Решение У.бр.157/2017

У.бр.157/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 17 октомври 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 116 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.98/2012, 166/2012, 15/2013, 170/2013, 43/2014, 44/2014, 97/2014, 113/2014, 160/2014, 188/2014, 20/2015, 61/2015, 97/2015, 129/2015, 147/2015, 154/2015, 173/2015, 217/2015, 27/2016, 120/2016 и 132/2016).

2. Здравко Тумбовски од Радовиш, до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означена во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата наведува дека на него секој месец присилно, без негова согласност, му се наплатувало членарина и задршки за солидарна помош, што го овозможувал членот 116 од наведениот закон, а тоа не било во согласност со член 8 алинеја 6 и со член 30 став 3 од Уставот, според кои правната заштита на сопственоста била темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и никому не можеле да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа. Покрај тоа, оспорените законски одредби не биле во согласност ниту со членот 51 од Уставот според кој законите мораат да бидат во согласност со Уставот и секој е должен да го почитува Уставот.

Понатаму, се оспорува законското овластување дадено на здружение на граѓани (Здружението на пензионерите на Македонија било составено од сојузи на здруженија на пензионери регистрирани како невладини организации, поради што и Здружението на пензионерите на Македонија било невладина организација) да донесува акт со кој ќе уредува определени прашања, со што Здружението се поистоветувало со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, а освен тоа актот на Здружението требало да биде донесуван на почетокот на секоја година и објавуван во „Службен весник на Република Македонија“ согласно член 116 став 3 од Законот, но тоа не се правело, па и тоа било причина за укинување на оспорената законска одредба.

Во иницијативата се наведува дека најголеми недостатоци биле содржани во ставовите 1 и 4 од членот 116 на Законот со оглед дека со нив се пропишувала присилноста на издвојувањето на членарината и дозначувањето на тие средства од страна на Фондот на сметката на регистрирана организација составена од сојузи на здруженија на пензионерите, без притоа законодавецот да определил кој ќе ги користи тие средства, за која намена и кој орган ќе одлучува за тоа, па и овој аспект бил важен за укинување на членот 116 од Законот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 116 став 1 од Законот „издвојувањето на посмртната помош и членарината се врши од пензијата на корисникот на пензија, месечно, при исплата на пензијата, освен од семејната пензија на дете остварена по основ на школување.“

Ставот 2 од истиот член предвидува дека „висината на задршката за посмртна помош и членарина, висината на исплатата за посмртна помош во зависност од акумулираните средства и смртноста на корисниците на пензија, начинот на распределба на членарината, начинот и постапката за исплата на посмртната помош на корисниците на пензија од средствата на солидарниот фонд во единствен износ за сите корисници на пензија, како и начинот на располагање со слободните, а неискористени средства од посмртна помош, со акт ги утврдува регистрирана организација на сојузите на здруженијата на пензионерите на Македонија.“

Според став 3, „актот од ставот 2 на овој член се објавува на почетокот на секоја година во „Службен весник на Република Македонија“.“

Во ставот 4 се определува дека „средствата по основ на членарина Фондот ги дозначува на сметката што ја определува регистрираната организација составена од сојузите на здруженијата на пензионерите.“

4.а) Според член 8 алинеја 6 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е правната заштита на сопственоста.

Во член 30 став 3 од Уставот се определува дека „никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.“

Според член 51 од Уставот, „во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон“ (став 1). „Секој е должен да ги почитува Уставот и законите“ (став 2).

Од изнесените уставни одредби призлегува дека сопственоста и нејзината заштита се темелна вредност на уставниот поредок и таа вредност не може да се одземе или ограничи, освен во ситуација кога се работи за јавен интерес кој е утврден со закон. Исто така произлегува дека законите мораат да се во согласност со Уставот, па и со уставните определби за сопственоста како темелна вредност.

б) Со глава X од Законот за пензиското и инвалидското осигурување се уредуваат прашања за „Солидарен фонд – посмртна помош и членарина“ (членови 115-117).

Според член 115 од Законот, „на корисник на пензија, со негова согласност, му се запира дел од пензијата за обезбедување на средства потребни за исплата на посмртна помош за членовите на неговото семејство и за членување во здружение на пензионери (членарина)“ (став 1). „Средствата за солидарен фонд – посмртна помош Фондот ги уплатува на посебна потсметка во рамките на Трезорската сметка со назнака „Средства за солидарен фонд – посмртна помош на корисници на пензија“ (став 2).

Во членот 116 од Законот се определува дека „издвојувањето на посмртната помош и членарината се врши од пензијата на корисникот на пензија, месечно, при исплата на пензијата, освен од семејната пензија на дете остварена по основ на школување“ (став 1). „Висината на задршката за посмртна помош и членарина, висината на исплатата за посмртна помош во зависност од акумулираните средства и смртноста на корисниците на пензија, начинот на распределба на членарината, начинот и постапката за исплата на посмртната помош на корисниците на пензија од средствата на солидарниот фонд во единствен износ за сите корисници на пензија, како и начинот на располагање со слободните, а неискористени средства од посмртна помош, со акт ги утврдува регистрирана организација на сојузите на здруженијата на пензионерите на Македонија“ (став 2). „Актот од ставот (2) на овој член се објавува на почетокот на секоја година во „Службен весник на Република Македонија“ “(став 3). „Средствата по основ на членарина Фондот ги дозначува на сметката што ја определува регистрираната организација составена од сојузите на здруженијата на пензионерите“ (став 4).

Според член 117 од Законот, „исплата на посмртна помош од средствата на солидарниот фонд ја врши Стручната служба на Фондот преку подрачните единици“ (став 1). „Исплата на посмртната помош од ставот 1 на овој член се врши по поднесено барање до филијалата на Фондот од лицето кое извршило плаќање на трошоците за погреб“ (став 2). „Образецот на барањето од ставот 2 на овој член и потребната документација за исплата на посмртна помош ги пропишува министерот за труд и социјална политика во согласност со министерот за информатичко општество и администрација“ (став 3).

Имајќи ја предвид целината на глава X од Законот посветена на „Солидарен фонд – посмртна помош и членарина“ (членови 115-117), а не само содржината на оспорениот член 116 од Законот, Судот утврди дека Фондот запира дел од пензијата заради обезбедување на (1) средства за исплата на посмртна помош и за (2) членување во здружение на пензионери врз основа на согласност на корисникот на пензијата (член 115 став 1 и член 116 став 1). Притоа, (1) средствата за посмртна помош Фондот ги уплатува на (а) посебна потсметка во рамките на Трезорската сметка (член 115 став 2), (б) висината на задршката за посмртна помош, висината на исплатата за посмртна помош во зависност од акумулираните средства и смртноста на корисниците на пензија, како и начинот на располагање со слободните, а неискористени средства од посмртна помош се уредуваат со акт на Здружението на пензионерите на Македонија (член 116 ставови 2 и 3), (в) исплатата на посмртна помош од средствата на солидарниот фонд ја врши Стручната служба на Фондот преку подрачните единици (член 117 став 1) и (г) исплатата се врши во постапка пропишана со Законот, на лице кое извршило плаќање на трошоците на погребот и со поднесување на барање пропишано од двајца министри и приложување на потребна документација (член 117 ставови 2 и 3). Во однос на (2) членарината која исто така се запира од пензијата врз основа на согласност на корисникот на пензијата (член 115 став 1 и член 116 став 1), (а) висината на задршката за членарина и начинот на распределба на членарината ги уредува Здружението на пензионерите на Македонија со свој акт (член 116 ставови 2 и 3), при што (б) Законот го задолжува Фондот тие средства да ги дозначи на сметката што ќе ја определи Здружението на пензионерите на Македонија (член 116 став 4).

Според тоа, издвојувањето на средствата за посмртна помош и за членарина е (1) засновано на доброволна основа, а не на присила како што се наведува во иницијативата, (2) висината на тие средства ги утврдува здружението на пензионерите на ниво на Република Македонија и во еднаков износ за сите пензионери-членови на здружението, па од тие два елементи (доброволност и здружување на средства за определена намена) Судот оцени дека здружение на пензионерите може да биде овластено да уредува дел од таа материја со свој акт за своите членови, а исплатата на средствата да се врши од Фондот во постапка пропишана со Законот заради спречување на нерегуларности, и (3) нема неуреденост на прашања во врска со средствата од членарината со оглед дека Фондот ги дозначува тие средства во висина и на сметка определена со акт од Здружението на пензионерите на Македонија, во чие одлучување учествуваат и организациите на сојузите на здруженијата на пензионерите кои го основале Здружението, со што се обезбедува правилна распределба на средствата од членарината.

Поради тоа, Судот утврди дека не може да се постави прашање за согласноста на оспорениот член 116 од Законот со наведените одредби од Уставот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Елена Гошева, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски, Вангелина Маркудова и Владимир Стојаноски.

У.бр.157/2017
17 октомври 2018 г.
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски