Решение У.бр.82/2018

У.бр.82/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 12 декември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 1 од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија” број 11/2018).

2. Драган Пешевски, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на членот 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата бара поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на членот 1 од Законот на амнестија, бидејќи одредбата и тоа посебно во деловите што се однесуваат на правосилност на пресудата ги ставала во нерамноправна положба осудените и обвинетите лица и тоа во поголем број на случаи по вина на државните органи.

Имено, по објавување на Предлог-законот за амнестија огромен број на осудени и обвинети лица се обиделе да ги довршат постапките што се воделе спрема нив со спогодување или пак признание на вина, но во тоа биле оневозможени од Основното јавно обвинителство и казнено-поправните установи. Поточно Основното јавно обвинителство не ги прифаќало иницијативите за спогодување, го злоупотребувало правото на жалба и кај максимално изречените казни само со цел пресудите да не станеле правосилни за да на тој начин одредени лица го изгубат правото на амнестија.

Од страна на затворските установи лицата не биле спроведувани на закажаните рочишта за судење или спогодување, па поради вака наведените дејствија правата на граѓаните им биле ограничени со непостапување или злоупотреба на Законот за амнестија.

Во натамошниот текст на иницијативата се цитираат член 8 став 1 алинеи 3 и 10, членовите: 9, 50, 51 и 54 од Уставот и се наведува дека се бара спроведување на постапка пред Уставниот суд, а потоа и укунување на оспорената одредба поради спротивност со Уставот, законите и меѓународните акти (не е конкретизирано кои) ратификувани од страна на Република Македонија.

3. Судот на седницата, утврди дека според член 1 од Законот за амнестија, со овој закон се уредува ослободување од извршување на казна затвор (во натамошниот текст: амнестија):

– на лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со Кривичниот законик или други закони, кои на денот на влегувањето во сила на овој закон започнале или не започнале со издржување на казната затвор во казнено-поправните установи во Република Македонија,
– на лицата осудени со правосилна пресуда на казна затвор за кривични дела пропишани со кривични закони на друга држава доколку сторителот е државјанин на Република Македонија и казната ја издржува во Република Македонија врз основа на извршување на кривична пресуда на странски или меѓународен суд и истата е признаена со пресуда на надлежен суд во Република Македонија.

4. Според член 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 15 од Деловникот, иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставност на закон, меѓу другото содржи и причини за негово оспорување.

Согласно член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од анализата на наводите од иницијативата произлегува дека како причини за оспорување се наведуваат одредено дејствување/недејствување на Основното јавно обвинителство и казнено-поправните установи, а со цел што помал број на лица да бидат опфатени со Законот за амнестија што требало да се донесе. Други причини не се содржани.

Според оцена на Судот ваквите наводи не можат да го покренат механизмот на уставно-судска оцена од причина што можните злоупотреби или неспроведување на надлежностите на одделни институции не спаѓаат во делокругот на работење на Уставниот суд, туку се во надлежност на други институции.

Оттаму Судот оцени дека иницијативата не содржи аргументирани и образложени причини за оценување на уставноста што е процесна пречка согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот. Исто така, Судот нема надлежност, согласно член 110 од Уставот да ја оценува согласност на законската одредба со друг закон или пак со меѓународен договор, што пак преставува основ за донесување на решение согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот.

Инаку, заради запознавање на подносителот на иницијативата Уставниот суд со решение У.бр.12/2018 од 28.11.2018 година не повел постапка за оценување на уставноста на член 1 алинеи 1 и 2 во деловите: „со правосилна пресуда” и член 2 став 2 во делот: „изречена со правосилна пресуда” од Законот за амнестија („Службен весник на Република Македонија” број 11/2018).

Во таа постапка Судот тргнал од уставното овластување на Собранието да дава амнестија, што истовремено подразбира и негово право да го определи степенот на ослободување од извршување на изречената казна затвор, како и да ја одреди категоријата на лица кои ќе бидат опфатени со амнестијата, односно лицата на кои амнестијата нема да се однесува и оценил дека во конкретниот случај не може со основ да се постави прашањето за согласноста на оспорените делови од член 1 алинеи 1 и 2 во деловите: „со правосилна пресуда” и член 2 став 2 во делот: „изречена со правосилна пресуда” од Законот за амнестија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.82/2018
12 декември 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски