Решение У.бр.89/2018

У.бр.89/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеi 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 21 ноември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план на поширокото градско подрачје за 2-ра урбана единица, бр.08-583/1 од 13.04.1995 година, донесена од Советот на Општина Охрид, објавена во „Службен гласник на Општина Охрид“ бр.1/1995.

2. Ахмети Бајрактар, Незми Бајрактар и Нермин Бајрактар, сите од Охрид, преку полномошникот Ниѓаил Мерџаноски, адвокат од Струга, до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата предмет на иницијативата е оценувањето дали има повреда на постапката утврдена со Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.38/85, 18/89, 38/90 и 62/93).

Подносителите на иницијативата наведуваат дека Општина Охрид со Одлука бр.08-583/1 од 13.04.1995 година имала донесено Детален урбанистички план за поширокото градско подрачје за 2-ра урбана единица и истата била објавена во „Службен гласник на Општина Охрид“. Со овој Детален урбанистички план на дел од КП.бр.14580/1 и дел од истата парцела означена како КП.бр.14580/2, на местото каде што била извршена наменска експропријација од поранешните корисници (сопственици) за изградба на паркинг простор, предвиден со претходниот ДУП и ПЦГП за 2-ра урбана единица со Одлука бр.4471-1/80, сега била предвидена изградба на три објекти.

При донесувањето на овој детален урбанистички план повредени биле одредбите од Законот за системот на просторното и урбанистичкото планирање „Службен весник на Република Македонија“ бр.38/85 (основен закон) и „Службен весник на Република Македонија“ бр.38/90 (измени и дополнувања) и тоа: не било постапено согласно член 1 кој ги регулира основните елементи на просторните и урбанистичките планови и постапката за нивното изработување при нивното донесување. Согласно член 2 не било запазено регулирањето со планирањето на предметниот простор, не било обезбедено планско и рационално планирање на предметниот простор, не е обезбедено планско и рационално планирање на просторот и мрежата на инфраструктура и заштита и унапредување на човековата околина.

Согласно измените со членот 2 во „Службен весник на Република Македонија“ бр.38/90 со кој член се додавал нов член 3-а, не било постапено согласно ставот 2 од овој член, бидејќи во конкретниот случај просторниот и урбанистичкиот план не бил усогласен, не биле запазени и утврдени условите за користење на просторот и заштитата на човековата околина и други просторно-плански мерки за унапредување на квалитетот на човековата околина. Исто така, биле направени повреди со членот 8 измените од членот 18 во врска со уредување на просторот врз основа на анализа на постојната состојба како што било наведено во измената со член 10 во додадениот нов член 19-а за функционална организација на подрачјето опфатено со планот, сообраќајно решение за комунална и друга инфраструктура. Исто така, со измените од член 19 со кој е изменет член 31 било наведено дека урбанистичкиот план се изработува во две фази, нацрт и предлог план, нацртот треба да се стави на јавен увид, а прифатените забелешки од јавната расправа треба да се содржани во предлогот и да се достават до Советот на општината, што во конкретниот случај не било направено.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот акт ја има следната содржина:

“Врз основа на член 19 и 37 од Законот за измени и дополнувања на Законот за системот на просторното и урбанистичко планирање („Службен весник на СРМ“ бр.38/85 и 38/90) и член 213 од Статутот на општина Охрид („Службен гласник на Општината Охрид“ бр.8/89), Собранието на Општината Охрид на седницата одржана на 13.04.1995 година, донесе

О Д Л У К А
за утврдување на Нацрт деталниот урбанистички
план за дел од градскиот центар што припаѓа на
МЗ 5 – „Даме Груев“

Член 1

Се утврдува Нацрт-деталниот урбанистички план за дел од градскиот центар што припаѓа на МЗ 5 – „Даме Груев“.

Член 2

Составен дел на овој нацрт детален план е и текстуалниот дел и графичките прилози изработени од Подрачната единица Охрид при Министерството за урбанизам, градежништво и заштита на животната средина.

Член 3

Оваа Одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавување во „Службен гласник на Општината Охрид“.

Бр.08-583                                                                                                                                       Собрание на Општина Охрид
13.04.1995 година                                                                                                                                      Претседател,
О х р и д                                                                                                                                               Благоја Силјаноски,с.р.

4. Собранието на Општина Охрид на седницата одржана на 13.04.1995 година,донело Одлука за утврдување на Нацрт- ДУП за дел од градежен центар што припаѓа на МЗ Б-Даме Груев, под бр.08.583, која одлука под број и датум се оспорува од страна на подносителот на иницијативата, но содржината на одлуката е сосема поинаква и различна од онаа на која се укажува во иницијативата. Имено, оваа одлука под оспорениот број и датум се однесува на утврдување на Нацрт детален урбанистички план што не може да биде предмет на уставно-судска анализа, од причина што утврдување на Нацрт детален урбанистички план е само дел од фаза на донесување на Одлуката за Детален урбанистички план и истиот е конкретен акт донесен од Општината Охрид, со кој се одлучува за утврдување на Нацрт детален урбанистички план, што е дел од постапката за донесување на детални урбанистички планови. Оттука, овој оспорен акт како таков акт не може посебно да биде предмет на оценка од страна на Уставниот суд , поради што Судот не е надлежен да одлучува за неговата уставност и законитост во смисла на член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

Од друга страна, пак, неспорен е фактот што, според одговорот на градоначалникот на Општина Охрид доставен до Уставниот суд, јасно и децидно произлегува дека за оспорениот опфат во иницијативата е донесен нов Детален урбанистички план за Урбана заедница 2, дел од Урбан блок 2.3 – опфат 3 со Одлука на Советот на Општина Охрид бр.07-6092/36 од 30.06.2014 година. Оттука, неспорно е дека со донесувањето на наведената одлука, оспорената одлука е ставена надвор од правниот поредок поради што се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата поради постоење на процесни пречки за одлучување по иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите:Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.89/2018
21 ноември 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски