Решение У.бр.54/2018

У.бр.54/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеа 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 7 ноември 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за организирање на јавна презентација и јавна анкета по Предлог на ДУП за Блок 19, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, број 23-1602/9, донесена од градоначалникот на Општина Гостивар на 20.12.2016 година.

2. Зуди Болеци од Гостивар, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката наведена во точката 1 на ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорената одлука на Општина Гостивар била направена повреда на одредбата од член 115 став 2 од Уставот на Република Македонија, бидејќи Општина Гостивар при нејзиното донесување не постапила согласно забелешката бр.0928-370/3 од 02.03.2017 година на Агенцијата за катастар на недвижности – Генерална дирекција Скопје, која е надлежна да врши надзор над законитоста на одлуките на општината од областа на урбанистичкото планирање и чии насоки се задолжителни.

Со непочитување на забелешките и насоките на оваа државна институција, Општината Гостивар во деталниот урбанистички план за УБ 19 опфатила градежни парцели кои навлегуваат во соседните катастарски парцели, што може да има влијание врз имплементацијата на предметниот план и врз сегашните и идните процедури, бидејќи дел од имотот што го опфаќа блок 19 бил поранешна сопственост на физички лица кој подоцна бил национализиран односно експроприран, за што и се воделе постапки пред надлежните органи за денационализација и пред Управниот суд.

Во иницијативата, исто така, се наведува дека со оспорената одлука била сторена и повреда на членовите 35, 37 и 38 од Законот за урбанистичко и просторно планирање поради што се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорената одлука и истата да ја поништи или укине.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената Одлука за организирање на јавна презентација и јавна анкета по Предлог на ДУП за Блок 19, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар ја донел градоначалникот на Општина Гостивар Невзат Бејта и таа е заведена под бр.23-1602/9 од 20 декември 2016 година.

Во членот 1 од Одлуката е наведено дека со ова решение се организира јавна презентација и јавна анкета по Предлог на ДУП за Блок 19, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар.

Според членот 2 од Одлуката, соопштението за организирање на јавна презентација и јавна анкета ќе биде објавена во јавните гласила и во системот на е-урбанизам.

Во членот 3 од Одлуката е определено дека јавна презентација ќе се одржи во просториите на Општина Гостивар односно во салата на Советот на Општина Гостивар на ден 26.12.2016 (Понеделник) во 12.00 ч.

Според членот 4 од Одлуката, јавната анкета ќе трае 10 работни дена од 27.12.2016 година до 10.01.2017 год.секој ден од 08.00-16.00 часот.

Во членот 5 од Одлуката е предвидено дека предлот на ДУП за Блок 19, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар ќе биде изложен на јавното место, а во членот 6 е наведено дека сите заинтересирани граѓани и правни лица опфатени со овој плански опфат имаат право во предвидениот рок на анкетните листови да ги доставуваат своите забелешки.

Согласно членот 7 од Одлуката, ова решение влегува во сила со денот на објавувањето.

4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно член 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Со иницијативата се оспорува Одлуката за организирање на јавна презентација и јавна анкета по Предлог на ДУП за Блок 19, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, број 23-1602/9 донесена од градоначалникот на Општина Гостивар на 20.12.2016 година.

Подносителот на иницијативата смета дека наведената одлука не е во согласност со член 115 став 2 од Уставот на Република Македонија според кој општината е самостојна во вршењето на надлежностите утврдени со Уставот и со закон, а надзорот над законитоста на нејзината работа го врши Републиката, како и со членовите 35, 37 и 38 од Законот за урбанистичко и просторно планирање кои ги уредуваат прашањата во однос на јавна презентација и јавна анкета, стручна ревизија и согласност на урбанистички план.

Од содржината на иницијативата и наводите за оспорување, произлегува дека со иницијативата не се оспорува уставноста и законитоста на целината на постапката за донесување на Деталниот урбанистички план, туку се бара Судот да ја оцени уставноста и законитоста на Одлуката за организирање на јавна презентација и јавна анкета по Предлог на ДУП за Блок 19, КО Гостивар 1 – Општина Гостивар, број 23-1602/9 донесена од Општина Гостивар на 20.12.2016 година.

Од содржината на наведениот акт, произлегува дека во конкретниот случај оспорениот акт нема карактер на пропис со кој се уредуваат односи помеѓу неопределен број на субјекти на општ начин, бидејќи од неговата содржина неспорно произлегува дека се работи за поединечен, конкретен акт донесен од градоначалникот на Општина Гостивар, со кој се одлучува за организирање на јавна презентација и јавна анкета за предлог на ДУП што е дел од постапката за донесување на детални урбанистички планови.

Од причина што Уставниот суд не е надлежен да се впушти во оцена на уставноста и законитоста на поединечни, конкретни акти, а во конкретниот случај станува збор за таков акт што е дел од постапката за донесување на ДУП, Судот утврди дека оспорениот акт не е подобен за уставно – судска оцена.

Од сето горе изнесено, Судот оцени дека во овој случај настапени се процесните претпоставки за отфрлање на иницијативата врз основа на член 28 алинеа 1 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.54/2018
07.11.2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски