Решение У.бр.150/2017

У.бр.150/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 3 октомври 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 33 став 1 во делот „осум“ и член 37 став 3 во делот „ги извести“ од Законот за државен пазарен инспекторат („Службен весник на Република македонија“ бр. 24/2007, 81/2007, 36/2011, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 61/2015, 152/2015, 53/2016).

2. Дарко Јаневски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата согласно член 106 став 1 од Законот за општата управна постапка, општиот рок за изјавување на жалба против управен акт не можел да биде помал од 15 дена, додека со Законот за државен пазарен инспекторат во член 33 став 1, било определено дека рокот за изјавување на жалба изнесува само осум дена, со што законодавецот ги намалил правата загарантирани со член 2 став 2 од Законот за општата управна постапка, според кој: „Со посебните закони одделни работи може да се уредат поинаку од овој закон, доколку не се во спротивност со основните начела и целта на овој закон и не ја намалуваат заштитата на правата и правните интереси на странките загарантирани со овој закон.“ Според тоа, зборот „осум“ од член 33 став 1 од Законот за државен пазарен инспекторат биле во директна спротивност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Во иницијативата е наведено дека во однос на зборовите „ги извести“ од член 37 став 3 од Законот со кој е уредено дека: „По извршениот инспекциски надзор и спроведената управна постапка од ставот 1 на овој член, инспекторатот ќе ги извести лицата за утврденото и преземените мерки во рок од 30 дена сметано од денот на поднесување на пријавата.“ Во таа смисла согласно став 1 од истиот член од Законот: „Правните и физичките лица, граѓаните и нивните здруженија можат да поднесат пријави до Инспекторатот во врска со повредата на прописите од надлежност на Инспекторатот“.

Понатаму во иницијативата е наведено дека „Како што може да се забележи од погоре цитирани одредби од Законот за општата управна постапка, по пријавата доставена до Државниот пазарен инспекторат, а по спроведената управна постапка, по истата, на лицата кои ја доставиле пријавата законодавецот им го одзел правото да добијат управен акт, а со тоа законодавецот им ги намалил правата на граѓаните на Република Македонија кои ги имаат согласно Законот за општата управна лостапка“.

Во иницијативата се цитира член 4 од Законот за државен пазарен инспекторат, според кој „Во постапката при вршење на инспекциски надзор ќе се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка и Законот за инспекцискиот надзор доколку со овој закон поинаку не е уредено.“Во таа смисла, со член 2 став 2 од Законот за општата управна постапка, со императивна одредба, се упатува дека некои работи може поинаку да бидат уредени со посебните закони, но доколку не се во спротивност со основните начела и целта на Законот за општата управна постапка и не ја намалуваат заштитата на правата и правните интереси на странките загарантирани со Законот за општата управна постапка“.

Според наводите во иницијативата „должноста на Државниот пазарен инспекторат да ги извести лицата од член 37 став 1 од Законот, кои поднеле пријава до Државниот пазарен инспекторат, не го задолжува истиот да им достави и управен акт, по спроведената управна постапка. Токму управниот акт е основ, евентуално ако се одлучат лицата кои ја поднеле пријавата, понатаму изјават жалба, односно да поднесат тужба за оспорување на законитоста на истиот до Управниот суд, а со тоа на истите тие лица, им е одземено тоа право“.

Во продолжението на иницијативата се наведува дека согласно член 88 став 1 од Законот за општата управна постапка „Управниот акт што е издаден во писмена форма содржи: вовед, диспозитив, образложение, правна поука, потпис од овластеното службено лице и печат,“, а токму со правната поука што се наоѓа во управниот акт, странките се упатуваат за можноста да изјават определена жалба, односно да го оспорат управниот акт, со тужба пред Управниот суд. И поради тие причини биле во директна спротивност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 96 од Уставот на РМ.

3. Судот на седница утврди дека согласно член 33 став 1 од Законот за државен пазарен инспекторат („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2007, 81/2007, 36/2011, 164/2013, 41/2014, 33/2015, 61/2015, 152/2015, 53/2016) против решението на инспекторот, односно директорот може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението (став 1). Жалбата го одлaга извршувањето на решението, освен ако со посебен закон поинаку не е уредено (став 2). По жалба против решенијата на инспекторот одлучува посебна комисија при Министерството за економија составена од три члена кои ги именува министерот (став 3). Комисијата од ставот 3 на овој член е составена од претседател и два члена сите дипломирани правници со најмалку три години работно искуство во струката, кои не треба да бидат вклучени во вршењето на инспекцискиот надзор (став 4). Претседателот на Комисијата е од редот на раководните државни службеници (став 5).

Согласно член 37 став 1 од овој закон, правните и физичките лица, граѓаните и нивните здруженија можат да поднесат пријави до Инспекторатот во врска со повредата на прописите од надлежност на Инспекторатот (став 1). Лицата од ставот 1 на овој член можат да поднесат пријави до Инспекторатот во врска со инспекцискиот надзор извршен од страна на инспекторите (став 2). По извршениот инспекциски надзор и спроведената управна постапка од ставот 1 на овој член, Инспекторатот ќе ги извести лицата за утврденото и преземените мерки во рок од 30 дена сметано од денот на поднесување на пријавата (став 3). Инспекторатот ќе ги извести лицата за утврденото по повод пријавите од ставот 2 на овој член најдоцна во рок од 30 дена сметано од денот на поднесување на пријавата (став 4).

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со закон.

Според член 96 од Уставот на Република Македонија, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Со членот 1 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.124/2015) се уредува постапката за остварување на заштита на правата и правните интереси на физичките лице, правните лица и другите странки, како и заштита на јавниот интерес по која се должни да постапуваат министерствата, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и органите на општината, на Градот Скопје и општините во Градот Скопје, кога во вршењето на своите законски надлежности, постапуваат, решаваат и преземаат други управни дејствија во управни работи.

Согласно член 2 став 2 од истиот закон, со посебните закони одделни работи може да се уредат поинаку од овој закон, доколку не се во спротивност со основните начела и целта на овој закон и не ја намалуваат заштитата на правата и правните интереси на странките загарантирана со овој закон.

Според член 106 став 1 од претходно цитираниот закон, странката може да изјави жалба против управниот акт во рок од 15 дена од денот на доставувањето, односно известувањето за управниот акт, освен ако со посебен закон не е определен подолг рок.

Во член 1 став 1 од Законот за инспекциски надзор („Службен весник на Република Македонија“ бр. 50/2010, 162/2010, 157/2011, 147/2013, 41/2014, 33/2015, 193/2015 и 53/2016) е утврдено дека со овој закон се уредуваат условите и начинот на издавање и одземање лиценца за инспектор, правата и должностите на инспекторите, основите за организација и работа на инспекциските служби, основните права и обврски на субјектите на инспекциски надзор, основањето, статусот и работата на Инспекцискиот совет, начинот и постапката на вршење инспекциски надзор, како и други прашања кои се однесуваат на инспекцискиот надзор. Според став 2 од истиот член, одредбите од овој закон се применуваат во сите постапки на вршење на инспекциски надзор од страна на инспекциските служби организирани како органи во состав на министерствата (во натамошниот текст: инспекторати), или како организациони единици во рамките на органите на државната управа и единиците на локалната самоуправа и Градот Скопје, освен во посебните постапки на вршење на инспекциски надзор во областа на даночното, царинското и финансиското работење утврдени со закон.

Според член 33 став 1 од овој закон против решението на инспекторот, односно директорот може да се изјави жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението.

Согласно член 37 став1 од истиот закон, правните и физичките лица, граѓаните и нивните здруженија можат да поднесат пријави до Инспекторатот во врска со повредата на прописите од надлежност на Инспекторатот. Според ставови 3 и 4 од овој член, по извршениот инспекциски надзор и спроведената управна постапка од ставот 1 на овој член, Инспекторатот ќе ги извести лицата за утврденото и преземените мерки во рок од 30 дена сметано од денот на поднесување на пријавата. Инспекторатот ќе ги извести лицата за утврденото по повод пријавите од ставот 2 на овој член најдоцна во рок од 30 дена сметано од денот на поднесување на пријавата.

Според наводите во иницијативата се оспоруваат член 33 став 1 во однос на зборот: „осум“ и членот 37 став 3 во однос на зборовите: „ги извести“ од Законот за државен пазарен инспекторат сметајќи дека со нив законодавецот ги намалил правата и правните интереси, односно ја намалил правната заштита утврдени во членот 2 став 2 и член 106 став 1 од Законот за општата управна постапка со што кај граѓаните предизвикал правна несигурност и истите биле во директна спротивност со членот 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

Од анализа на наведените уставни, законски одредби и наводите во иницијативата, Судот оцени дека се работи за две различни постапки (управна постапка и постапка на инспекциски надзор) така што во никој случај не може да стане збор за неусогласеност на член 33 став 1 во делот: „осум“ од Законот за државен пазарен инспекторат со член 2 став 2 и член 106 став 1 од Законот за општата управна постапка.

Исто така, Судот утврди дека оспорените одредби се во согласност со Уставот и законите од причина што се работи за конкретизирање на рок во материјалниот закон, кој е посебен закон, согласно потребата и ефикасноста на самата постапка, а уставните и законските одредби тоа и го дозволуваат. Пропишувањето посебен рок за поднесување на жалба на решението на инспекторот донесено во постапка на инспекциски надзор, на јасен и прецизен начин, не значи повреда на начелото на владеењето на правото гарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Согласно горенаведеното Судот оцени дека со Законот не им е одземено правото на граѓаните да добијат управен акт од причина што не се работи за управна постапка, односно во овој случај не се работи за донесување на акт спрема лицето кое поднесува пријава до Инспекторатот, туку овластениот инспектор презема инспекциски надзор согласно пријава до правните лица и потребата за тоа да биде известен подносителот на пријавата за преземената активност и оттука произлегува дека е уредена посебна постапка на инспекциски надзор со посебен закон.

Судот на седница истотака констатира дека ова дотолку повеќе што согласно член 12 став 1 од Законот за инспекцискиот надзор е утврдено дека во постапката на инспекцискиот надзор се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка, доколку со овој или друг закон поинаку не е уредено. Воедно, во член 12 став 2 од истиот закон е пропишано дека одредени прашања во врска со инспекцискиот надзор можат да бидат уредени со посебни закони, така што е исклучена неусогласеноста на оспорените одредби со одредбите од Законот за општата управна постапка.

Оттука, Судот утврди дека со оспорените одредби не се повредува начелото на владеење на правото и истите се во функција на доследно спроведување на Уставот, поради што во конкретниот случај не станува збор за намалување на правната заштита на граѓаните утврдена во член 2 став 2 и член 106 став 1 од Законот за општата управна постапка и законодавецот не предизвикал правна несигурност.

Имајќи го предвид претходно наведеното, Судот оцени дека оспорените член 33 став 1 во делот: „осум“ и член 37 став 3 во делот: „ги извести“ од Законот за државен пазарен инспекторат се во согласност со член 8 алинеја 3, член 51 и член 96 од Уставот на Република Македонија.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Сали Мурати и Владимир Стојаноски.

У.бр.150/2017
03.10.2018 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски