Решение У.бр.61/2018

У.бр.61/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 23 јануари 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за ставање вон сила на Одлуката за давање согласност на измената на Годишниот план за вработување на Општина Кратово за 2018 година бр.09-763/1 од 25.04.2018 година, донесена од Советот на Општина Кратово.

2. Д-р Љупчо Бојаџиев, градоначалник на Општина Кратово до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата оспорената одлука била незаконита како од формален, така и од материјален аспект. Незаконитоста од материјален аспект се состоела во тоа што истата била донесена на предлог на претседателот на Советот, а станувало збор за исклучива надлежност на градоначалникот, согласно членот 50 од Законот за локалната самоуправа. Но, најбитно било тоа што во диспозитивот (се мисли на уводот) на Одлуката стоело дека истата се носи согласно член 36 став 1 точка 15 од Законот за локалната самоуправа, а за оправданоста на Одлуката имало повикување на член 32 став 2 од Законот за административните службеници. Притоа ставот 2 од членот 32 бил избришан со измените на Законот за административните службеници од 2014 година. Оттаму, Одлуката немала валиден законски основ.

Незаконитоста на Одлуката од формален аспект се состоела во тоа што истата била донесена на седница свикана и одржана спротивно на законските прописи, Статутот и Деловникот за работа на Општина Кратово. Ова од причина што во диспозитивот (се мисли на уводот) на Одлуката стоело дека согласно членот 25 од Статутот се свикува редовна седница, иако истата била одржана еден ден по донесување на решението за свикување на седница со што биле комплетно прекршени одредбите од членот 59 од Деловникот кои се однесувале на одржување на редовна седница.

Согласно член 51 став 3 од Законот за локалната самоуправа се бара Уставниот суд да ја поништи оспорената одлука и да ја прогласи за незаконита.

Во дополнувањето на иницијативата се наведува дека Одлуката била неуставна согласно член 112 став 2 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата, утврди дека врз основа на член 32 став 2 од Законот за административни службеници („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2014, 199/2014 и 48/2015), член 36 став 1 точка 15 и член 62 од Законот за локална самоуправа („Службен весник на Република Македонија“ бр.5/2002), а согласно членовите 15 и 20 од Статутот на Општина Кратово („Службен гласник на Општина Кратово“ бр.6/2006), Советот на Општина Кратово на седницата одржана на 25.04.2018 година ја донел оспорената одлука.

Во членот 1 од Одлуката е определено дека се става вон сила Одлуката за давање на согласност на Годишниот план за вработување на Општина Кратово за 2018 година бр.09-689/1 од 12.04.2018 година, донесена од Советот на Општина Кратово. Во одредбата е определено за донесената одлука да биде известено Министерството за информатичко општество и администрација, како надлежно министерство за давање на мислење.

Во членот 2 од оспорената одлука е предвидено истата да влезе во сила со денот на донесувањето и да се објави во „Службен гласник на Општина Кратово“.

Одлуката е заведена под бр.09-763/1 од 25.04.2018 година.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на прописите и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одлука, со која се става вон сила согласноста на измената на Годишниот план за вработување во Општина Кратово, која е предмет на анализа во конкретниов случај, Судот оцени дека истата не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија. Имено, актот со кој се дава согласност во суштина претставува инструмент со кој се потврдува дека претходно донесен акт станува полноважен со оглед на тоа што бил донесен во постапка предвидена со закон. Во овој случај Советот на Општина Кратово ја става вон сила претходно дадената согласност за измената на Годишниот план за вработување за 2018 година, што значи дека измената на Годишниот план не е полноважна.

Оттаму, одлуката со која се дава согласност или пак се отповикува дадена согласност сама по себе нема карактер на пропис бидејќи не уредува правни односи и не произведува правно дејство врз неопределен број на субјекти во правниот промет, од каде се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.61/2018
23 јануари 2019 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски