Решение У.бр.68/2018

У.бр.68/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 ноември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оцена на законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт ЦС 15-Криви Дол, Општина Карпош – Скопје, бр.07-9210/2 од 30.12.2014 година, донесена од Советот на Општина Карпош-Скопје („Службен гласник на Општина Карпош“ бр.19/2014).

2. Сали Селимов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, подносителот бил сопственик на фабрика за трикотажа на КП.бр.422/1 КО-Карпош, која била во целост функционална и вработувала поголем број работници. Објектот на фабриката бил во постапка на одлучување согласно Законот за постапување со бесправно изградени објекти („Службен весник на Република Македонија“ бр.23/2011, 54/2011, 155/2012, 53/2013, 72/2013, 44/2014, 115/2014, 199/2014, 124/2015, 129/2015, 217/2015, 31/2016 и 190/2017). Имено, овој објект требало да се легализира согласно одредбите од наведениот закон и за таа цел било поднесено барање до надлежен орган имајќи предвид дека претходно важечкиот Детален урбанистички план за Криви Дол, донесен со Одлука бр.07-1880/1 од 5.09.2005 година во содржините го опфаќал и објектот на фабриката да се задржи.

Меѓутоа, според наводите во иницијативата, со донесувањето на новиот Детален урбанистички план, кој сега се оспорува со иницијативата, фабриката била повторно задржана во содржините на Планот, меѓутоа постоел дел од објекти во составот на фабриката кои не биле задржани и на нивно место Планот предвидувал зеленило, што било во спротивност со интересите на иницијаторот. Воедно, се истакнува дека тој учествувал на јавната анкета по Нацрт-планот и по однос на неговиот приговор за задржување на објектите од фабриката кои не биле опфатени, ниту барањето му било прифатено ниту за тоа добил одговор од надлежната комисија во текот на постапката за донесување на Планот.

Од овие причини со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на законитоста на оспорениот план, како несогласен со членот 24 од Законот за просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144//2012, 55/2013 и 163/2013), и истиот да го поништи.

3. Судот на седницата утврди дека Советот на Општина Карпош, на седницата одржана на 30.12.2014 година ја донел Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Градска четврт ЦС 15 Криви Дол, Општина Карпош Скопје, со која во членот 1 утврдил дека со Одлуката се донесува предметниот план, а во членот 2 го утврдил планскиот опфат на локалитетот на планот, кој е дефиниран во површина од 22,2 ха.

Во членот 3 од Одлуката е утврдено дека опфатот на Планот ги содржел следниве намени: домување во станбени куќи, домување во станбени згради, големи трговски единици, хотелски комплекси, складишта, парковско зеленило, заштитно зеленило, комунална инфраструктура и суперструктура и прикажани се класите и намените на земјиштето.

Со членот 4, определено е дека составен дел на оваа одлука се: текстуален дел, графички прилози, основни параметри за уредување на просторот и табеларен приказ на урбаните параметри.

Според членот 5, Деталниот урбанистички план се заверува со потпис на претседателот на Советот на Општина Карпош и со печат на Општина Карпош, а според членот 6 Планот со сите негови делови се чува во Секторот за просторно и урбанистичко планирање и проектирање на Општина Карпош.

Според членот 7, оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Општина Карпош“.

Одлуката е заверена со број 07-9210/2 од 30.12.2014 година и е објавена во „Службен гласник на Општина Карпош“ бр.19/2014 на 31 декември 2014 година.

4. Советот на Општина Карпош на седницата одржана на 30.12.2014 година ја донел оспорената одлука со која бил донесен Деталниот урбанистички план за Градска четврт ЦС 15 Криви Дол, Општина Карпош, бр.07-9210/2 од 30.12.2014 („Службен гласник на Општина Карпош“ број 19/2014).

Постапката на донесување на Планот била во време на важење на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144//2012, 55/2013 и 163/2013).

Од активностите кои биле преземени во текот на постапката за донесување на предметниот план, произлегува следнава документација која е доставена од Советот на Општина Карпош, како доносител на оспорената одлука:

– Одлука бр.07-5493/4 од 26.08.2013 година донесена од Советот на Општина Карпош, за утврдување на Нацрт-детален урбанистички план Градска Четврт ЦС 15 – Кривил Дол, Општина Карпош – Скопје,
– Соопштение бр.09-1334/8 од 5.09.2013 година, на градоначалникот на Општина Карпош, за организирање на јавна презентација и јавна анкета по Нацрт-деталниот урбанистички план за Градска четврт ЦС 15 Криви Дол, Општина Карпош.
– Решение бр.09-1334/14 од 25.09.2013 година донесено од градоначалникот на Општина Карпош за формирање на стручна комисија за изработка на Извештај по спроведена јавна анкета и јавна презентација по Нацрт-планот.
– Извештај бр.33-1334/21 од 28.11.2013 година изработен од стручната комисија, за спроведена јавна анкета и јавна презентација.
– Копија од Анкетен лист поднесен од Сали Селимов, со забелешки на Нацрт-планот и копија од Доставница до Сали Селимов, за писмено известување по приговорот на анкетниот лист,
– Известување бр.13-7541/2 од 10.12.2013 година за Предлог-планот, дадено од Градот Скопје – Сектор за планирање и уредување на просторот.
-Согласност бр.14-16920/2 од 25.12.2014 година, дадена од Министерството за транспорт и врски, за Предлог-планот,
– Одлука бр.07-9210/2 од 30.12.2014 година на Советот на Општина Карпош, за донесување на предметниот Детален урбанистички план.

Судот,исто така утврди дека постапката за донесувањето на предметниот план донесен со оспорената одлука е водена со примена на одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија” број 51/2005, 137/2007, 91/2009, 124/2010, 18/2011, 53/2011, 144/2012, 55/2013 и 163/2013) кој важел во време на водењето на постапката.

Видовите и содржината на плановите, како и постапката за нивно изработување и донесување се уредени во глава II од Законот за просторно и урбанистичко планирање насловено како “Планирање на просторот”, во која се содржани членовите од 7-48 од Законот.

Co членот 7 од овој закон се утврдени видовите планови кои се донесуваат во зависност од просторот кој е предмет на планирање и тоа Просторен план на Република Македонија и урбанистички планови (генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место).

Според член 21 став 1 од Законот, на нацртот на плановите од членот 7 на овој закон се врши стручна ревизија со која се утврдува дека плановите се изработени во согласност со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според ставот 5 од членот 21 од Законот, забелешките од стручната ревизија се вградуваат во нацртот на планот, а изработувачот на планот задолжително дава извештај за постапувањето по забелешките на стручната ревизија, до органот надлежен за донесување на планот. Стручната ревизија и извештајот за постапувањето по забелешките од стручната ревизија се составен дел на планот.

Во член 22 став 1 на овој закон се утврдува дека плановите од членот 7 на овој закон се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Со членот 24 на овој закон е определено:

(1) По нацртот на деталниот урбанистички план, урбанистичкиот план за село и урбанистичкиот план вон населено место, општината спроведува јавна презентација и јавна анкета.
(2) Организирањето на јавната презентација и јавната анкета по плановите од ставот 1 на овој член, го врши градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на советот за кој претходно е добиено мислење од комисијата од член 17 став 4 на овој закон.
(3) За спроведената јавна презентација и јавна анкета се изработува извештај.
(4) За организирањето на јавна презентација и јавна анкета општината е должна писмено да ги извести субјектите од членот 29 на овој закон. Јавната анкета трае најмалку десет работни дена, во кој рок субјектите од членот 29 на овој закон како и сите заинтересирани физички и правни лица можат да достават забелешки и предлози по нацртот на планот, на анкетни листови. Доколку во овој рок субјектите од членот 29 на овој закон не достават забелешки и предлози, ќе се смета дека немаат забелешки и предлози на планското решение.
(5) Јавната презентација и јавната анкета од ставот 1 на овој член се спроведува со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа.
(6) Јавната презентација е стручно презентирање на планот и се организира во простории и време што ќе го определи градоначалникот на општината.
(7) Извештај од јавната анкета со образложение за прифатените и неприфатените забелешки за плановите од ставот 1 на овој член, изработува стручна комисија формирана од градоначалникот на општината, која е составена од три члена, и тоа: носителот на изработка на планот, одговорно лице од општинската администрација надлежно за урбанистичко планирање и истакнат научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.
(8) Извештајот од ставот 6 на овој член е составен дел на одлуката за донесување на предлогот на планот.
(9) Врз основа на извештајот, комисијата од ставот 6 на овој член е должна писмено да го извести секое лице кое поднело анкетен лист со образложение за прифаќање или неприфаќање на неговите забелешки или предлози.
(10) Доколку комисијата од ставот 7 на овој член оцени дека нацртот на планот со прифатените забелешки од јавната анкета претрпел значајни промени (промена на границата на урбанистичкиот опфат, промени на регулационите линии, промена на намената на земјиштето и промени во поголем обем на други параметри утврдени во планот), градоначалникот на општината за нацртот на планот со вградени забелешки во планот повторно спроведува јавна презентација и јавна анкета.
(11) Времето и местото каде што ќе биде изложен планот и спроведувањето на јавната презентација и јавната анкета, задолжително се објавува со соопштение во најмалку две јавни гласила. Соопштението задолжително ги содржи податоците, местоположбата и површината на опфатот на планот.

Според член 25 став 2 од Законот, на плановите од член 7 точка 2 на овој закон изработени во форма на предлог-план согласност дава органот на државната управа надлежен за работите од областа на уредувањето на просторот, со која се потврдува дека постапката за изработување на предлог планот е спроведена согласно со одредбите на овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон.

Според ставот 3 од членот 25 од Законот, согласноста од ставот 2 на овој член се дава во рок од 15 работни дена од денот на поднесувањето на барањето од страна на донесувачот на планот. Доколку надлежниот орган за издавање на согласноста не одговори во наведениот рок, ќе се смета дека согласноста е издадена.

Во ставот 4 на членот 25 од овој закон, се предвидува дека по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член, планот се доставува до надлежниот орган за донесување.

Според ставот 5 од наведениот член од Законот, градоначалникот на општината, општината во Градот Скопје и Градот Скопје е должен најдоцна 15 дена по добивањето на согласноста од ставот 2 на овој член да го достави предлогот на планот до советот на општината,општината во Градот Скопје и Градот Скопје, а претседателот на советот е должен во рок од 15 дена од приемот на предлогот на планот да го стави на седница на советот, а советот е должен да одлучи по истиот на истата седница.

Според ставот 7 од овој член од Законот, Советот на општината,општината на Градот Скопје и Градот Скопје може да го донесе, односно да не го донесе предлогот на планот доколку смета дека истиот не е изработен согласно со законските прописи во кој случај е должен да донесе одлука со образложение за констатираната неправилност поради која предлогот не е донесен.

5. Согласно член 8 став 1 алинеи 3 и 10 од Уставот, како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се владеењето на правото, кое во својата суштина ја содржи правната сигурност на граѓаните во правниот поредок, како и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Од наведените одредби од Законот за просторно и урбанистичко планирање, произлегува дека законодавецот во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Во конкретниот случај, од презентираната фактичка состојба, утврдена врз основа на писмената документација, произлегува дека доносителот на оспорениот акт ги спровел фазите во постапката за донесувањето на предметниот детален урбанистички план, согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Во постапката, меѓу другото бил изготвен и Извештај по спроведена јавна анкета и јавна презентација за Нацрт-планот, при што е утврдено дека јавната анкета траела во период од 06.09.2013 година до 20.09.2013 година, на јавната анкета биле доставени приговори на 15 анкетни листови од кои 3 приговори не биле прифатени, 7 приговори биле прифатени, а 5 приговори делумно биле прифатени. На анкетен лист бр.5, лицето Сали Селимов од Скопје, поднел приговор, а од Извештајот се гледа дека тој приговор бил делумно прифатен со одговор од Комисијата дека објектите ќе се задржат со истата намена Г2 – лесна индустрија, а површината за градба ќе се усогласи според можностите од терен и планскиот концепт. Од копијата на доставницата се гледа дека одговор од Извештајот собр.33-1334/21 од 28.11.2013 година, бил доставен до Сали Селимов на 20.03.2014 година.

Од изнесената анализа, како и правната и фактичката состојба произлегува дека законитоста на Одлуката со која е донесен предметниот план не може да се оспори од наводите изнесени во иницијативата, со оглед на тоа што во постапката се спроведени фазите на донесување на планот согласно одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање и во согласност со тоа и надлежното Министерство за транспорт и врски дало согласност на предлог-планот.

Од аспект на наводите во иницијативата се укажува и дека Судот не е надлежен да одлучува за содржините во планот и за целисходноста на планираните содржини во урбаното подрачје ниту од аспект на прашањето за објектите кои биле во тек на постапка пред надлежен орган за легализација и во тие рамки за успешна легализација било потребно и нивно предвидување како содржина во деталниот урбанистички план, со оглед на тоа што овој суд ја оценува законитоста на постапката за донесување на планот согласно законот кој важел во време на започнување и водење на таа постапка.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.68/2018
28 ноември 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски