казната може да се изрече само со судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Тоа значи дека согласно наведените уставни одредби казнено-правниот однос се исцрпува на релација казниво дело и судски изречена казна за сторителот и дека натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата на граѓаните не се допуштени, освен ако тоа не е изречно утврдено со Уставот.

Со оглед на тоа што со оспорената точка од одредбата на Правилникот се врши условување, а со тоа и ограничување на правото за вршење на работа на лице кое било осудувано за кривично дело, ова ограничување не е последица што произлегува од извршување на изречена кривична санкција, односно казна, туку претставува дополнителна последица што граѓанинот ја трпи по основ на осудуваноста, а која настапува по сила на закон.

Врз основа на изнесеното Судот утврди дека оспорената точка 9 од одредбата од Правилникот, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, според кој како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото, член 13 став 1, член 14 став 1 и член 51 од Уставот.

10. Со член 6 став 1 точка 13 од Правилникот е предвидено кон барањето опишано во ставот 1 да се достави:

„Потврда од надлежна институција за редовно плаќање на јавните давачки“.

Имајќи ја предвид уставно-судската анализа која е елаборирана по однос на точката 7 од наведената одредба од Правилникот, Судот утврди дека оспорената точка 13 не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 32 став 2 од Уставот и со членот 106 од Законот за хартии од вредност, од истите причини кои се изнесени во веќе изнесената анализа за наведената точка од Правилникот.

11. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

12. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.52/2018
6 февруари 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски