Решение У.бр.30/2018

У.бр.30/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 31 октомври 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување на Законот за заштита од пушењето („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2018).

2. Даниел Георгиевски од Скопје, до Уставниот суд на Република Македонија достави иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот закон содржел 3 члена од кои 2 члена (1 и 2 ) имале нормативен карактер и меѓусебно се поврзани во еден ист контекст, од кои причини истиот се оспорува во целина како спротивен на членовите 9, 27, 39, 42 и 43 од Уставот на Република Македонија.

Со членот 1 од оспорениот Закон се брише алинеја 5 став 1 од членот 2 од Законот за заштита од пушењето („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/1995, 70/2003, 29/2004, 37/2005, 103/2008, 140/2008, 35/2010, 100/2011 и 157/2013) кој дефинираше што претставува јавен простор.

Исто така, со членот 2 од оспорениот закон се менува став 1 од наведениот закон во контекст дека пушењето е дозволено исклучиво надвор од деловниот објект (тераса, летна бавча и слично), но поради избришаната алинеја 5 од ставот 1 од членот 2 и изменетиот член 3 од законот,терасите и летните бавчи можат многу лесно од отворен простор да бидат претворени во затворени простории со прегради (најлони, стакла, дрво) и на тој начин истите нема да се сметаат за јавен простор ниту за дел од угостителски објект каде се врши угостителска дејност во кој престојуваат луѓе (гости и вработен персонал). Со измените во оспорениот закон, законодавецот обезбедил можност за манипулација со јавниот простор каде е забрането да се пуши на начин што истиот ќе може да се трансформира од отворен во затворен простор за непречено пушење во текот на годината. Оттука со оспорениот закон на пушачите им се доделуваат ексклузивни и посебни права да пушат во де-факто затворени простории на сметка на здравјето на останатите луѓе (гости и вработени).

Оспорениот закон е спротивен на членот 9 од Уставот на Република Македонија, бидејќи ги дискриминира непушачите, особено ранливите групи (мајките, бремените жени, децата, луѓето со нарушено здравје, пензионерите, итн) затоа што истите поради штетноста на пушењето по нивното здравје нема да можат да престојуваат во угостителски објекти и затворени простории каде се пуши. На тој начин , законодавецот ги дискриминира непушачите и го загрозува нивното здравје, заради корист и комфор на пушачите односно заради профит на угостителите кои пред донесување на законот се жалеле дека им биле намалени приходите зато што во нивните објекти било забрането пушењето. За наведеното според подносителот не постојат докази дека пушачите поради Законот помалку трошеле пари во рестораните и кафе баровите и дека приходот и заработувачката на угостителските објекти зависела од пушачите.

Понатаму, според подносителот оспорениот закон бил спротивен на членот 27 од Уставот на Република Македонија, бидејќи со него се ограничувало правото на слободно движење, а особено на ранливите групи слободно да одберат место каде да престојуваат при посета на угостителски објект.

Оспорениот закон бил спротивен и на член 39 од Уставот на Република Македонија од причини што со него се загрозувало правото на граѓаните на здравствена заштита, односно секој има право на здравствена заштита и обврска да се грижи и да го чува и унапредува своето здравја како и тоа дека никој не смее да го загрозува здравјето на другите.Според тоа законите треба да го штитат здравјето на луѓето, а не да овозможуваат пушење на јавен простор без разлика дали е тераса или бавча која може да се прегради заради остварување на зголемен профит на угостителите.

Според подносителот оспорениот закон бил спротивен на членот 42 од Уставот, бидејќи со него се загрозува мајчинството, децата и малолетните деца, од причини што овие лица не можат да престојуваат во угостителски објекти каде уживателите на тутун слободно можат да пушат.

Воедно, оспорениот закон бил спротивен и на членот 43 од Уставот,бидејќи секој човек има право на здрава животна средина.Во рестораните и кафе – баровите работат луѓе кои немаат право на избор и се принудени да работат во услови кои се штетни по нивното здравје служејќи ги пушачите кои имаат право да пушат во нивниот простор за работа.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 1 од Законот за заштита од пушењето („Службен весник на Република Македонија“ број 6/1995, 70/2003, 29/2004, 37/2005, 103/2008, 140/2008, 35/10, 100/11, 157/13 и 51/2018 ), е предвидено дека со овој закон се уредува заштитата од штетните дејствија на пушењето на тутун и други производи од тутун врз граѓаните, зачувувањето на здрава животна средина, забрана на пушењето во јавни простории и забрана за рекламирање на цигарите.

Во членот 2 од Законот („Службен весник на Република Македонија“ број 6/1995, 70/2003, 29/2004, 37/2005, 103/2008, 140/2008, 35/10, 100/11 и 157/13), било предвидено дека:

Јавни простории во смисла на овој закон се подразбираат:

1 – објекти во кои се врши воспитно-образовна дејност и објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти;
2 – објектите на здравствените и социјалните установи;
3 – затворени и отворени простории во кои се одржуваат спортски натпревари,
4 – затворени простории во кои се одржуваат културни и забавни манифестации, собири и други јавни приредби,
5 – простор надвор од деловниот објект, наменет, уреден и опремен за давање на угостителски услуги, кој содржи дополнителна опрема (покриви, ѕидови, стакло, фолии, пластифицирани или најлонски прегради и слично) со која просторот се затвора од сите страни со што станува простор од затворен карактер,
6 – средства за јавен превоз на патници;
7 – жичари и ски-лифтови;
8 – објекти во кои се произведува, подготвува, служи, продава или консумира храна и интернет-кафиња;
9 – простории во државните органи, установи и институции и во органите на локалната самоуправа во кои се одржуваат состаноци и средби и
10 – кафеани, кафетерии, ноќни барови, кафе барови, кабареа, дискоклубови и пивници;
11 – заеднички простории во станбена зграда и заеднички делови на станбена зграда (светларници, лифтови, заеднички котларници и слично) утврдени со закон
12 – други јавни простории (сали, канцеларии, работни простории, чекални, ходници и слично).

Со Законот за изменување на Законот за заштита од пушењето („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2018), кој е оспорен со иницијативата во член 2 став 1 алинеја 5 се брише.

Алинеите 6, 7, 8, 9, 10, 11 и 12 стануваат алинеи 5, 6, 7, 8, 9, 10 и 11

Со вака направените измени, односно со бришење на алинејата 5 од членот 2 став 1 од Законот овој член гласи:

Јавни простории во смисла на овој закон се подразбираат:

1 – објекти во кои се врши воспитно-образовна дејност и објекти за престој и сместување на деца, ученици и студенти;
2 – објектите на здравствените и социјалните установи;
3 – затворени и отворени простории во кои се одржуваат спортски натпревари,
4 – затворени простории во кои се одржуваат културни и забавни манифестации, собири и други јавни приредби,
5 – средства за јавен превоз на патници;
6 – жичари и ски-лифтови;
7 – објекти во кои се произведува, подготвува, служи, продава или консумира храна и интернет-кафиња;
8 – простории во државните органи, установи и институции и во органите на локалната самоуправа во кои се одржуваат состаноци и средби и
9 – кафеани, кафетерии, ноќни барови, кафе барови, кабареа, дискоклубови и пивници;
10 – заеднички простории во станбена зграда и заеднички делови на станбена зграда (светларници, лифтови, заеднички котларници и слично) утврдени со закон
11 – други јавни простории (сали, канцеларии, работни простории, чекални, ходници и слично).

Во член 3 ставот 1 од Законот, се до измените од 2018 било предвидено дека:

Се забранува пушењето во јавните простории од членот 2 на овој закон. Пушењето е дозволено исклучиво надвор од деловниот објект (тераса, летна бавча и слично), исклучиво доколку просторот е покриен и отворен најмалку од три страни на кои нема никакви прегради (стакло, фолии, пластифицирани или најлонски прегради и слично) или на отворен простор кој не е покриен со тенди, чадори и слично, а кој странично е заграден (дискоклубови на отворен простор, тераси, летни бавчи и слично).

Со Законот за именување на Законот за заштита од пушењето од 2018 година, ставот 1 од членот 3 кој е оспорен со иницијативата се менува и гласи:

„Се забранува пушењето во јавните простории од членот 2 на овој закон. Пушењето е дозволено исклучиво надвор од деловниот објект (тераса, летна бавча и слично)“.

Од анализата на целината на Законот за заштита од пушењето, како и од одредбите кои се предвидени во Законот за изменување на Законот за заштита од пушењето, кои се оспорени со иницијативата произлегува дека законодавецот се определил за ограничување на пушењето во јавни простории со одредени исклучоци кои децидно ги утврдил. Тоа се тераси, летни бавчи и слично кои се надвор од деловниот објект.

4. Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Во членот 27 од Уставот е предвидено дека на секој граѓанин на Република Македонија го гарантира правото на слободно движење и избирање на местото на своето живеалиште на територијата на Република Македонија, како и правото да ја напушти територијата на Републиката и да се врати во неа. Остварувањето на ова право може да се ограничи со закон, единствено во случаите кога е тоа потребно заради заштита на безбедноста на Републиката, водење на кривична постапка или заштита на здравјето на луѓето.

Според член 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Според член 42 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица (став 1)

Според член 43 од Уставот, секој човек има право на здрава животна средина (став 1). Секој е должен да ја унапредува и штити животната средина и природат(став 2). Републиката обезбедува услови за остварување на правото на граѓаните на здрава животна средина (став 3).

Тргнувајќи од наведеното, а имајќи ги предвид уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата, наспрема содржината на оспорениот закон и наводите од иницијативите дека со Законот во целина и со оспорените одредби се повредувале членовите 9, 27, 39 и 43 од Уставот, Судот смета дека истите се неосновани. Ова затоа што однесувањето на поединецот да пуши како субјективна определба само во простории надвор од деловниот објект, токму според Судот е со цел заштита на лицата кои не се пушачи и не сакаат да бидат во контакт или во близина со лицата кои се пушачи. Според тоа определувањето на посебни издвоени објекти од деловниот објект определени со Законот не може да биде доведено во корелација со начелото на еднаквост,правото на слободата на движење,гарантираното право и должност за чување и унапредување на сопственото здравје и здравјето на другите.

Законодавецот, со ниту една одредба од Законот не забранува поединецот да пуши или не, односно не навлегува во неговата лична определба дали да пуши или не, туку определува поединецот пушач да се воздржува од пушење во средини, места и објекти кога доаѓа во контакт со лица непушачи на кој начин се овозможува не само заштита на неговото здравје, туку и заштита на здравјето на другите граѓани што е уставна обврска.

Легитимно право е на законодавецот да ги уреди односите во одделни области на општественото живеење, па во таа смисла да го уреди и прашањето на забрана за пушење во угостителските објекти , а во насока на заштита на здравјето на луѓето.

Во одговорот на Владата на Република Македонија, покрај другото се наведува дека, имајќи предвид дека со Законот од 2008 година, биле воведени многу строги правила на заштита од пушењето во угостителските објекти кои биле ограничувачки и за вршителите на угостителска дејност, за корисниците на угостителските услуги и за самите пушачи, целта на законодавецот била со промена на постојниот закон со кој биле предизвикани економски и социјални проблеми, во смисла на правото на слободен избор на граѓанинот и стопанскиот субјект да овозможи односно да се уреди прасшањето на пушење на тераси, летни бавчи и слично со што не се предвидува враќање на дозвола за пушење во објектите.

Според мислењето на Судот, со извршените измени на Законот со кој се овозможува пушење надвор од деловниот објект, односно во т.н. просториии кои се изолирани и во кои пушачите не го загрозуваат и не го доведуваат во прашање здравјето на непушачите не се повредуваат уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Во однос на наводите од иницијативата, според кои со направените измени, законодавецот обезбедил манипулација со јавниот простор каде е забрането да се пуши на начин што истиот ќе може да се трансформира од отворен простор во затворен простор за непречено пушење во текот на годината, е фактичко прашање за што Судот не е надлежен да одлучува.

6. Врз основа на наведеното,Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите:Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски

У.бр.30/2018
31 октомври 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски