Решение У.бр.108/2017

У.бр.108/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 24 октомври 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето за оценка на уставноста и законитоста на Пресудата РО 97/15 од 12.04.2016 година донесена од Основниот суд Велес.

2. Кристина Панзова од Велес, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе барање за оценка на уставноста и законитоста на Пресудата означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, Основниот суд во Велес ја донел оспорената Пресуда РО 97/15 од 12.04.2016 година врз основа на нецелосно утврдена фактичка состојба.Ова поради тоа што фактите и доказите во предметот укажувале дека на подносителката на иницијативата како тужителка во тој предмет, незаконски и престанал работниот однос во ЈЗУ Центар за јавно здравство Велес, на ден 24.05.2014 година и поради тоа таа претрпела штета со тоа што и било оневозможено да работи и прима плата, но со оспорената пресуда било одлучено против нејзините правни интереси изнесени во тужбеното барање, кое не било уважено ниту во жалбената постапка пред воростепениот суд со Пресуда РОЖ.бр.412/16 од 20.04.2017 година на Апелациониот суд Скопје, со која оспорената пресуда била потврдена.

Со оглед на тоа што оспорената Пресуда РО 97/15 од 12.04.2016 година на Основниот суд Велес, се засновала на нецелосно утврдена фактичка состојба, таа била незаконита, односно со неа се повредувале повеќе одредби од Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009, 50/2010, 52/2010, 124/2010, 47/2011, 11/2012, 39/2012, 13/2013, 25/2013, 170/2013, 187/2013, 113/2014, 20/2015, 33/2015, 72/2015 и 27/2016), одредби од Законот за пензиско и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016 и 132/2016) и одредби од Законот за парнична постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.9/2008).

Од овие причини, подносителката на иницијативата не можела да го оствари правото на обесштетување односно надомест за неисплатени плати и доприноси по основ на незаконски престанок на работен однос за период од 25.05.2014 до 01.11.2015 година па поради тоа се предлага Уставниот суд да утврди дека оспорената пресуда е незаконита и поради тоа таа е спротивна на Уставот и истата да ја поништи.

3. Од списите во предметот, Судот ја утврди следнава фактичка состојба:

– На 01.06.2012 година со Договор за вработување бр.0401-96/14, Кристина Панзова од Велес, била вработена на неопределено време во ЈЗУ Центар за јавно здравство Велес,
– Наведената здравствена установа донела Одлука за отказ на Кристина Панзова, со отказен рок од 25.03.2014 година и бил откажан договорот за вработување поради повреда на работниот ред и дисциплина, а престанокот на работниот однос со одјава од социјалното осигурување бил од 24.05.2014 година.
– На 30.09.2014 година е донесена Пресуда РО бр.52/14 од Основниот суд Велес, по тужба на Кристина Панзова, со која била поништена Одлуката за отказ, а со Пресуда РОЖ.бр.1454/14 од 23.09.2015 година на Апелациониот суд Скопје, била потврдена првостепената Пресуда.
– На 19.11.2015 година Кристина Панзова била вратена на работа во наведената здравствена установа.
– Меѓутоа, претходно веќе со Решение од 09.07.2015 година донесено од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување – Стручна служба – Филијала Велес, Кристина Панзова се стекнала со право на старосна пензија во износ од 26.213,00 денари сметано од 25.05.2014 година (односно веднаш по престанокот на работниот однос со одјавата од социјалното осигурување од 24.05.2014 година, на што е погоре посочено).
– Значи од 25.05.2014 година странката во континуитет примала надомест за пензија.
– Со оглед на фактот дека со судска пресуда била поништена одлуката за отказ, наведената здравствена установа во исполнение на пресудата, на 19.11.2015 година ја вратила Кристина Панзова на работа, но поради ваквата фактичка состојба (пензионирањето), веднаш на 20.11.2015 година донела Одлука со која Договорот за вработување кој датирал од 2012 година бил прекинат поради исполнетото право на старосна пензија, и притоа било донесено решение за отпремнина за одење во пензија во висина од двократен износ на плата.
– За надомест на штета за неисплатени плати и придонеси за период јануари – март 2014 година и било уважено тужбеното барање на Кристина Панзова и со Пресуда РО.бр.100/15 од 25.12.2015 година на Основниот суд Велес и бил утврден надоместот, а пресудата станала правосилна на 10.02.2016 година и извршна на 19.02.2016 година.
– Кристина Панзова потоа повела нова постапка, при што со Пресуда РО.97/15 од 12.04.2016 година Основниот суд Велес го одбил нејзиното тужбено барање како неосновано, а се однесувало на тоа да се задолжела тужената здравствена установа на име надомест на штета поради незаконски престанок на работен однос да и плати определени износи на пари по основ на неисплатени плати со вклучена законска казнена камата за временски период од 25.05.2014 година до 18.11.2015 година и да се задолжи тужената здравствена установа да ги плати паричните износи кои се однесувале за наведениот период во Фондот за ПИО на Република Македнија на име доплата на придонеси.

Оваа Пресуда РО.97/15 од 12.04.2016 година на Основниот суд Велес, е и предмет на оспорување со иницијативата, и се бара Уставниот суд да ја оценува правилноста и законитоста на одлученото од надлежниот редовен суд по предметното тужбено барање, односно да утврди дека Основниот суд Велес погрешно ги применил одредбите на повеќе закони па поради тоа Пресудата била неуставна и Уставниот суд требал да ја поништи. Со иницијативата се бара всушност Уставниот суд како надреден да ја оценува законитоста на одлуките на надлежните судови.

Во Пресудата РО.97/15 од 12.04.2016 година, Основниот суд Велес утврдил дека е неоснована тужбата на Кристина Панзова и нејзе не и била причинета штета од наведената здравствена установа за да по основ на неисплатена разлика на име на плата и придонеси за ПИО да бара исплата на определени износи на пари за наведениот период во тужбеното барање бидејќи на тужителката и да не и бил изречен престанок на работниот однос, таа би остварила старосна пензија на 25.05.2014 година, како што всушност и реално ја остварила. Имено, во услови кога таа континуирано од 25.05.2014 година била корисник на старосна пензија не може да се смета дека била оштетена што не остварувала плата во тој период.

– Со Пресуда РОЖ.бр.412/16 од 20.04.2017 година Апелациониот суд во Скопје, ја потврдил наведената првостепена Пресуда РО 97/15 од 12.04.2016 година на Основниот суд Велес.

Оваа Пресуда била донесена на 20.04.2017 година, а од електронска достава се гледа дека била примена од полномошникот на тужителката на 09.05.2017 година, со што првостепената Пресуда РО 97/15 од 12.04.2016 година станала правосилна на 09.05.2017 година.

4. Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Од означените уставни одредби произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примената на законите и другите прописи од страна на судовите и другите органи, а во таа смисла ниту има надлежност на инстанционо повисок суд да ја оценува законитоста на постапката и одлуките донесени од овие органи по конкретни предмети на граѓаните.

Исто така, од цитираните уставни одредби, произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за заштита на сите права на човекот и граѓанинот, туку само на оние кои се децидно утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот.

Тргнувајќи од барањето во иницијативата, произлегува дека од Уставиот суд се бара оценка на примена на законите, односно оценка на законитоста на судска одлука донесена од редовен суд, за што Уставниот суд не е надлежен. Воедно Уставниот суд не може да се впушти ниту во оценка за заштита на слободи и права со оглед на фактот што барањето нема елементи на такво барање и не се однесува на корпусот на слободи и права утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот, кои Уставниот суд има надлежност да ги штити, ниту барањето во иницијативата ги содржи деловничките претпоставки за мериторно одлучување по основ на наведената одредба од Уставот. Имено, оспорената пресуда била донесена на 20.04.2017 година, а од податокот за електронска достава произлегува дека била примена од полномошникот на Кристина Панзова на 09.05.2017 година и со тоа станала правосилна, па барањето до Уставниот суд доставено на 03.10.2017 година е по истекот на рокот од два месеци за истакнување на барање за заштита на слобода и право согласно Уставот во однос на предметната пресуда.

Поради наведеното, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на барањето.

5. Врз основа на изнесеното, согласно наведените уставни и деловнички одредби, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Никола Ивановски и судиите:Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.108/2017
24 октомври 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски