Решение У.бр.85/2018

У.бр.85/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеи 2 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 31 октомври 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 68 став 2 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр.72/2016 и 142/2016).

2. Петар Баришиќ од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, со дел од оспорената одредба од член 68 став 2 од Законот за нотаријат била сторена апсолутна повреда на уставното загарантирано право на приговор/жалба против поединечни првостепени акти на определени јавни институции, бидејќи на засегнатите лица им било ускратено ова право загарантирано со членот 15 од Уставот на Република Македонија, кое право не можело да се ограничи со закон. Подносителот на иницијативата предлага Уставниот суд да донесе времена мерка за забрана на примена на дел од оспорените одредби од член 68 став 2 од Законот за нотатијат.

Всушност, подносителот на иницијативата, предлага оцена на уставноста на ставот 2 на членот 68, во деловите: приговорот против решението со кое е издаден нотарски платен налог или по однос на одлуката за трошоците, приговорот против решението на нотарот со кое се отфрла предлогот како неуреден, приговорот против решението на нотарот за укинување на потврдата за правосилност и извршност, приговорот против одлуката на нотарот со која се одбива предлогот за укинување на потврдата за правосилност и извршност и жалбата против решението на судот. Подносителот смета дека институтот приговор е еднаков на институтот жалба, бидејќи во времето на донесувањето на Уставот на РМ не бил познат институтот приговор и од тие причини би можело да се постави прашањето за уставноста на институтот приговор по поединечните законски решенија бидејќи приговорот бил правен лек исто како и жалбата.

Според подносителот на иницијативата, со тоа што во ставот 2 на членот 68 од Законот за нотаријатот било пропишано дека сите приговори или жалби задолжително ги составувал адвокат и содржеле адвокатски печат и потпис, се ограничувало загарантираното уставно право на приговор или жалба без оглед дали се работи за постапка пред нотар или суд.

Во иницијативата, исто така, е цитиран членот 15 од Уставот, како и членот 13 од Европската конвенција за човекови права, кои се однесуваат на гаранциите на правото на жалба.

3. Судот на седницата утврди дека според член 68 став 2 од Законот за нотаријатот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 72/2016 и 142/2016) предлог за издавање на решение за нотарски платен налог врз основа на веродостојна исправа, приговорот против решението со кое е издаден нотарски платен налог или по однос на одлуката за трошоците, приговорот против решението на нотарот со кое се отфрла предлогот како неуреден, предлогот за укинување на потврдата на правосилност и извршност, приговорот против решението на нотарот за укинување на потврдата за правосилност и извршност, приговорот против одлуката на нотарот со која се одбива предлогот за укинување на потврдата за правосилност и извршност, жалбата против решението на судот, задолжително ги составува адвокат и содржат адвокатски печат и потпис, освен доколку доверител е Република Македонија.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Уставниот суд на Република Македонија со Решение У.бр. 141/2016 од 5 јули 2017 година, меѓу другото, не поведе постапка за оценување на уставноста на оспорениот член 68 ставови 2, 3 и 4 од Законот за нотаријатот и одлучи дека истиот е во согласност со Уставот на Република Македонија.

Имено, во образложението на наведеното решение, во однос на член 68 ставови 2 и 3, Судот укажал дека законското решение предлогот за издавање на решение за нотарски платен налог од страна на доверител за побарувањата кои произлегуваат од наведените комунални услуги директно да се поднесува кај нотарот, е со цел зголемување на ефикасноста на постапките со што се обезбедува поголема правна сигурност на граѓаните и правните лица, како и заштита на нивните права и интереси во постапката пред нотар.

Во предметната иницијатива, според оценката на Судот, не се изнесени доволно аргументи за неуставноста на оспорениот член 68 став 2 од Законот бидејќи подносителот на иницијативата само ги цитира оспорените делови на одредбата и членот 15 од Уставот, без притоа да даде аргументирани наводи и причини во која правна насока оспорениот член од Законот е во спротивност со наведената уставна одредба.

Имајќи предвид дека Уставниот суд веќе одлучувал за истата работа, а истовремено поради фактот што во иницијативата не се дадени аргументи и причини за оспорување на одредбата од аспект на членот 15 од Уставот, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеи 2 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.85/2018
31.10.2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски