Решение У.бр.79/2018

У.бр.79/2018

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеи 1 и 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 24 октомври 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Демир Фазлиов од Гостивар, поднесено преку полномошник м-р Соња Ѓурчиноска, адвокат од Скопје за заштита на слободите и правата предвидени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, кои се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на раса, верска и национална припадност.

2. Демир Фазлиов од Гостивар, преку полномошник м-р Соња Ѓурчиноска, адвокат од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот, што се однесуваат на забраната на дискриминација на граѓаните по основ на раса, верска и национална припадност повредени со Пресуда П1.бр.132/16 од 23.08.2017 година на Основен суд Гостивар и Пресуда ГЖ.бр.20/2018 од 22.03.2018 година на Апелационен суд Гостивар.

Според наводите во барањето наведените пресуди биле спротивни на уставниот поредок и уставните начела на кои се темелат вредностите на уставното уредување на Република Македонија, поради што истите биле спротивни на членот 9 од Уставот каде се предвидувало дека сите граѓани се еднакви пред Законот без разлика на било каков статус, припадност или раса.

Од причина што барателот бил припадник на различна етничка припадност, според наводите во барањето, неговите права и слободи биле ограничени.

Имено, со двете оспорени пресуди била сторена дискриминација по основ на верска, национална и политичка припадност, од причина што двете пресуди се темелат на доказ кој бил наменет за друга постапка и кој бил издаден уште во 2012 година. Според барањето, Судот не можел да си дозволи да поклонува верба на докази кои биле издадени од 2012 година и изработени за друга постапка и за друга цел, со што се нарушувала правната сигурност на граѓаните.

Понатаму, во барањето се наведува дека судовите утврдиле дека единствениот начин на кој тужителот можел да влезе во својата парцела бил преку парцелата на сега барателот кога во пресудата било наведено дека тужениот имал пристап до својата парцела и преку други патишта, кое согласно ДУП биле јавни паишта, а од друга страна има утврдено дека и парцелата на тужителот, сега барателот, било предвидено да биде јавен пат.

Во барањето се наведува дека фактичката состојба во конкретниот предмет била погрешно и нецелосно утврдена и првостепениот суд не дал никакво обраложение во однос на решителните факти кои биле од влијание за правилна примена на материјалното право.

Понатаму, во барањето се наведува дека барателот бил дискриминиран од страна на судовите затоа што во текот на постапката биле изведени материјални докази од кои се утврдувало дека има правна основа оваа службеност да се укине, но судот донел неправилна и незаконита одлука.

3. Судот на седницата утврди дека Основниот суд во Гостивар со Пресуда П1.бр.132/16 од 23.08.2017 година го одбил како неосновано тужбеното барање на тужителот Демир Фазлиов од Гостивар да престане правото на тужениот Сариџе Билен фикрет од Гостивар, како сопственик на привилегираната ствар КП.бр.1591/18 од ИЛ.бр.96511 за КО Гостивар, на трајно право на службеност на нужен премин- пат преку послужната ствар – дел од дворното место на тужителот од 2,70 м. и би се наоѓал на јужната страна од парцелата, а би се протегал од правец од запад кон исток и му се забранува на тужениот да го користи овој нужен премин-пат со непречено минување на луѓе и возила, како и да ја отстрани оградата по истекот на 15 дена од приемот на оваа пресуда. Истовремено, е задолжен тужителот на тужениот да му ги надомести трошоците по постапката во износ од 24.900 денари во рок од 15 дена од приемот на пресудата.

Апелациониот суд во Гостивар со Пресуда ГЖ.бр.20/2018 од 22.03.2018 година жалбата на тужениот Демир Фазлиев од Гостивар поднесена преку полномошник м-р Соња Ѓурчиновска, адвокат од Скопје, делумно ја уважи и Пресудата на Основниот суд во Гостивар ја потврдил, освен во делот за досудените трошоци.

4. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 11 од Уставот на Република Македонија, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граганинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право.

Уставот на Република Македонија со концептот на граѓанска држава, основните слободи и права на човекот и граѓанинот ги класифицирал како граѓански и политички слободи и права, членовите 9-28, и како економски, социјални и културни права, членовите 30-49, гаранции на основните слободи и права, членови 50-54, и основи на економските односи, членови 55-60.

Согласно член 110 алинеја 3 Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето и ако постојат процесни пречки за одлучување по барањето.

Тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд утврдена во член 110 алинеја 3 од Уставот, како и од содржината на цитираните деловнички одредби, произлегува дека за остварување на заштитата на слободите и правата пред Уставниот суд не е доволно само декларативно и начелно да се означат повредени слободи и права, туку треба да се наведат и аргументите, фактите и доказите на чија основа се заснива барањето за заштита и за конкретната дискриминација на лицето во постапувањето на судовите.

Во конкретниот случај барањето по својата суштина значи дека подносителот на барањето не е задоволен од одлуката на надлежните судови поради што бара Уставниот суд да постапува како инстанционо повисок суд и да утврди дека конкретните одлуки на судовите биле неправилни и незаконити, а со тоа Уставниот суд да се впушти во оцена на нивната законитост дали правилно е применето материјалното право, што во смисла на уставната норма, не е надлежност на Уставниот суд. Имено, Уставниот суд не е надлежен да цени дали судовите во редовната постапка при донесување на своите одлуки правилно го примениле материјалното право кога одлучувале за правниот основ на спорот, а со тоа не е ниту инстанционо повисок суд кој ја цени нивната законитост.

Оценувајќи ги наводите во барањето за заштита на слободите и правата во целина, Судот оцени дека во конкретниот случај отсуствуваат релевантни факти и докази за постоење на преземени дејствија на дискриминација од страна на судовите спрема подносителот на барањето.

Според тоа во конкретниот случај не се исполнети условите, односно процесните претпоставки од членот 52 од Деловникот на Уставниот суд, за впуштање во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободи и права по наведениот основ.

Поради наведеното и поради фактот што Уставниот суд нема надлежност на инстанционо повисок суд по однос на редовното судство, Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот за отфрлање на барањето за заштита на слободите и правата.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.79/2018
24 октомври 2018 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски