Одлука У.бр.63/2018

У.бр.63/2018-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 5 декември 2018 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија бр.30/2016).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на нејзиното објавување во „Службен весникна Република Македонија“

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијативата поднесена од Игорчо Точев од Кочани, со Решение У.бр.63/2018 од 3 октомври 2018 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија бр.30/2016).

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член од Законот со одредбите од Уставот на Република Македонија на кои се повикува подносителот на иницијативата.

4. Судот на седницата утврди дека според член 2 од оспорениот закон во член 17-ж став (1) зборовите: „Министерот надлежен за работите од областа на трудот или од него овластено лице“, се заменува со зборовите: „Министерството за труд и социјална политика“.

Ставот (2) се менува и гласи:

„(2) Против решението на Министерството за труд и социјална политика со кое е одбиено барањето за полагање на стручен испит кандидатот може да поднесе жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен“.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Оспорениот член 2 од Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македнија“ бр.30/2016) предвидува дека во член 17-ж став (1) зборовите: „Министерот надлежен за работите од областа на трудот или од него овластено лице“, се заменува со зборовите: „Министерството за труд и социјална политика“. Ставот (2) се менува и гласи:

„(2) Против решението на Министерството за труд и социјална политика со кое е одбиено барањето за полагање на стручен испит кандидатот може да поднесе жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен“.

Меѓутоа, од увидот во Законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност и здравје при работа („Службен весник на Република Македонија“ бр.192/2015) поточно во членот 3 неспорно произлегува дека во член 17-ж став (1) се брише. Ставот (2) станува став (1).

Од наведеното произлегува дека членот 2 од оспорениот закон менува дел од член од Законот кој повеќе не е во правниот поредок, што според Судот, не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, односно со принципот на владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните, со што се создава забуна во практикувањето на правото на субјектите кои се засегнати со конкретната правна проблематика.

Оттука, Судот оцени дека членот 2 од оспорениот закон е во спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите:Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.63/2018
5 декември 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски