Решение У.бр.79/2017

У.бр.79/2017

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 3 октомври 2018 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 27 став 2 точка 2, член 49 став 2 точка 1 и член 50 став 1 точка 1 и став 2 точка 1 од Законот за вонсудско спогодување („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2014).

2. Игорчо Точев од Кочани до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот на иницијативата се повикува на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.114/2016 од 12.07.2017 со која биле укинати членовите 2 и 28 од Законот за вонсудско спогодување и наведува дека донесената одлука имала импликации и врз останатите одредби од Законот за вонсудско спогодување од кои причини со поднесената иницијатива се оспоруваат и други делови од одредби од наведениот закон. Понатаму, во иницијативата се цитира содржината на оспорените членови и се констатира дека со Законот не биле утврдени критериуми во согласност со кој пропис се доставува „финансискиот извештај“, односно, што се требало да содржи извештајот и во каква форма, се оставало на оценка на лицата кои требало да го спроведат Законот со што се создава можност од арбитрарно постапување на лицата тие да проценуваат во согласност со кој пропис треба да се достави „финансискиот извештај“ и во каква форма требало да биде составен односно што требало да содржи истиот.

Во однос на делот „должник со максимален износ од 1.000.000 денари на обврски според извештајот за финансиска состојба и работењето на должникот“ од член 50 став 1 алинеја 1 и „финансиската состојба и работењето на должникот“ од член 50 став 2 алинеја 1 од Законот, подносителот наведува дека со оглед на фактот што со предметната иницијатива се оспорувал делот „финансиски извештај“ од наведената одредба, а од законската конструкција на одредбата било видно дека „должник со максимален износ од 1.000.000 денари на обврски според извештајот за финансиска состојба и работењето на должникот и се поврзува со “финансискиот извештај“ делот „финансиската состојба и работењето на должникот“ како дел од одредбата ќе бил беспредметен, од кои причини можело да дојде до забуна во операционализација на Законот, со што се доведувало во прашање начелото на владеење на правото, односно правната сигурност на граѓаните. Поради сето наведено подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените делови од одредбите и на самите одредби, а потоа истите да ги укине.

3. Судот на седница утврди дека согласно член 27 став 1 од Законот за вонсудско спогодување („Службен весник на Република Македонија“ бр.12/2014), предлогот за отворање на постапка за вонсудско спогодување се доставува до Министерството за економија. (2) Предлогот од ставот 1 на овој член содржи: 1) фирма, односно име и презиме на должникот, неговото седиште, адреса и единствен матичен број на субјектот и барање врз должникот да се поведе постапка за вонсудско спогодување; 2) извештај за финансиската состојба и работењето на должникот; 3) план за финансиско реструктуирање; 4) план за оперативно преструктуирање; 5) извештај од овластен проценувач кој содржи процена на вредноста на друштвото и позитивно мислење на планот за финансиско и оперативно реструктуирање; 6) попис на имотот и правата на должникот кои се запишани во соодветни уписници и 7) опис на преговорите со доверителите, доколку ги имало и кои му претходеле на предлогот за отворање на постапката, вклучувајќи и потребни известувања доставени до доверителите кои учествуваат во постапката за да можат да донесат одлука по планот за финансиско реструктуирање.

Согласно главата VII. „Вонсудско спогодување“ во член 49 став 2 од Законот, со предлогот за склучување на вонсудска спогодба должникот е должен да достави: 1) извештај за финансиската состојба и работењето на должникот; 2) план за финансиско реструктуирање; 3) содржина на прифатениот план за финансико реструктуирање (утврден процент по кој ќе се исплаќаат доверителите и рокови за плаќање); 4) список на доверители чии побарувања не се оспорени, со наведување на утврдениот и намалениот износ на нивното побарување; 5) список на оспорени побарувања со износ; 6) записник за спроведено гласање и 7) список на гаранти со назначување на нивната солидарна одговорност спрема сите доверители на должникот, ако во постапката за вонсудско спогодување е дадена гаранција.

Во член 50 став 1 од Законот е предвидено дека: Скратена постапка за вонсудско спогодување се спроведува над: 1) должник со максимален износ од 1.000.000 денари на обврски според извештајот за финансиска состојба и работењето на должникот и 2) кој вработува помалку од десет работници. (2) Во случаите од ставот (1) на овој член кон предлогот за вонсудско спогодување треба да се приложи: 1) извештај за финансиска состојба и работење на должникот;…

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 1 од Законот за вонсудско спогодување („Службен весник на Република Македонија “ бр.12/2014), со овој закон се уредуваат условите за отворање на постапка за вонсудско спогодување, начинот и постапката на вонсудско спогодување и правните последици од неговото отворање и спроведување.

Во членот 3 од наведениот закон утврдено е значењето на одделни изрази кои се користат во Законот, при што е утврдено дека:1.“Ликвидност“ е способност навремено да се исполнуваат достасаните парични обврски; 2. “Солвентност“ е постојана способност за исполнување на сите свои парични обврски; 3. “Адекватност на капиталот“ е односот меѓу долгорочни извори на финансирање и обемот и видот на работите кои економскиот оператор ги врши и ризикот на кој е изложен во работењето; 4. Економски оператори се: – трговско друштво или трговец поединец основан согласно со Законот за трговските друштва и – други правни и физички лица кои се основани согласно со закон и вршат профитни дејности; 5.“Финансиско реструктуирање“ е постапка која се спроведува врз основа на прифатен план за финансиско реструктуирање со цел да се постигне состојба на ликвидност и солвентност; 6. “Постапка на вонсудско спогодување“ е постапка која се спроведува со цел да се постигне ликвидност и солвентност на должникот; 7.“Доверители“ во процесот на вонсудско спогодување се лични доверители на должникот кои во времето на отворањето на постапката за вонсудско спогодување имаат имотноправно побарување спрема должникот.

Во членовите 5 и 6 од Законот се уредени прашањата кои се однесуваат на неликвидноста и инсолвентноста на економскиот оператор кој повеќе од 30 дена доцни со исполнување на една или повеќе обврски.

Понатаму во Законот се уредени прашањата кои се однесуваат на постапката на вонсудско спогодување, односно, целта на вонсудското спогодување, начелата кои треба да се почитуваат во таа постапка, органите во постапката за вонсудско спогодување, кога должникот предлага отварање на вонсудско спогодување, содржината на предлогот за отворање на постапката, извештај за финансиската состојба на работењето на должникот, финансиски и оперативен план за реструктуирање во постапката на вонсудско спогодување, мерки од планот за финансиско реструктуирање, понуди на доверителите, објавување на постапката за вонсудско спогодување, испитната постапка на која се утврдуваат побарувањата спрема пријавите на доверителите, скратена постапка за вонсудско спогодување, правна сила на вонсудската спогодба, уписи во трговскиот регистар, сметководствени промени од вонсудското спогодување, трошоци на постапката, надзор над спроведување на Законот и прекршочни одредби.

Согласно член 27 став 2 точка 2 од Законот за вонсудско спогодување, предлогот од ставот (1) на овој член содржи: 1) фирма, односно име и презиме на должникот, неговото седиште, адреса и единствен матичен број на субјектот и барање врз должникот да се поведе постапка за вонсудско спогодување; 2) извештај за финансиската состојба и работењето на должникот.

Според член 49 став 2 точка (1), должникот е должен во рок од три дена од денот на правосилноста на решението од членот 45 став (9) од овој закон да поднесе до надлежниот нотар предлог за склучување на вонсудска спогодба. (2) Со предлогот за склучување на вонсудска спогодба должникот е должен да достави: 1) извештај за финансиската состојба и работењето на должникот.

Согласно членот 50 од Законот е предвидено дека: (1) Скратена постапка за вонсудско спогодување се спроведува над: 1) должник со максимален износ од 1.000.000 денари на обврски според извештајот за финансиска состојба и работењето на должникот и (2) Во случаите од ставот (1) на овој член кон предлогот за вонсудско спогодување треба да се приложи: 1) извештај за финансиска состојба и работење на должникот.

Од наведените одредби и целината на Законот произлегува дека целта на законодавецот била во ситуации кога правните субјекти кои вршат профитна дејност ќе западнат во состојба на неликвидност односно неможност повеќе од 30 дена да ги намират побарувањата спрема доверителите да им овозможи надминување на таквата состојба и истите да продолжат со работа по пат на финансиско реструктуирање наместо да се отвори стечајна постапка .

Тргнувајќи од анализата на целината на Законот за вонсудско спогодување, содржината на деловите од одредбите кои ги оспорува подносителот на иницијативата, како и наводите од иницијативата за неуставноста на овие одредби кои подносителот единствено ги темели на Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.114/2016 од 12 јули 2017 година со која се укинати членот 2 и членот 28 од Законот за вонсудско спогодување („Службен весник на Република Македонија “ бр.12/2014), Судот утврди дека ваквите наводи се неосновани.

Ова од причина што со наведената одлука Судот интервенирал од причини што во Законот за вонсудско спогодување, законодавецот се повикувал на закони кои не се во правниот поредок со што се создавала правна несигурност на субјектите на пазарот како елемент на владеење на правото и поради тоа Судот оцени дека ваквата одлука не ги доведува во прашање од уставно правен аспект сега оспорените одредби од Законот.

Судот утврди дека, финансиската состојба и работењето на правното лице кои се искажуваат преку финансиските извештаи е основата поради која должникот во согласност со доверителите пристапува кон вонсудско спогодување, а со цел правниот субјект да се консолидира и да продолжи да делува на пазарот наместо да се отвори постапка на стечај. Отстранувањето на овие инструменти од Законот, како што се бара со иницијативата, би го направила Законот неприменлив и беспредметен.

Оттука, според оценка на Судот произлегува дека финансиските извештаи се услов за да се овозможи вонсудско спогодување, поради што наводите во иницијативата дека делот од одредбите што се однесуваат на неприменливоста на поимите „финансиската состојба и работењето на должникот“ поврзани со „финансискиот извештај“ можеле да доведат до забуна во операцинализацијата на Законот и со тоа да ја повредат правната сигурност и владеењето на правото согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, се неосновани и од суштински и од формален аспект и нивното поврзување со наведената одлука на Уставниот суд е неосновано.

Поради наведеното, Судот оцени дека за оспорените член 27 став 2 точка 2, член 49 став 2 точка 1 и член 50 став 1 точка 1 и став 2 точка 1 од Законот за вонсудско спогодување, не може основано да се постави прашањето за нивната согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Никола Ивановски и судиите: Насер Ајдари, Јован Јосифовски, д-р Осман Кадриу, д-р Дарко Костадиновски и Владимир Стојаноски.

У.бр.79/2017
3.10.2018 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Никола Ивановски