Решение У.бр.48/2018

У.бр.48/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 2 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 31 октомври 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 438 став 4 од Законот за парнична постапка („Службен весник на Република Македонија“ број 79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015)

2. Петар Баришиќ од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива за оценување на уставноста на наведената одредба од точката 1 од ова решение од Законот за парнична постапка.

Според наводите во иницијативата оспорениот член 438 став 4 бил во спротивност со член 9 став 2 од Уставот на Република Македонија.

Имено подносителот на иницијативата наведува дека Врховниот суд не ги применувал дословно и буквално одредбите од член 438 став 4 од Законот за парнична постапка при користење на институцијата за дозволеност на ревизија на преиначени пресуди од спорови од мала вредност.

Понатаму во иницијативата се наведува дека постои одредена нејаснотија во однос на примената за оспорената одредба и дека граѓаните кои учествуваат во постапки од стопански спорови со мала вредност се во повластена положба според Законот бидејќи се во можност да поднесат ревизија за преиначена првостепена одлука од страна на второстепениот суд (уредена со глава XXXI од Законот), во однос на оние граѓани и правни лица чија пресуда е преиначена во постапка од мала вредност од второстепениот суд чија постапка е уредена со глава XXIX од Законот каде што ревизијата се забранува.

Согласно наведеното се предлага оспорените одредби да се поништат и да се донесе привремена мерка за забрана на примена на член 438 став 4 од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека, според член 438 став 4 од Законот за парнична постапка („Службен весник на Република Македонија“ број 79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015):

(1) Пресудата или решението со кое се завршува спорот во постапката во споровите од мала вредност може да се побива само поради суштествена повреда на одредбите на парничната постапка од член 343 став (2) на овој закон и поради погрешна примена на материјалното право.
(2) Во постапката по повод жалба во споровите од мала вредност не се применуваат одредбите на членот 358 од овој закон.
(3) Во постапката во споровите од мала вредност рокот за жалба, како и роковите од член 314 став (2) и членот 328 став (1) на овој закон изнесува осум дена.
(4) Во споровите од мала вредност не е дозволена ревизија против правосилна одлука на второстепениот суд. (оспорен став).

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (став 1) и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).

Согласно членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според Амандманот XXI, со кој е заменет член 15 од Уставот, се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон.

Со членот 1 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ број 79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010 и 124/2015). се уредуваат правилата на постапката врз основа на кои судот расправа и одлучува во споровите за основните права и обврски на човекот и граѓанинот, за личните и семејните односи на граѓаните како што се работните, трговските, имотните и другите граѓанско-правни спорови, ако со закон за некои од тие спорови не е определено за нив судот да решава според правилата на некоја друга постапка.

Во овој закон, покрај правото на жалба како редовен правен лек со кој се прокламира двостепеноста во одлучувањето како гаранција за остварување на правата и врз закон засновани интереси предвидени се и вонредни правни лекови и тоа ревизија и повторување на постапката.

Согласно Законот, ревизијата е вонреден правен лек што странките можат да го изјават против правосилната пресуда донесена во втор степен во рок од 30 дена од доставувањето на преписот на пресудата. Правото на поднесување на ревизија е ограничено со вредноста на предлогот на спорот при што вредноста на спорот на побивање на пресудата да надминува 1.000.000 денари (член 372 став 1 и 2).

Меѓутоа согласно член 372 став 3 и 4, Законот прави исклучок, при што правото странките да изјават ревизија не го условува со вредноста на спорот, туку секогаш дозволува без оглед на вредноста на спорот за точно определени спорови да може да се изјави ревизија (во спорови за издршка, работни спорови и друго)..

Имајќи го предвид изнесеното, произлегува дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената законска одредба со одредбата од Уставот наведена во иницијативата.

Законот за парничната постапка во посебна постапка ги уредил специфичностите на споровите од мала вредност, на начин кој ја овозможува брзината и ефикасноста на постапката.

Од анализата на наведената содржина на уставните и законските одредби и наводите во иницијативата, произлегува дека законодавецот точно ги определил споровите од мала вредност, при што дозволеноста на ревизијата, во смисла на член 438 став 4 од Законот за парничната постапка, се оценува според видот на спорот, така што во оваа одредба изречно е предвидено дека во споровите од мала вредност не е дозволена ревизија против правосилна одлука на второстепениот суд, поради што не може да се постави прашањето за нејзината согласност со уставната одредба на која се повикува подносителот на иницијативата.

5. Во однос на предлогот во иницијативата, до донесување на конечна одлука, Уставниот суд да донесе решение за запирање на извршувањето на поединечни акти или дејствија преземени врз основа на оспорената одредба, Судот оцени дека не се исполнети условите од член 27 од Деловникот на Уставниот суд за прифаќање на ваквото барање.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.48/2018
31.10.2018 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски